Новата Влада „тежи“ над 3,6 милиони евра – премиерот Мицкоски пријавил скапи часовници, министерот Таравари единствен милионер

  • Премиерот Христијан Мицкоски го мери времето со часовник од над 38 илјади евра
  • Министерот за здравство Арбен Таравари единствен милионер во Владата
  • Најмладиот, Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во ТОП 3 најбогати членови на Влада
  • Вицепремиерот Иван Стоилковиќ и Министерот за економија, Бесар Дурмиши пријавиле имот без да ја наведат неговата вредност
  • Новиот владин состав брои 24 членови, од нив податок од анкетниот лист поседуваме за 14 министри 

Изработил: ТИМ на СКУП – Македонија

Новата Влада на Република С. Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски брои вкупно 24 члена и 20 министерски места. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив е прв вицепремиер. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата „Вреди“ и двајца од Движењето ЗНАМ за наша Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски е полумилионер – пријавил скапи часовници, нема автомобил

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и премиер пријавил имот во вредност од 506.036 илјади евра. Мицкоски на свое име пријавил куќа од 343 м2. во Влае, од 2014 година која ја стекнал со договор за купопродажба во вредност од 437.263 илјади евра. Исто така пријавил и девизен штеден влог, без да ја наведе неговата вредност и начин на стекнување на парите. На име долг, пријавил потрошувачки кредит во износ од 6.610 евра. Како друг имот пријавил рачен часовник купен во 2015 година во износ од 13.399 евра и рачен часовник купен во 2016 година во вредност од 38.767 евра како и уметнички слики во вредност од 9.995 евра. Карактеристично за Мицкоски е што во неговиот анкетен лист засега нема пријавено имот на своето семејство и интересно за јавноста е тоа што не поседува ниту автомобил.

Карактеристично за Христијан Мицкоски е дека во минатото преку различни компании се појавуваше како сопственик на мали хидроелектрани, за кои подоцна изјави дека го продал сопствеништвото во тие компании.

Државната комисија за спречување на корупцијата отвори и постапка за тоа како Мицкоски бил советник за енергетика на Груевски и да биде директор на ЕЛЕМ.

Министерот за здравство Таравари единствен милионер – Трипуновски како министер за земјоделство пријавил најмал имот од цела Влада

Најбогат помеѓу членовите на Владата е лидерот на Алтернатива за албанците и старо-нов министер за здравство, Арбен Таравари. Тој во својот анкетен лист пријавил имот од 1.216.703 евра. Најмал имот од министрите пријавил првиот човек во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски чиј анкетен лист „тежи“ 65.040 евра.

Новата Влада има богати министри  – во ТОП 3 најбогати е и најмладиот министерот  Андоновски

По министерот за здравство, Арбен Таравари кој како единствен милионер во новата Влада и премиерот Христијан Мицкоски како полумилионер, најголем имот пријавил Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој како советник во Советот на град Скопје пријавил имот вреден 346.592 илјади евра што го става во ТОП 3 од листата на најбогати членови на новата влада.

Зад Андоновски се наоѓа новиот Министер за европски прашања од коалицијата „Вреди“, Орхан Муртезани со пријавен имот од 266.500 илјади евра. 244.640 евра вреди имотот на Министерот без ресор задолжен за спроведување на декадата на РомитеШабан Салиуа зад него е новиот Министер за одбрана, Владо Мисајловски со имот „тежок“ 224.390 евра.

Вицепремиерот и Министер за транспорт и врски, Александар Николовски пријавил анкетен лист во износ од 209.949 евра. Првиот Вицепремиер и Министер за екологија, „огнениот“ Изет Меџити пријавил имот од 194.293 евра, по него е Вицепремиерот за политички систем и Министер без ресор, највозрасниот социјалист Љупчо Димовски со имот вреден 184.119 евра. Фатмир Лимани, Министер за социјална политика, демографија и млади пријавил имот од 85.853 евра, а  Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски имот вреден 143.748 евра.

Вицепремиерот Стоилковиќ и Министерот за економија Дурмиши пријавиле имот без да ја наведат вредноста

Вицепремиерот и Министер за односи помеѓу заедниците, Иван Стоилковиќ пријавил имот, но без да ја наведе неговата вредност. Иста е и ситуацијата и со новиот министер за економија, Бесар Дурмиши кој исто како Стоилковиќ нема наведено вредност за ниту една ставка од имотот што го пријавил во анкетниот лист.

Во нашето денешно истражување опфативме вкупно четиринаесет членови од 24-члениот состав на новата Влада кои пријавиле анкетни листови по разни функции. Новата Влада тежи 3.687.863 илјади евра.

Во нашето истражување не беа опфатени Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, Министерот за правда, Игор Филков, Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, Министерот за спорт, Борко Ристовски, како и Министерот без ресор, Арбен Фетаи. Овие министри се уште ги нема во онлајн регистарот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од каде ги преземавме податоците употребени во истражувањето за вредноста на имотот на членовите на новата Влада.

Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“ во рамки на проектот „ПЕП“  ги анализираше податоците од имотните листови на премиерот и министрите во новата македонска Влада.

Оставете коментар

коментар(и)