Проблемот наречен Русино: Сметот се трупа и пали, решението сѐ уште на хартија

автор: Дејан Ангеловски

            Дивата депонијата Русино е лоцирана над Гостивар, во Бањичкото Поле, каде тече Сушичка Река која го напојува Бањичко Поле и се влива во Реката Вардар. Многу гостиварци оваа локација ја посакувале за излетничко место, но наместо тоа, Русино се прочу како депонија која со последните мерења се проширила на површина од 120.000 м2, сѐ до националниот парк Маврово, каде многумина доаѓаат за да најдат мир и спокој во огромното зеленило и шумскиот рај. На депонијата се одложува отпад од девет општини од Полошкиот регион во количина приближно од 120.000-140.000 тони дневно, кој често пати се пали, а тешките мириси и чад се шират над Гостивар и околината. Така и оваа зима. Иако надлежните најавија дека конечно ќе се санира депонијата и ќе се најде решение за нивниот вечен проблем, сепак, мерењата на воздухот покажуваат дека Русино и понатаму останува проблем број еден за гостиварци.

„Главен чекор беше поставување на блокада и жив штит на патот кој води до ѓубриштето Русино со цел да биде оневозможено депонирање на смет. Првичната блокада беше за сите општини, вклучително и Гостивар како предупредување, по што следеше пропуштање на камионите со смет само од Гостивар. Немањето, пред сѐ, искрени намери и стручна подготвеност, се главни причини поради кои институциите пристапуваат кон овој проблем на погрешен начин и со погрешни решенија. Суштината на проблемот со депонијата Русино е што локацијата, надморската висина, движењето на ветровите, свежиот воздух, подземните и надземни води се тотално неповолни.Локацијата е на надморска височина од околу 850 метри што ја прави апсурдна, тешко достапна, особено во зимските периоди. Од друга страна, локацијата граничи со националниот парк Маврово, во околина богата со шума, растенија, животински свет, подземни и надземни води. Поради ова, ‘Стоп Русино’ смета дека единствено вистинско искрено решение е итно затворање на нелегалното ѓубриште Русино, негова санација и враќање во првобитна состојба. До моментот на наоѓање нова, вистинска научно поткрепена поволна локација и целосна изградба на нова депонија по сите стандарди, сметот привремено да се одложува на друга депонија или на друга привремена локација“, e ставот на иницијативата „Стоп Русино“.

Урбанистички План – Дива депонија Русино

                               

Во депонијата Русино претходно се одложувал отпад и од градот Тетово, од каде се носеле 140.000 тони смет дневно, но последните три години Тетово не го одложува отпадот на Русино. Проблемот ескалираше откако група гостиварци почнале да истражуваат за тоа каков вид на отпад се носи на депонијата бидејќи над Гостивар од правецот на Русино постојано се гледале пожари и чад, а за сметка на тоа, вредностите од мерните станици во Гостивар регистрирале високи вредности. Тие доаѓаат до сознанија дека на дивата депонија секојдневно се одлага секаков смет, шут и други видови на неидентификуван отпад од камиони од околните општини. Тогаш тие ја формираат граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ и  Движењето „Стоп за депонија Русино! Чист воздух за Гостивар!„. Го блокираат влезот за депонијата пропуштајќи само камиони од Јавното комунално претпријатие Гостивар кој го одложува сметот од домаќинствата.

Споредба на квалитетот на воздухот пред и после барикадите пред Русино

                                                       

Иницијативата, на 24-ти август годинава, до општината Гостивар доставиле барања за затворање и санирање на депонијата за максимум 5 години, како и наоѓање нова локација за депонија по сите стандарди и норми. Претставници на иницијативата одржале и средби со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и градоначалниците од Полошкиот регион, каде било ветено исполнување на барањата на граѓаните.

Барања до надлежните институции од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино“

            Во меѓувреме, наспроти иницијативата на активистите и граѓаните кои започнуваат „борба“ за почист воздух и здрава животна средина и доставуваат барање до градоначалникот и советниците на општина Гостивар за да не се легализира претпријатие кое ќе раководи со Русино, Советот на општината, на крајот од октомври годинава, ги изгласал членовите во управниот одбор на претпријатието „Русино“. Интересен е фактот дека Советот на општината го изгласал овој акт со само еден глас повеќе „за“. Со тоа отпочнал процесот депонијата Русино да стане и официјално депонија на трите гостиварски и шесте тетовски општини.

Барање од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ до О. Гостивар

             

Десо Матески е еден од основачите на Граѓанската Иницијатива „ За чист Гостивар! Стоп за Депонија Русино! „За причината за формирање на оваа граѓанска иницијатива наведува дека повеќе од 20 години жителите на Гостивар и околината се соочувале со проблеми со палење и чад од нелегалното ѓубриште Русино, кој поради природното движење на воздухот најчесто доаѓал директно во градот. А со тоа, според него, се загадуваат не само гостиварци, туку и животната средина и водите кои припаѓаат на вардарското сливно подрачје.

Остатоци од запалено ѓубриште на Русино


Матески посочува дека се организирани повеќе протести на кои граѓаните дале целосна поддршка на иницијативата, а остварени биле и средби и официјални состаноци со сите заинтересирани и засегнати страни.

            Според него, не постојат релевантни документи за депонијата Русино.

„Нема имотно-правни решенија кои се законски поткрепени и со кои ќе се докаже дека  избраната локација Русино е на кој било начин поволна. Секако постои проект кој не ги зема предвид овие работи и нуди споредно решение за уредување на ѓубриштето, а сомнежите на Стоп Русино се дека со тоа ѓубриштето ќе се легализира и ќе продолжи да постои и понатаму како ризична точка за воздухот и животната средина“, сметаат во иницијативата.

Протести во организација на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“

                 

Претставниците од граѓанската иницијатива се сретнале неколку пати со претставници на локалната самоуправа, регионалните центри и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање како ресорно министерство. Имало и разговори и средби со засегнати страни и стручни лица вклучени во изработка на Проектот за управување со отпад во полошкиот регион.

„Русино е времена депонија. Планот е да ја користиме максимум 10 години. Проектот за Русино е многу важен за нас бидејќи отпадот треба да се фрли таму уште неколку години. Доколку ја затвориме, каде ќе се фрла отпадот од сите жители на полошкиот регион? Идејата за нула отпад таму е многу добра и многу еколошка, но навистина не постои такво нешто како нула отпад“, изјави пред извесно време, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Тој уверува дека проблемот со депонијата ќе се реши бидејќи за ова соработуваат со шведскиот секретаријат СЕКО, кои понудиле средства, а обезбедена е и швајцарска помош. Тие средства, според министерот, би требало да се искористат за изградба на пат до Русино, да се постават мерните станици, да се постави пречистителна станица, а за да се реализира ова, според министерот, потребно е да помине инфраструктурниот план за овој регион.

Загадени води од остатоци од отпад



                             

Во Иницијативата стравуваат дека најавите на надлежните ќе останат само на хартија и дека депонијата Русино и понатаму ќе продолжи да фунцкионира како депонија каде ќе се одлага секаков смет, дури и по истекот на петте години кои ги најавија надлежните, по што наводно депонијата ќе треба да се дислоцира.

Во меѓувреме, гостиварци и понатаму се жалат на квалитетот на воздухот.

“Воздухот во Гостивар и понатаму е екстремно загаден со високо ниво на штетни честици. Непријатен мирис се чувствува особено во вечерните часови и со сигурност можам да потврдам дека воопшто ништо не е поразлично од лани. Со оглед на ситуацијава со пандемијата и носењето маски не се чувствува во толкав степен, но ако ја тргнеш маската, ќе се загушиш од чад и смрдеа. Навистина е иронично, ама мислам дека добредојдени се маскиве периодов, не само за заштита од пандемијата, туку и од воздухот”, вели една гостиварчанка.

Несоодветно одложен медицински отпад
Остатоци од стари гробови

                     

                                             
За проблемот со депонијата Русино се обративме до општината Гостивар, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од таму ни одговорија дека планот за управување со отпад за општина Гостивар е во фаза на изработка. Но, она што е интересно е што во споредба со претходните две години, 2018 и 2019 година, годинава општината одвоила најмалку средства, односно 1 милион денари во споредба со 1,2 милиони претходните две години.

На прашањето да се достават записници од инспекциски надзор и контроли на депонијата Русино за несоодветно одложување и третман на отпад (посебно опасен отпад) пропишани со регулативите кои произлегуваат од Законот за заштита на животна средина, Законот за управување со отпад и соодветните правилници, од општината одговараат дека нема таков надзор поради спорниот статус на депонијата. Од таму тврдат дека во фаза на формирање е регионално претпријатие за управување со отпад во полошкиот плански регион, а предложена е и локација на новата депонија.

            Но, иако надлежните уверуваат дека на повидок е решение, судејќи според индикаторите за квалитет на воздухот во Гостивар и околината, состојбата не е розова.

Загадувањето продолжува. Според месечниот извештај за месец ноември 2020 година за квалитетот на воздухот во Гостивар, мерењата на мониторинг станицата покажуваат дека скоро цел месец ноември, односно 26 денови во текот на ноември е надмината граничната вредност на ПМ 10 честички во воздухот. Додека, во текот на годината вкупно 94 денови била надмината оваа вредност, или со други зборови, три месеци гостиварци се гушеле од надминувањата на ПМ 10 честичките.

Надминување имало и во месец октомври годинава, кога вкупно шест дена се регистрирани надминувања на вредноста на ПМ 10 честичките во воздухот.

            Анастасија Дуковска е инженер по екологија и заштита при работа. Живее во Гостивар и се приклучила на граѓанската иницијатива сметајќи дека институциите во случајов затаиле. Таа вели дека во недостаток на друг механизам, единствено решение за проблемот со дивата депонија Русино било да се дигне гласот на народот. “Секојдневното палење на отпадот кој неконтролирано се одлага од целиот полошки регион на депонијата доведува до зголемување на аерозагадувањето”, вели таа.

Покрај тоа, таа смета дека самата депонија и структурата на почвата која е порозна се несреќно избрани и освен аерозагадување доведуваат и до загадување и на почвата и водите. Учествувала на сите иницијални состаноци со локалната самоуправа и ресорното министерство и смета дека сега се на ред институциите кои треба да го послушаат гласот на народот се до целосно затворање да се дивата депонија по што секако треба да се ревитализира и земјиштето на локацијата.

            Ревидирањето на планот за управување со отпад за Матески немаат значење се додека Законот не важи за сите и доколку истиот доследно не се спроведе. Претставниците од иницијативата „Стоп Русино“ изразуваат сомнеж дека нештата ќе се спроведат на правилен начин. Матески нагласува дека веќе три години проектот за санација и затворање на депонијата Русино постои само на хартија. Тој додава: „Но, на терен, за наша среќа, ништо не е направено. Би сакале така да остане се додека не се исполни нашето барање-стоп за депонијата Русино, по што со средствата може да се отпочне со санација на локацијата, чистење и постепена ревитализација на водите, почвата и шумите во околината“, додава тој.

Ќе се оствари ли најавеното?

Деветте полошки градоначалници неодамна се состанаа во Желино за проблемот со Русино.На состанокот беше потпишан Договор за основање претпријатие кое ќе управува со отпадот во Полог. Со овој договор општините ќе го одлагаат отпадот во Русино и наредните пет години. Согласно договорот, градоначалниците се обрзани да вршат надзор на камионите кои ќе го одлагаат отпадот. Како најважна точка е дислокација на депонијата и изнаоѓање нова локација за нова регионална депонија за полошкиот регион. Една од опциите е новата депонија да биде лоцирана во општина Боговиње доколку се најде локација која ќе ги исполнува еколошките услови и стандарди. На 4 декември годинава, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини издаде наредба за итни мерки за санирање на последиците по животната средина од Русино и отпадот кој таму се отстранува. Брзите мерки опфаќаат : изградба на систем за третман на исцедокот , административна куќарка за вработените, вага за мерење на возилата, набавка на контејнери и изработка на рекламни спотови за подигање на јавната свест кај граѓаните. Средствата ќе бидат обезбедени од Проект за воспоставување на нов регионален самоодржлив систем за управување со отпад во Полошкиот регион, преку грант од Швајцарската Влада за Влада на РСМ од 1.900.000. 00 швајцарски франци. Според министерот Нуредини вакви активности досега не биле спроведени поради административно одолговлекување.

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)