Само двајца министри уредно го пријавиле својот имот

  • Министерката Божиновска пријавила непознат недвижен имот кој според пријавеното вреди еден денар;
  • Брачните партнери на министерот Мисајловски и министерката Димитриеска – Кочоска поседуваат фирми во Скопје за кои не е наведена вредноста;
  • Министерот за култура Љутков пријавил четири земјишта каде навел дека истите вкупно вредат само 35 денари;
  • Таравари не пријавил колкави плати имаат тој, сопругата и детето;
  • Златко Перински, како и за министерот за спорт Борко Ристовски уредно го имаат пополнето својот анкетен лист.

Пишува: Кристијан Трајчов

СКУП Македонија направи анализа на анкетните листови на министрите од актуелната Влада со цел да се направи проверка за тоа кои министри немаат наведено вредност на дел од својот имот.

Министрите од кабинетот на Христијан Мицкоски, нетранспарентно го пријавуваат својот имот, што остава простор за манупулација подоцна. Иако нивната имотна состојба треба да биде целосно транспарентна, за да може полесно да се идентификуваат корумпираните функционери.

Важно е да се напомене дека во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во член 82 е наведено следното:

„Избраното или именуваното лице во својата изјава за имотна состојба и интереси дава детален попис на недвижен имот, подвижни предмети со вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, хартии од вредност, побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот“, стои во овој член.

Нетранспарентноста започнува со премиерот Христијан Мицкоски, кој во својот имот нема пријавено колкава сума има на својата девизна сметка која е пријавена како штеден влог.

Следен од нецелосно транспарентните членови на кабинетот на Мицкоски е неговиот заменик Изет Меџити.

Она што во неговиот анкетен лист не е пријавено е точната вредност што ја има на својата трансакциска сметка преку која прима својата плата. Тој истовремено е и министер за животна средина и просторно планирање.

Следен на листата е заменик претседателот на Владата како и министер за транспорт Александар Николовски.

Во својот анкетен лист Николовски нема наведено колкави средства има на својата трансакциска и девизна сметка, како и одреден депозит на друга кредитна картичка.

Исто така, неговата сопруга нема наведено колкави средства поседува на две трансакциски и една девизна сметка.

Николовски беше на чело на една корумпирана мисија на Советот на Европа наречена ПАЦЕ во Азербејџан, во која тие поднесоа извештај дека се регуларни изборите и референдумот во 2015 и 2016 година, за што дел од членовите на мисијата на Николоски во своите земји (Италија и Германија) беа осудени на затворски казни од по неколку години. Мисијата на Николоски беше наречена Кавијар дипломатија. Овој коруптивен скандал тежеше 2,9 милијарди евра, а ликот на Николоски се вртеше на насловни страници на повеќе медиуми во Европа.

Третиот функционер кој е Заменик претседател на Владата а воедно и министер и тоа за односи меѓу заедниците е Иван Стоиљковиќ.

Во неговиот анкетен лист е утврдено дека не пријавил вредност на земјиште на свое име во Старо Нагоричане, а не се наведени и неговата плата и платата на брачниот другар.

Следен на листата е министерот за одбрана Владо Мисајловски кој не навел колкави средства тој и сопругата имаат на своите трансакциски сметки, како и друга девизна сметка на негово име. Исто така, неговата сопруга поседува фирма во Скопје каде и за неа не е наведена вредноста.

Сличен е примерот и на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој нема наведено колку средства поседува на трансакциските сметки, не е наведен ниту орочениот депозит кој го имаат сопругата и неговите деца, а не е наведена ниту неговата плата ниту платата на сопругата.

Посебно е интересен пријавениот имот на министерката за енергетика рударство и минерални суровини Сања Божиновска која пријавила недвижен имот каде не е наведено за каков точно имот станува збор каде е пријавено дека вреди само еден денар.

Нема пријавено ниту колку пари има на својата сметка, ниту на трансакциската сметка во Чешка, како и на девизните сметки во истата држава, Шпанија и Португалија. Таа поседува и фирма во Чешка за која не е наведена колку вреди.

На ред е министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска која не ја пријавила нејзината, како и платата на сопругот, како и средства на трансакциската сметка на сопругот. Исто така, нејзиниот сопруг има и фирма во Скопје каде не е наведена вредноста.

И министерот за култура Зоран Љутков се наоѓа на самиот врв на листата на нетранспарентни до крај министри.

Во неговиот случај, тој пријавил четири земјишта каде навел дека истите вкупно вредат само 35 денари.

Покрај тоа, не ги навел висините на неговата и платата на сопругата, а не е наведено за колкава сума станува збор ниту за пренос на одредени средства.

Министерот за здравство Арбен Таравари пак не ги пријавил платите на своето семејство. Имено, во неговиот анкетен лист може да се забележи дека не се пријавени неговата плата, како и оние на сопругата и на синот.

И останатите министри воопшто не можат да се пофалат дека работат на транспаретноста, освен двајца. Станува збор за министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и за министерот за спорт Борко Ристовски кои уредно го имаат пополнето својот анкетен лист.

Статусот на останатите министри во актуелната Влада:

Игор Филков– Не ја навел висината на неговата плата и платата на сопругата, девизна и трансакциска сметка на која е наведено дека има средства од плата, односно поврат на средства од приватно здравствено осигурување, како и средства на девизни сметки.

Тимчо Муцунски – Нема пријавено колкави средства има тој, како и сопругата на трансакциските сметки, како и на нивните девизни сметки

Орхан Муртезани – Не ги навел средствата на трансакциските сметки, на девизната, како и на два штедни влогови на негово име.

Бесар Дурмиши – Не пријавил вредност за шест земјишта, а за две навел дека вредат само 280 денари, а не пријавил ниту колку зема како паушал од совет.

Цветан Трипуновски – Тој поседува Мерцедес за кој не е наведен колку вреди, а не пријавил ниту колку средства има на трансакциската сметка и на штедниот влог за неговите деца. Не ја пријавил ниту платата која ја зема во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Весна Јаневска – Не се наведени дури две плати, една македонска, а една која ја прима во валутата долар, а има и девизни сметки каде пријавила дека прима плата и има наследство, а нејзиниот сопруг има и персонален сеф со заштеда.

Фатмир Лимани – Нема пријавено средства на трансакциската и на девизната сметка.

Стефан Андоновски – Не пријавил плати и надоместоци, како и висината на стипендијата која ја добива.

Горан Минчев – Не ја пријавил висината на неговата плата и платата на сопругата, не пријавил и колкава сума имаат неговите деца на нивната сметка, неговата сопруга има и девизна сметка со непозната сума, а тој и децата имаат штедни влогови кои исто така не се наведени.

Оставете коментар

коментар(и)