ЦАРОВСКА ПОБОГАТА ЗА 1.3 МИЛИОНИ ЕВРА, ШЕЌЕРИНСКА КУПИЛА МОТОР ОУТЛАНДЕР

  • Имотот министерката Мила Царовска во септември 2018 година имал вредност од само 212.990 евра, додека сега тој изнесува 1.591.597 евра.
  • Две ставки додала и Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска Јанковска.
  • Само една ставка, и тоа без наведена вредност, дополнил министерот за земјоделство во заминување, Љупчо Николовски.
  • Имотната состојба на министерот Никола Димитров, за разлика од горенаведените министри, е намалена.

 

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го зголемила својот имот за шест пати во рок од само една година. Според анализата на СКУП во рамките на проектот Политички Експонирани личности, на нејзиниот пријавен имотен лист од септември 2018 година, вреден 212.990 евра, се додадени ставки вредни 1.378.607 евра, со што нејзината моментална имотна состојба изнесува 1.591.597 евра.

Од Министерството објаснуваат дека станува збор за надополнување на анкетниот лист со имот на родител, со кој Царовска не живее заедно. Освен земјиштето во Јастребник кое што е ново стекнато, сите други ставки во анкетниот лист се надополнување. Надополнувањето е направено за поголема транспарентност, иако по Закон не треба да се пријави бидејќи станува збор за имот на родител со кој министерката не живее во исто домаќинство.

Освен кај Царовска, уште кај други 4 министри во Владата на Република Северна Македонија е забележано е дополнување на имотните листи на министрите од почетокот на проектот ПЕП, август 2018 година, до сега.

Кај министерот Дамјан Манчевски, исто така, има промена во имотната листа. Додавајќи земјиште вредно 650 евра во Горњани и стан со помошни простории во Скопје, вреден 33 илјади евра, тој го зголемил имотот од 89 на 125 илјади евра.
Од кабинетот на министерот, за земјиштето на кое е изградена куќата, пријавена во анкетниот лист под назив „Стан со помошни простории“, изјавија дека е купено во 2015-та година. „Министерот Манчевски за изградба на куќата, во 2017та подигнал кредит пријавен во анкетниот лист. При изградба на куќата во 2018, поради комплетирање на парцелата докупен е дол во површина од 172 м2, на иста локација, но во катастар се води во село Горњани.

Две ставки додала и Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска Јанковска. На својата имотна листа таа го дополнила моторното возило „BRBCAN AM Outlander MAX XT-P1000 T 3 B ABS  вредно 15 илјади евра, во сопственост на нејзиниот сопруг. Таа подигнала и кредит во висина од 25 илјади евра, чиј што рок за враќање е 2024 година.

Се работи за ново моторно возило, уредно пријавено како нов стекнат имот на брачен другар, во вредност од 927.000 денари, за чија исплата, како што е наведено во образецот на ДКСК за пријавување промени на имотната состојба, е подигнат потрошувачки кредит со рок на подмирување до 2024 година“, велат од кабинетот на министерката Шеќеринска.

Само една ставка, и тоа без наведена вредност, дополнил министерот за земјоделство во заминување, Љупчо Николовски. Станува збор за стан во Крива Паланка, стекнат како подарок. До објавувањето на темата, не добивме одговор на прашањето за вредноста на новата ставка во имотната листа на министерот.

Имотната состојба на министерот Никола Димитров, за разлика од горенаведените министри, е намалена. Промените во сметките од 87.704 евра во мај 2017 година се намалуваат на 75.728 евра во декември 2018 година.

(Податоци добиени од МНР согласно декември 2018 година)

Оставете коментар

коментар(и)