Автомобилите на министрите на Мицкоски вредат скоро милион евра

Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи пријавил најбогат возен парк од 105.000 евра, додека Александар Николовски во автомобили има ставено 65.000 евра. Премирот, Христијан Мицкоски, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочовска и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши се единствени што не пријавиле превозни средства во своите анкетни листови.

Изработил: Тим на СКУП Македонија

Приватните возила на министрите на Христијан Мицкоски вредат 840 илјади евра, покажува најновото истражување на СКУП Македонија.

Најголем мераклија на автомобили е Арбен Фетаи. Вредноста на неговите автомобили е 6,4 милиони денари (односно 105.000 евра). Во анкетниот лист навел дека поседува пет патнички автомобили, дел во земјава, но дел и во странство, односно во Р. Белгија. Тој на свое лично име поседува Ауди Q7 S-LINE купен во 2018 година во Р. Белгија чија вредност е скоро 3,4 милиони денари (55.000 евра). Потоа поседува и Ауди TT од 615 илјади денари, Опел Карл од скоро милион денари, сите во Р. Белгија, како и Ланд Ровер Спорт и Мерцедес Ц класа во Р. Македонија чија заедничка вредност е над 1.4 милиони денари.

И дел од останатите заменици претседатели на Влада исто така поседуваат скап возен парк. Александар Николовски, како заемник претседател на Влада и минстер за транспорт и врски во анетниот лист пријавил два автомобили вредни 65.000 евра. Едниот Шкода Суперб што вреди 1.8 милиони денари (30.000 евра), додека другиот на име на брачен другар е нешто поскап, „Jeep Compas“ од 2,1 милиони денари (34.000 евра). Заменик претседателот на Владата и министер за односи помеѓу заедниците, Иван Стоилковиќ пријавил возен парк од 3,3 милиони денари (55.000 евра). На свое име пријавил џип Фолксваген Туарег што вреди 2,1 милиони денари (36.000 евра) како и Сеат Атека од 1,2 милиони денари (19.000 евра) на име на брачен другар.

Министри љубители на Волво

Тројца министри од македонската Влада во своите анкетни листови пријавиле дека поседуваат џип Волво.

Волво XC 60 поседуваат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, 1.7 милиони денари (27.642 евра) кој пријавил и Опел Антара вредна 940.900 денари (15.299 евра). Вкупната вредност на возниот парк кај Тошковски е 43.000 евра.

Министерот за здравство Арбен Таравари, вози џип вреден 3 милиони денари (50.000 евра) . Волво џип пријавил и министерот за локална самоуправа Златко Перински, 1.7 милиони денари (околу 28.000 евра) кој меѓудругото пријавил и Веспа Примавера од 172.200 денари (2.800 евра).

Министерот за спорт пријавил вози најскап автомобил, министерката за образование најстар

Министерот за спорт, Борко Ристовски пријавил најскап автомобил, Тојота РАВ 4 што вреди 3,7 милиони денари (60.162 евра), додека министерката за образование и наука, Весна Јаневска поседува најстар автомобил, произведен во 2001 година, Ровер 75 тогаш вреден 922.500 денари (15.000 евра), но лани се подновила и со нов автомбил, Опел Инсигниа вредна 873.300 денари (14.200 евра). Јаневска во анектниот лист пријавила и подвижен имот во странство што не подлежи на регистрација во земјава, но не е наведено конкретно за каков имот станува збор.

Останатите министри во македонската Влада возат релативно нови и скапи автомобили. Најчесто преовладува „Ауди“, „Фолксваген“, „Тојота“, „Форд“, но и луксузните „Нисан Инфинити“ како што вози министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска што вреди 2,5 милиони денари (40.650 евра). Дел од министрите имаат наведено и подвижен имот во странство што не подлежи на регистрација во земјата, но без конкретен податок за каков подвижен имот станува збор, но судејки по анкетните листови, пријавена е голема вредност за истиот.

Интересно е што дел од министрите поседуваат и мотори. Цветан Трипуновски, поседува мотор од 170 илјади денари (2.764 евра), Фатмир Лимани од 60 илјади денари (1000 евра), Златко Перински 172.200 денари (2.800 евра) и Горан Минчев 310 илјади денари (5.040 евра).

Оставете коментар

коментар(и)