ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, немајќи кандидат за директор го поништија огласот со изговор дека кандидатите не поднеле целосна кандидатура, иако една од кандидатурите, на вработен во Агенцијата, до која што дојде СКУП Македонија беше сосем уредна. Вработените во Агенцијата заложници на намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ја уништи транспарентноста, со месеци не зеле плати, им се заканува исклучување на мобилните телефони, немаат струја во тоалетите, немаат интернет. Граѓаните не можат да го остварат правото на слободен пристап бидејќи нема кој да ги потпише решенијата.
Пишува: Горан Лефков
Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер остана без директор на 24 декември 2025 година кога дотогашната директорка Пламенка Бојчева, кадар на СДСМ, го заврши мандатот. Собранието на Република Северна Македонија распиша конкурс за избор на директор на 3 декември 2025 година, но подоцна го поништи конкурсот.
Истиот ден беше распишан оглас и за избор на членови на Државната изборна комисија. Таму се избраа членовите, додека во Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап тоа не се случи.
Според информациите на СКУП Македонија се пријавиле двајца кандидати за директор, но ниту еден не е избран.
Извори на нашиот медиум потенцираа дека вистинската причина е што ВМРО- ДПМНЕ и ВЛЕН немаат сопствен кандидат за директор, а не сакаат да постават квалитетен кадар, бидејќи ќе се зголеми транспарентноста, што е ноќна мора за владејачката партија.
Според Љуљзим Хазири, поранешен новинар и активист во граѓанскиот сектор повеќе од 30 години, улогата на оваа Агенција е многу значајна за зголемувањето на транспарентноста.
„Оваа институција е првата врата, за секој граѓанин што сака да знае како се трошат неговите пари“, вели Хазири.
Тој додава дека таа мора да биде функционална за да имаме подобра транспарентност.
Во меѓувреме државата назадува и во Global Right to information (RTI) Rating, кој го оценува квалитетот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Република Северна Македонија во 2024 година е на 26 место во Светот, во 2013 и во 2014 година била на 12 место.
ВМРО-ДПМНЕ глуво и слепо за проблемите на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер
Во ВМРО-ДПМНЕ како владеачка партија немаат слух за назначување на директор во Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Ѓорѓија Сајкоски, пратеник од Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за изборите и именувањата за Призма изјави дека огласот се поништува бидејќи имале две непотполни кандидатури.
За да ја прецизираме ситуацијата и да објасниме подобро на нашите читатели, упативме прашања на службениот е-маил на Сајкоски, со следнава содржина:

За жал до објавувањето на овој текст, одговор од Сајкоски не добивме.
Истотака прашања упативме и до Дафина Стојаноска, потпретседател на Собраниската комисија за изборите и именувањата, но и таа не одговори на нашите прашања.
Граѓаните и граѓанските организации не можат да си го остварат правото
Ниту едно решение не може да излезе од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, бидејќи нема раководни структури кои треба да го потпишат. На овие состојби реагираа и невладините организации.
„Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата ги повикува пратениците во Собранието на Република Северна Македонија итно да именуваат директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Оваа Агенција, која е клучна за заштита на уставно загарантираното право на граѓаните до информациите кои ги поседуваат јавните институции, а со тоа и за транспарентноста на властите на сите нивоа, веќе еден месец е нефункционална поради истекот на мандатот на претходниот директор и неговиот заменик, и неименувањето на ново раководство од страна на Собранието“, се наведува во реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка во Фондацијата Метаморфозис, која од 2004 година на ова проблематика е со ист став.
„Ова е онеспособување на Агенцијата. Собранието е одговорно за ваквата состојба. Огласот, пратениците го поништија без никакво образложение. Ние не ни знаеме дека кандидатите имале непотполни документи. Мене ми остава впечаток дека владејачките партии немале подобен кандидат и затоа и го поништиле огласот“, вели Бајдевска.
Таа додава дека свесно 3 месеци ја доведуваат институцијата во нефункционалност, граѓаните незаштитени и вработените се без плата и без никакви придонеси.
На сличен став е и Љуљзим Хазири.
„Со немањето на раководни структури, Агенцијата не работи. Затоа е многу важно Собранието да ги избере раководните органи, за да тече непречено барањето на информации и да се зголеми транспарентноста“, вели Хазири.
На потпис од директорот на Агенцијата чекаат стотици решенија.
Вработените во Агенцијата оставени на милост и немилост
Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер има 15-тина вработени. Тие се останати без плати и без примања бидејќи нема кој да им ги потпише документите за да земат плата.
„Останавме до питачки стап. Немаме плата веќе 3 месеци, четврти започна. Имаме кредити, сметки за плаќање дома. Како ќе преживееме не знам“, вели вработен во Агенцијата кој не сакаше да остане анонимен.
Покрај платите на вработените им стигнуваат пораки дека и мобилните телефони ќе им бидат исклучени.
Телеком сеуште не нема исклучено. Меѓутоа Неотел го исклучи интернетот, што е основната алатка со која што работиме. Луѓето може да се жалат, имаме рокови, а ние не можеме ниту да видиме дали стигнал е-маил, велат од Агенцијата:

Покрај ова и санитарните услови во Агенцијата се катастрофални. Нема кој да ја поправи електричната инсталација во тоалетите, па извршувањето на физиолошките потреби е комплицирано.
Денес на сајтот на Собранието, осамна одлука за објавување на оглас за директор и заменик на Агенцијата за Слободен пристап до информациите од јавен карактер. Дали владеачките партии нашле кандидат за директор или ќе го минираат изборот на партиски неподобни, но стручни кандидати, останува да видиме до крајот на овој месец.





