Апсурд во здравствениот систем: специјализантите како робови

Кога решила да специјализира приватно во Клиниката за радиологија во Скопје, 28-годишната Ивана Панчевска не помислила дека ќе се соочи со една апсурдна ситуација. Таа како приватен специјализант е обврзана да работи скоро двојно повеќе од останатите работници, без при тоа да има какви било регулирани работнички права или заштита од државата и синдикатите.

„Приватните специјализации потполно ни го пореметија животот. Немам здравствено осигурување иако сум лекар. Се тресам од помислата ако се разболам“, вели Панчевска.

Според Законот за здравствена заштита, приватните специјализанти се обврзани да поминат по 40 часа неделно на клиниките и да дежураат најмалку 24 часа во една седмица.

Специјализантите на државните клиники покрај тоа што немаат плата, немаат ниту здравствено, социјално и пензиско осигурување. Ова е дополнителен проблем за младите специјализантки. Истите обврски ги имаат и нивните колеги кои се на државни специјализации, но, затоа примаат плата и сите додатоци кои им следуваат со закон.

„Ништо не ми е покриено. А треба ли да размислувам за семејство, за деца. Ако се одлучам да имам деца не можам да бидам без здравствено осигурување“, вели Панчевска. Таа вели дека не е сама во ова апсурдна ситуација.

 

Можност само за богатите лекари

 

Пајтим Асани, специјализант на Гинекологија, ги споделува истите проблеми како и Панчевска. Вели дека Законот за здравствена заштита е многу лош за приватните специјализанти. И двајцата се дел од неформална група на специјализанти на Медицински факултет при Универзитет „Кирил и Методиј“, кои реагираат на проблемите на специјализантите.

„Специјализирам веќе една година, и трошоците за мојата специјализација се огромни. Секој ден патувам од Куманово до Скопје и назад. Патните трошоци никој не ми ги покрива, не земам плата, немам никакво пензиско, здравствено ниту социјално осигурување“, вели младиот доктор кој завршил на Медицинскиот факултет во Скопје, со надеж да остане во земјава и да им помага на своите сограѓани во Куманово.

Тој додава дека оваа специјализација е многу дискриминирачка и дека неговите посиромашни колеги не можат да си дозволат да специјализираат бидејќи немаат пари. Самата специјализација неговото семејство ќе го чини од 40.000 до 50.000 евра.

Проф. Д-р Кочо Чакаларовски, претседател на Лекарската комора на Македонија, вели дека во делот на специјализирањето се прави сегрегација.

koco cakalarovski

„Тие што се од поимотни семејства можат да си го дозволат тоа, додека други лекари, што се поинтузијасти, но немаат сретства, не можат да специјализираат“, вели тој.

Чакаларов вели дека треба да им се дозволи на лекарите специјализанти да специјализираат претпладне, а попладне да можат да работат.

„Не е фер. Некој лекар од јавно здравство да биде ослободен од обврските во јавното здравство за 6 години и да зема плата и сите други додатоци, а некој приватен специјализант да ја работи истата работа без никакви права“, вели професор Чакаларовски.

 

Специјализанти на „црно“

 

За разлика од Пајтовска и Асани, Елена Цветиновска наскоро треба да оди на државна специјализација во Клиниката за нефрологија. Сепак, не може да се помири со состојбата на нејзините колешки кои се на приватна специјализација. Вели дека тие скоро е невозможно да основаат семејство додека специјализираат.

„Колешките што се со приватни специјализации имаат опција само да бираат помеѓу кариерата и семејството. Ако чекаат да специјализираат ќе влезат во ризичен период кога шансите да забременат се помали“, вели Цветиновска.

Таа додава дека законот ги ограничува да отсуствуваат повеќе од 24 месеци, што не им дозволува да имаат две бремености во тие 6 години, а камо ли да размислуваат да ги послушаат насоките на Владата на екс-премиерот Никола Груевски да имаат трето дете. Доколку во овој период ги имаат сите три бремености, тогаш ќе ја изгубат специјализацијата.

И Александар Каревски, специјализант и член на управниот одбор на Асоцијацијата на млади лекари и специјалисти, го дели мислењето на Цветиновска.

Aleksandar Karevski

„Законот им дозволува на колешките да направат пауза доколку се одлучат да оформат семејство. Но, што ќе прават колешките на приватните специјализации без плата и без здравствено осигурување?“, прашува Каревски.

Освен ова, на приватните специјализанти не им е овозможено да членуваат во Самостојниот синдикат на Универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи. Како причина, според Синдикатот, се наведува фактот што не се вработени во јавното здравство.

Опција на приватните специјализанти е да се пријават како невработени во Агенцијата за вработување и така да добиваат бесплатно здравствено осигурување. Проблем овде е што доколку Агенцијата за вработување им понуди работа, тие мораат да ја прифатат бидејќи ќе го изгубат статусот на невработени. Тие не можат да работат на други места, бидејќи се обврзани како специјализанти да поминуваат повеќе од 65 часа неделно на Клиниките, што е за 60% повеќе од нормалната работна седмица од 40 работни часа.

 

Специјалисти со работнички пензии

 

Познавачите на состојбата велат дека овој начин на специјализација ќе направи сериозен проблем за иднината на сегашните приватни специјализанти и кога ќе заминат во пензија. Тие работниот век ќе го завршат со многу малку стаж, а со тоа и со мала пензија. Просечната старост на приватните специјализанти е околу 35 години, нив за работа им остануваат од 25 до 30 години. Просечната плата на специјалистите е околу 40.000 денари, овој период е краток за да можат да остварат примања со кои во иднина ќе може да дочекаат сигурни пензионерски денови. Нивната пензија на оваа основица нема да биде поголема од пензијата на еден обичен работник.

Според Александар Каревски, оваа ситуација е многу лоша поради тоа што сите здравствени работници имаат многу мали примања за работата што ја извршуваат.

„Тие секојдневно одговараат за нечиј живот, а се израмнети со примањата со државната администрација, што е неспоредливо. Лекарите во пензија заминуваат со истите коефициенти како и обичните работници“, вели Каревски.

Тој додава дека специјализантите имаат многу проблеми, но тие се обидуваат да помогнат како Асоцијација во нивно решавање во идниот пероид.

Според пресметки на специјализантите, доколку еден доктор замине на приватна специјализација, тој парите што ги вложил во специјализацијата може да ги врати дури кога ќе наполни 50 до 55 години.

Ваквите одлуки од здравството, според официјалните податоци, „бркаат“ по 150 до 200 лекари годишно од Македонија, бројка која се оценува како аларманта за здравството.

 

Молк во Министерството за здравство

Изјава за состојбите со приватните специјализанти побаравме и од Министерството за здравство и од Медицинскиот факултет, но до затворањето на овој текст, не добивме нивна изјава.

 

„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

коментар(и)