Архитектот што го проектира новиот Клинички, два пати апсен во Италија

Автор: Менче Атанасова Точи

(Текстот е оригинално објавен на страницата на НОВА ТВ на 2 јануари 2015 година. Веднаш по објавата, до редакцијата на НОВА ТВ пристигнал демант од министерството за здраство. Забелешките на министерството се вметнати во овој текст. Целиот демант е објавен, во целост, под овој текст)

 

Антонио Савоино од италијанската фирма Арен Срл која го доби тендерот за проектирање на новиот клинички центар„Мајка Тереза“, бил вмешан во серија корупциски скандали во Италија пред една деценија, дознава НОВА.

Савоино кој сега е на возраст од 84 години, фигурира во бордот на директори на Арен Срл, проектанското биро што треба да го проектира грандиозниот објект во Македонија, додека на местото главен извршен директор, е неговиот син Дејвид.

dokument 2(1)

Според италијанските медиуми Антонио Савоино два пати бил апсен за работи поврзани со изградбата на болниците во Асти и Савона во Италија .

Архитектот Савоино и е добро познат на италијанската јавност, кога како сопственик на тогашната фирма PROTECNE бил уапсен заедно со неколку политичари кои биле инволвирани во голем корупциски скандал. Заедно со него биле уапсени и претседателот на провинцијата Торино, Ецио Асторе и Алдо Гента десна рака на Вито Бонсињоре, секретар за буџет во тоа време.

Еве како известувал за моментот на апсењето на Савоино, еден од најтиражните весници во Италија, Кориере де ла сера, на 28 април 1993-та година.

„Вчера вечер беше уапсен заменик претседателот на провинцијата Торино Ецио Асторе. За да го притворат задолжени беа судиите Виторио Корси и Себастиано Сорбело кои ја истражуваа историјата за договорот за новата болница во Асти тешка 230 милијарди лири.Со Асторе уапсен е и Алдо Гента кој се до минатата пролет беше десна рака на Вито Бонсињоре сегашен секретар за буџет.

Лисици му се ставени и на архитектот Антонио Савоино, директор на компанијата”Protecne”. Поранешниот масон како што го нарекуваат, поради своите познанства и пријателства, добил провизија од многу Локални здравствени единици во Пиемонте и стекнал еден вид на монопол.

Савоино се појавува во сложениот историјат на новата болница во Асти како член на Комитетот за пренесување на договори. Уапсен е по втор пат и во двата случаи со обвиненија за корупција (во октомври беше затворен за нарушување на „Слоновата аукција“), се вели во веста објавена во италијанскиот весник Кориере де ла сера.
koriere

Дали македонските власти знаеле за минатото на човекот на кого му ја доверија изградбата на најголемиот објект во македонското здравство со површина од 61 500 метри квадратни? Дали е возможно да не знаеле ништо за неговото минато, кога податоците се лесно достапни на интернет.

НОВА истражувајќи на оваа тема дојде до еден записник од италијанскиот парламент кој датира од февруари 1993-та година кога Лучијано Виоланте од Демократска партија на левицата го поставува прашањето до Министерот на Здравство, како фирмата Protecne во сопственост на Антонио Савоино го добила тендерот за изградба и реконструкција на болници во рамки на проектот за борба против ХИВ/СИДА.

Според идејниот план, фирмата на Савоино требало да ја урне старата зграда и да изгради нова болница во Пиемонте, а требало да се изгради и нова лабораторија. Иако имало можност за градење на нова зграда, фирмата Protecne само ја реконструирала постоечката, додека лабораторија воопшто не била изградена. Парите завршиле на сметката на фирмата на Антонио Савоино.

rrr

Како што пишува во записникот, левицата обвинува дека архитектот бил вмешан и во други криминали, а тогашниот министер за здравство бил посочен дека стои зад него.

Всушност, приказната започнува кога во тоа време Министерството за финансии во консултација со Министерството за здравство работите за изградба на болници во три региони во Италија ги доверува на Конзорциумот CONS.OMI.

За изградба на болница специјализирана за инфективни болести CONS.OMI односно конзорциумот составен од фирмите Italsanitá и SVEI, ја ангажира компанијата PROTECNE од Торино во која што единствениот администратор, технички директор и дизајнер е архитектот Антонио Савоино. Проектот бил презентиран пред Министерството за здравство.

Но, регионалниот Комитет за јавни работи во Пиемонте искажал недоверба во однос на реализација на проектот, поради нецелосните планирања, недостатокот од аналитички проценки на трошоците и огромните индиректни трошоци.

Во исто време, со остра реакција се јавиле и медицинскиот директор и персоналот на болницата Амадео ди Савоја. Техничките претставници не се согласувале со предложениот проект и покрај притисокот од регионален советник Mакари, кој пак е уапсен неколку дена подоцна заради неговата поврзаност со изградбата на новата болница во Асти. Тие укажале на главните недостатоци во проектот, како и за попречувањата во реализацијата на плановите во делот на одржување на болницата и набавка на опрема и мебел.

dokument 2 намален 15 12 2014

Вкупниот износ за изградбата од 50 милијарди лири предвидени во 1990 –та година се зголемил двојно, на фантастични 109 милијарди лири.

Антонио Савоино наместо да изгради нова лабораторија, само ја реконструира постоечката , парите легнале на сметката , а нова лабораторија во болницата не е направена. Околу 300 слободни кревети биле сместени во мртовечницата на болницата која е без патолошка лабораторија.

Во документот до кој дојде НОВА, се вели дека архитектот Савоино повторно бил уапсен во истрагата која ја покренал јавниот обвинител на Торино за изградбата на новата болница во Асти. И не само тоа, тој бил испрашуван и во истрагата спроведена околу изградбата на новото седиште на Националниот институт за електротехника, а неговото име се појавува и во истрагата за мито во врска со договорот од IACP на Торино, и во други судски истраги во делот од здравственото управување на Пиемонте.

Архитектот се товари за милијарди потрошени на трошни домови за стари лица, за седумте проекти од страна на CONS.OMI во регионот Пиемонте, за сите проекти кои биле доверени на PROTECNE или други компании во кои директно или индиректно архитектската палка е во рацете на Антонио Савоино.

il

Како завршиле истрагите и судските процеси тешко е да се дознае, но од она што известувале медиумите во тој период може да се види дека еднаш успеал да добие условна казна од година и осум месеци, друг пат за него е барана казна од од 2 години и девет месеци. Обвиненијата кои биле покренати против менаџерите биле многубројни: поткуп, местење на понудите, повреда на службена тајна и злоупотреба на функцијата.

За изградбата на новиот клинички центар во Скопје, проектанската куќа Арен Срл тендерот го добила во конзорциум со две македонски фирми Ин Пума и Прототип. Тоа уште пред една година го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров. Но, постои и третата фирма преку која се координираат работите, а тоа е Студио Круг ДООЕЛ, која воопшто не беше спомната во јавноста.

Foto_firma_per_news

Првите две фирми, Ин пума и Прототип повеќе не се вклучени во проектот. Неофицијално, во Ин пума велат дека од непознати причини се отстранети од проектот, но не сакаат да зборуваат јавно. Прототип си го завршиле својот дел од работата, а третата фирма Студио Круг ДООЕЛ, се уште работи на проектот.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)

 

ДЕМАНТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАСТВО

„Министерството за здравство остро реагира на изнесените невистини во веста со наслов „Архитектот што ќе го гради новиот Клинички, два пати апсен во Италија“.

Министерството за здравство НЕМА СКЛУЧЕНО, повторуваме нема склучено, договор со ниту една фирма за изградба на новиот Клинички центар, бидејќи е во тек тендерската постапка која е објавена од страна на Банката на Советот на Европа и оваа процедура се одвива според правилата за набавки на Банката.

Со споменатата фирма Арен Срл е склучен договор за изработка на основен проект за новиот Клинички центар, согласно Законот за јавни набавки, а не за негова изградба, при што и во тендерското досие за оваа набавка постои целосна документација за деловната способност на фирмата за вршење на оваа дејност согласно Закон.

Од она што може да го видиме од Вашиот текст, фирмата Арен Срл не била вклучена во корупциски скандал, туку некоја фирма PROTECNE со која што Министерството за здравство нема склучено никаков договор.

Врз основа на ова, бараме да се извините за изнесените невистини и во целост да ги повлечете.“

Одделение за односи со јавност
Министерство за здравство

Оставете коментар

коментар(и)