Автори: Сандра Никчевска, Ива Андреевска, Моника Себиќ
Дом без адреса, без име на улица, без број. Најстудениот дом во градот. Најсуровиот и лете и зиме. И најнебезбедниот за неговите станари – домот на бездомните.
А ги има подоста. Само во Скопје повеќе од 300 наши сограѓани. Тлото им е душек, небото покривка. Страдаат од глад, од студ, од жега. И од хулигани.
Вербално малтретирани, тепани , дури и убивани, е додатокот на и онака грдата слика за животот на македонските бездомници.
Животот на улица по дефиниција е суров. Да се спие на клупа, на картон, да се покриеш со најлон на дожд, со черга на минус 30, излегува дури и од рамката на најгрдата нечовечнoст. Можат ли тоа да го разберат вдомените и институциите? Некои да, некои не. Безбедноста на бездомниците, пак, е целосна општествена негрижа за човечкиот живот.
ОБРАЗОТ НА ХУМАНОСТА ГО БЕЛАТ ХУМАНИТЕ ГРАЃАНИ
Неодамна, со првиот годинешен студен бран, вниманието на јавноста преку социјалните мрежи го привлече ангажирањето и сведочењето на скопјанката Матеа Матева за случајот со премрзнатиот бездомник.
Човекот кој два дена ги поминал премрзнати во многу лоша здравствена состојба на улична клупа пред станбената зграда на Матева, на реагирање на станарите, ја чекал милоста на институциите.
Со изговор дека е бездомник, ниту полицијата, ниту брзата помош не изреагираа на соодветен начин. Одговорите на надлежните беа во стилот: „Што да му правиме, дома ли да го носиме, вакви во скопјево има многу“.
„Во лоша здравстена состојба, неподвижен и премрзнат, наместо да добие помош од полицајците, тие се заканија дека може дури да му напишат и пријава за нарушување на јавниот ред и мир. Требаше да стигнеме до социјалните работници за тие да се согласат да го преземат човекот од брзата помош, која е на оддалеченост од два километри, а ја чекавме цели 40 минути“, сведочи Матева.
Бездомникот Н.К. од Скопје прифати да сведочи за недолентниот однос на институциите кон него.
„Се имам обратено до повеќе институции, но сите те баталуваат. Подолго време сум бездомник. Воопшто не сум задоволен од интитуциите кои се надлежни во врска со бездомниците. Навидум тие помагаат, но не колку што треба да помагат.“
„Моментално сум сместен во напуштен објект. Црвен крст никаде го нема. Од нивна страна никаков вид на помош. Неколку пати кога ќе се побара помош од нив велат дека нема. Еднаш тие дале и повеќе немаат дозвола да даваат помош, храна, облека и слично“, вели тој.
„Пред пет години побарав помош од нив. Ми дадоа некаков вид на помош од храна. После некоја година побарав повторно помош, но рекоа дека повеќе не можат и дека повеќе не даваат таков вид на помош. Немам никаква помош од никого. Многу пати сум бил бркан, малтретиран од страна и на полицијата поради не знам какви причини, а ниту сум нарушувал некаков ред и мир за да бидам бркан неколку пати.Дури сум бил и малтретиран. Сум испраќал и барања до Основен суд Скопје, но не сум добил никаков макар каков било вид на одговор“, додава бездомникот Н.К..
„СИТЕ НЀ ГЛЕДААТ, НИКОЈ НЕ НЀ ЗАБЕЛЕЖУВА“.
И скопјанецот Х.Л. живее на улица. Неговиот дом е во центарот на градот. На отворено, на задната страна од главната пошта спрема реката Вардар.
„Зиме, сводовите од магацинскиот влез на поштата, картоните и најлоните ми даваат каква таква заштита од дождот и студот. Лете, се поместувам малку понапред на самиот кеј на реката. Таму е попријатно, но и фреквенцијата на минувачите е поголема, а меѓу нив има секакви.“
„Особено навечер групи млади и пијани можат да бидат и многу агресивни, а јас не сум просјак па да имам пари. Имам 60 години, од државата не барам ништо, немам ни лична карта.“
„Сега сум овде, ама и ги менувам локациите под притисок не толку на некои службени лица од обезбедувањето на околнитте згради, колку поради други агресивни бездомници и други несовесни граѓани“, вели тој.
За страдалниците најгрижливата организација е Црвениот Крст на Македонија.
„Во полето на истражувања на оваа проблематика нема посериозни квантитативни истражувања па, оттука е и бројката од 300 бездомни лица на територија на град Скопје, бројки кои се добиени од неофицијални извори.Во однос на територија на РМ не постои статистика која ќе биде релевантна за оваа социо-патолошка појава“, вели координаторкатта Драгана Лазаревска.
Ставре Џиков, искусниот адвокат и поранешен државен јавен обвинител, вели дека кај нас и обичните граѓани не можат да ја тераат правдата до крај, а камоли бездомниците.
„Не мислам дека бездомните лица би можеле да ја истераат правдата до крај. Кај нас и обичните граѓани тешко истеруваат правда, не па ваква социјално маргинализирана група како бездомниците. Работата е во тоа што нема адвокати кои се занимаваат со овие работи. Добро би било да се отвори некоја посебна хуманитарна организација за правна помош само на овие групи на граѓани.“
И Уранија Пировска од Хелсиншки комитет искуствено потенцира дека бездомните лица во нашите институции не би можеле да ја истераат правдата до крај.
„Тие се секогаш оние невидливи жртви за кои што останатата популација не сака да зборува. Никој не се интересира за тоа зошто и како дошло до нивната смрт“, вели таа.
ДРЖАВАТА НЕМА НИТУ ПРОГРАМА, НИТУ СТРАТЕГИЈА ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ НА БЕЗДОМНИЦИТЕ
Во Министерството за труд и социјална политика, највисоката државна институција надлежна и за грижата за бездомни лица, вработените од одговорните во Социјалениот сектор не беа расположени да дадат одговори за тоа дали државата има единствен регистар на бездомни лица и дали имаат програми за згрижување и заштита на бездомните граѓани на Македонија.
За среќа поактивни и покооперативни се од невладиниот сектор.
„Во пунктот за бездомници на Црвен крст, од кога е отворен од 2008 година, во текот на неговото девет годишно функционирање, вкупно се евидентирани 250 бездомни лица, кои дури и еднократно, престојувале во пунктот. Сега редовно го посетуваат 65 бездомници, а во деновите кога е отворен во просек се присутни 45 бездомници “, објаснува Драгана Лазаревска од Црвен иот крст.
Периодичното списание „Лице в лице“ е специјализирано за теми за лица со посебни потреби, но нивна новинарска преокупација се и бездомниците.
„Списанието „Лице в лице“ е еден од пионерите во социјалното претприемништво кај нас. Според овој концепт, половина од продажната цена оди директно за продавачите. Еден бездомник и еден младинец од улица денеска се успешно интегрирани во наша позната и многу успешна компанија кои со ова го решија проблемот со домување. Уште петмина продавачи добија можност за вработување на ограничено време.“, вели новинарката на овој медиум, Анета Ристеска
„Добар дел од продавачите, благодарение на овој ангажман, направија интервенции на своите домови издигнувајќи се така над црвената линија на супстандардни услови на живеење. Накусо, програмата на „Лице в лице“ придонесува продавачите да бидат препознати како лица кои се самостојни и подготвени да му дадат друга, позитивна дименизја на својот живот, ставајќи акцент на работата“, вели таа.
ПРОДОЛЖУВА….
УТРЕ ЌЕ ЧИТАТЕ: ОТФРЛЕНИ ВО ЖИВОТОТ, ОТФРЛЕНИ ПО НЕГО
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.