Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“ во рамки на проектот „ПЕП“ ги анализираше податоците од имотните листови на новоизбраните пратеници во македонското Собрание од изборната единица 1.
Дваесет пратеници од изборната единица 1 ќе седнат во собраниските клупи како дел од новиот парламентарен состав по изборите што се спроведоа на 8 мај. Од нив од „единицата“, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја сочинуваат десет народни избраници, три од СДСМ и коалицијата, по два пратеника од Европскиот фронт на ДУИ, Коалицијата „Вреди“ и партијата Левица како и еден пратеник на Движењето ЗНАМ за наша Македонија.
10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ – 1.2 милиони евра
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната Единица 1 освои десет пратенички мандати. Дел од пратениците беа дел и од претходниот собраниски состав, додека останатите се нови. Во нашата анализа имаме податоци за седумина од нив. Најбогат според пријавениот анкетен лист е пратеникот Љупчо Пренџов кој пријавил имот во висина од 298. 406 илјади евра. По него следи, пратеникот Тони Јаревски кој „тежи“ 279. 886 евра, додека Љупчо Димовски како коалиционен партнер од Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), пријавил имот во вредност од 271.464 илјади евра.
По нив, следи пратеничката Иванка Василевска со 191.272 евра, пратеникот Синиша Стојановски кој вреди 128.081 евра, Иван Живковски со 86.193 евра и пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска со имот во вредност од 16.066 илјади евра.
Христијан Мицкоски како носител во изборната единица 1, Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Марија Митева засега ги нема во онлајн регистарот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Трите пратеници на СДСМ „тежат“ повеќе од 10-те на ВМРО-ДПМНЕ
Само тројцата пратеници од СДСМ и коалицијата во изборната единица 1 вредат повеќе од 10-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во „единицата“.
Димитар Ковачевски од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП и Даниела Николова од СДСМ пријавиле имот во вредност од 1.397.888 илјади евра.
Најбогат меѓу нив е претходниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски кој пријавил имот во вредност од 645.945 илјади евра. Ништо „посиромашна“ не е ни коносителката во изборната единица 1, Моника Зајкова како колицинонер партнер од ЛДП со имот вреден 582.000 евра. Даниела Николова пак „тежи“ 169.943 илјади евра.
Колку вреди „Вреди“ а колку „Европскиот фронт“?
Од албанскиот политички блок, во изборната единица еден во новиот собраниски состав членуваат по два пратеника од Европскиот фронт на ДУИ и коалицијата на „Вреди“. Докторот Илир Хасани, од ДУИ највеќе отскокнува и пријавил имот во вредност од 451.538 илјади евра, додека сопартиецот Блерим Беџети, 186.178 евра. Кај коалицијата „Вреди“ најголем имот пријавил „огнениот“ пратеник Изет Меџити, 194.293 илјади евра, а зад него е Беким Сали со вредност на имотот од 167.671 евра.
Албанскиот политички блок во „единицата“ заедно „тежи“ 999.680 илјади евра
Апасиев пријавил, Исмаил и Карапејовски ги нема
Анкетниот лист на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев пријавил имот во вредност од 146.133 илјади евра. Неговиот партиски колега, Реџеп Исмаил кој исто така се избори за пратеничко столче во новиот парламентарен состав го нема во регистарот на ДКСК.
И Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ за наша Макеоднија го нема во регистарот на ДКСК.
Поради тоа што новиот пратеник Карапејовски досега не е бил избран на именувана функција, во регистарот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го нема неговиот анкетен лист.
Во нашето истражување ги анализиравме достапните анкетни листови на 15 од 20-те новоизбрани пратеници во новиот парламентарен состав. Сите заедно пријавиле имот вреден 3.815.069 илјади евра или во просек секој еден од нив вреди 254.337 илјади евра.