Вештачката интелигенција може значително да им ја олесни работата на новинарите преку брзо собирање и синтетизирање податоци, факти и аргументи, но не може да го замени она што е во сржта на професијата – способноста на новинарот да дојде до ексклузивна информација, оценува Бранко Ѓорѓевски, новинар во весникот „Вечер“.
Во интервју за СКУП, Ѓорѓевски вели дека содржините добиени со помош на ВИ не треба автоматски да се преземаат и објавуваат, бидејќи технологијата користи информации од интернет-просторот во кој има и неточни и манипулативни содржини.
Според него, проверката останува клучната задача на новинарот, без разлика дали станува збор за текст, податоци, фотографии или видеоснимки. Тој очекува употребата на ВИ во медиумите да расте, но верува дека суштинската новинарска работа ќе опстане.
СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско искуство поврзано со медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Бранко Ѓорѓевски: Вештачката интелигенција сигурно може многу да помогне во работата на новинарите. Ако една од важните работи во новинарството е да се обезбеди квалитетна и содржајна информација, тогаш е јасно дека вештачката интелигенција може многу да помогне.
Овде не мислам на најважниот аспект во работата на новинарите – да се биде ексклузивен со својата вест, прилог, фотографија и слично, што и натаму ќе остане предмет на индивидуалната снаодливост на новинарите и фоторепортерите.
Мислам првенствено на поткрепување на новинарските прилози со податоци, факти, аргументи, табели и слично, што е неопходно за еден ексклузивен и квалитетен прилог. Вештачката интелигенција на брз начин ги синтетизира и ни ги дава таквите податоци.
Но, тука е главниот предизвик – дали тие се вистинити и употребливи? Мислам дека тоа е главниот предизвик за секој новинар: дали добиените податоци од вештачката интелигенција може да се користат веднаш и без проверки?
Мислам дека не можат и дека се потребни дополнителни проверки.
Како што пребарувањето на „Гугл“ ни дава серија статии објавени на некоја тема и поврзани со клучниот збор на пребарувањето, така и вештачката интелигенција ги синтетизира објавените информации и ни ги дава во поедноставна форма.
Но, проверка на вистинитоста е потребна, со оглед на тоа што не може да му се верува на сè што е објавено во интернет-просторот. Таков е предизвикот и со фотографиите, снимките и слично. Сè треба да се проверува.
Како новинари, добро е да добиеме синтетизирани податоци за одредена тема, но по тоа мора да следува проверката.
СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со она што го нуди вештачката интелигенција?
Бранко Ѓорѓевски: Императив е етичкото и тоа мора да се почитува по секоја цена. Кодексот и другите акти јасно ја исцртуваат границата меѓу етичкото и неетичкото.
Тоа секогаш треба да се има на ум кога се користат содржините направени и добиени од вештачката интелигенција. Не би требало да има многу дилеми околу тоа каде се границите.
Етичкото и професионалното новинарство се едно исто – не може едното без другото.
Веќе од досегашните искуства се гледа дека се можни секакви злоупотреби и прекршувања на етичките и професионалните стандарди, фабрикување лажни вести, фотографии и слично, кои може да засегнат многу луѓе.
Тоа не смее да се дозволува, а патот до тоа е само во проверките и стриктното придржување до професионалните стандарди.
СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?
Бранко Ѓорѓевски: Може да им се верува онолку колку што сме убедени дека на интернет се наоѓаат само вистинити и објективни информации и податоци.
Добро знаеме дека не сме убедени во тоа и дека има море од лажни и манипулативни содржини.
Значи, не смееме премногу да им веруваме на генерираните содржини што ги добиваме од интернет. Повторувам, потребна е проверка на секој податок што веднаш ќе ви заличи на неверојатен.
А проверката прво треба да води кон сигурни и проверени извори на информации. Како новинари, мора да избереме каде ќе ги вршиме потребните проверки.
СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?
Бранко Ѓорѓевски: Брзината е императив, а во брзањето многу често се греши. Лично, сум правел новинарски грешки во брзање и жалам поради тоа.
Но, поривот да се биде ексклузивен ве тера да брзате и да не внимавате. Па, се случуваат грешки – од тоа да згрешите букви во насловот, па сè до грешки со податоците. Тогаш самите си ја упропастувате сопствената работа.
Да, брзината на информациите често оди на штета на квалитетот. Но, како да ѝ одолеете на суштината на новинарството – да бидете побрз од другите и да бидете прв и ексклузивен?
Тешко е тоа. Самоконтролата лесно попушта…
СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?
Бранко Ѓорѓевски: Ја гледам во иднината што ја имаат и сите други светски новинарства – во сè поголема примена на вештачката интелигенција.
Но, се надевам дека новинарите ќе преживеат, оти машините не можат да дознаваат ексклузивни работи.
Може да имате робот-водител кој ќе ги чита вестите што ќе ги синтетизира од интернет-медиумите, но она што е суштината на новинарството, се надевам, ќе опстане.
Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор. При изработка на овој текст се користени помошни ВИ-системи.





