Велешкиот воздух и почвите трајно „богати“ со метали

автор: Бојан Шашевски

Воздухот, почвата и зеленчукот во Велес се комплетно контаминирани со токсични метали! Последните истражувања на тимот на реномираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија покажуваат поразувачки резултати — луѓето околу згаснатата Топилница за олово и цинк и незаштитената депонија за трошка дишат воздух што е и над 10 пати над дозволеното, а јадат зеленчуци со присуство на тешки метали. Резултатите го потврдуваат децениското труење на градот во срцето на Македонија. Научниците и еколозите бараат институција што ќе подвлече строга линија, ќе го тргне зеленчукот од слободна продажба, ќе се произнесе со поеколошка алтернатива и ќе спроведе подолготраен проект против аерозагадувањето.

 

Trajce Stafilov2

Најзагрижувачки податоци се забележани во примероците од мов, од куќите и зеленчуците од Велес и Повардарјето. За да видиме каква е состојбата со загадувањето на воздухот, собравме примероци од 25 куќи од различни локации од Велес, три во близината на Башино Село, езерото Младост и три како контролна област од селото Извор. Беше собрана прашина од поткровните греди и куќна прашина собрана со пумпи – таа што ја вдишуваат луѓето. Средната вредност од содржината на кадмиум од гредите е незабележана во литературата! Дури 240 микрограми во килограм, а интервентната граница за почвите е 20! Таква прашина во просек постоела за овие 30-40 години, од почетокот на функционирањето на Топилницата, па до сега. Замислете што дишат велешани во моментов! Дури и селата до градот кадмиумот е релативно висок. Индиумот е дури потоксичен од кадмиумот. За него дозволената вредност е околу 0,5 микрограми а поткровната прашина покажа 1 милиграм, исто така во селата. Слична ситуација е и со оловото и цинкот“, вели проф. д-р Стафилов за „Инбокс7“.

 

Laboratorija

Локациите околу Топилницата се единствени површини за производство на зеленчук и овошје за велешани. Во близина е и депонијата на троска што е оставена на отворено, со 1,5 милиони тони отпад. Со розата на ветровите прашината се шири и кон Скопје и на југ. Велешкиот регион веќе 30 години е изложен на тешки метали, па последните истражувања докажуваат дека локалните почви се максимално „богати“ со  кадмиум, олово и цинк, кои влијаат и на кореновиот систем на зеленчуците. Максимално дозволената концентрација на кадмиум во зеленчуци е 0,05 милиграм во килограм, а средната вредност на последните истражувања покажаа пет пати повисоки резултати. Анализирани сеи 15-20 пати позагадени зеленчуци од дозволеното!

Анализирано присуство на кадмиум и олово во зелен лук и кромид од велешки бавчи
(Од трудот „Дистрибуција на тешки метали во некои зеленчуци произведени во близина на Топилницата за олово и цинк“ на Трајче Стафилов, Златко Панчевски, Катерина Бачева)

Зелен лук Зелен кромид *Макс. дозволено
ниво (мг/кг во зеленчук)
Бавчи 1 2 3 1 2 3 4
Состојба Миен Немиен Миен Немиен Миен Миен Немиен Миен Немиен Миен Миен
Сув
примерок/ Кадмиум (Cd)
1,16 1,49 0,60 0,71 2,70 0,77 0,94 2,13 2,18 2,66 0,92 0,3
Свежпримерок/ Кадмиум
(Cd)
0,12 0,15 0,06 0,07 0,28 0,09 0,08 0,21 0,21 0,26 00,9 0,05
Сув
примерок/ Олово
(Pb)
4,30 5,52 5,31 6,14 6,14 3,98 4,35 4,55 6,89 4,54 5,35 3
Свежпримерок/Олово
(Pb)
0,44 0,56 0,54 0,63 0,63 0,39 0,43 0,45 0,68 0,44 0,52 0,1

* Граничните вредности за присуство на кадмиум и олово во зеленчуци се утврдени во Правилник за општите барања за безбедност на храната (Службен весник на Р.М. бр. 118/2005 година). Надлежен орган – Агенција за храна и ветеринарство.

Примероците од последните истражувања утврдија, дека, практично, нема зеленчуци без високи концетрации на метали. Референтната граница за присуство на метали е надмината и во примероците од кромид, лук, марула, ротквица, брокула, цвекло, т.н. ледена свеќа… Ова е недопустливо. Ги мина и нашите очекувања. Ние сега подготвуваме и официјално да ги објавиме тие резултати. Станува збор и за миени зеленчуци без остатоци од земјена прашина. Ова значи, според нашиот Правилник за општите барања за безбедност на храната, зеленчуците од овој регион веднаш треба да се забранат за продажба и консумација! Се работи за почви кои се загадени со кадмиум, олово и цинк. Во држави кои се држат до регулативите, кога ќе видат вакво нешто, ќе речат „СТОП“ – тука нема одгледување на зеленчук и плаќаат оштета на земјоделците. Македонија има лимити за метали во зеленчуци, но, за жал, нема стандард за дозволени содржини во почвите, иако се неопходни и за ова укажуваме и до Министерствата… Затоа, ние користевме холандски параметри, веќе признати на ниво на Европа“, појаснува професорот Стафилов.

 

Анализирано количество метали во почви од четири локации во Велешко

Метал Локација 1 Локација 2 Локација 3 Локација 4 Референтна граница
(Холандски стандард)
Кадмиум
(Cd)
6,77 1,39 6,64 7,66 0,8
Олово
(Pb)
156 46 122 138 85
Цинк
(Zn)
231 65,3 206 229 140

 

 

Низ своите истражувања споменува и распределба на метали во медот. Од цела Македонија собрале 130 примероци, а 10 од Велешко. Во шест од велешките концетрацијата на кадмиум бега од границите. Толку била прашината „богата“ со тешки метали во периодот на цветање, па се одразува и на медот.

 

Карта на загаденост на почва Велес
Карта – Критична загаденост на површинскиот слој од почвата во Велес и неговата околина (дигитален теренски модел)

 

Судот во Стразбур да одлучува за еколошката неправда врз Велес

 

Igor Smilev

Игор Смилев

Според Игор Смилев, претседател на еколошката групација „Грин Пауер“, модерната историја не памети ваков брутален еколошки холокауст во кој настрадаа подеднакво и луѓето, воздухот и почвите во Велес. Уште дотолку загрижува неподносливата леснотија со која надлежните органи како еспресен воз поминуваат врз сите досегашни катастрофалните сознанија на реномираниот и наградуван Стафилов. Затоа, правда ќе бараат во Европскиот суд за човекови права.

Topilnica

Топилница Велес

Најмногу сме поразени од фактот што нема казнети, нема виновници, има само поразени и уништени судбини. Поради ваквиот зачудувачки и ригиден однос, правдата започнуваме да ја бараме низ алтернативните европски судови, со оглед дека македонските судови немаа доволно интелектуален, човечки и административен капацитет да го препознаат загадувањето. Во тек е подготовка на жалба до Стразбур, каде ќе се бара правда за историското загадување во Велес, кое за жал не доби праведна разрешница во македонските судови“, најавува Смилев за „Инбокс7“.

Смилев смета дека Велес го живее најтешкото време од неговото постоење. Под тоа подразбира екстремна и длабока сиромаштија, безнадежност и невработенст од библиски размери. Во таква ситуација е речиси невозможно да се влијае еколошки врз велешани, бидејќи последното парче зеленчук и овошје го продаваат за голо преживување. Според него, депонијата со троска (црниот рид) е детска болест во однос на тешко заболената велешка почва и зеленчук. Следниот период и официјално ќе бидат објавени податоците и резултатите од новата студија на тимот на Стафилов, па „Грин Пауер“ заедно со „Зелената коалиција“, англиската верзија ќе ја достави до сите европски еколошки центри.

Вистината е неумолива –  лукот и младиот кромид во Велес се „неколкукратно потешки“ од останатите сродни видови ширум Македонија. За исти пари, во Велес добиваш поголема „тежина“ благодарение на кадмиумот, цинкот и оловото . Можеби звучам цинично, но, не можам да се помирам со цинизмот и лицемерието на надлежните кои насекаде низ Европа ја промовираат Македонија како плодно тло за производство на здрава и органска храна, а од друга страна замолчуваат пред научни факти изнесени од најреномираната институција МАНУ. Екологијата е всушност дел од светото тројство на одржливиот развој заедно со економијата и социјалата. Нема одржливост на едно општество ако недостасува барем една од овие алки. Барем сега добро знаеме колку сме далеку од одржливо општество“, смета Смилев.

 

 

Низ Македонија  распространети 16 „жешки точки“
Стафилов потенцира дека моментално меѓу најпроблематичните жаришта е и депонијата во дворот на „Охис“. Таа е оставена на отворено и содржи 13.000 тони канцероген пестицид линдан, кој се сврзува со ПМ 10 честичките. Меѓу проблематичните „жешки точки“ е и поранешната „Југохром“ за производство на ферохром, сега феросилициум, скопската Железарница, но и отпадите од централите во Битола и Осломеј со големи количества на пепел, што, годишно, без заштита, депонираат по 1,3 тони отпад.

„Резултатите покажаа дека и во примероците од 2005 и 2010 година, асоцијациите на елементи со олово, цинк, кадмиум, антимон и понатаму доминираат во Велес, Скопје и Повардарјето, но се зголемиле и содржините во источна Македонија, бидејќи во тој период се реактивираа трите рудници „Тораница“, „Саса“ и „Злетово“. Количествата на отпадната јаловина околу „Бучим“, пак, се толку големи, што можат да се видат од „Google Earth“, вели Стафилов.
На многу места за распространувањето на металите влијаеле и природните геолошки процеси, речните сливови, розата на ветровите… Со биорасположливоста на металите во околината на рудникот „Алшар“ опстојуваат седум ендемски видови растенија – виоли. Се адаптирале на токсичните метали и развиле неверојатна апсорпциска способност. Тие се единствени во светот!

Геохемиски атлас за поефикасно справување со тешки метали
Сите наоди на Стафилов за тешките метали низ последните 10-ина години се поддржани од бројни домашни и странски научници, хемичари, геолози, биолози, професори… Тимот на Стафилов користи спектрометриски и радиоаналитички техники. Соработуваше и со Истражувачки институти од Романија, од Словенија, користеа и нуклеарен реактор од Институтот во Дубна, Русија. Формираната мрежа на податоци е продолжение на Студијата за индустриски отпад. Таа покажа дека земјава годишно генерира речиси 20 милиони тони ваков отпад, од кои 4,6 милиони тони, речиси четвртина, претставува отпад со штетни токсични материи!

Затоа, Стафилов ја потенцира и потребата за изработка на национален Геохемиски атлас.Овој документ ќе даде подетална слика, ќе ја содржи сета мрежа на досегашни податоци за дистрибуција на тешките метали. Тоа би била одлична геохемиска платформа, но научниците и Стафилов засега сами вложуваат за негова реализација, без ничија поддршка.

 

Trajce Stafilov

Трајче Стафилов

Сите европски држави веќе имаат Геохемиски атлас. За пример, пред пет години го завршија и објавија колегите од Хрватска од тамошниот Геолошки завод. Нашиот Геолошки завод го укинавме на почетокот на деведесеттите, сега повторно се активираше на административно ниво. Базата на информации се состои со дури 8.000 податоци за тешките метали, од кои 4.000 се од примероци почви, 800 се анализирани проби од мовови, различен вид на прашини, има и од храна… Со овој атлас државата ќе може да гради стратегии и спроведува мерки против загадувањето со металите по различни региони. Се надевам дека до летото ќе ги завршиме сите анализи, кои ги вршиме сами, без конкретна помош. Најголемиот дел од трошоците се наши, лични“, потенцира Стафилов, чиј тим зад себе има 50-ина научни трудови врзани за оваа прблематика.

 

„Арсена“ – гевгелиска вода со специјален токсичен додаток

Гевгеличани продолжуваат со притисок врз локалните власти, откако Центарот за јавно здравје во локалната вода утврди присуство на арсен од околу 15 микрограми на литар. Ова се 50 отсто поголеми концетрации на арсен од пропишаните граници во националниот Правилник за безбедност на вода.
Иницијативата „Арсена“ бараодговорност и поконтретни активности против арсенот. Општинското раководство не повлече забрана за пиење загадена вода, иако ваквите норми се пропишани и од Светската здравствена организација. Па, жителите од градот на казината и Русалиското оро бараат општина Гевгелија да се изградат нови експлотациски бунари, резервоари, или да се вложат 10-15 милиони евра за деарсенификација на изворот кај Моин.. Предлагаат општинскиот Совет да ја намали цената на водата на ниво на техничката вода, која граѓаните ќе ја користат единствено за хегиенски потреби.

Науката напреднала и констатирала дека 10 мг/кг се штетни по организмот на човекот. Ние како држава треба да се држиме до тие стандарди. Меѓутоа, поразително е што тие оние кои треба да ги спроведуваат стандардите, правилниците и законите, а тоа се институциите, јавното комунално претпријатие, локалните власти и совети не го партиципираат и дискутираат проблемот, и не сакаат да превземат мерки, да се најде решение“, рече Јованка Дојранлиева од иницијативата „Арсена“ на неодамнешна трибина.
Гевгеличани предлагаат и отворање на специјални продавници за набавка на пакувана вода по субвенционирана, набавна цена. Исто така, и на секоја сметка што ја праќа ЈП „Комуналец“ до потрошувачите на водоводот на Гевгелија, а која сите ја плаќаат, да биде отпечатена пораката „Водата не е за консумирање“. Ако се изнајде решение против големите количеста на отровниот арсен, гевгеличани сметаат дека ќе се намалат и локалните болести.

Арсенот е токсичен и влијае не само на рак на дојка, туку и на сите карциноми. И на белите дробови, и на ракот на дебелото црево и на сите органи. Затоа е најдобро таквата вода да не ја конзумирате. Да се изборите да биде прочистена. Јас во мојата област – рак на дојка, апсолутно имам зголемен број на пациенти.Значи, не само со рак на дојка, и во другите локализации бројот на пациенти со малигни заболувања од општина Гевгелија во последните неколку години е зголемен, И, тоа исклучиво многу помлади жени, помлади пациентки“, рече  проф. д-р Мери Пешевска од Институтот за онкологија на трибината.

Arsena


Професорот Трајче Стафилов потсетува дека гевгелиското присуство на арсен потекнува од вулканската ерупција што пред 5 милиони години настанала на месноста Алшар. Кога избила максимална арсенизација, под притисок се дистрибуирале минералите на арсен низ целиот Кожувски масив. Показателите се слични и на грчкото тло, но тоа не значи дека не треба да се реагира.
Во скопската вода неговата концентрација е под 0,1 микрограми на литар (под границата на детекциј)а, а во кавадаречката вода е 4 микрограми. Арсенот постои низводите низ регионот, но е далеку под гевгелиските вредности! Во рамките на европски проект пред пет години со студентите од сите поголеми градови собравме примероци вода. Земавме и од Гевгелија, а потврда за резултатите добив и од Берлин. Веднаш порачав да се бара алтернатива, нов извор, или забрана за пиење на водата.Градскиот завод за заштита е задолжен да анализира примероци. Ако во еден периметар се надминува границата од 10 микрограми, тогаш треба да се забрани за пиење! Ги објавивме резултатите и во списание, ги пратив и до Министерството за животна средина. Ја информиравме и општината Гевгелија, но застана таа работа…“, потенцира Стафилов.

 

Инаку, Арсенот е 20-иот елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. За импресионистите арсенот бил состојка на една посебно ценета боја – паришка зелена. Неговата токсичност го направи омилен дворски отров, со симптоми слични на колера, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, постојат и приврзаници на теорија за слична смрт и на императорот Наполеон Бонапарта… И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите. Арсенот е распространет по балканските почви, па со време е развиен т.н. балкански ендемизам на бубрежни болести. Арсенот е различно токсичен во храна, воздух и вода.

 

И кавадарчани изложени на тешки метали

Kavadarci

Тимот на Стафилов алармира и за загадувањето во Кавадарци, каде е сместена фабриката „Фени“. Работата на топилницата не влијае значително на содржините на никел во почвите, туку е поврзана со природниот процес на почвата, со геологијата на лежиштето. Највисоки вредности се од областа на палеозојски и мезозојски карпи, a вакви „богати“ зони со хром и никелова руда се регистрирани и во нагорната северна линија на Косово и Босна.Кадмиум, жива и олово во Кавадаречко повеќе содржат површинските отколку длабинските почви. Феномен е забележан по течението на Црна река, после браната на Тиквешко езеро. Таму има високи содржини на арсен, антимон и талиум. Научниците утврдија дека ова претставува антропогено загадување на речни наноси од рудникот „Алшар“. Иако е оддалечен 40-ина километри, сепак, реката Блашница се влева во Тиквешко, порано во Црна река, па тие наноси се пренесуваат и до овој регион. За наносите се претпоставува дека биле најинтензивни од активирањето на рудникот 1880 година, до неговото затворање низ Балканските војни.
Сепак, сакавме да утврдиме каква е состојбата со загадувањето на воздухот околу Кавадарци, бидејќи присуството на прашината е многу очигледна. Земени се 31 примерок од мов и анализирани се 47 елементи, па со статистичката обработката повторно се издвои асоцијацијата на никел и хром. Многу високи содржини на никел и до 400 микрограми на килограм. Кавадаречките села и градот „чуваат“ прашина со извонредно висока концентрација на никел, хром и кобалт“, вели професорот Стафилов.

Оставете коментар

коментар(и)