Филипче има зголемување на имотот од 160.000 евра за само две години. На заминување од функцијата министер за здравство, на крајот на 2021 година, Филипче тежел 690 илјади евра. Денес како пратеник на СДСМ тежи 850.000 евра без целосна вредност на пријавениот имот.
Пишува: Кристијан Трајчов
Пратеникот Венко Филипче и нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред една недела пријавил промена во неговиот имот.
Промената се совпаѓа со објавата на Исртажувачката репортерска лабораторија која најде бугарска фирма регистрирана во Петрич, а сопственички поврзана со Венко Филипче.
Фирмата се вика „Poweri8“, а нејасно е, што таа компанија работела до денес. Филипче за ИРЛ потврди дека има компанија во Бугарија, но заборавил да ја пријави во анкетниот лист.
Адресата на оваа фирма е на улица „Гоце Делчев“ број 12 во градот Петрич каде на истата адреса се водат повеќе компании во сопственост на братот и братучедите на поранешниот премиер – Вице, Трајче и Бобан Заеви.
Филипче поседува имот вреден 850,659 евра, сума која не е реална. Најпрво, тој поседува дури шест стана, сите во Скопје. Дури пет стана се во Карпош, а еден во Центар и сите станови се на негово име. Тој поседува едно моторно возило, како и брачниот другар. Тој има удели во дури четири компании со што вкупната вредност на неговиот имот е повисока бидејќи во анкетниот лист не се наведени вредностите на тие удели.
Исто така, тој и сопругата земаат плати каде висината на истите не е наведена.
Неговиот анкетен лист додека бил министер за здравство пак, покажува дека тој поседувал имот кој вредел 693,172 евра.
Тогаш Филипче на свое име пријавил куќа од 464 м2 во Скопје со проценета вредност на 27,8 милиони денари како и стан во главниот град од 130 м2 проценет на 7,8 милони денари стекнат како подарок.
На свое име пријавил дека поседува моторно возило „Мерцедес Бенз“. Поседувал и хартии од вредност за кои нема дадено податок за вредност, а стекнати се со договор за купопродажба.
На име заеднички имот пријавил уште еден стан во Скопје од 50 м2 стекнат со договор за купопродажба. На име на брачен другар Филипче пријавил две моторни возила марка, „Мерцедес Бенз“ и „Мазда 2“, стекнати со договор за купопродажба.
Во моментов тој е побогат за 157,487 евра споредбено со периодот кога бил министер.
Иако за време на ковид-пандемијата тој имаше репутација и уживаше доверба кај граѓаните, се падна во вода кога во неговиот мандат во модуларната болница во Тетово живи изгореа 14 луѓе.
Тој е македонски неврохирург, поранешен министер за здравство и нов претседател на СДСМ. Средното училиште го завршува во 1995 година. Венко Филипче дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2001 година. Неговата специјализација по неврохирургија започнала во 2003 а завршила во 2008 година. Во 2004 година бил избран за асистент на факултетот.
Магистериумот по неврохирургија го одбранил во 2011 година, а докторската дисертација, насловена „Евалуација на адекватен тајминг за третман на руптурирани интракранијални аневризми” во 2015 година.
Пред да стапи на министерската функција бил советник за здравство на претседателот на Владата и доцент на Медицинскиот факултет во Скопје.