“Од вкупно 1902 напишани вести, 955 биле превземени вести, додека 947 – оригинални. Овој податок дава до знаење дека во Македонија има голем проблем со оригиналноста на содржините кои се пласираат во јавноста”, истакна новинарот Џелал Незири, презентирајќи ги резултатите од анализата на 15 македонски медиуми на вчерашната Обука за организациско и професионално јакнење на веб порталите од Североисточниот регион на Македонија која се одржа во ГЕМ клубот во Скопје. Анализата, која траела една недела е спроведена од Центарот за развој на медиумите “Медиум”, а податоците кои се добиени, според организаторите, укажуваат на еден сериозен проблем со кој се соочува македонското веб новинарство.
Незири потенцираше: “Од овие 947 оригинални содржини, пак, веродостојни биле 943, додека 4 спаѓаат под лажни вести. Ова и не е така загрижувачки податок, но мора да се земе предвид фактот дека истражувањето е спроведено надвор од предизборен период, кој обично важи како период во кој бројот на лажни вести кои се дистрибуираат до јавноста е во пораст”. Овде беше споменат случајот со “фабриките” за лажни вести во Велес, кои до американската јавност пласираа лажни политички информации, за кои постои сомнеж дека помогнаа во изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Со ова се заокружи важноста на веродостојност и чесност при известувањето и пласирањето содржини на веб порталите.
Во однос на транспарентноста на истражените медиуми, Незири истакна дека, 64% од нив се сметаат за транспарентни медиуми, додека останатите се нетранспарентни или делумно транспарентни, односно, за нив или не постојат информации како телефон, адреса, сопственик и слично. Овој проблем е особено важен поради фактот дека веб порталите во Македонија не подлежат на истите законски акти како традиционалните весници, телевизии и радиото. Ова, според Незири, генерално, значи дека веб порталите, и покрај тоа што на некој начин се регулирани, сепак се една сива зона во која не постојат многу правила, па политичките партии често знаат да ги злоупотребуваат за сопствени интереси, без на крајот никој да сноси последици. Според Незири, податокот дека 6 од медиумите-испитаници имале негативен или крајно негативен пристап во известувањето, кон владејачката или опозициската структура, го потврдува ова тврдење.
На дебатата се дискутираше за тоа кои законски и уставни акти ги регулираат новите медиуми. Ова е од особена важност по податокот дека дури 75% од домаќинствата во Македонија имаат пристап до Интернет, со што, автоматски, имаат пристап и до веб порталите. “Многу од овие портали, не само од овие кои беа предмет на истражување, туку општо, се регистрирани на странски домени, со што се нарушува транспарентноста на медиумот како таков.”, истакна Незири.
На дебатата беше нагласено и дека потребата од една ваква обука произлегува од фактот дека се’ повеќе граѓани Интернетот го сметаат за примарна платформа за информирање, а бројот на веб портали секојдневно расте. Сепак, не сите од нив нудат квалитетни и веродостојни информации, а граѓаните имаат потешкотии детектирајќи ги малициозните содржини.
Коорганизаторот и сопственик на веб портал, Бардил Заими го истакна медиумскиот плурализам и демократизацијата на новинарството кои произлегуваат од веб порталите, како и фактот дека новинарите мора да се трудат да пласираат веродостојни и точни вести. Со ова започна и вториот дел на обуката, каде на присутните новинари им беа презентирани алатките за креирање на брза и точна вест која ќе го задржи вниманието на модерниот читач, а воедно ќе ја задржи и суштината. На крајот, преку конструктивна дебата, релевантни статистики и лични примери присутните новинари се стекнаа со поширока слика за состојбата на веб порталите во Македонија, и како самите тие можат истата да ја подобрат.
Инаку, шестчасовната обука се одвиваше на македонски и на албански јазик, а беше проследена од десетина новинари вработени во веб портали, како и неколкумина студенти.
Моника Себиќ
Сандра Никчевска