Власта носи пари, а за опозицијата „ трошки “

Владејачката СДСМ за двојно го зголемила буџетот споредено со 2016 година, за разлика од нивните политички опоненти, ВМРО-ДПМНЕ, кај која, пак, двојно се намалиле приходите во последниве четири години откако изгубија на парламентарните избори. Салдата растат и кај ДУИ и ДПА

ДОКУМЕНТИ

Пишува: Жаклина Хаџи-Зафирова

Две илјади и деветнаесетта година за некого заврши лошо, но некому му донесе насмевка на лицето. Вака накратко може да се опише чувството кога ќе се погледнат завршните сметки на најголемите партии во земјава. Владејачката СДСМ за двојно го зголемила буџетот споредено со 2016 година, за разлика од нивните политички опоненти, ВМРО-ДПМНЕ, кај кои, пак, двојно се намалиле приходите во последниве четири години откако изгубија на парламентарните избори. Но, ова не е единственото поле на кое во последниве години губи партијата на Мицковски. Поголемиот дел од нивниот имот е замрзнат поради судски процеси, а самиот Мицковски вели дека во партијата оди од ентузијазам бидејќи работи „волонтерски“.

Изборите за некого позитивна, за други негативна пресвртница

Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија ги доби завршните сметки на четирите најголеми партии во земјава, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Според нив, владејачката СДСМ ги зголемила своите приходи од 76 милиони денари во 2016 година на нешто повеќе од 136 милиони денари во 2019 година или околу 2 милиони евра, што е двојно повеќе. Пониски приходи партијата имала во 2017 година, но оттогаш нивните приходи постојано растат. Како приходи од членарини, подароци, донации и приходи од други извори, СДСМ во 2016 пријавиле повеќе од 44 милиони, следната 2017 година повеќе од 48 милиони денари, а следната 2018 година овие приходи се намалиле тројно, за минатата 2019 година да се симнат на најмалото можно ниво за последните 4 години-на нешто повеќе од 16 милиони денари.

Салдото расте и кај ДУИ. Во 2016 година имале 23 милиони денари, а минатата година ја заокружиле со приходи од 60.583 милиони денари. Кај ДУИ од 3 милиони денари од членарини и донации во 2016 година, овие приходи пораснале на над 8 милиони во 2019 година.

Нагорна линија има и кај ДПА, која во 2016 година имала над 7 милиони денари, а ланската 2019 година нивното салдо пораснало за скоро милион денари и изнесува 8.3 милиони денари. Раст имаат и кај приходите од членарини и донации, од 6,7 милиони денари во 2016 година на 8,3 милиони лани.

За разлика од претходните партии, салдото на ВМРО-ДПМНЕ постојано оди надолу. Па така, од 261 милиони денари во 2016 година, приходите на најголемата опозициска партија во 2019 година се свеле на 102 милиони денари.

И ВМРО-ДПМНЕ лани имале најмалку приходи од членарини и донации во споредба со последните 4 години, вкупно 88 милиони денари, што е двојно помалку од приходите кои по овој основ ги имале во 2016 година.

„Генерално работата на партиите е нетранспарентна. Ние се уште и по три децении и покрај сите истражувања за спрегите помеѓу крупниот бизнис или таканаречените олигарси и партиите, не можеме да видиме донатор на партија од фирмите. Пред да се овозможи државно финансирање, партиите нелегалните пари дадени во кеш ги легализираа преку донации на физички лица. Тоа беше пракса на ВМРО ДПМНЕ, пракса која што ја прегрна и СДСМ по локалните избори во 2017. Сега имаат толку државни пари на располагање што е многу полесно да изменаџираат нелегалните текови ако ги има“, вели долгогодишната истражувачка новинарка, Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која подолго време го следи финансирањето на политичките партии. Според неа, нетранспарентен бил и начинот на кој бил донесен Законот за финансирање на партиите.

„Кога се носеше овој закон за финансирање на партиите, ниту еден друг општествен чинител не беше прашан за ништо. Едноставно, на лидерска средба двајцата лидери од македонскиот блок, Мицковки и Заев, во партиски преговори, а не во Парламентот, на некакви полноќни средби по клубови и кафеани, си направија самите закон за финансирање на партиите. Интересите по ова прашање секогаш биле цврсто бранети, а цената за тоа е транспарентноста. На крајот на денот, приказната за финансиското и материјално работење на партиите се потпира на матни пракси и неказнивост и отсуство на било каков граѓански надзор и контрола “смета Цветковска.

Приходите од кирија помали од платите

СДСМ најголемите приходи од кирија ги пријавила во 2016 година, кога има остварено 599.530 денари или скоро 10.000 евра.
Фото: Фејсбук

Она што е интересно за најголемата владејачка партија, СДСМ, е што најголемите приходи од кирија ги пријавила во 2016 година, кога има остварено 599.530 денари или скоро 10.000 евра. Но, како поминувале годините, така и се намалувале драстично нивните приходи по овој основ. Па така, во 2017 година имаат пријавено 250.000 денари, следната година само 40.000, додека за лани пријавиле дека немале приходи по овој основ. Од друга страна, износот за плати растел. Во 2016 година издвојувале 6,4 милиони денари за плати, кој износ лани достигнал сума од 8,4 милиони денари.

Приходите од кирија кај нивните политички опоненти, ВМРО-ДПМНЕ се движат околу 740.000 денари на годишно ниво за последниве 4 години, но и кај нив износот за плати се зголемувал од година во година. Од 2,6 милиони денари во 2016 година до 7,7 милиони денари лани.

ДУИ како приходи од кирии во 2016 година имала над 242.000 денари, кој износ се зголемил последните 4 години, а лани достигнал десеткратно поголема сума споредено со 2016 година и изнесува 2, 1 милиони денари. Партијата не пријавила дека има обврски по основ на плати.

ДПА нема приходи од кирии и закупнини во последниве 4 години. Но, од друга страна од 18.000 денари како обврска за плата во 2017 година, во 2018 и 2019 година имале издвоено 234.000 денари по основ за плати.

Од погледот во Белата палата до четирите ѕида во судот

ВМРО-ДПМНЕ сега нема многу со што би можела да се пофали, од гледна точка на активен имот кој е заведен во Агенцијата за катастар на недвижности.
Фото: Фејсбук

Според истражувањето на СКУП, партијата на Мицковски пред само неколку години беше окарактеризирана како една од најбогатите партии во Европа. Но, ВМРО-ДПМНЕ сега нема многу со што би можела да се пофали, од гледна точка на активен имот кој е заведен во Агенцијата за катастар на недвижности. Партијата не може да располага со најголем дел од својот имот кој е замрзнат поради судските процеси поврзани со случајот „Талир“, каде обвинети се поголем дел од поранешното раководство на партијата. Исклучок од ова е станот од 162 квадратни метри во Охрид кој партијата го издава на ДТУ „Нино Охрид“ ДОО за 12000 евра за период од 5 години. Договорот е склучен во 2016 година и би требало да заврши следната 2021 година.

Во изминативе четири години, партијата продала стан во скопската населба Кисела Вода, како и мал дел од земјиштето со кое располага, но најголемата промена е забележана во 2018 година, кога е склучен договор за купопродажба на недвижен имот. Оваа промена е заведена во новиот имотен лист со број 111278, кој не постоеше во списокот на имотни листови со кои располагаше ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Во имотниот лист стои дека поголем дел од земјиштето каде се наоѓа партиското седиште се наоѓа во рацете на градежната фирма Бетон-Скопје, која и ја гради таканаречената Бела палата. Партијата го заложила под хипотека овој имот кај Комерцијална банка за 3 милиони евра кредит, но и тој, како и партиското седиште е замрзнат од страна на Основниот суд Скопје 1 во Скопје.

И СДСМ имаат хипотека. Партиското седиште на „Бихаќка “е заложено за хипотекарен кредит во износ од 1.6 милиони евра кај Комерцијална банка од април 2011 година. Сепак, за разлика од 2016 година, кога имале 14 имотни листови, сега во имотното конто на партијата има два помалку. Го нема веќе објектот на партиското седиште на локалниот огранок на партијата во Струга, каде делеле простор во зграда заедно со Социјалистичката партија, Советот на Сојузот на синдикатите на општината, како и со имот кој се води на државата.

Партиското име не стои веќе како сопственик ниту на имотниот лист на имотот од над 500 квадратни метри кој го имале во Битола.

Кај ДУИ-статус кво. Додека, се уште нема промена во однос на податоците кои ги побаравме за ДПА, бидејќи наместо за оваа партија повторно ни беа дадени податоците за политичката партија НДП-во тетовско Селце.

Порано донатори, а сега касата се полни од буџетот

Од податоците кои ИРЛ ги објави повикувајќи се на Министерството за правда, вкупно 4.583.000 евра им се исплатени на партиите, а тие треба да добијат и дополнителни 319.800 евра за партиско-аналитичките центри.

Финансирањето на партиите отсекогаш била болна тема посебно за политичките субјекти. Тоа се покажа и сега, за време на кризата со Корона вирусот, кога дел од партиите се уште се двоумат дали да се откажат од делот што им припаѓа од буџетот за да и помогнат на државата да се справи со опасниот вирус.

Според најновото истражување на Истражувачката лабораторија ИРЛ, објавено на крајот од март годинава, 39 партии добиле пари од буџетот според Законот за финансирање на политичките партии. Од податоците кои ИРЛ ги објави повикувајќи се на Министерството за правда, вкупно 4.583.000 евра им се исплатени на партиите, а тие треба да добијат и дополнителни 319.800 евра за партиско-аналитичките центри.

„Најмногу пари од државната каса им се поделија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците добила 245.000 евра“, се вели во истражувањето на ИРЛ.

Според измените во Законот за финансирање на партиите, изгласани во 2018 година, партиите, наместо 0,06 отсто, ќе добиваат 0,15 отсто од буџетот. Триесет отсто од средствата се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните парламентарни или локални избори. Додека, 70% од парите се доделуваат на партиите според бројот на освоените мандати во Собранието или пак советнички места во општините.

Со измените се намалува сумата за донации, односно правните лица повеќе нема да можат да издвојуваат за партиите 150, туку се ограничени на 60 просечни плати.  Што се однесува до физичките лица, тие ќе можат да донираат наместо досегашните 75 просечни плати, до 30 просечни плати. Партиите ќе можат да земаат и кредити, како и да поседуваат земјиште, што порано им беше забрането со закон.

Партиски финансии под лупа на ревизорите

ДЗР укажува на неправилности во финансирањето на политичките партии

Финансиско-материјалното работење на партиите е проблем кој го детектирале ревизорите и тоа во истата година кога се донесени законските измени за финансирање на партиите.

Во ревизорскиот извештај за следење на препораките кај СДСМ објавен лани, се вели дека „ во однос на препораката за допрецизирање на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечните уплати на средства по основ на членарина не се преземени мерки и активности за спроведување на истата“. Поточно, ревизорите имале забелешка на тоа што наместо средствата од членарина да се уплатуваат поединечно, тие се уплатувале збирно.

„Со извршениот увид во документацијата за начинот на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина, ревизијата утврди дека констатираната состојба во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2016 година не е променета, односно врз основа на донесените интерни акти на партијата, средствата за месечна членарина од секоја општинска организација, се уплатуваат директно на трансакциска сметка на партијата во вкупен износ за сите поединечни уплати“, се вели во ревизорскиот извештај за СДСМ. Во извештајот исто така се бара и прецизирање на сопственичкиот статус на објектите кои СДСМ ги наследила како правен наследник на Сојузот на комунисти.

Ревизорите утврдиле недостатоци и во водењето на евиденцијата на стварите и паричните средства и кај ВМРО-ДПМНЕ. Во последниот извештај за следење на препораките од наодите кај ВМРО-ДПМНЕ објавен лани, утврдени се недостатоци. Поточно, се наведува дека „сметководствените трансакции треба да бидат поткрепени со комплетна и уредна документација“. „Во делот на утврдената состојба за евидентираните обврски за извршените услуги, врз основа на договори без доставени фактури, утврдивме дека препораката е делумно спроведена, односно обезбедена е фактура само за дел од извршените работи, додека за делот за кој не е обезбедена фактура, од страна на субјектот дадено е образложение дека истите не можат да воспостават контакт со добавувачот, што влијае на потврдување на искажаните податоци за наведената обврска во финансиските извештаи“.

Истите забелешки ревизорите ги утврдиле и кај наодите за Демократската унија за интеграција. Во ревизорскиот извештај објавен лани, се вели:

„Партијата има преземено активности за поткрепување на дел од фактурите од добавувачите со комплетна документација за набавените стоки, услуги и работи, додека за дел не е обезбедена поткрепувачка документација. Од страна на субјектот дадено е образложение дека истите не можат да воспостават контакт со добавувачот што влијае на потврдување на искажаните податоци за наведената обврска во финансиските извештаи“, се наведува во извештајот, во кој исто така се наведуваат серија забелешки дека недостига попис на недвижен имот, како и возилата со кој располага партијата.

И кај ДПА, последниот извештај за редовно работење објавен во 2018 година, покажува „несоодветно благајничко работење“, како и серија други забелешки за работењето на партијата.

“Носењето на законот за финансирање на политичките партии беше со идеја да ја намали корупцијата во земјава“, вели истражувачкиот новинар Горан Лефков, кој со години го следи финансирањето на политичките партии. Според него, најголеми извори на корупцијата кај нас се политичките партии.

„Нивното финансирање бодеше во очи, бидејќи не беше соодветно решено и на партиите во опозиција не им оставаше многу простор за финансирање. Начините на функционирање на власта секогаш беа такви што ги уценуваа финансиерите на опозицијата што предизвикуваше сериозни финансиски проблеми за партиите во опозиција. Ваквиот начин на финансирање на политичките партии остава поголема финансиска слобода. Се надеваме дека политичките партии нема да бидат ставени во позиција да ветуваат коруптивни активности на финансиери на партијата за да можат да ја тераат кампањата“, смета тој. Лефков нагласува дека треба да се постави построга регулација околу трошењето на државните пари во партиите.

И додека партиите тврдат дека транспарентноста во нивното финансирање е на досега највисоко ниво, сепак, останува главната забелешка во јавноста дека не е доволно познато како и на кој начин партиите ги полнат своите каси.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција вклучува 18 граѓански организации кои работат на поголема вклученост и влијание во борбата против корупцијата во Република Северна Македонија.

Оставете коментар

коментар(и)