Автори: Ива Андреевска и Сандра Никчевска
Пред Делхи и Калкута во Индија, Лахор во Пакистан, Улан Батор во Монголија, Ченгду и Пекинг во Кина. Скопје повторно е на врвот на светската листа според загаденоста на воздухот. Кон крајот на скоро секоја година загрижени граѓани протестираат и бараат решение за проблемот со загадувањето, кои според нив е на ниво на труење.
Но, институциите имаат еден ист одговор – нема магично стапче за решавање на проблемот.
Додека жителите на Брисел, Лисабон, Будимпешта, Прага и Загреб дишат најчист воздух, официјалните податоци покажуваат дека во македонската метропола загаденоста стана алармантна. Во текот на декември 2017 година, само 5-7 дена во Скопје нивото загаденоста на воздухот е на дозволеното ниво.
Докторот Милан Ристески вели дека честичките ПМ10 и ПМ2,5 од Светската здравствена организација се класифицирани во Група 1 на канцерогени честички.
„Односно, честички со силно канцерогено дејство. Доколку нивото на ПМ10 во воздухот се зголеми за само 10 микрограми на метар кубен, за 22% би пораснала можноста бројот на вкупни случаи на карцином на бели дробови да се зголеми. Покачувањето за 10 микрограми на метар кубен на ПМ2,5 со себе носи можност за покачување на случаите на рак на бели дробови за 36%“, вели тој.
КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ЗАГАДУВАЧИ НА ГЛАВНИОТ ГРАД?
Истражувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање за изворите на загадување, спроведено на над 5.000 скопски домаќинства, покажало дека загревањето на домовите е најголемиот извор на загадувањето. Согласно тоа, се направија планови за конкретни акции се со цел до 2022 година, со паралелни акции меѓу градот и скопските општини, да се направат чекори кон намалување на загадувањето.
Мерката за субвенционирање на печки на пелети се испостави како доста успешна, поради тоа што, најголемиот број на граѓани кои аплицираат за печките, доаѓаат од општините кои највеќе придонесуваат кон загадувањето на воздухот.
Само 21% од скопските домаќинства се приклучени на централното, градско греење. 45% го користат дрвото како примарно средство за загревање.
Во скопските населби Петровец, Сопиште, Шуто Оризари, Сарај, Арачиново и Чучер Сандево нема ниту едно домаќинство поврзано на градското греење, односно, мрежата на топлификација вооппто не стига до овие граѓани. Аеродром, Центар и Карпош се општините кои имаат најголем процент домаќинства поврзани на градското парно, а со тоа и најмал процент на домаќинства кои се греат на дрва.
Во општините како Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба, има приклучени граѓани на градската топлификациска мрежа, но тој процент не надминува 18%.
На градско ниво, над 90% од домовите во Скопје или воопшто немаат, или термичката изолација која ја поседуваат не е доволно добра.
„Аерозагадувањето како тивок убиец е причина за смрт на 7 милиони луѓе годишно. Претставува најсмртоносен еколошки проблем во светот според извештајот од Светската здравствена организација (WHO) од 2014-та година. Долготрајна инхалација на разни физички, хемиски или биолошки агенси кои ги менуваат природните атмосферски карактеристики може да го загрози човековото здравје, афектирајќи го респираторниот, имуниот систем, појава на алергиски реакции, срцеви болести, мозочен удар, канцероген ефект“, вели во интервјуто за СКУП д-р. Даниела Буклиоска Илиевска.
ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ, ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ КРЕВААТ РАМЕНИЦИ
Граѓаните на Скопје реагираат и на социјалните мрежи, каде повикуваат на протести за да се притиснат надлежните да работат на долгорочно решавање на проблемот.
„Јасно е што е проблемот, уништени зелени површини, на нивно место дигнати зградишта, изградени на непланирани места за станбени објекти“.
„Блокиран е ’провевот’ на воздух низ населбите, нема веќе ветер како што имаше порано (а да се земе предвид дека порано работеа повеќе фабрики, плус возилата си беа со ’стариот’ квалитет, а не како сега модерните по сите, наводно еколошки стандарди)… Од сите страни, почнувајќи од градски ѕид, па сè до Влае сме загушени“.
„Затоа е воздухот ваков каков што е. Само, кога ќе им стане јасно дека сите сме во исти бубањ и дека сите го јадеме…“
„Не е дека ова тврдење не е точно, туку загадувањето од посочените причини е сосема маргинално во однос на она примарното“!
„А одговорот е толку прост! Во 2011 дадени се под концесија 20 депонии на странски фирми! И оттогаш почнува оваа голгота. Се знае кој ги држи отпадите по Европа! Згора на тоа, променет е Царинскиот законик, па сега е дозволен увоз на отпад! Па, луѓето се фрлиле на работа, увезуваат опасен отпад од цела ЕУ и тука го горат“!
Петре Шилегов, градоначалник на Скопје, вели дека овој проблем не може да се реши брзо.
„Постапката за чиста животна средина и чист воздух не е процес што се одвива брзо. Процесот е комплексен и бара огромна посветеност од сите граѓани да се откажат од своите негативни навики. Како некопи од мерките се и контролите врз депонијата „Дрисла“, понагласена активност на инспекторите , казни за несовесните и за прекршителите на законот, субвенции за граѓаните“, вели тој.
Софија Богева, консултант за иновации и координатор на град Скопје, вели дека загревањето на домаќинствата во Скопје е најголемиот извор на загадувањето на воздухот, со најмалку 30% од вкупните емисии на токсични честички.
Изнаоѓање на решенија кои ќе помогнат да се намали загадувањето и да се изработат успешни политики и мерки во многу зависат и од расположливоста на примарни податоци собрани на терен од кои ќе се согледа фактичката состојба. Бидејќи досега спроведените анкети за начините на греење во Скопје не овозможуваа соодветни анализи и креирање на политики на микро ниво, УНДП во соработка со град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање во Јануари 2017 спроведе сеопфатно истражување за начините на греење во Скопје во кое се опфатени се 5,044 домаќинства во сите 17 урбани и рурални општини во Скопската котлина. Овој примерок е репрезентативен и овозможува анализи на податоците на ниво на општина, или дури и населба. Извештајот од истражувањето “#Скопјесезагрева” може да се најде овде или на веб страната https://skopjesezagreva.mk/, вели Богева.
Врз основа на истражувањето беше изработен Патоказ за намалување на загадувањето од греењето 2017-2025 кој може да се најде овде со чија реализација може да се оствари намалување на загадувањето до 62% до 2025 година.
Истражувањето дополнително покажува дека само 21% од домаќинствата се приклучени на системите за централно греење, додека дури 45% од домаќинствата ги загреваат своите домови со огревно дрво.
“Мерката за субвенционирање на печки на пелети која беше спроведена од Град Скопје се испостави како доста успешна со оглед на фактот дека најголемиот број на граѓани кои аплицираат за печките поминуваат од дрво на пелети и доаѓаат од општините кои највеќе придонесуваат кон загадувањето на воздухот”, појаснува Богева.
ОД ЗАГАДУВАЊЕТО ГОДИШНО УМИРААТ 1.350 ЛУЃЕ
СКУП во јануари годинава сними и емитуваше документарен телевизиски филм токму за квалитетот на воздухот, и воопшто, за загаденоста на главниот град на земјава. Скопјани меѓутоа и оваа зима ја дочека во истиот можеби и во полош еколошки амбиент.
Оттогаш досега, и покрај политичките ветувања за сет интервентни мерки како што се гасификација, урбанизација, субвенции за палети наместо јаглен, ефикасни филтри на фабричките оџаци, инспекциски контроли по многуте евидентирани загадувачи, уште истиот еколошки нездрав скопски амбиент.
„Штетните влијанија од аерозагадувањето за децата почнуваат уште пред раѓањето. Нивото на оштетување на плодот зависи од нивото на загадување на кое е изложена мајката во текот на бременоста, како и од хемискиот состав на загадувањето. Некои од последиците кои резултираат од загадувањето се намалена развиеност на белите дробови, ослабен имунолошки систем, со што и подложност на децата за понатамошни, сериозни болести“, вели во документарниот филм Проф. Д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.
Инциденцата на карцином на бели дробови има епидемиски размери, е во постојан пораст и претставува најчеста причина за смрт од малигни болести во светот.
ЗАГАДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ – ГЕОПОЛИТИЧКИ ПРОБЛЕМ
За загадениот скопски воздух реагираа и амбасадите на САД и на Руската федерација. Двете амбасади разменија пораки преку„Твитер“. Американците побараа мерки Русите пратија „инвестициски“ предлог.
ГРАЃАНИТЕ ВО СТРАВ ОД БОЛЕСТИ
СКУП спроведе интернет анкета со граѓаните на Скопје, кои се едногласни дека во овој период на годината дишат нечист воздух, кој лошо влијае врз нивното здравје. За да се намали загадувањето во Македонија, тие предлагаат итни мерки и едукација.
На прашањето „колку е чист и здрав воздухот што го дишиме?“, скоро 100 проценти одговориле дека воздухот е „нездрав и нечист“.
Ист процент на анкетираните сметаат дека надлежните не превземаат соодветни мерки за намалување на загадувањето.
Тие повикуваат да се превземаат конкретни мерки за намалување на загадувањето, како:
„Пошумување, засилени и редовни контроли, високи казни за загадувачите, приклучување на сите граѓани кон градска топлификација, субвенции за електрични автомобили, намалување на бројот на стари моторни возила, филтри на оџаците, бесплатен јавен превоз во критичното време од годината, користење на обновлива енергија.“
Даниела Буклиоска Илиевска, експерт: загадувањето е тивок убиец на 7 милиони луѓе годишно
СКУП: Кои се последиците врз здравјето на луѓето кои се должат на загадувањето на воздухот?
БУКЛИОСКА ИЛИЕВСКА: Аерозагадувањето како тивок убиец е причина за смрт на 7 милиони луѓе годишно. Претставува најсмртоносен еколошки проблем во светот според извештајот од Светската здравствена организација (WHO) од 2014-та година. Долготрајна инхалација на разни физички, хемиски или биолошки агенси кои ги менуваат природните атмосферски карактеристики може да го загрози човековото здравје, афектирајќи го респираторниот, имуниот систем, појава на алергиски реакции, срцеви болести, мозочен удар, канцероген ефект.
Респираторниот систем како главна влезна врата на токсичните нокси е најчесто засегнат со чувство на отежнато дишење (диспнеа), свирење во градите (визинг), замор, намалена толеранција на напор, зголемен ризик за респираторни инфекции и карцином на бели дробови. Од срцевите манифестации доминираат исхемични срцеви болести (акутен миокарден инфаркт) и аритмии.
Експозиција на аерозагадување уште од рана детска возраст предизвикува нарушување во краткотрајната меморија, отежнато учење, зголемена импулсивност и промени во мозочното ткиво како кај болни од шизофренија и аутизам. Последица од аерозагадувањето е зголемена употреба на лекови, лекарски посети, потреба од болничко лекување, предвремено породување и ниска родилна тежина кај новороденчињата. Индивидуалниот ефект на аерозагадувачите зависи од типот на загадувачот, времето и интензитетот на експозиција, здравствениот статус и генетската предиспозиција.
СКУП:Кои групи граѓани се најподложни на здравствени проблеми што произлегуваат од загаденоста?
БУКЛИОСКА ИЛИЕВСКА: Најранливи групи се пациенти со хронични болести на белите дробови, особено болни со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), астма, цистичнафиброза, пушачи, новороденчиња, деца, бремени жени и стари лица. Машкиот пол е повулнерабилен на ефектите од аерозагадувањето во споредба со женскиот.
Што можат граѓаните да направат за да се заштитат од штетните честички?
БУКЛИОСКА ИЛИЕВСКА: Најпрво е собирање информации за степенот и изворот на загадување во областа на живеење, престој во затворени простории каде што нема внатрешно загадување предизвикано од греење и готвење, во период од денот кога е најголема концентрацијата на загадувачи, одржување на хигиената во домот, поставување на филтри за прочистување на воздухот, инсталирање на соларни, користење на велосипед или пешачење по посебни патеки со цел да се избегне сообраќаен метеж, употреба на јавен превоз, избегнување престој во простории каде што се пуши, редовно менување на филтрите во клима уредите, замена на греењето со дрва со еколошки извори на топлина, носење на заштитни маски, одгледување растенија, внес на храна богата со витамини и минерали, особено со витамин А, Ц, Е и бета каротен.
Регистрирате ли пораст на белодробни заболувања кај пациентите во последните години?
БУКЛИОСКА ИЛИЕВСКА: Правопропорционално расте бројот на амбулантски прегледи и хоспитално лекувани болни поради акутни белодробни инфекции или влошување на хронична белодробна болест, со пик во доцните есенски и зимски месеци.
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.