Вода за струја има, за пиење нема

Горан Лефков

Блатец е познато село во Виничко. Прекрасно место во подножјето на Плачковица. Убави шуми, недопрена природа, убави реки, два рибни ресторани. Оваа убавина на природата сакаат да ја уништат грст профитери. Државата им дала на приватни компании концесија да им ја зафатат водата и да прават профит.

„Ова е мала река. Има мал проток на вода и во лето е уште помал. Со зафаќањето на водите за хидроцентрала, нам ќе ни ја земат водата за пиење, вели Блаже Анакиевски, активист на одборот за спас на Блатешка река.

Тој додава дека компанијата инвеститор веќе доаѓала на терен, но граѓаните се спротивставиле на изградбата на оваа мала хидроелектрана.

Тие не сакаат да никне хидроелектрана од две причини. Прво ќе им ја зафатат водата, второ и тоа што ќе остане ќе ја загадат и ќе го уништат живиот свет.

Единствената разлика помеѓу електраната во Блатец и малата хидро електрана во селото Локвица во Македонски Брод е што во Лонвица е веќе изградена, додека во Блатец, не е ниту почната да се гради.

Истражувањето на СКУП Македонија покажа дека водата за пиење на жителите на селото Локвица, брутално им е одземена од пред нос.

„То извор што даваше вода за Локвица, Советот на општина Брод, потпишал некој документ и го дал на Централава. Со тоа нас изворот ни го одземаат. Ни даваат 3 литри во секунда, и тие три литри, неколку пати одиме, не течат по цревото, нема мерач, не течат. Ние го подигаме цревото со шипка, црево има наместено, ама нема проток низ цревото“, вели Милислав Војчески, жител на село Локвица, Македонски Брод.

Тој додава дека порано имале многу повеќе вода.

„Имаме големи маки со водата за пиење. Откако ја изградија малата хидроцентрала во селото Вир, ја зафатија водата и сега немаме вода за пиење. Има мало подобрување откако дојде новиот градоначалник на Македонски Брод, ама јас живеам во повисокиот дел на селото и немам доволен притисок на водата“, вели Гоце, жител на Локвица.

Зоран Тодоров, претседател на граѓанската иницијатива за Здрав живот во Кочани истотака потенцира дека нема да се согласат да се гради хидроелектрана на Кочанска река.

„Ние сме против изградбаата на мали хидроелектрани. Тоа ќе ни ги уништи природните убавини во близина на Кочани“, вели Тодоров.

Скоро да нема мала хидроелектрана во Северна Македонија каде нема реакција на граѓаните.

Штетите по живиот свет се огромни

Според истражувањата направени во 2017 година се дошло до сознание дека овие хидроцентрали целосно го уништува био-диверзитетот на реката. Една мала хидроцентрала може да предизвика и цела еко катастрофа особено во заштитените подрачја, потенцираат екологистите.

„Буквално малата хидроелектрана прави сегменти од реката со тоа што имаме еден сегмент на реката пред зафатот кој е во еколошка солидна состојба, таму се пронаоѓаат  и ретки ендемични видови. Значи еколошкиот статус е многу добар солиден пред зафатот. По зафатот значи каде реката всушност се прекинува до техничката зграда каде што водата повторно се испушта преку цевки во реката  имаме една состојба на еко-катастрофа каде што немаме богат биодиверзитет, најчесто станува збор за суводолица затоа што нема вода има појава на алги и габи кои не се својствени за реката и едноставно нема живот“, вели Ана Чоловиќ Лешовска, од невладината организација Еко Свест.

Местата каде што се градат хидроцентралите се недопрена природа, додава Лешоска и при изградбата на овие објекти за да се направи пристапен пат се сече голем дел од шумата што дополнително овозможува и илегално сечење дрва. Особено голем проблем е што во нашава земја не постои законска регулатива која ќе ги обврзе произведувачите на електрична енергија да задржат еколошки проток на реката. Големо влијание малите хидроцентрали имаат и врз мрестењето на рибите, но исто така и врз целата еко средина околу неа.

„Поради зафатот и поради суводолицата автоматски е оневозможено нивното мрестење. Се знае дека рибите се мрестат во горните речни текови и тие мора да патуваат нагоре по реката за да може да се мрестат во најнедопрените делови од реката. Зафатот, суводолицата и препреките кои се всушност тука им оневозможуваат на рибите да отидат нагоре. Тоа го увидовме најмногу во случајот со преспанската пастрмка која има многу големи проблеми за популацијата во последно време популацијата е многу опадната поради фактот што на сите реки каде што таа се мрести и нивните притоки имаме хидроелектрани“, вели Лешовска.

Прашањето со малите хидроцентрали беше нотирано и во Извештајот на Европската комисија каде беше нагласена препораката за користење на обновливи извори на енергии наместо се почесто случаи со изградба на вакви хидроцентрали кои имаат огромно негативно влијание врз еколошката средина. Македонија има голем број сончеви денови годишно, но на овој план се уште нема ништо.

Малите хидроелектрани ја уништуваат животната средина на Балканот, ги пресушуваат малите реки и го уништуваат живиот свет во планините.

Бојан Трпевски, Здружение на млади правници.

„Малите хидроелектрани учествуваат со само 4% од вкупното производство на струја во земјава. Околу 41 милион евра се исплатени на сопствениците на мали хидроелектрани кои имаат повластени тарифи. Штетите од нив се огромни“, вели Трпевски.

Политичарите и бизнисмените со најмногу хидроелектрани

Кочо Анѓушев, Христијан Мицковски и уште некои бизнисмени од буџетот наплаќаат по неколку милиони евра за субвенции, се наведува во извештајот на Банк воч од Австрија. Така 70% од субвенциите за обновливи извори на енергија, заминале кај сопствениците на мали хидроелектрани.

 Од 2009 година досега повеќе од 380 мали хидроелектрани беа изградени на Балканот. Во Македонија во 2009 година имало само 17 мали хидроелектрани, додека во 2019 дури 96. Најмногу во овој период има изградено Кочо Анѓушев. Повеќе од нас има само Србија. Но за разлика од кај нас каде граѓаните воопшто или многу малку протестираат, во Србија здружението „Зачувамо реке Старе планине“ веќе не чека на државните органи, туку сами се организираат и ги рушат малите хидроелектрани.

Во извештајот на Банквоч  и Ворлд Вајлдлајф Фанд (WWF) се наведува дека поранешниот потпретседател на Владата на Република Северна Македонија Кочо Анѓушев има концесии за најмалку 27 мали хидроелектрани, додека лидерот на опозицијата Христијан Мицковски има концесија за најмалку 5 хидроелектрани. Мицкоски во едно интервју изјави дека ги продал сопственичките удели во малите хидроцентрали. „Јас веќе подолго време не сум сопственик и навистина не сум ниту директно ниту индиректно поврзан со какви било производители на електрична енергија ниту во Македонија ниту надвор од Македонија“, изјави тој. Неофицијално сопственичкиот удел во компанијата Енерготек тој го продал за сума од 700 евра.

Во 2018 година само 3,6% од електричната енергија на Балканот е произведена во малите хидроелектрани.

Според податоците на МЕПСО, Македонија од 2010 до 2018 година исплатила 153 милиони евра за субвенции за струја.

Во 2010 година само 226.000 евра завршиле како субвенции. Откако на власт доаѓа владата на Зоран Заев каде потпретседател беше Кочо Анѓушев, средствата растат драстично. Така во 2016, 2017, 2018 година се исплаќаат по 35 милиони евра годишно. На 11 јуни 2019 година Владата на Зоран Заев, одобри концесија за земјиштето на трите хидроелектрани Тополки. Според извештајот на Банквоч, фирмата на Кочо Анѓушев, Фероинвест зема субвенции по 3,5 милиони евра годишно. Според нивните проценте, субвенциите за фирмите на Кочо Анѓушев ќе се зголемат за еден милион евра. Антикорупциска отвори случај за Кочо Анѓушев за изградбата на хидроцентралите Тополки во Маврово, но потоа донесе одлука да го затвори предметот со образложение дека Анѓушев се изземал од сите владини седници на кои се расправало за концесиите.  Пријавата до Антикорупциска беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и едно еколошко друштво во средината на 2019 година. Според пријавата еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Фероинвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител. Анѓушев тогаш реагираше дека договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година, во време кога не бил член на Владата и не можел да има влијание.

Друг играч во бизнисот со мали хидроелектрани е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Неговата компанија Енерготек, доби концесии за најмалку 5 мали хидроелектрани и земјиште од 33.000 метри квадратни да ги изгради. Тој ги доби овие концесии додека беше директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика во Владата на Никола Груевски. Антикорупциска и за Мицкоски не најде судир на интереси.

Други големи играчи во бизнисот со мали хидроелектрани се браќата Ѓоко и Зоран Штериоски, сопственици на обложувалниците Спорт лајф. Тие имаат концесии за 12 мали хидро електрани.

Некои од овие концесии се многу контраверзни бидејќи се издаде во заштитеното подрачје као Националниот парк Маврово, како Тресонечка и Рибничка река.

Некои земји како Северна Македонија и Србија дозволија неограничен број на мали хидроелектрани да добијат повластени тарифи додека ограничен број на соларни инсталации можат да добијат подршка од државата, се наведува во извештајот на Банквач:

Според пишувањата на порталот Фактор, во 2019 година 5 компании оствариле милионски профити.

Така најмногу пари направил СОЛ Хидропауер со 1,5 милиони евра Следен на листата е ЕМК ДООЕЛ со приходи од 1 милион евра, Хидро Енерџи Груп со приход од 900.000 евра, Монтинг енергетика Тиквеш, 672.000 евра. Како последен на оваа топ 5 листа е Вардар Хидро 377.000 евра.

Косопственик на четвртата електрана со највисоки приходи во 2019 година, Монтинг енергетика Тиквеш, е Илчо Георгиевски, поранешен претседател на Фудбалската Федерација на Македонија. Тој е многу близок со поранешниот премиер Никола Груевски.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)