Врска помеѓу истражувачкото новинарство и укажувањето

Пишува: Горан Лефков

Последната сесија од првиот ден од конференцијата беше полна со новинари. Сесијата ја водеше професорката на Правниот Факултет во Скопје, односно на студиите по новинарство, Јасна Бачовска- Недиќ. Во своето воведно излагање спомена дека Македонија има неколку добри новинари кои можат да се носат со светските стандарди, но дека генерално новинарите се далеку од потребното ниво. Таа спомена дека ако немаме подобри новинари, ќе немаме и добра демократија.

Слаѓана Тасева во своето обраќање потенцираше дека имаме сериозен проблем со борбата против корупцијата, особено на високите етажи од власта. Корупцијата е присутна и во ниските нивоа на власта и тоа прераснува во системска корупција и затоа се важни укажувачите да ги извадат информациите за девијантните појави во институциите.

Кристина Атовска смета дека новинарите се единствената институција каде укажувачите се примени како вистински херои, наспроти перцепцијата на јавноста. Таа спомена интересна реченица дека на македонските институции им требаат 10 месеци да подготват закон, но 10 години да го имплементираат како што треба.

Гоце Трпковски на истата дебата спомена дека најдобрите стории доаѓаат од укажувачите. Тој презентираше една слика од негово предавање на тренери од новинската агенција Ројтерс во која на сликовит начин со концентрични кругови беше кажано до каде може да стигне новинарот. Од таа слика се виде дека практично е невозможно да се добие голема истражувачка сторија без помошта од некој укажувач или извор внатре во самата организација.

Делата на укажувачите и укажувањето се во тесна корелација со судовите. Скоро да нема некое дело на укажување кое не завршило или нема да заврши на суд. Уште од почетокот на постапката на укажувањето, лицето што пријавува знае дека е нешто незаконско и затоа и го пријавува случајот. Гордана Дувњак, искусен уредник кој ја следи областа судство, смета дека порано судиите дури не го препознавале делото во кое се вмешани укажувачи. Тоа го спомена и Тинка Китеска во своето излагање. Нејзината постапка на суд се влечка веќе 3 години, иако укажувачите треба да добијат приоритет за нивните предмети пред судот.

Ова беше последната сесија на конференцијата за заштита на укажувачите во Скопје. Овој настан беше специфичен и уникатен затоа што за прв пат јавно беа излезени укажувачите да кажат за проблемите во прво лице. Имаше повеќе поранешни и сегашни укажувачи и се создаде една силна синергија помеѓу нив. Изолацијата е еден од сериозните проблеми на укажувачите и ова беше начин како таа да се надмине. На крајот беше испратена пораката следната конференција и следниот меѓународен ден на укажувачите да го дочекаме со повеќе предмети и многу поголема заштита на укажувачите.

Оставете коментар

коментар(и)