ГОЛГОТАТА НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА ВО МАКЕДОНИЈА: НЕМА ДОВОЛНО ПОЛНАЧИ, НО И СВЕСТ

Пишува: Тања Велкова

Северна Македонија е црна дупка на апликациите за полнење на електрични возила. Ова е горкото изкуство на 45 годишниот Шандор од Унгарија, кој го затекнавме во еден од Скопските трговски центри каде го полнеше својот електричен автомобил за да стигне до Грција. Тој е сопственик на електрично возило веќе 6 години, но ваква голгота како во Северна Македонија не му се случила никаде.

„Имам поминато цела Европа со овој автомобил, и никаде не сум имал вакви проблеми како во Македонија. Тргнав за Грција, но заради летното време и вклученоста на климатизерот, а и чекав два часа за влез на Табановце, и гледам дека нема да имам доволно струја до Грција. Тогаш ми започна голготата. На полначите на ЕВН, не можам да полнам бидејќи немам картичка од ЕВН за полнење, едвај го најдов овој полнач на Проикредит банка, ќе чекам овде неколку часа и ќе изгубам и еден ден од одморот, а за малтретирањето да не зборам“, вели Шандор.

Македонските сопственици може да ги полнат возилата и дома, но многу е потешко за странците.

Состојбата со полначите во Северна Македонија е рак рана за сопствениците на електрични возила. Во земјава има 30-тина полначи на ЕВН Македонија, полнењето е бесплатно, но треба да имаш картичка од нив. За да ја добиеш таа картичка, треба да испратиш барање со фотокопија од сообраќајната дозвола. Друга опција се околу 20-тина полначи на Прокредит банка, кои истотака се бесплатни, но се многу помалку.

Од информациите што ги добивме од ЕВН македонија, од 1 Септември годинава, веќе полнењата на нивните полначи ќе се наплаќаат. Во земјава има околу 800 картички издадени од ЕВН за полнење на нивните полначи. Дел од овие возила се на хибриден погон. Чисто електрични возила се половина од овие.

Државава е на самото европско дно според бројот на електрични возила. Во Норвешка, секој 11 жител или секое трето семејство поседува по еден електричен автомобил. Во Македонија на секој 10.000 жители има по една електрична кола. На Балканот ако се споредиме со Бугарија, тие имаат на 800 жители по еден електричен автомобил, ние на 10.000 жители по еден.

Инфраструктурата пречка за развој на електромобилноста

Немањето на полначи ги одвраќа индите инвеститори во електрични возила. Неможноста да се наполни возилото, создава фрустрации кај сопствениците на електрични возила, и тоа е една од причините да го одложат купувањето на ваков тип на возила.

Во Северна Македонија се поставени околу 60-тина полначи на ЕВН македонија и на Прокредит банка. Има и два рапидни полначи во Скопје и во Гевгелија. Од ЕВН најавија дека во тек е поставување и на брзи полначи во Куманово, Охрид, а разговарале за поставување на аеродромот во Скопје.

Во Европската Унија како стандард е поставен на секој 60 километри да има по еден брз полнач.

„Мојата кола поминува 120 километри со едно полнење. Во Норвешка и Шведска, благодарение на брзите полначи поминав 700 километри за еден ден, кај нас таква опција немам. Најблискиот брз полнач од јапонскиот стандард за брзо полнење или попознат како Chademo, е во Благоевград, Бугарија или на наплатната рампа на влезот на автопатот во Прешево, Република Србија“, вели Горан, сопственик на електрично возило од Кочани.

Овие полначи ја полнат колата од 10 до 30 минути, во зависност на големината на батеријата.

За разлика од кај нас, во Бугарија, која е лидер според бројот на електрични возила по жител на Балканот, секој хотел или трговски центар си има инсталирано полнач во договор со поголеми компании кои имаат цели мрежи на полначи низ цела Европа. Додека многу често на бензинските пумпи можат да се видат и 50 киловатни рапид полначи.

Слична е состојбата и  во Србија, иако што има многу помалку и полначи и возила. Таму неколку компании од ЕУ се влезени и имаат инсталирано полначи на повеќе места. На бензинските  станици долж автопатот од Белград до Прешево има брзи полначи на повеќе места. За една од компаниите во Србија се појавија информации дека ќе поставува брзи полначи и во Македонија.

Лоши навики и неказнивоста го отежнуваат функционирањето на електричните возила

Проблемот кај овие полначи е што паркинг местата пред нив на некои места се постојано зафатени. Ова е сериозен проблем за Горан, сопственик на електрично возило од марката Нисан.

„Многу полначи на ЕВН Македонија се узурпирани од страна на возачи кои возат конвенционални возила. Ова е многу сериозен проблем за сопствениците. Треба да одиме да ги молиме да ги тргнат возилата. Кај нас во Кочани, полначот во Трговскиот центар многу често е узурпиран од други коли и не можам да пристапам да ги наполнам возилото“, вели Горан.

Тој додава дека паркингот каде што е сместен и полначот се наплаќа, но има вработени во КЈП Водовод, што воопшто не гледаат дали некој се паркира таму, иако тие стопанисуваат со овој простор.

Со слични проблеми се и 32 годишниот Андреј од Скопско Лисиче. Тој иако има многу полначи низ Скопје, се случувало да не може да се вклучи да се полни на повеќе места.

„Има еден полнач на булеварот Партизански одреди. Станарите постојано си паркираат возила пред него, и полначот не може никој да го користи“, вели Андреј.

Слично искуство има и Славчо кој пре 3 години купи возило од моделот Тесла.

„Полначот во Капиштец постојано е зафатен. Дополнителен проблем за него е што полначите се бесплатни, па има сопственици на хибридни возила кои се полнат за еден час, но тие ќе седнат во кафана и не го поместуваат возилото за да може друг да наполни“, се жали Славчо.

Компаниите што инсталираат полначи имаат решение за овој проблем. Тие наплаќаат за полнењето по два основи. Прво за испорачана електрична енергија, додека вториот основ е за паркирање на возилото. Така компанијата ЕВ поинт во Бугарија, започнува со наплата на паркинг место во моментот кога ќе престане да испорачува електрична енергија во возилото, а на сопственикот му испраќа порака на мобилниот телефон.

Ова според Славчо може да биде добро решение на проблемот.

Бенефити од електричните возила

Возилата со мотори со внатрешно согорување се одговорни за околу 20% од вкупните емисии на јаглероден диоксид. Вкупно, транспоортот учествува со една четвртина од вкупните емисии на јаглерод диоксид, додека патничките возила учествуваат со 70% во овие емисии, а авионскиот сообраќај со 13%, се наведува во извештај на Европската Агенција за заштита на животната средина, од февруари годинава.

Вакви емисии нема кај електричните возила. Лобито на традиционалните мотори со внатрешно согорување кои се најголеми во Германија, често како изговор користат дека иако електричните возила користат струја како погонско гориво, сепак за да се произведе таа струја, се троши јаглен кој ја загадува животната средина или нафта.

Ова донекаде е точно, но добар дел од струјата на Балканот се добива од електрани кои не користат јаглен водороди. Како на пример нуклеарната електрнана Кузлодој во Бугарија или Кршко во Словенија.

„Германија има многу големо лоби против електричните возила бидејќи тие се убедени дека имаат усовршено најдобри дизел мотори во светот. Премногу долго не инвестираа во нови технологии за електрични возила и сега многу заостануваат во производството, позади Корејските, кинеските а особено позади јапонските производители, кои први ја уведоа оваа технологија во сериско производство, тоа беше моделот Нисан Леаф во 2010 година“, вели новинарот Горан Лефков, кој подолго време го следи пазарот со електрични автомобили, а неколку години бил и уредник за енергетика во неколку медиуми.

Тој додава дека сопствениците на електрични возила имаат алтернатива да не ја загадуваат животната средина. Едноставно ќе постават панели на кровот и ќе ја полнат колата без пари и нема да загадуваат додека сопствениците на конвенционални возила ја немаат таа можност.

Девастацијата на животната средина најмногу им смета на еко активистите. Тие се најгласни против уништувањето на животната средина.

„Граѓаните треба да бидеме свесни дека секогаш кога ќе се случи некоја поплава или пожар, што во иднина ќе ги има многу повеќе треба да се замислат дека тие самите кога ќе седнат во своето возило придонесуваат во таа девастација на природата“, вели Орце Николов, еко активист.

Војната во Украина донесе голем раст на производството на електрична енергија од обновливи извори. Македонија во следните неколку години најголем дел од електричната енергија ќе ја добива од сонце, бидејќи се инсталирани капацитети од околу 300 мегавати, а се најавуваат барем уште 5 пати повеќе во следните години.

Заштеда на пари и гориво

Електричните автомобили се многу поекономични за разлика од конвенционалните возила на дозел, бензин или автогас. Заштедата може да биде и до неколку пати помала, во однос на моторите со внатрешно согорување.

Сопствениците со кои разговаравме се презадоволни од потрошувачката.

Славчо Ивановски, сопственик на електрично возило од 2020 година, вели дека досега барем половината од инвестицијата ја исплатил од разликата помеѓу дизел и електрична енергија.

„Инвестицијата во електрично возило е многу исплатлива. Трошоците за инвестицијата очекувам да ги вратам за не повеќе од 5 години. Понастаму ќе возам гратис“, вели Иван.

Со слични пресметки беше и Јордан од Прилеп. Тој има компанија за превезување на ВИП патници.

„Инвестирав околу 50.000 евра во возило фолксфаген ИД4, очекувам дека колата ќе ја исплатам за 4 години. Јас возам скоро секој ден од Прилеп за Скопје и годишно може да поминам и повеќе од 100.000 километри“, додава Јордан.

Неговата пресметка оди преку сопственоста не претходното возило Мерцедес му трошело 6 литри дизел на 100 километри. На 100.000 километри тој има потрошувачка од 6.000 литри дизел или тоа се околу 8.000 евра годишно. За 6 години очекува да ја отплати целата инвестиција и на крајот електричното возило да му остане гратис.

Јорданчо не ја пресметува електричната енергија како трошок, бидејќи ја полни колата на јавните полначи кои се бесплатни.

Електричните возила трошат од 15 до 20 киловат часови електрична енергија на 100 километри. Доколку се полнат на во домашни услови, и да ставиме дека просечната цена на еден киловат час е 9 денари, тогаш за 100 километри би платиле од 140 до 180 денари.

Со поинаков пристап се Горан и Андреј кои набавија поефтини електрични возила.

„Платив 14.000 евра за половен автомобил на електрична енергија. Годишно возам по околу 40.000 километри и очекувам овие пари да ги вратам за 3-4 години“, вели Горан.

„Јас го имам истото возило и поикрај тоа што ме одмара кога возам имам многу ниски трошоци за одржување. Купив само гуми и течност за бришачите за ветробранското стакло. Порано секоја замена на масло и филтри на два месеци плаќав и по 100 евра“, вели Андреј.

Електричните возила имаат многу поголеми бенефити, само државата треба да помогне околу инфраструктурата за нив и да им даде финансиски бенефити кои ќе се вратат со многу поеколошки предности.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)