Горан Лефков е новиот претседател на СКУП

Искусниот истражувачки новинар, Горан Лефков, е новиот претседател на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија. Оваа одлука беше едногласно донесена во рамки на редовното изборно собрание на организацијата, каде меѓу другото се направија промени и во останатите раководни структури.

Лефков е трет претседател на СКУП, организација која од основањето во две последователни мандати беше водена од Џелал Незири, додека во последните четири години на чело беше Зоран Иванов. 

Нови членови на бордот на основачи за прв пат влегуваат познатите новинари Кристина Атовска и Иван Бојаџиски, како и професорката на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје, Јасна Бачовска- Недиќ.

Освен Незири и Иванов, од управните тела заминаа и Жаклина Хаџи- Зафирова и Александар Божиновски, двајцата основоположници на истражувачкото новинарство во Северна Македонија и ко-основачи на СКУП-Македонија.

Лефков е долгогодишен истражувачки новинар и граѓански активист. Тој е дел од СКУП од самото основање во 2011, работејќи на неколку влијателни истражувачки проекти, како што се имотот на политичките партии или трошоците на пратениците и министрите. Лефков бил вклучен и во неколку регионални и глобални иницијативи поврзани со истражувачкото и научното новинарство. Како активист за човекови права доби пресуда пред Германскиот уставен суд во Карлсруе, во кој заедно со уште 6 истражувачки новинари од целиот свет ја тужеше Германската тајна служба БНД, за закон во врска со прислушкувањето. Неговиот предизвик како претседател на СКУП е да продолжи да ја развива организацијата преку квалитено, аналитичко и истражувачко новинарство, а со тоа да придонесе кон подобрување на квалитетот на демократијата во земјата.

СКУП Македонија е невладина и непрофитна организација чија цел е да го унапредува, поддржува и поттикнува истражувачкото новинарство. Нејзина задача е да им дава поддршка на новинарите во секојдневната работа, да им помага финансиски или професионално во промовирањето на истражувачкото новинарство во земјата и регионот, но и на светско ниво.

Постоењето на СКУП Македонија го овозможи Данската асоцијација за истражувачко новинарство и мрежата на Центри за истражувачко новинарство кои се дел од Проектот за известување за организиран криминал и корупција со седиште во Сараево. Истовремено СКУП Македонија доби поддршка и од останати релевантни организации од целиот свет активни во истата област, а со кои имаме плодна соработка и од кои добивме огромна поддршка при основањето на центарот.

Во изминатите години, проектот СКУП од Данска со седиште во Копенхаген, со помош на Меѓународната медиумска поддршка, несебично го промовира истражувачкото новинарство во Македонија, а резултат од тоа се бројните истражувачки стории објавувани како во локални, така и во национални печатени и електронски медиуми во земјата. Охрабрени од тој факт, ние би сакале да ја продолжиме мисијата и со новиот Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија, а во партнерство со сите организации активни на полето на истражувачкото новинарство.

Целта на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија е понатамошно унапредување и поттикнување на развојот на истражувачкото новинарство во Македонија и пошироко како битна алатка во борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и зајакнување на демократските капацитети и подобрување на професионалните квалитети на новинарството и на демократската атмосфера во земјата воопшто.

Оставете коментар

коментар(и)