Дива депонија до резервоар од кој вода пијат жители на четири села

пишува: Иванка Спировска

Градежен отпад, шут, гуми, азбестни плочи и купишта секаков вид ѓубре. Вака личи дивата депонија во близина на рудникот Бањани, која како таква опстојува и постои долги години наназад. Освен азбестот, меѓу отпадот кој може да се забележи тука, има и друг опасен отпад, меѓу кој електронски и електричен отпад, отпадни гуми, течен отпад од непознато потекло  и сл. Во непосредна близина на оваа депонија се наоѓаат пасишта, земјоделско земјиште, а на само неколку метри од купиштата отпад е сместен и локалниот резервоар со вода од изворот од кој со вода се снабдуваат околу стотина жители од четири околни села од општината Чучер Сандево, меѓу кои: Кучевиште, Бразда, Бањани и Мирковци.

Најмалку три депонии во општина Чучер Сандево

Општина Чучер-Сандево  е рурална општина сместена под падините на Скопска Црна Гора. Лоцирана е на север од Скопје. Таа зафаќа површина од 235 km² и има 8.493 жители. Во состав на општината има повеќе села, од кои најголеми се: Бразда, Глуво, Сандево, Мирковци итн. Покрај овие населени места, во општината има и три поголеми викенд населби: Бродец, Сенора и Голиово. Во општината како најразвиена стопанска гранка е земјоделието, потоа рудникот Бањани, како и повеќе приватни фирми: браварски, столарски, градежни стоваришта, потоа тулани, ресторани, трговија и др. Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме одговор од општината за проблематиката со отпадот.

Општина Чучер Сандево ни одговори дека немаат определено собирни центри односно места за собирање, селекција и отстранување на отпад. Воедно, општината нема склучено договор со фирми за отстранување на отпад, а не водат ни регистар на диви депонии.

Иако, тие реално постојат. Во општината има три поголеми диви депонии и неколку помали.

Познати се неколку локации на диви депонии и тоа: депонија во село Побожје (последна автобуска станица во селото, на 150-200 метри покрај долот); депонија на патниот правец од село Горњане до село Блаце (на 5 километри од с. Горњане од левата страна на улицата) и депонија на влезот од село Кучевиште (околу 1 километар лево на патот кон месност викана Сливовиќ).

Покрај овие има и други мали депонии . Депониите ги чистат повремено од Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“. Иако, општината нема изработено план за управување со дивите депонии.

Во последните 3 години во буџетот на општината не се предвидени ниту одвоени средства за управување со дивите депонии лоцирани на нејзина територија.

Контроли се прават, но записници од извршените контроли и инспекциски надзор нема.

Од страна на овластениот инспектор за животна средина нема казнети загадувачи, ниту пак казни за несоодветно одложување на неопасен, инертен и опасен отпад.

На прашањето дали во близина на некоја дива депонија има инфраструктурен објект или проект врз кој депонијата може да има штетно влијание како врз здравјето на жителите,  така и на животната средина и дали се преземени мерки (и кои) за заштита на тие објекти или проекти од јавно добро, одговорот беше дека во Општина Чучер Сандево дивите депонии се создаваат претежно на растојание од неколку метри покрај улиците.

Казните се многу битни мерки за заштита на животната средина

Го прашавме градоначалникот на општина Чучер Сандево, Јован Пејковски, за тоа како општината се справува со отпадот, како и за дивите депонии, меѓу кои и депонијата кај рудникот Бањани односно депонијата која е лоцирана на влезот од село Кучевиште (околу 1 километар лево на патот кон месност викана Сливовиќ).

Тој се пожали на неажурноста на општинските инспектори кои досега немаат изречено ниедна казна за недозволено одлагање на отпадот, ниту пак за загадување на животната средина. И самиот рече дека надзорот и казните се многу важни мерки против загадувачите и загадувањето. Но, такви мерки не се спроведуваат, ниту пак се прави нешто во таа насока.

Тој истакна дека отпадот на дивата депонија се одлага во попладневните часови кога општинските служби не работат. Се фрла главно градежен шут, но и други видови на отпад.

Според него, симптоматично е каде се остава отпадот, освен оној од секојдневните дејности на населението и оној од правните субјекти и помали инсталации, работилници и сл.

За соработката со Министерството за животна средина и просторно планирање и посебно во делот за управувањето со отпадот, посебно опасниот, градоначалникот кажа дека во тој поглед немале некоја посебна соработка.

До скоро имале недоразбирање околу стопанисување со изворот и резервоарот за вода од кој се снабдуваат со вода  четири села од Општината.

Резервоарот во село Кучевиште

Интересен е фактот дека самиот резервоар се наоѓа веднаш под дивата депонија на влезот од село Кучевиште на најмногу педесетина метри. Делот над депонијата е богат со извори и вода и за овој  регионален водовод тамошните жители и локални власти превентивно мора да внимаваат на животната околина.

Оттука, се поставува прашањето за тоа какво е влијанието на депонијата врз квалитетот на водата во резервоарот, како и врз почвата и воздухот.

                Проценки од ризик на депонијата врз животната средина, ниту пак, соодветни плански и стратегиски документи не се направени, а пак, единствени мерки од локаната самоуправа се преземаат само во поглед на повремено отстранување на отпадот од страна на комуналното претпријатие кој целиот отпад без претходна селекција го транспортира и депонира во депонијата Дрисла.

При посета на депонијата евидентно беше дека таа неодамна била исчитена, така што ја затекнавме со помали коичини на отпад од вообичаено. Никаква табла или натпис за забрането фрлање на отпад не се истакнати.

Дива депонија кај рудникот Бањани

Но евидентно беше дека има остатоци од палење на отпадот.

Како што истакнавме погоре,животниот циклус на отпадот се следи од создавањето до селекцијата во посебни собирни центри се до конечно негово отстранување и одложување на легална депонија во слушајот тоа е скопска Дрисла. Во тој поглед Општината како впрочем и многу други во државата нема центри за селекција и складирање на отпадот. Освен соработка со комуналното претпријатие општината нема соработка со други фирми отстранувачи на отпад.

Дивата депонија кај рудникот Бањани

Градоначалнкот Пејковски нè информираше дека средства во буџетот на општината за заштита на животната средина и справување со отпадот не се одвојуваат, ниту се планирани, се додека не се завршат поголемите  инфраструктурни проекти кои во моментов се актуелни. Не планира да вложува во ресурси и едукација на постојниот кадар во насока на подобрување на животната средина, ниту пак, има средства за да ангажира експерти кои би постапиле соодветно, во согласност со Законите за одржливо управување со отпадот.

Јавната свест кај жителите е на ниско ниво и истите го одложуваат отпадот неконтролирано. Впрочем и немањето воспоставен соодветен систем за управување со отпад го налага неминовното одлагање на отпадот на дивата депонија и помалите околни депонии.

Дивата депонија кај рудникот Бањани

Во државава има 320 диви депонии

Според Планот за затворање на нестандардните депонии, а согласно Националниот план за управување со отпад, од 2008 година „ се предвидува развој на модерни регионални места за депонии  и сите стандардни регионални депонии би требало да бидат воспоставени до 2020 година. Во согласност со тоа, треба да се преземат чекори за прогресивно затворање на некои од постоечките општински депонии што е можно поскоро. Постоечките општински депонии треба да се распоредат според приоритет врз основа на ризиците за животната средина и врз основа на економските фактори, по што треба да се изберат депониите што најмногу ги исполнуваат условите за затворање.

Според овој план, во државава „постојат приближно 320 илегални или ’диви’ одлагалишта на отпад. Првиот приоритет за овие ’диви’ одлагалишта треба да биде да се спречи секаква натамошна активност на овие места што е можно поскоро.

Ако се разгледуваат задачите и надлежностите на државно и на локално ниво, сите институции во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и во другите министерства, општините и производниот-услужниот сектор кои имаат надлежности за спроведување на основните задачи во управувањето со отпадот имаат недостаток на човечки ресурси, знаење и искуство за подготвување и за спроведување на целокупната законска регулатива, на стандардите, инструментите и инвестициите за воспоставување на интегриран систем за управување со отпад што е и евидентно и во општината Чучер Сандево.

Надлежности во справување со отпадот на локално ниво

Според законската регулатива, општините се одговорни за обемни и тешки задачи поврзани со управувањето на отпадот, но, мал број од нив имаат назначено надлежни лица за оваа проблематика. Оваа проблематика е уредена со низа закони, како што се: Закон за животната средина, потоа Законот за управување со отпад , како и Законите и Правилници кои го уредуваат управувањето со неопасен, инертен  и опасен отпад (отпад од азбест, отпад од гуми, искористени батерии и акумулатори, отпаден електричен или електронски отпад, отпадни масла, отпад од ПХБ и др.), како и Правилникот за начинот и постапката за работа, следење и контрола на депонијата за време на работењето, следење и контрола на депонијата во фазата на затворање и натамошна грижа за депонијата по затворањето, како и начинот и условите за грижа за депониите откако тие ќе престанат да работат. Целата оваа регулатива е скоро идентична со законите од Европската Унија. Но, и покрај тоа, системот за управувањето со отпад во државата е крајно неефикасени  дисфункционален на национално и локално ниво . Системот е полн со организациски и технички недостатоци и некоординираност меѓу надлежните институции.

Согласно Законот за управување со отпад, општините се надлежни за многу важни активности во делот на управувањето со отпадот, како што се заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето;  остварување на целите и насоките утврдени во Националниот еколошки акционен план;  спроведување на општите принципи и насоки за управување со отпадот; основање на интегрирана национална мрежа на инсталации и инсталации за преработка и за отстранување на отпадот; остварување на обврските во врска со управувањето со отпадот, коишто Република Северна Македонија ги презела на меѓународно ниво; но и организација на собирањето, транспортирањето и депонирањето на комуналниот отпад; како и многу други обврски, меѓу кои и финансирање и надзор над затворањето на дивите депонии и затворање на капацитетите за управување со отпад. Основањето на депонии за неопасен и инертен отпад е исто така во надлежност на општините.

Отпадот во нашата држава се депонира во легалните или дивите депонии и за жал, многу малку подлежи на рециклирање. Ваквиот однос кон отпадот придонесува депониите негативно да влијаат врз животната средина емитирајќи во воздухот, почвата и водата токсични супстанции, тешки метали, стакленички гасови/метан и сл. Депонијата го уништува живеалиштето на растенијата и животните кои живееле на таа локација. Покрај тоа,депониите каде што се истоварува ѓубрето шират непријатна миризба заради гниењето кое трае 30-100 год. што, од друга страна привлекува инсекти, птици, глувци, кучиња и мачки скитници. Течните материи што се ослободуваат од отпадот понираат и ги загадуваат почвата и подземните води. Особено актуелното аерозагадување делумно е разултат на негативното влијание на депониите кои  лесно може да се самозапали и претставува опасност за заедницата.

Несоодветното депонирање и фрлање на отпадот секако бара соодветен третман односно заложба пред се од страна на локалната самоуправа првенствено во подигање на јавната свест и совес па се до регрутација на соодветен кадар , експертска подршка и соработка со невладиниот сектор со цел инплементација на Законските одредби пропишани од регулативата. 

Дивите депонии како загадувачи

За спречувањето на активноста  и негативното влијание на дивите депонии може да бидат потребни и алтернативни опции, како што се:  обезбедување на големи комунални контејнери за прифаќање на отпадот;  обезбедување на систем за собирање на отпад од домаќинствата;  обезбедување на огради, потоа софистицирани мерки, како што се скриени камери ; засилен испекциски надзор и други ефективни мерки . Во секој од случаите, треба да се идентификува, ако е тоа можно, причината зошто била воспоставена дивата депонија. Можно е дивата депонија да била воспоставена поради недостиг од услуги за собирање на отпадот во определената област, ниското ниво на свеста на населението, или можеби се должи на тоа што трошоците за поинаков вид на отстранување на отпадот би биле поголеми. Разбирањето на причината за постоењето на дивата депонија би требало да помогне во идентификување на потребната методологија за да се изврши нејзиното затворање. Сите диви депонии треба да се исчистат, освен ако не се покаже дека затворањето на местото и неговото покривање врз отстранетиот отпад е подобра опција за животната средина.

Поставување на собирни центри, едукација преку медиумски кампањи  и  слично треба да е приоритет на органите на власта особено затоа што живееме во време кога аерозагадувањето е мошне актуелно. Прашање е на времето кога невладиниот сектор ќе проговори и за загадувањето на другите медиуми како што се водата и почвата. Токму депониите, особено дивите на кои се врши слаба, скоро никаква контрола се од многу важно значење за загадувањето на водата воздухот и почвата.

Да се потсетиме само на актуелните протести против загадувањето на воздухот и негативното влијание врз здравјето и животот на луѓето како и влијанието врз животната средина каде меѓудругите мерки беше побарано континуирано следење на индустриските капацитети, водење записник за реагенси и други материјали со кои се работи во овие погони како и секојдневната контрола на депониите како клучните мерки против аерозагадувањето. 

Но, дали пораките и целта на протестите допираат до локалните власти и институции? Дали законите се почитуваат особено во недостатаок на мерки и казни при спроведување на истите?

Управувањето со отпад на дивите депонии сè уште е не е регулирано од институциите

Собирањето, транспортот и депонирањето го сочинуваат главниот регуларен метод за отстранување на речиси секоја фракција отпад. Постојните објекти и капацитети за третман и отстранување на отпадот се несоодветни, законската регулатива и стандардите не се применуваат ефективно, а сегашните практики на управување со отпадот придонесуваат за загадување на воздухот, водните ресурси и на почвата.

Тоа значи дека отпадот претставува еден од изолираните фактори кои директно се заканува на  – воздухот, почвата, водите и со тоа и на здравјето на луѓето и живите организми.

Количествата отпад што секојдневно се зголемуваат и влијанието врз животната средина, како и неповратната загуба на  ресурси и енергија ја наметнуваат потребата од воведување на правилен и одржлив начини на управување со него особено со опасниот отпад кој има неповратно влијание, негативните ефекти по човековото здравје и животната средина и долгорочни последици.  Модерниот начин на живот и работа не може да се замисли без производството на отпад и оттука постои потреба да се воспостави рамка која ќе овозможи одржлива насока со минимални или без негативни последици. Одржливоста бара целосно познавање на секој сегмент од таканаречениот „животен“ циклус на отпадот  и следење на отпадот од моментот на неговото настанување, преку собирање , привремено складирање, транспортирање, третирање па се до неговото финално отстранување.

Затајува ли системот при спроведување на надлежностите?

Зошто и покрај тоа што животната средина е толку актуелно прашање не се преземаат мерки и не се почитуваат законските обврски?  Сето погоренаведено, мора да биде пропратено со засилување на институционалните капацитети и спроведување на законите, кои се однесуваат на контрола и спречување на загадувањето.

Изработка и спроведување на програмите за заштита на животната средина и плановите за подобрување на влијанието врз животната средина, вработување на стручен, обучен и едуциран, кадар во надлежните институции, засилен инспекциски надзор и активирање на судскиот систем и спроведување на казни за сторителите во рамките на истиот, се навистина неопходни затоашто проблемите во животната средина се интердисциплинарни и бараат интегрален пристап при нивното решавање.

Сторијата е изработена во рамките на проектот „Зелени фондови во сивите области – Корупција во фондовите за заштита на животната средина под лупа на медиумите и невладините организации во Република Србија и Република Северна Македонија„ имплементиран од Ромски центар за демократија (РС) и Зелен Институт (РСМ) е поддржан од Европската унија преку програмата за мали грантови на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Ставовите изразени во оваа статија не го одразуваат ставот на Европската унија и/или на партнерите во проектот.

This project is funded

by the European Union

Оставете коментар

коментар(и)