Донациите пресудни за опстанокот на националните паркови

 

автор: Весна Колоска и екипа на СКУП Македонија

 

Цели 10 години трае патешествието на Шар Планина до нејзиното прогласување за четврти национален парк во земјава. Настан, кој со изгласувањето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк наиде на серија позитивни реакции кај екологистите во државава, но и пошироко. Уште повеќе поради фактот што целиот процес беше воден со поддршка од Програмата на Обединети Нации за животна средина (УНЕП).

Иако формиран како резултат на напорите на државата и УНЕП, сепак, на овој национален парк, кој е дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат со ендемичен растителен и животински свет му претстои истата судбина како и на другите национални паркови. А, тоа е дека иднината на неговото функционирање, како и на другите национални паркови веројатно ќе зависи во голема мера од добрата волја на донаторите отколку од буџетската каса.

Природни убавини привлечни за донаторите

По долг и макотрпен процес, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови, во јуни 2021 година, дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Со тоа, државава го доби четвртиот национален парк, покрај Галичица, Маврово и Пелистер, по прогласувањето на последниот национален парк, Галичица во 1958 година.

Тогашниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, јавно го нагласи огромното значење на овој потег, со кој Шар Планина се прогласува за заштитено подрачје и се овозможува воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот. Истовремено, министерот Нуредини рече дека очекува со овој чекор да се отвори нова страница и нови можности не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ.

Но, и покрај заложбите за одржлив социо-економски развој, сепак, во третата година од прогласувањето на Шар планина за национален парк, нејзиното функционирање зазема друг правец.

Директорот на Националниот парк Шар Планина, Ибрахим Дехари вели дека многу поблизу се до моделот на финансирање како Националниот парк Галичица, преку странски донации и проекти.

Според него, националните паркови во Македонија се одржуваат со самофинансирање. Постои договор, како што вели тој, помеѓу владините партнери, првите три години, делумно- финансиски да бидат подржани од државата. Иако тие пари не стигнуваат само за плати, но сепак имаат добиено државна поддршка. 

Раководителката на Одделението за заштита на природата при Националниот парк, Шар Планина, Анела Ставревска Панајотова, вели дека кога почнале да го формираат националниот парк Шар Планина немале простории, немале доволно финансии, па дури и за систематизација земале некои модели и позиции во систематизацијата како кај постојните национални паркови, но и ги земале и моделите на европските национални паркови. Токму поради тоа тие се различни од постојните во Македонија. Таа нагласува дека се насочени како национален парк кон создавање на услови за развивање на алтернативен туризам.

„Важен документ е 10-годишниот План за управување со Националниот парк Шар Планина кој ги регулира сите значајни правци и насоки каде треба да се движи Националниот парк Шар Планина. Но за да се спроведат над 160-те програми предвидени со планот потребни се околу 1 милион евра на годишно ниво. Се прават напори оваа финансиска конструкција да се затвори дел од пари од Владата, а дел од донатори“, вели раководителката на Одделението за заштита на природата при Националниот парк, Шар Планина, Анела Ставревска Панајотова. За дел од активностите, како што нагласува таа, има и невладини организации кои сами обезбедуваат финансиски средства, а Националниот парк, Шар Планина е корисник на нивните услуги. Панајотова додава и дека од Владата во изминативе 3 години обезбедени се само по 10% од приходите и тој период на финансиска поддршка е поминат. 

И Националниот парк Галичица на донаторски „шкрги“

Националниот парк Галичица датира од 1958 година. Лоциран во југозападниот дел на Република Северна Македонија и опфаќа делови од планинскиот масив Галичица, со крајбрежните простори на Охридското и Преспанското Езеро.

Годишен буџет на Јавната установа Национален парк Галичица за 2023 година е 400.000 евра, од кои имаат донација од 200.000 евра преку Фондот за доверба во регионот на Преспа и Охрид – ПОНТ (Prespa Ohrid Nature Trust). Остатокот потребен за непречено функционирање на установата се очекува да биде обезбеден од наплата на влезници и склучување на спогодби со вршители на дејност во паркот.

Од Националниот парк Галичица велат дека имаат одлична соработка со неколку невладини организации со кои соработуваат и реализираат активности за заштита на природата, условите за рекреација и подигнување на јавната свест. Овие активности на невладините скоро без исклучок се финансирани од странски донатори.

Андон Бојаџи кој е дел од управата на Јавната установа Национален парк Галичица (исто како и другите установи основани од владата на РСМ за заштита на природа) вели дека за да се обезбеди потребното ниво на заштита на вредностите и квалитетно и ефективно управување потребни се: финансиски средства, доволен и квалитетен обучен персонал и материјално технички средства. Тој вели дека во моментов регулативата на ЕУ за нас не е обврзувачка бидејќи не сме членки на Унијата.

„Од континенталните документи, за нас е релевантна Бернската конвенција како клучен документ поврзан со заштитата. Секако државата преземала обврска да ги почитува сите конвенции коишто ги има потпишано и ратификувано (CITES, UNESCO ….)“, појаснува Бојаџи.

Тој вели дека не добиваат буџетски средства со кои ќе се финансира заштита и управувањето со паркот.

„Треба да се има предвид дека Северна Македонија е една од ретките земји со ваква пракса. Најчесто финансирањето на заштитените подрачја во категорија национален парк (согласно категоризацијата на IUCN) е целосно на товар на државата. Бидејќи некои национални паркови се многу атрактивни за посети, тие можат да остварат значителен приход од посетителите. Во вакви случаи остварените средства се приход за локалните заедници и бизниси или пак приход на државата. На ваков начин, државата конкретно го потврдува својот интерес за заштита на природа, а не само декларативно“, појаснува Бојаџи.

Тој додава дека Јавната установа Национален парк Галичица обезбедува средства за финансирање на заштита и управувањето со паркот согласно Законот за заштита на природата односно од наплата на влезници и потпишување на спогодби со вршители на дејност во националниот парк.

„На ваков начин обезбедуваме околу половина од потребниот буџет. Другата половина е од донации главно од Фондот за доверба во регионот на Преспа и Охрид – ПОНТ (Prespa Ohrid Natue Trust)“, вели Бојаџи.

Нашите соговорници со кои се сретнавме во текот на изработка на оваа сторија појаснуваат дека на почетокот парковите добивале одредени средства преку Дирекцијата на национални паркови и ловишта на Македонија.

Сега, како што велат тие, и институционално прекуграничната соработка на паркот е слаба и недоволна. „Одржуваме неформална каква-таква комуникација со невладина организација од Грција, многу активна во Преспа. Со Националните паркови Преспа од Албанија и Грција соработката е инцидентна само во рамките на некој проект. По завршувањето на проектот се прекинува соработката“, појаснува Бојаџи, според кого соседните држави одвојуваат средства за одржување на националните паркови од буџетите на државата.

Според него, во Националниот парк Галичица има голем број дивоградби.

„За најголемиот дел од нив претпоставуваме дека е поднесено барање за легализација. Барањата се поднесуваат од општините Охрид и Ресен и ЈУНПГ. Немаме информација колку вакви барања се поднесени. Во постапка за легализација на бесправно изградени објекти во Националниот парк Галичица, општината пред да побара согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање треба да обезбеди мислење од Националниот парк Галичица“, рече Бојаџи.

Досега до Јавната установа Национален парк Галичица, општината Охрид има побарано мислење за 573 бесправно изградени објекти. Јавната установа Национален парк Галичица нема информација колку од нив се легализирани.

Националниот план Галичица има План за управување за периодот 2021-2030 година, којшто е изготвен согласно Законот за заштита на природата и Правилникот за содржината на плановите за управување. Планот е изработен со сопствени средства, податоци и персонал и има три главни цели:

·        Заштита и управување со природните вредности (биолошка и пределска разновидност) кои се причина за негово прогласување;

·        Обезбедување на услови за рекреација и посета на вредна природа, и

·        Подигнување на свеста за потребата од заштита на природата со помош на активности на полето на еколошка едукација.

 

 

Екологистите со повремена соработка со националните паркови

 

Раководителот на програма за заштита на диви животни во Република Северна Македонија, Диме Меловски вели дека Македонското еколошко друштво-МЕД соработува со националните паркови во рамките на одредени проекти.

Од досегашната соработка ја издвојува долгогодишната соработка со Националниот парк Маврово на Програма за заштита на балканскиот рис. Соработката датира уште од 2006 година воглавно на заеднички мониторинг на популацијата на балканскиот рис во НП Маврово . При тоа е изготвен и меморандум за соработка со паркот и истиот во текот на годините е неколкукратно продолжуван. Воедно, изготвен е и заеднички план за управување во националниот парк за балканскиот рис и дивата коза. Ова е поддршка на МЕД преку давање на тим на експерти како и одржување на бројни работилници со експертите со цел да се подобрат капацитетите на паркот и не само во мониторингот на овие два вида диви животни туку и за збогатување на техничките капацитети на НП преку опрема обезбедена од донатори.

Досега, МЕД немале посериозна соработка со другите национални паркови.

Според раководителот на програма за заштита на диви животни во Република Северна Македонија, Диме Меловски, во 2016 година е отпочната соработка со Пелистер и Галичица која главно се однесувала на соработка за мониторинг на дивиот свет и крупните цицачи со методот на фотозамки. Исто така во Пелистер и Галичица во 2021 година се направени специфични студии за проценка на популација на срната и кафеавата мечка и оваа соработка се прошири и во грчкиот и во албанскиот дел. Потпишан е и меморандум за соработка со Шара како најмлад национален парк каде се очекува наредниот период да се продлабочува соработката . МЕД со Националниот парк Пелистер има задача за изработка на листа на приоритети на специфични видови на растенија и животни како дел од планот за управување со националните паркови.

„Државата не дава средства освен мали грантови од Министерството за животна средина и просторно планирање,  коишто имаат многу ограничени фондови и финансиите се обезбедуваат воглавном од странски донатори. Националните паркови не се финансираат од државата (со исклучок на Шар Планина) туку самите со самофинансирање треба да обезбедат услуги и начини да ги плаќаат вработените и спроведувањето на мерките за мониторинг и заштита на видовите“ појаснува тој.

Нов развој на настаните е фондација Глобал Конзервејшн од Америка со претставник од Турција којашто помага во конкретни мерки за заштита на Националниот парк Шар Планина, како и во студијата за ревалоризација на Националниот парк Маврово. Националните паркови се уште се основа за заштита на биодиверзитетот бидејќи нивото за заштита е на повисоко од другите територии.

И Националниот парк Пелистер со самофинансирање, а Маврово чека репрогласување 

Во Годишната програма за заштита на природата на Националниот парк Пелистер се нагласува дека паркот во најголем дел се самофинансира.

„Финансирањето на Националниот парк Пелистер во најголем се темели на самофинансирање, кое произлегува пред се од одржливото користење на природните ресурси. Развивањето партнерства со други институции заради подготовка на проекти за имплементација на пооделни елементи од досегашниот и Новиот План за управување, како алтернативни можности за обезбедување на потребни финансии ќе продолжи и во 2022 година. Дополнителни извори за финансирање на Паркот ќе бидат барани од грантови, донации од национални и меѓународни извори“ се вели во Годишната програма.

Националниот парк Маврово во моментов е во фаза на ревалоризација и повторно прогласување на Национален парк. На почетокот на април годинава, Министерството за животна средина и просторно планирање, Јавната установа Национален парк Маврово и Македонско Еколошко друштво потпишаа Меморандум за соработка, со цел поддршка за изработка на ревизија на Студијата за ревалоризација на Националниот парк Маврово, со која ќе се дефинираат социо-економските аспекти, како и изработка на нацрт-план за управување со овој национален парк.

ЕУ регулатива

Искра Стојановска од Програмата на Обединети Нации за животна средина (УНЕП) која учествуваше активно во процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк истакнува дека ЕУ законодавството од сектор природа има за цел да се запре загубата на биолошката разновидност и екосистемите и зачувување на природните богатства преку разни директиви. Според неа, важни се следните директиви:

1) Директива 2009/147/ЕС за зачувување на диви птици преку воспоставување и управување со подрачја од особено значење

2) Директива 92/43/ЕС за воспоставување на еколошка мрежа Натура 2000 до мерки за зачувување на видови живеалишта до поволна состојба на зачуваност

3) Регулатива за загрозени видови за имплементација на Вашингтонската конвенција за меѓународна трговија со загрозени диви видови флора и фауна (CITES)

4) Регулатива за забрана за користење замки за животни

5) Директива за зоолошки градини (стандарди, ЗОО лиценици, инспекциски надзор)

6) Директива за заштита од инвазивни диви видови

7) Регулатива за дрво (спречување дива сеча и трговија/увоз само на легално исечено дрво во рамките на ЕУ).

Таа ги истакнува проектите кои ги имплементира Министерството за животна средина и просторно планирање преку Програмата на Обединети Нации за животна средина (УНЕП), финансирани од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), меѓу кои  е и СТАР5 проектот –(во основа ја има заштитата на биолошката разновидност и планирање на користење на земјиштето), проект преку кој Шар Планина беше прогласена за национален парк.

 

 

 

Што вели законодавството?

 

Во член 141-а од Законот за заштита на природата е прецизиран начинот на финансирање на националните паркови во земјава. Во него се вели:

Национален парк се финансира од: 1) надоместок за влез и посета на национален парк; 2) надоместок за паркирање во национален парк; 3) надоместок за посета на посебни објекти во национален парк; 4) надоместок за собирање на диви видови растенија габи и животни и нивни делови и одржливо користење на природните ресурси (управување со шумските живеалишта и екосистеми во национални паркови и слично); 5) надоместок за престој во национален парк; 6) средства стекнати за вршење на активности согласно со членовите 105 и 106 од овој закон; 7) надоместок за вршење на дејност или активност во национален парк; 8) надоместок за пловидба во национален парк; 9) надоместок за употреба на лого на национален парк на производи и услуги за комерцијална употреба; 10) надоместок од екосистемски услуги; 11) Буџетот на Република Македонија; 12) буџети на единиците на локалната самоуправа на чие подрачје се наоѓа заштитеното подрачје и 13) други извори (донации, грантови, кредити, обновливи кредити, подароци, легати и друго). 

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)