Почитувани,
Во врска со Истражувањето на СКУП, за трошоците на Општина Струмица за репрезентација, чуствуваме обврска и потреба да ги дополниме објавените информации со цел целосно и правилно информирање на јавноста.
Имено, oбјавената информација за висината на потрошени средства за
репрезентација е резултат на синтетичкото сметководство на Општина Струмица и
вклучува трошоци за храна, пијалоци, превоз, хотелско сместување, изнајмување
на сали, опрема, печатарски услуги, обезбедување, хонорари и надоместоци за
ангажирани лица, за следните настани и активности:
– организација на културни манифестации (Струмички карневал, Струмица опен фестивал, Меѓународна Струмичка ликовна колонија, Фестивал за камерен тетар Ристо Шишков, Тримерски обичаи);
– одбележување на годишнини на значајни настани и личности;
– поддршка на настани од јавен интерес на здруженија на граѓани и културни работници;
– поддршка на настани на спортски клубови и спортски манифестации;
– одржување на семинари, работилници и активности на општинската администрација;
– подготовка на промотивни материјали за Струмица;
– печатење на книги на струмички автори;
– подароци на службени лица и меѓународни организации;
– службени трошоци на Градоначалникот и Советот на општина Струмица.
Во функција на транспарентното работење, Ве информирамe дека вкупните трошоци за репрезентација на Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски за 2 години и 2 месеци изнесуваат 49.720 денари.
Пред помалку од еден месец Општина Струмица беше прогласена за најотворената и најотчетна општина во нашата држава. Во таа насока сме отворени за презентација и информирање на јавноста за аналитичките трошоци направени за секоја културна манифестација, настан, активност и директните трошоци за репрезентација според нивниот вид, карактеристики и евиденција.
Со цел правилно информирање на јавноста, се надеваме дека ќе го објавите оваа појаснување.
Срдечен поздрав,
Општина Струмица
Кабинет на Градоначалник