Државата не инвестира во справување со климатските промени

Кристијан Караџовски

Екипа на СКУП Македонија

Пожари, поплави, нестандардно однесување на природата. Ова се дел од секојдневните последици од климатските промени. Светот е исправен пред голем предизвик. Се прават сериозни напори и се вложуваат огромни инвестиции за да се намалат последиците од глобалното затоплување.

Ако светот не дејствува одлучно и брзо за да го смени овој тренд, ризикуваме од опасно високи температури и ескалација на трошоците. Тоа за кое треба да се бориме сега е задржување на затоплувањето на само 1,5 степени или пониско.

Северна Македонија засега има донесено стратегија за намалување на загадувачките емисии во која стратегија, во која се вели дека во следните 27 години мора да намалиме за повеќе од 2/3 од стакленичките гасови.

„Намалување на националните нето емисии на стакленички гасови (без вклучени МЕМО емисии односно емисии од авионите) за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година (или намалување на емисијата на стакленички гасови од 42% до 2050 година во споредба со 1990 година, со исклучок на секторите Шумарство и друга употреба на земјиштето и MEMO) и зголемена отпорност на општеството, економијата и екосистемите на Република Северна Македонија кон влијанијата на климатските промени“, се наведува како главна стратешка цел на Стратегијата за намалување на стакленичките гасови.

Но, изгледа ова е само утопија на харија. Досега во Северна Македонија, многу малку се работи на таа транзиција. Единствено енергетиката е место каде што се инвестираат повеќе пари.

Огромни инвестиции, не реални за македонски услови

Во Стратегијата за намалување со стакленички гасови е наведено дека во Северна Македонија до 2050 година треба да се инвестираат 35 милијарди евра за замена на технологиите кои загадуваат. Ова се големи пари за сегашни македонски услови. Доколку само овие пари ги поделиме со 30 години, излегува дека на годишно ниво ние треба да инвестираме 1,2 милијарди евра, односно 10% од вкупниот бруто домашен производ кој изнесува 11,5 милијарди евра.

Државата за оваа година има буџет од 5,3 милијарди евра, што значи дека 25% од сите пари треба да заминат за намалување на последиците од климатските промени.

Друг економски индикатор кој исто така покажува дека сумите за оваа намена се огромни е обемот на државната потрошувачка или вкупните набавки на државниот апарат во претходната година.

„Во 2022 година се склучени 28.313 договори за јавни набавки, во вкупна вредност од 68 милијарди денари, односно 1,1 милијарда евра. Вредноста на набавките во 2022 Извештај бр. 38 (јануари – декември 2022 год.) 15 година е намалена во однос на претходната година за 14 %, односно за 11 милијарди денари (179 милиони евра)“, се наведува на страница 14 од Извештајот за мониторинг на јавните набавки за 2022 година изготвен од страна на Центарот за граѓански комуникации.

Практично само просечната годишна сума што е потребна за справување со климатски промени за 2022 година е за 100 милиони евра повисока од вкупната сума за набавки на државните институции како најголем потрошувач во економијата на секоја држава.

За разлика од нас Европската Унија одвојува дури 30% од буџетот 2021-2027 за справување со климатските промени. Според податоците на ЕУ, во следните 6 години Унијата ќе издвои 600 милијарди евра за справување со климатските промени.

Овие пари Унијата ќе ги дистрибуира преку неколку инструменти:

Р.Б Инструмент вредност (милијарди евра)
      1     Recovery and resiliance facility                                             203    
      2     Common agriculture policy                                             146    
      3     Cohesion policy funds                                               92    
      4     Horizon Europe                                               31    
      5     CEF                                               24    
Дистрибуција на фондовите за справување со климатските промени 2021-2027 (извор)

Енергетиката е на добар пат за трансформација

Војната во Украина даде нов поттик на енергетската транзиција. Пред војната корумпирани политичари од земјите членки на Европската Унија ја попречуваа енергетската транзиција форсирајќи ги руските горива. Неколку од тие политичари како поранешниот германски премиер Герхард Шредер завршија и во управните тела на големите руски енергетски монополи како Гаспром. Сепак агресијата врз Украина, ги освести за да конечно го откочат процесот на таа транзиција.

Северна Македонија задоволителен напредок во транзицијата за запирање на климатските промени има во делот на енергетиката последниве две години. Во земјава после неколку децении се забележаа првите посериозни инвестиции во нови енергетски капацитети.

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, интересот за инсталација на соларни панели е огромен.

„Има огромен интерес за изградба на фотоволтаици. Од први јануари до денес имаме издадено дозволи за 164 мегавати инсталиран капацитет на фотоволтаици и од минатата година, тоа ќе дојде околу 280 мегавати. Тоа е капацитет што е половина од капацитетот на РЕК Битола, со тоа што бројот на часови на работа на РЕК Битола е 3 пати поголем. Фотоволтаиците можат да произведат 420 гигават часови, додека РЕК Битола може да произведе и 4-5.000 гигават часови електрична енергија. Фотоволтаиците веќе имаат поголемо производство на струја од ТЕЦ Осломеј од Кичево кој има инсталиран капацитет од 80 мегавати. РЕК Битола минатата година произвела 2.350 гигават часови електрична енергија“, вели Бислимовски.

Тој очекува само капацитетите на Фотоволтаици да достигнат до 800 гигавати.

Доколку се земат во предвид цените на фотоволтаиците од 1 милион евра за еден мегават инсталиран капацитет, тогаш инвестициите во фотоволтаици само за овие две години би биле околу 300 милиони евра.

Кога на овие суми ќе се додадат и инвестициите во гасната инфраструктура, тогаш енергетиката може многу брзо да ги исполни таргетите на зелената транзиција. Во таква ситуација само гасот ќе остане јаглен водород, но со постапка на декарбонизација може да се добие зелен водород.

Гас за спас на Северна Македонија

Гасот засега е најблиското техничко решение за спас на граѓаните од загадениот воздух. Но за да се гасифицира земјава потребни се неколку години. Првите стабилни количини на гас треба да протечат преку Грција на почетокот на 2025 година. Северна Македонија ќе има пристап до капацитети од над 2,8 милијарди метри кубни гас годишно.

Според директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, се работи со забрзано темпо.

„Терминалот во Александрополис е веќе во изградба и до крајот на годинава треба да биде готов. Таму имаме букирано складиштење на 550 милиони метри кубни гас“, вели Реџепи.

Друг значаен факт зошто ни треба гасовод до Грција е бидејќи, од таму можеме да добиеме гас и со брод, тн. LNG (Liquid natural gas) или течен природен гас, каде со декомпресија ќе се пушти во гасоводот и ќе стигне до нашата граница. Грците сега го градат терминалот во Александрополис.

Александрополис е оддалечен 140 километри од Неа Месимбриа (гасно чвориште од каде ќе преземаме гас за Северна Македонија), но тие се гасно поврзани. Ние не одиме со цевка до Александрополис којшто е на 140 километри од Солун туку Грците ќе го транспортираат гасот од Александрополис до Неа Месимбриа, и ние ќе го преземеме од тука.

Александрополис е проект од три дела. Првиот е гасен терминал. Тој се наоѓа на 22 километри во морето. Кога доаѓа бродот, преку декомпресирање се внесува во цевката и го имаме на копното.

Моментално се преговара со Бугарија за обезбедување и на дополнителни резервни капацитети во нивното складиште за гас Чирен.

„Со овој документ треба да ги дефинира односите околу гасот помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Со овој договор ние треба да се стекнеме со можност да складираме околу 150 милиони метри кубни гас во нивното складиште во Бугарија Чирен. Тие го прошируваат капацитетот на Чирен од 500 милиони на една милијарда метри кубни гас со европски пари“, вели Реџепи.

Тој додава дека оваа година ќе ги откупиме тие 10% од акциите во складиштето во Александрополис.

Со овие активности е отворен патот на стабилниот гас во Северна Македонија.

Дополнително треба да се работи и на гасификација на термоелектраните. Кај нас само Те-То има инсталиран капацитет од 220 мегавати и годишно користат околу 300 милиони кубни метри гас годишно. ТЕЦ Неготино според студијата е предвидено да троши од 700 до 800 милиони метри кубни гас. За РЕК Битола сеуште нема ниту студија ниту проект за префрлање на гас.

Следните активности треба да бидат гасификација на домаќинствата. Реџепи потенцира дека наскоро треба да имаме решение и за тој процес.

Во минатото се покажа како нефункционално формирањето на комунални претпријатија во општините. Имаме две такви претпријатија во Куманово и Струмица за 15 години, 100 приклучоци немаат направено. Кога е на мал пазар не е исплатливо.

„Влегуваме во Јавно приватно партнерство за изградба на дистрибутивните мрежи за гас. Снабдувањето и трговијата е целосно либерализирана. Во оваа фаза се квалификувани две турски компании и која ќе достави подобри услови таа ќе го добие договорот со државата. Само во првата фаза треба да се инвестираат 350 милиони евра и ниту една наша компанија немаше бонитет за да финансира таков износ. Целата инвестиција во деталната мрежа ќе надмине 500 милиони евра“, вели Реџепи.

Тој додава дека првично биле заинтересирани и неколку компании од Франција, Италија и други земји од ЕУ, но подоцна не доставиле понуди.

 Според студијата за енергетика, ако немаш никаква инсталација во домот, ниту радијатори, бренери и бојлер, од нула да почнеш за стан од 82 метри квадратни ќе чини околу 1.400 евра за целата инсталација. Приклучокот во Куманово и Струмица, сеуште е многу скап. Просечно таму плаќаат околу 750 евра. Во условот за формирање на претпријатие за дистрибуција на гас на граѓаните Владата стави услов максималниот приклучок да не биде поскап од 100 евра. Ова е идеја на Владата да ја стимулира употребата на гас максимално за да го намали загадувањето на воздухот.

Ова остава простор со пуштањето на интерконекторот со Грција, да ја зголеми потрошувачката на гас.

  Држава Потрошувачка по жител
               1 Германија                                       1,451
               2 Турција                                          731
               3 Хрватска                                          612
               4 Романија                                          545
               5 Бугарија                                          478
               6 Грција                                          473
               7 Словенија                                          431
               8 Србија                                          389
               9 Северна Македонија                                          200
            10 Босна и Херцеговина                                            60
            11 Албанија                                            16
            12 Косово                                             –  
 Извор: Книга на факти на ЦИА
Потрошувачка на гас по жител

Владата ќе влезе и во процес на субвенционирање на внатрешните инсталации на гас, како радијатори, бренери и бојлер, по систем сличен како телефонските оператори што даваат апарати на исплата на корисници што ќе склучат договори со нив. Така да инвестицијата за поставување на инсталација за употреба на гасот, граѓаните да ја отплаќаат на неколку години. Греењето на гас треба да биде три пати поевтино, отколку греењето со електрична енергија.

Според индикаторскиот извештај на Министерството за животна средина од 2018 година, согорувањето во домаќинства и административни капацитети е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44% до 63% (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65%.

Според овие индикатори, над 90% од домовите и индустријата се загрева со енергенси кои се рангирани како најголеми загадувачи на животната средина. Затоа се и високите концентрации на ПМ 10 честички во воздухот.

Со гасификацијата треба да се запре горењето на дрвата, со што ќе имаме двоен ефект. Дрвата ќе останат, и ќе го прочистуваат воздухот, ќе го преработуваат јаглерод диоксидот, а нема да го емитираат со нивното горење е вториот ефект.

Дополнително, во следната фаза треба да се произведе водород.

За жал придвижување кон намалувањето на некои од емисиите на стакленички гасови ќе имаме само во енергетика, многу повеќе заслуга на руската агресија над Украина, отколку на свесноста од глобалното затоплување.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)