Европска директива за укажувачите и измени на домашното законодавство

Пишува: Горан Лефков

Европската Унија во 2019 година донесе нова директива за заштита на укажувањето и укажувачите. Таа директива ги пропишува посебните услови за заштита на укажувачите во различни области во секојдневното живеење. Интересен момент во оваа сесија беше што повеќе од половина од говорниците на оваа сесија беа лица кои поминале низ укажувањето како процес. Дел од нив пред да се донесе законот за укажувачи во 2015 година, дел од нив и самите биле офицери за прием на претставки од укажувачи во организациите каде што работат. Модератор на сесијата беше Ељмерина Ахметај Хреља, од Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива. Таа потенцираше дека се носат интересни измени со ЕУ директивата која треба да ја подобри заштитата.

Детално како изгледа да си укажувач од една страна и лице задолжено за прием на претставки од укажувачи од друга, објасни професорот Јован Јовчевски. Тој го има промовирано законот за укажувачи од 2015 година. Подоцна и самиот го спроведува. Како основач на ОТА (Оперативно техничка агенција) задолжена за прислушкувањето , тој се соочи со предизвикот да биде лице за прием на пријави и откако примил неколку пријави против директорот на ОТА и самиот станал жртва на директорот. Па се обидел преку Државната комисија за спречување на корупцијата да добие статус на укажувач, но тоа не се случило. Професорот Јовчевски детално го опиша и теоретскиот дел но и во пракса како тоа функционира. Тој даде и упатства што треба од Европската директива да се промени кај нас.

Овој панел имаше уште еден доктор на науки и поранешна деканка на Факултетот за безбедност во Скопје, Слаџана Тасева. Tаа е автор на првиот закон за укажувачи од 2015 година. Иако е поминато доста време сепак законот не ги постигна целите во делот на заштитата и не го оправда нејзиниот пионерски оптимизам кога го пишуваше. Потфрли спроведувањето на истиот.

Во публиката имаше и други укажувачи, кој пријавиле злоупотреби 5 години пред донесувањето на законот за заштита на укажувачите. Марјан Поповски, како поранешен синдикален лидер во Раде Кончар пријавил злоупотреби на државните органи тогаш, но наместо тие да го гонат криминалот во компанијата, институциите дозволиле, тој да биде избркан од работа и да се влечка по судови со години. Тој пластично објасни и кажа преку своето искуство, што треба да содржи новата измена на законот за заштита на укажувачи преку својот пример. Поповски потенцираше и дека мора да се имплементира ЕУ директивата, но и да се согледаат и домашните проблеми на укажувачите.

На дебатата исто така беа споменати и недостатоци во законот, но и нелогични работи кои ги има. Посебно се посвети акцент на правилата, доколку укажувач излезе на медиуми и пријави неправилности, тој го губи статусот на укажувач. Потоа се спомена дека за укажувачите мора да има и финансиска заштита. Доколку некој укажувач биде избркан од работа, со добивањето на статус на укажувач тој како право мора да добие финансиска помош, во висина од платата што ја зема, од независен Фонд. Случајот на Марјан Поповски и Јован Јовчевски покажаа дека има сериозна потреба од една ваква мерка.

Дополнително се спомена дека укажувачите треба да добијат и процент од казната што ќе ја плати правното и физичкото лице кое е укажано од конкретниот укажувач. Ова треба да ги стимулира укажувачите и да им гарантира финансиска безбедност и заштита.

Оставете коментар

коментар(и)