Европски шампиони за најзагаден воздух: загадувачите позначајни од здравјето

Пишува: Горан Лефков

Познатиот Британски весник Гардиан во сторија за кивалитетот на воздухот ја смести Северна Македонија како земја со нај неквалитетен воздух во Европа, каде пм 2,5 честичките ги надминуваат дозволените граници и неколку пати.

Според изготвената студија на Институтот за јавно здравје во соработка со Финскиот институт за јавно здравје, неверојатни 1.350 луѓе годишно умираат во Македонија заради загадениот воздух. Податоците од студијата го класифицираат Скопје во ранг на најзагадените градови во светот.

Ото Ханинен, истражувач во националниот институт за јавно здравје на Финска, кој беше дел од тимот за изготвување на студијата за квалитетот на воздухот во Скопје, смета дека нивоата на загаденост на воздухот се многу големи.

„Нивоата на загаденост на воздухот во Скопје се многу високи, но и во останатите градови во Македонија. Во меѓународни рамки мислам дека нивоата на загаденост се меѓу највисоките во Европа, а според некои споредби Скопје е загаден како Пекинг во Кина“, смета Ханинен.

Според оваа студија 32% од загадувачите на скопскиот воздух се домаќинствата, 22% отпаѓа на транспортот, односно автомобилите и автобусите, околу 20% се градежништвото и индустријата.

Во Скопје годишно се горат околу 800.000 метри кубни дрва. Ова го прави градот најзагаден воедно и најскап град за загревање во регионот. Најмногу домови, околу 120.000, во Скопје се загреваат на дрва.

Загадениот воздух е опасен по живот

Според лекарите што ги консултираше СКУП Македонија, пм 2,5 честичките се исклучително опасни по здравјето на луѓето и на целиот жив свет. Тие пм 2,5 честички се честички помали или еднакви на 2,5 микрометри. Овие честички кога влегуваат во белите дробови на крај завршуваат во крвотокот, и ако порано се сметаше дека се штетни повеќе за белите дробови, сега лекарите потенцираат дека тие се многу честа причина за инсултите.

„Аерозагадувањето ги има истите тие ефекти, се налепуваат плочки од загадувањето во крвните садови се стеснуваат крвните садови, а стеснување на крвен сад, често пати доаѓа до затнување, а затнување дава инфаркт. и затоа инфарктот на срцето е срцев инфаркт, а горе на мозокот е мозочен удар“, вели проф. Д-р Драган Ѓорѓев од Медицинскиот Факултет во Скопје.

Штетноста на овие честици е голема и од онколошки аспект. Д-р Милан Ристески, поранешен директор на Клиника за Онкологија вели дека Светската здравствена организација редот на величина од пм 2,5 до пм 10 ги има ставено во група 1 канцерогени, тоа значи силно канцерогени честици.

„Верувале или не. Кога ќе се зголеми количината на ПМ 10 честици во воздухот за само 10 микрограми на метар кубен тогаш инциденцата во тој математички модел би пораснала за 22% на бројот на вкупни случаи од карцином на бели дробови. додека како одиме кон поситните дијаметри, кога би се зголемила за 10 микрограми на метар кубен количината на пм 2,5 честиците тогаш за цели 36% се зголемува инциденцата за рак на бели дробови“, смета доктор Ристески.

Тој додава дека имаме една стабилна стапка на пораст на онколошки пациенти и дека секоја година по малку и расте бројот.

А од загадениот воздух страдаат сите, но најмногу децата смета проф. Д-р Ѓорѓев.

„За време на бременоста на мајката и растот  на плодот кога почнува анатомски и функционално да се развива плодот во сите тие фази било кој контакт со загадување предизвикува одредено оштетување во зависност од тоа кој орган или кој систем е зафатен, а тоа пак ќе зависи од тоа кој е хемискиот состав на загадувањето, што најмногу имаме во нашите филтри односно во нашиот воздух. Тогаш кога ќе се родат децата во доенечката возраст и во таа предшколска возраст истотака еден период на развој и кај овие деца коишто се изложени на аерозагадување во првите месеци при раѓањето имаме помала родилна тежина а понатаму имаме анатомски помали бели дробови, значи растот на белите дробови е забавен а со тоа и самиот процес на дишењето е афектиран па уште ако се погоди дека кај тие деца се појавила асма која не мора да биде причинета од аерозагадувањето тогаш имаме чести опструктивни бронхити значи тие респираторни инфекции коишто се почести кај овие деца коишто се долго време изложени, значи воглавном афектот е на имунолошкиот систем и на растот на белите дробови а со тоа намалена е и функцијата на белите дробови. Ние сме среќавале кај деца коишто живеат во загадените делови на градот или во загадени градови како што беше Велес или Скопје помали респираторни функции отколку децата во контролните групи“, вели Ѓорѓев.

Тој додава дека тие деца сеуште не се болни, меѓутоа полесно се задушуваат имаат помал витален капацитет на белите дробови и се потенцијални болни во иднина бидејќи со намалена респирација се оштетува респираторниот, подоцна и кардиоваскуларниот систем.

Покрај ова загадувањето на долг рок може да предизвика и канцерогени реакции, смета и поранешниот директор на Клиниката за Онкологија при Клиничкиот Центар во Скопје, Д-р Милан Ристески.

„Индирекно канцерогени значи дека во својата непосредна околина предизвикуваат реакција на воспаление. Кога тоа воспаление се случува во подолг временски период самото воспаление понатаму може да генерира неоплазма, односно малигна болест“, смета Д-р Ристески.

Јаглеродните честички се најголем загадувач

Јаглеродните честички што произлегуваат од согорувањето на фосилни горива, како јаглен, нафта, дрва се најголемите загадувачи на воздухот. Големите градови уште од одамна поминале на Централно греење и на тој начин ги намалиле емисиите на штетни честички.

Во Финска најголемите чекори во подобрување на квалитетот на воздухот започнаа во 50-тите, 60-тите и 70-тите години кога се исградија системите за централно греење и домаќинствата се прфрлија, а сопственото греење помина само како дополнување на градското парно, вели Отто Наининен.

Иако Скопје има Централно греење во градот сепак најголем дел од топланите не се гасифицирани и водата за парното ја загреваат на мазут и на нафта за домаќинствата. Ваквиот модел има високи производни трошоци и многу ја загадува животната средина.

Марјан Ненов, од Здружението за заштита на граѓанските права „No Pasaran“, вели дека над 40.000 домаќинства беа на системот на стара Топлификација.

„Проблемите почнаа со приватизацијата односно се се базира на алчноста на некои луѓе коишто сакаа повеќе да заработат затоа и цените ги дигнаа до бесвест. Од 2008 до 2010 година имавме масовни исклучувања. Околу 50% од корисниците на тој систем се исклучија поради високите сметки. Тоа беа сметки кои беа многу високи, значи сметката за греење беше колку сите останати сметки и поголема“, вели Ненов.

Тој додава дека сите сакаат да се греат на таков систем колективен, затоа што немаа грижи за греењето меѓутоа тоа беше веќе неподносливо. Очигледно е дека тоа беше кражба.  

Само за споредба колку значи чистиот воздух уште во 2017 година, Државниот завод за ревизија објави извештај за квалитетот на амбиенталниот воздух. Како споредбена ја има земено 2012 година.

Според истиот извештај во 2012 година се изгубени 11.655 години на живот заради предвремената смртност од рак на бели дробови која се препишува на изложеност на концентрации од 50 микрограми на метар кубен ПМ 2,5 пм честички во Македонија.

Доколку сме ги имале граничните вредности од 25 микрограми 2,5 пм честички на метар кубен, како што е во Европската Унија тогаш би биле спасени околу 5.000 години живот во земјава само во 2012 година.

Проблемот со загадениот воздух може да се реши само во инвестиции во почисти извори на енергија, како за загревањето на домовите, како на пример системи кои како енергенс ќе го користат водородот и со замена на возниот парк со електрични возила, наместо возилата со погон на дизел, бензин или гас.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)