ЕКОЛОШКАТА БОМБА „ДРИСЛА“ ИМ ГО ПРЕТВОРИ ЖИВОТОТ ВО ПЕКОЛ НА 50 ИЛЈАДИ ЖИТЕЛИ

Пишува: Лорик Идризи

Екипа на Скуп Македонија

Депонијата Дрисла го претвори животот на Батинци и Љубош во пекол. Околу 50 илјади граѓани не можат да излезат од дома, водата во Маркова река се сомневаат дека е токсична, а воздухот за дишење им е помешан со смрдеата од депонијата Дрисла. Апокалиптичната слика ги натера граѓаните на неколку населени места околу депонијата да излезат на протести минатата недела.

Нивните барања се, депонијата да не мириса, да не загадува и да се стави ред во депонирањето на ѓубрето. Според граѓанскиот активист Тони Никлушевски, ништо не е направено за да се подобри состојбата во депонијата Дрисла.

ВО БАТИНЦИ И ЉУБОШ НЕ СЕ ДИШЕ

„Оваа депонија многу одамна ги надминала своите граници за тоа што беше предвидена. Треба да се прекопа целата депонија, да се затвори целото старо ѓубре што се уште тлее и се уште создава метан додека гние, да се затвори со посебни мембрани што се користат во Европа и во современите земји и на тие места после десетина години никнуваат интересни и многу модерни и урбани паркови каде што нема никаква смрдеа, миризба и никакво загадување“, вели еко активистот Тони Никушевски.

Селма Ризвановиќ-Мандал , активист од невладината организација Лилиум Босниакум и поранешен жител на Батинци вели дека состојбата е страшна.

„Во Батинци и Љубош не се дише. Воздухот толку беше загаден, особено летните денови се чувствува една ужасна реа, смрдеа од загорено, запалено едноставно ги затвораме прозорците и наместо викенд во село на чист воздух ги враќавме децата назад во Скопје. Многу силна смрдеа. Не знам како да објаснам, едноставно не се дише“, вели Ризнавовиќ- Мандал.

Најпогодени од ваквите состојби се најмладите и жителите со хронични заболувања.

„Од депонијата многу мака имаме. Откако дојде депонијата цело село се отру, сите деца се болни. По 180 деца на ден одат во Љубош кај нашата докторка. Или нека ја прават како што треба или нека ја тргнат од овде да не ја видиме. Зошто да одиме ние пред време во гроб заради депонијата. Како ќе живееме ние овде. Подобро е државата да ги земе нашите деца и нас да не фрли во Вардар, отколку да живееме вака“, вели Шаби Алимовски, жител на Батинци.

Тој додава дека не се седи ни дома, ако го отвори прозорот да земе малку воздух, веднаш депонијата ќе влезе внатре.

ПОСЛЕДИЦИТЕ ПО ЗДРАВЈЕТО – ГОЛЕМИ

Реџеп Мемети е педијатар од Детската Клиника во Скопје. Зборувајќи за штетноста на оваа загадување, тој вели дека првата мета на овие аеро честички кои содржат хемиски и опасни материи се дишните патишта и дишните органи.

„Почнувајќи од горните дишни патишта па до белите дробови. Дел од тие хемиски материи продираат во циркулацијата, дел застануваат и во белите дробови и тн. И на тој начи предизвикуваат тешки респираторни заболувања и на некој начин го оштетуваат локалниот имунитет на белите дробови, а со тоа создаваат предуслови дасе накалемат инфективни микроорганизми, инфекции и со тоа имаме чести респираторни заболувања кај децата. Наместо едно дете кое може во текот на годината да има еднаш или два пати респираторна болест, овде ќе имаме 10 пати“, вели доктор Мемети.

Тој додава дека последиците би можеле да бидат страшни и долгорочни.

Дрисла е депонија отворена во 90-тите години и во нејзе ѓубре носат од Скопје и околината. Негодување од жителите на Љубош и Батинци имало уште тогаш. Со изминување на годините проблемот станува неподнослив, се жалат жителите на овие села.

ДРИСЛА ГИ ЗАГАДУВА И РЕКИТЕ

Маркова река во минатото беше позната по квалитетот на водата што доаѓаше скоро од Солунска глава.

„Родена сум во Батинци го паметам и времето пред да се отвори депонијата Дрисла, тогаш имавме многу убава вода за пиење. Немавме водовод, пиевме од бунари и навистина водата беше многу убава и чиста. Кога се отвори депонијата не беше можно. Се загади водата“, вели Селма Ризвановиќ- Мандал.

Сега водите воопшто не можат да се користат заради исцедоците од Дрисла. „Навечер во 6 часот ја пуштат водата надолу. Ги гледам јас кога одам со кравите“, вели Нијаз Мемеди, жител на Батинци.

Драги Давчевски, поранешен советник во Град Скопје, задолжен за известување за работењето на депонијата Дрисла, пред СКУП Македонија потенцираше дека нема целосно решение за прочистување на водите.

„Прочистителна станица во класичен вид не е докрај направена меѓутоа таму постои еден таложник кој што сите големи и потешки состојки кои се содржат во водата се таложат и само со тоа прелевање на водата излегува делумно прочистена, не е докрај прочистена, меѓутоа со самото течение по реката водата сама по себе си се прочистува“, потенцира Давчевски.

Тој додава дека исцедоците и водата што се слева низ каналите и низ оние зафаќачи што ја фаќаат водата таа оди дирекно во овој таложник, односно таа е преткомора која треба да биде пред пречистителната станица за да ја исчисти водата докрај. Сега може да се каже, можеби не е втора, ама помеѓу трета и четврта категорија на чистота на водата што излегува од Дрисла.

Во минатото жителите пиеле вода од бунарите, но сега им преостанува да се присеќаваат на тие убави денови.

„Само овој реон што припаѓа на оваа џамија има околу 500 куќи. Од овие 300 куќи се без вода. Сите носиме вода со коли. Некои што немаат кола, во леген носат вода, тоа е срамота во леген на ова време да се носи вода. Ова како да живееме пред нашата ера. Како во Африка да живееме некаде. Тоа е срамота денес вода да немаме, канализација, пат, плус загаденоста на воздухот“, вели Сабри Имери, поранешен имам во Батинци.

Батинци за жал е претворено во место каде не е лесно да се живее, велат неговите жители.

„Околу 300-400 куќи во оваа село немаат вода, патот не е направен, реката што поминува тука е втора депонија од ѓубре, нечистотија и тн. Последиците од депонијата ги трпиме ние секој ден“, Азем Јонузи, имам на Хаџи Сабри Џамијата во Батинци и поранешен советник во општина Студеничани.

Граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат.

„Преку 300 куќи се на хидрофор. Вода носат од Патишка река, од Коричани, од Црни врв носат со коли. Ајде летно време ќе оди, зимно време како ќе оди да донесе вода да пие. Ние вода за пиење немаме. Овде се работи партиски се работи за фотеља, да ја фати фотељата и не те гледа“, вели Афет Мемеди, жител на Батинци.

Селата Батинци и Љубош се на неколку стотици метри од депонијата Дрисла, од таму ги дели само Маркова река и еден асфалтен пат.

ГРАЃАНИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ИМААТ МНОГУ МАЛИГНИ ПАЦИЕНТИ

Жителите на Љубош и Батинци се сомневаат дека поради депонијата Дрисла кај нив е појавен зголемен ризик од малигни заболувања. Организаторите на протестот од Здружението Младината на Батинци смета дека во изминативе 3 години над 20 пациенти од рак се заболени или починале од овие населби.

„Јас долги години работам во Клинички Центар и лично може да потврдам дека е зголемена инциденцата на одредени сериозни заболувања почнувајќи од респираторни заболувања се до најтешки малигни заболувања кај деца кои доаѓаат од овој крај. Конкретно јас работев во одделот за хемато-онкологија каде имавме неколку деца од Батинци кои ги третиравме поради различни малигни заболувања“, вели доктор Реџеп Мемети, педијатар од Детската клиника во Скопје.

„Има заболено од канцер, има заболено од разноразни вируси има и починати од канцер“, вели Асан Ружди, жител на село Батинци.

Тој додава дека боледува од бубрези, еве веќе неколку години и за сите болести во селото се сомнева дека доаѓаат од Дрисла.

Покрај него, пред повеќе од 10 години починала сестра му на 42 годинишна возраст, од канцер. Пред неколку години брат му починал на 62 години и тој од канцер.

„Мојата снаа имаше канцер и се оперираше од канцер. Колегата со мене е опериран од канцер, значи многу луѓе се оперирани од канцер“, вели Сабри Имери, поранешен имам во Батинци.

Докторите предупредуваат на уште поопасни заболувања во иднина.

„ Долгорочното изложување на луѓето на вакви опасни материи не само кратко рочни негативни последици по здравјето што ги имаме секој ден. Би било страшно и сосема можно да очекуваме долгорочни последици во смисла на мутации, генетски заболувања и тн“, вели д-р Реџеп Мемеди.

ЉУБЉАНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД, МОДЕЛ КАКО СЕ УПРАВУВА СО ОТПАДОТ БЕЗ КОРУПЦИЈА

Центарот за управување со отпад во Љубљана е модерно здание, во кое се вложени 160 милиони евра од кои половина се од Европскиот кохезивен Фонд. Направен е модерен објект кое го рециклира 97% од отпадот. Само 3% од отпадот завршува на депонијата. Со изградба започнува во 2009 година, а првите количини на отпад ги прима во 2011.

За разлика од Љубљана која започна и изврши една голема модернизација на системот за управување со отпад, на 14 километри воздушна линија од Центарот на Скопје се наоѓа најголемата депонија во Европа. Дрисла… Капацитетот на Дрисла е 26 милиони метри кубни отпад. Тоа е приближна количина како најновата изградена Брана во Македонија, Браната Кнежево на Злетовска река.

За разлика од Љубљана, Скопје имало визија за депонирање на сметот уште 20 години пред нејзе во 90-тите, кога е и пуштена Дрисла. Ама како е пуштена депонијата така времето за нејзе застанало. Нема инвестиции, нема развој. 100% од отпадот, завршува на Дрисла, наместо да се рециклира како во Љубљана каде 97% од отпадот оди како суровина а само 3% завршува на депонија.

За разлика од Љубљана модерно Скопје, над 90% од отпадот го фрла на депонијата Дрисла. Овој проблем дополнително на своја кожа ќе го осети државата во претпристапните преговори со Европската Унија, кога ќе биде наложено исполнување на европските стандарди. Ние сме многу далеку од нив засега.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)