ЖИВОТ НА ДИЈАЛИЗА ЗАГОРЧЕН И СО ЖОЛТИЦА

автор: Јасмина Јовановска
Бубрежно болни се заразуваат на дијализа со жолтица Ц. Ова го потврдуваат и пациентите и нефролозите, а причината ја лоцираат во неспроведувањето на стандардите за безбедна дијализа во практиката, како и тоа што во државата никој не ја контролира безбедноста на пациентите на дијализа како што треба. Според економските аналитичари, дијализа во супстандардни услови се случува и поради тоа што центрите немаат доволно пари за дијализа, но и тие што ги добиваат ненаменски ги трошат.

Податоците од центрите за дијализа за заразеноста на пациентите со жолтица Ц се фрапантни. Во Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ велат дека има центри каде што заразата е присутна кај 30 отсто од болните, но има и центри каде што повеќе од половина од пациентите се инфицирани со хепатитис Ц. Голем дел од стручњаците велат дека инфекцијата се шири бидејќи апаратите не се стерилизираат секогаш докрај, како што налагаат процедурите, а се штеди и на ракавици, па инфекцијата може да ја пренесат и медицинските сестри.

„Една медицинска сестра работи и со лица што се заразени со жолтица Ц и со оние што не се заразени“, се пожали потпретседателот на „Нефрон“, Душко Ѓоргиевски, на Денот на бубрегот – 10 Март. Тој предупреди дека пациентите што доаѓаат во центрите за дијализа, поради физичката неподеленост на пациентите, се директно изложени на заразување од хепатитис Б и Ц.

 

Дијализни места
Проблемот за ширење жолтица меѓу болните на дијализа стручњаците ја лоцираат и во немањето доволно дијализни места. Инфекцијата се’ повеќе се разгорува, додава нефрологот Нинослав Ивановски, затоа што здравствените работници не се секогаш во можност да прават селекција на апаратите на кои ќе може да се дијализираат само заразените пациенти.

„Се случува во услови на немање доволно места за дијализа, на апаратите на кои се дијализираат само позитивни пациенти да седнат за дијализа и лица кои воопшто не се болни од жолтица Ц“, укажува д-р Ивановски. Според негови процени, во некои центри има и до 90 отсто заразеност со жолтица Ц. Проблемот, според Ивановски, е и во тоа што болните редовно не се контролираат дали се заразени или не, зашто парите за испитување се товар за буџетите на центрите.

„Не се прави редовна контрола на присуството на вирусот во серумот на болниот, тест кој моментно се изведува единствено во МАНУ. Центрите за дијализа не го прават регуларно овој тест, поради тоа што им го оптоварува буџетот“, појаснува д-р Ивановски.

Економските аналитичари велат дека една од причините за проширување на инфекцијата е и ненаменското менаџирање на парите од дијализата. И покрај тоа што во цената на дијализа Фондот за здравствено осигурување предвидува и пари за амортизација, односно за купување нови апарати, досега не се случило некој центар сам да купил апарат. Центрите или добиваат апарати како донација (и тоа често веќе употребувани апарати), или ако државата им купи опрема, а тоа ретко се случува. Моментно, како што вели Љубомир Трпеноски, претседател на Здружението „Нефрон“, потребно е да се заменат најмалку 80 апарати.

А менаџерите на центрите го оправдуваат неспроведувањето на стандардите за дијализа со немање доволно пари да ја прават дијализата, а не, пак, да купат апарати или, пак, да го прошират центарот за да можат да прават селекција на болните. Тие велат дека Фондот не им ги плаќа сите дијализи, па мора да се крпат.

Но, од Фондот за здравствено осигурување се категорични дека цената е така дефинирана што има за секоја дијализа по 180 денари за амортизација. „Кога ја дефиниравме референтната цена на дијализата, земени се предвид сите ставки. Цената е 4.885 денари, од кои 180 денари се за амортизација“, вели портпаролот на ФЗО, Бранко Аџигогов. Но, тој признава дека досега ФЗО не правел контрола како парите од дијализа се трошат и дали парите се трошат наменски. „Ни Фондот нема увид како се трошат парите за дијализа, зашто центрите добиваат годишни буџети. Но, со воведување на трезорското работење на здравствените установи, кое стартува годинава, сигурно и Фондот ќе има поголема евиденција како се трошат парите за дијализа, зашто сите ќе бидат наменски дефинирани, и точно ќе се знае колку пари и за што се трошат. Доколку се врши пренамена, ќе мора да има согласност од Фондот“, објаснува портпаролот на ФЗО, Аџигогов.

Ако добро се менаџираат парите, реално годишно може да се собираат и по 45.000 евра, ако се има предвид дека годишно се прават и по околу 200.000 дијализи. Со оглед на тоа што еден апарат чини околу 6.000-7.000 евра, годишно може да се купуваат најмалку седум апарати. А реалноста покажува дека досега не се купувал ни по еден. Аналитичарите прашуваат каде се трошат тие пари, односно дали се пренаменуваат за други потреби на центрите.

Националниот координатор за дијализа, д-р Александар Шиколе, признава дека со парите што се предвидуваат за амортизација за две години може да се купат најмалку десет апарати. Но, Шиколе тврди дека Фондот никогаш не им плаќа толку колку што правеле дијализи во годината, па се принудени парите од амортизација да ги пренасочуваат за лекови и за потрошен медицински материјал за дијализа. Според него, не станува збор за злоупотреба на парите, кога центрите немаат доволно пари ни за основно спроведување на дијализата.

Но, Шиколе смета дека главниот проблем не се само парите и апаратите. Пред четири години е донесена стратегија за да се спречи ширењето на инфекцијата. „Пред секоја дијализа треба да се прави хемиска стерилизација, која треба да трае и по 40 минути, а понекогаш и топлотна стерилизација на апаратите, за да се исклучи пренесување на заразата преку апаратите. На тој начин се уништува вирусот и до 100 отсто“, вели Шиколе. Но, тој не знае колку овие мерки се спроведуваат во сите центри за дијализа. Контролата на тоа како се спроведува дијализата треба да ја врши Здравствено-санитарната инспекција.

 

Слаба контрола

 

Од Здравствено-санитарната инспекција велат дека двапати годишно треба да се прави контрола на здравствено-санитарните услови во центрите, и тоа по нивно барање. Двапати годишно контрола треба да прави и Институтот за јавно здравје. Последната контрола е направена во декември лани. Наодите на најголемиот дел од центрите се добри. Се почитуваат правилата за безбедна дијализа, од дезинфекција на апаратите, па до носење ракавици. „Проблем е што не може во сите центри да се направи физичка поделба на апаратите за дијализа на оние што се позитивни на жолтица од оние што не се заразени. Засега таква поделба има само во два центра“, објаснува Вера Менкова од Државната здравствено-санитарна инспекција.

Но, дали се почитуваат мерките за дезинфекција на апаратите и колку сестрите редовно ги менуваат ракавиците за една употреба пациентите на дијализа се скептици.

„Во ситуации кога од разни причини било задоцнето со почнување на дијализата и се брза за да се стигне двете смени на дијализа да завршат во редовното работно време, дезинфекцијата на апаратите место 20 минути, трае и пократко“, објаснуваат неколку пациенти. „Се сомневаме и колку сестрите редовно ги менуваат ракавиците“, вели потпретседателот на Здружението „Нефрон“, Ѓеоргиевски.

Националниот координатор признава дека во центрите во просек има по 40 отсто заразени пациенти со жолтица Ц, но смета дека тој процент е добар ако се знае дека во 1992 година кога почнале да вршат испитувања за ова заболување, процентот на заразеноста бил и до 90 отсто. Но, тој е оптимист дека работите одат на подобро. За две години клиниката добила две корекции на буџетот, а до крајот на годината ќе добие уште една. „Со зголемувањето на буџетот полека ќе се создадат услови за дијализите да се покриваат со доволно средства и на центрите да им останат пари и да купуваат апарати“, смета Шиколе.

Но, само апаратите не ги прават центрите, потребен е и простор за да се направи поделба на пациентите што се позитивни на жолтица Ц од оние што не се заразени.

Министерството за здравство уверува дека нема драстично зголемување на заразата со жолтица Ц кај бубрежно болните. За да се добие реална слика од теренот, формирана е комисија од претставници од Министерството и од лекари од Клиниката за нефрологија. Но, објаснувањето од комисијата е многу контрадикторно.

„Констатирано е дека во секој центар задолжително се прави хемиска или топлотна стерилизација на машините по секоја дијализа. Медицинскиот персонал има наредба да менува ракавици по секоја интервенција врз пациент. Таму каде што има можност, позитивните болни се одвојуваат од негативните во посебни соби. Во секој случај, се одвојуваат на позитивни или на негативни апарати, со задолжителна стерилизација на машините“, се вели во објаснувањето од Министерството за здравство. Но, веднаш по ова објаснување, во продолжение се вели дека стерилизацијата и стандардите за сместување на пациентите со хепатитис Б и хепатитис Ц во посебни простории постојат секаде, а вработените се задолжени да ги почитуваат. Комисијата сака да ја фрли вината на центрите дека тие не ги почитуваат стандардите. А од центрите прашуваат како да ги спроведуваат стандардите кога немаат доволно простор и апарати, ниту пари.

Иако според Министерството за здравство во центрите има стандарди, сепак, на овие установи им се порачува што да преземат за да не се шири заразата. Препорака е пациентите што се негативни на жолтица Б да се праќаат на вакцинирање. „На болните редовно да им се контролираат маркерите дали се заразени со жолтица Б или Ц и да се одделат ХЦВ негативни пациенти од ХЦВ позитивни апарати“, се вели во објаснувањето од Министерството за здравство.

Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот СКУП

Оставете коментар

коментар(и)