Загадување: Кампањите 10 пати поскапи од мерните станици

Прилеп, Штип и Свети Николе не издвоиле средства за справување со аерозагадувањето

Автор: Јасминка Стојановска

Град Скопје за последниве три години потрошил најмалку 10 пати повеќе пари на кампањи, елаборати и истражувања во врска со загадувањето на животната средина отколку што државава потрошила за набавка на инструменти за мерните станици кои ја мерат загаденоста на воздухот низ целата нејзина територија. Само во 2019 година, скопските власти издвоиле досега рекордна сума за борба со загадувањето, година во која Скопје, а и државава станаа познати како едни од најзагадените места во Европа и светот. За разлика од Скопје, другите општини не одвојуваат многу средства за справување со загадувањето, а некои од нив се надеваат на ветрот како единствен спас од штетните честички од кои во државава годишно умираат најмалку 1.000 луѓе годишно.

Загадувањето повидливо од резултатите

За периодот од последниве три години, поточно од 2017 до 2019 година, град Скопје потрошил вкупно 195.150.000,00 денари или нешто над 3 милиони евра. Според податоците кои ги добивме од град Скопје, во 2017 година биле издвоени 26,95 милиони или над 400.000 евра кои градот ги искористил за ажурирање на Инвентар на стакленички гасови за 2013 – 2015 година за Скопје и мапирање на емисии од греење од домаќинствата во соработка со УНДП, потоа за истражување на последиците од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, како и изработка на елаборати за загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот и дел од средствата биле наменети за субвенции на граѓани за набавка на печки на пелети. Следната, 2018 година буџетот бил 74,9 милиони денари или 1,2 милиони евра. А парите биле наменети за изработка на здравствен профил на град Скопје, потоа за кампања за информирање за негативните последици од палењето на отпадот и користењето несоодветни горива за затоплување, како и за истражување на последиците од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето и испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото како средство за затоплување и испитувањата на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот. Дел од средствата биле издвоени за субвенции на граѓани за набавка на печки на пелети, потоа субвенции за приватни компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници за инсталирање на уреди на гас и купување на автобуси, субвенции за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот, субвенционирање на ЈП Градски паркинг за бесплатно паркирање при одење на Водно во денови на викендот, во катната гаража Македонска фаланга и на паркингот кај Нова Македонија и за субвенции за граѓани за набавка на велосипеди и субвенционирање на домаќинства и други субјекти за чистење на оџаци.

Додека, најголем дел од средствата се издвоени минатата, 2019 година. Вкупно 93,3 милиони денари или нешто над 1.5 милиони евра. Парите биле наменети за истражување на последиците од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, потоа испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото како средство за затоплување како и испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот. И минатата, како и предминатата година се субвенционирале граѓани за набавка на печки на пелети, потоа се делеле субвенции за приватни компании кои учествуваат во јавниот превоз на патници за инсталирање на уреди на гас и купување на автобуси со

ЕУРО 5 И ЕУРО 6, а се давале субвенции на граѓани и за инвертори, потоа за чистење на оџаци, како и субвенции за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот и субвенции за граѓани за набавка на велосипеди.

Сепак, растењето на сумите од година во година не влијаело врз намалување на загадувањето. Напротив, Скопје, а и државава оваа зима се рангираше на топ листата на 10 најзагадени места во светот. Ваквите состојби ги алармираа и граѓаните кои на два пати зимава помасовно се собраа на мирни протести, изразувајќи револт за алармантната состојба со загадувањето на воздухот во главниот град, а и општо против непреземањето мерки од страна на надлежните.

Кога ќе се анализираат податоците, заклучокот е дека средствата за заштита на животната средина кои се одвојуваат од страна на локалната самоуправа и националните институции не секогаш се искористуваат за справување со загадувањето на воздухот. Имено, јавноста често пати се прашува зошто и покрај голем број на спроведени елаборати, студии, проекти, медиумски кампањи, активности на граѓански организации, најавени низа мерки од страна на надлежните институции и сл. загадувањето на воздух сè уште не се намалува. Зошто Република Северна Македонија е во топ 10 земји во светот по загаденост? На што се должеа енормните концентрации на пм честичките и други загадувачки супстанци во воздухот во Скопје, Куманово, Битола, Тетово, Кавадарци и другите градови во Република Северна Македонија во последниве месеци?

Скопје се гуши, но и другите градови „не дишат“

Покрај Скопје, кој е секогаш во врвот на светско ниво според измерените концентрации на загадувачки материи, во изминатиов период и во Куманово на неколку наврати загадувањето беше повисоко од дозволените гранични вредности.

На 5ти декември лани, Куманово беше забележан како најзагаден град во државава. Според апликацијата „Мој воздух“, концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот во 18 часот изнесуваше 468 мг/м3, додека во 21 часот беше 339 мг/м3. Тоа е за 9 односно 7 пати над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен.

Побаравме информации во Општина Куманово за досега издвоениот и потрошен буџет во претходните три години за борба против аерозагадувањето. Според она што ни го доставија, општината има предвидено многу повеќе средства за справување со загадувањето од што има потрошено. И покрај тоа што побаравме од општината, не добивме информација за што се искористени средствата од разликата од планирани и искористени средства.

Согласно информациите од испитувањето за енормна загаденост на Куманово, како причина беше посочено загревањето со мазут на болницата во Куманово. Овој проблем е детектиран од страна на општината и затоа се преземаат соодветни мерки односно во тек е гасификација на Кумановската болница со што ќе се реши овој проблем, но инвестицијата треба да биде помогната  од Министерството за здравство.

Податоци за општина Куманово

  Предвидено   Реализирано  
2017 г. 0,00 ден.   0,00 ден.  
  2018 г.   2.600.000,00 ден.   Р10-Заштита на животната средина   88.888,00 ден. Други трансфери- Субвенции гас
    3.500.000,00 ден. РАО-Заштита на животната средина- капитални расходи,    
  2019 г.   500.000,00 ден.   Р10-Заштита на животната средина   141.180,00 ден. Други трансфери- Субвенции гас
    1.700.000,00 ден. РАО-Заштита на животната средина -капитални расходи,   939.750,00 ден.   Купување на други моторни возила
Вкупно: 8.300.000,00 ден.   1.169.818,00 ден.  

Во 2019 год. општина Куманово презела одредени мерки за намалување на загадувањето, а најмногу резултати согласно одлуката, дала аеросолизацијата којашто се спроведува кога има енормна загаденост во градот, која пак, од друга страна, е мерка во краен случај.

Одговор на барање за слободен пристап до информации од јавен карактер Општина

Согласно доставените записници, надзорот е во делот на отстранувањето на отпадот од активностите на правни субјекти. Има неколку записници каде поради користење на течно гориво и ќумур се обврзуваат правните субјекти да постават филтри, но не и да извршат мерење на емисија на честички во воздухот.

Во однос на издвоените средства за справување со аерозагадувањето во општина Велес, во 2017 година најмногу е инвестирано во зелени површини, а следните две години во замена на грејни  котли јаглен во општината со грејни котли на пелети.

Година Средства Намена
2017 г. 2.000.000,00 ден. Подигнување на нови зелени површини
  151.680,00 ден. Чистење на диви депонии
Вкупно: 2.151.680,00 ден.  
      2018 г.       1.987.000,00 ден. Замена на грејни котли на јаглен во општинската зграда со грејни котли н апелети (I фаза)
  2.000.000,00 ден. Подигнување на нови зелени површини
  500.000,00 ден. Чистење на диви депонии
  91.335,00 ден. Подигнување на јавна свест
Вкупно: 4.578.335,00 ден.  
        2019 год.             423.000,00 ден. Вградување на котел на пелети и замена на електрични котли во Градинка Димче Мрчев и преправка на котел од работа на нафта во работа на пелети во МУЦ Стефан Гајдов
    72.000,00 ден. Вградување на горилник на пелети во ООУ Васил Главинов
        2.000.000,00 ден. Замена на грејни котли на јаглен во општинската зграда со грејни котли на пелети (II фаза)
  4.500,00 ден. Подигнување на нови зелени површини
  500.000,00 ден. Чистење на диви депонии
Вкупно: 7.495.000,00 ден.  

Општина Велес има изработено Катастар на загадувачи и План за квалитет на амбиентален воздух (за период од 2018-2022 год.) достапни на веб страната на општина Велес www.veles.gov.mk. Инспекциски надзор се врши редовно и во случај на загадување на воздухот од работата на инсталации и објекти. И ова би било навистина амбициозно и напредок на локалната самоуправа во донесување на мерки за заштита од аерозагадувањето кога би функционирал и системот за мониторинг на загадувањето на воздухот и доколку има меѓуинституционална соработка.

Имено, во градот функционира само една мерна станица за амбиентален воздух и таа често не мери поедини параметри, како на пример, опасните ПМ 10 честички. Втората мерна станица која беше лоцирана во близина на велешка Топилница, пред неколку години Министерството ја исели надвор од Велес, а на друга локација во државава. Според Македонската Информативна Агенција, локалната власт уште пред 2–3 месеца побарала од Министерството за животна средина и просторно планирање да се постават мерните инструменти за мерење на квалитетот на воздух, но била одбиена од Министереството со образложение дека тоа не е во согласност со светските стандарди за мерење на квалитетот на воздух. Каков е тогаш инспекцискиот надзор кога нема точни информации за количината на загадувачки материи кои се испуштаат од работата на инсталации и објекти?

Во однос на казните, за периодот од 2017-2019 година во Велес, на 13 ноември 2019 година на седницата на Комисија за спогодување потпишана е Спогодба за плаќање на глоба за правниот субјект „Благој Ѓорев“ АД Велес од 50.000 евра поради пожар во силос за палети. Средствата од глобата одат во државниот буџет.

Одговори побаравме и во другите општини. Општина Кочани во 2017 и 2018 година не одвоила средства за заштита на животната средина. Во 2019 год. издвоиле 330.000,00 ден. но не е наведено за која цел се потрошени. Општините Прилеп, Штип и Свети Николе немаат издвоено средства од буџетот за справување со аероагадувањето.

Од општина Штип информираат дека на општинската зграда е поставена единствената мерна станица која го мери квалитетот на воздухот во градот. Според расположливите податоци од мерната станица не се забележани поголеми пикови на зголемување на присуство на загадувачки честици во воздухот. Записници од инспекциски надзор нема. Осумдесет проценти од фирмите во Штип се конфекции кои не загадуваат, но што е со остатокот од 20 проценти нема информации. Регистар на загадувачи и План за справување со загадување на воздухот нема. Најбитен фактор е климатскиот фактор, а тоа е „одличната локација за ружата на ветрови која допринесува Штип да нема проблеми со аерозагадувањето“.

Одговор на барање за слободен пристап до информации од јавен карактер Општина Штип

Во општина Битола во 2019 година се извршени вкупно 62 инспекциски надзори и тоа на правни субјекти кои при вршење на своите основни дејности може да имаат емисии во воздухот: млекари, бетонски бази, печатници, пекари, автосервиси и други работилници, кои може да создаваат отпад кој доколку се согорува може да влијае врз квалитетот на воздухот. Врз основа на извештаите, изречени се 9 казни.

Мерните станици последни на дневен ред

Во текот на минатиов период особено во зимскиот период, кога загадувањето на воздухот беше најголемо, голем дел од мерните станици или одредени инструменти не беа во функција.

Во моментов, во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање постои мрежа од 18 автоматски мониторинг станици кои мерат присуство на повеќе штетни честички како ПМ 10, ПМ 2,5, SO 2, CO, NO и O3. Согласно информациите од оваа мрежа, дел од инструментите поради дотраеност потребно е да бидат заменети. Се поставува прашање кога се набавени, по која цена, дали мерните станици редовно се сервисираат и проверуваат и кој ги сервисира? Дали во буџетот се планираат и одвојуваат средства за нив? Дали поставеноста на мониторинг станиците е соодветно? Дали се одвојуваат средства за поставување на нови мониторинг станици?

На овие прашања побаравме одговори од ресорното министерство. Од таму со одговор дека во моментов сите мониторинг станици се во функција, со тоа што одредени мерни инструменти кои се инсталирани во станиците не функционираат. Во секоја од мониторинг станиците има од четири до шест мерни инструменти (во зависност од локацијата) и сите тие функционираат независно еден од друг.

Од достапните податоци за тоа колку е вложено во одржување и сервисирање на инструментите во мерните станици може да се заклучи дека за периодот од 2017-2019 година за набавка на нови, проверка, поправка, сервисирање на мерни станици се издвоени вкупно 15.460.596 или нешто над 250.000 евра. Тоа е над 10 пати помалку од средствата кои за истиот тој период се одвоиле за борба против загадувањето од страна на град Скопје. Се работи за набавки на автоматски анализатори за мерење на суспендирани ПМ 10 честички и набавка на систем за прибирање и обработка на податоци, потоа за резервни резервни делови за анализатори за NO-NO2-Nox за потребите на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, како и за набавка на микро аналитичка вага за мерење на филтри, потоа за дислокација на мониторинг станици, проектирање и изградба на фундамент со заштитна ограда и поставување на мониторинг станиците за квалитет на амбиентен воздух и набавка на резервни делови за потребите на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух. Одржувањето, сервисирањето и калибрацијата на мерните инструменти се врши од страна на Министерството.

Во државава има и мониторинг станици кои се под надлежност на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Проф.д-р Дејан Мираковски кој е раководител на Лабораторијата АМБИКОН при УГД Штип појасни дека нивните станици се истражувачки и не се дел од државниот мониторинг.

Ставени се за прибирање податоци за научни цели, а поради интерес на јавноста, дел од нив, кои се во урбани зони се ставени на сајт (ambisite.ugd.edu.mk) и достапни преку апликацијата „Мој воздух“. Дел се ставени во градови каде нема државни мониторинг станици или истите не се во функција и не работат, како во Штип, Прилеп, Кавадарци. За јавноста достапни се 6 станици, а на терен се поставени вкупно 12, повремено уште 4 дополнителни. Во просек, за една станица се трошат околу 1000 евра на годишно ниво и тоа вклучува филтри, сервисни посети, монтажа и демонтажа, интернет комуникација. Буџетот се одвојува исклучиво од сопствени приходи на лабораторијата (приходи добиени од проекти, мерења и слично) и немаат никакви државни средства за таа намена.

Овие автоматски станици, појасни професорот, ги прават сами, а тие имаат сертификат за индикативен мониторинг. Дополнително ги мерат и метеоролошките параметри. Инаку, лабораторијата АМБИКОН е акредитирана.

Што велат експертите

Несоодветното предвидување на мерките и планирањето на буџетот, нерационалното користење, пренамената на буџетските средства издвоени за справување со загадувањето на воздухот, однапред непредвидени средства кои ќе ги следат новите позитивни законски норми  имаат големо влијание во неуспешната борба и справување со  загадувањето. Експертот за заштита на животната средина од Друштвото за еколошки  консалтинг „ДЕКОНС-EMA“ ДОО,  Менка Спировска, смета дека треба да се преземат следните мерки за намалување на аерозагадувањето: измена на регулативата за увоз на половни возила и забрана на увоз на возила, кои поседуваат мотори пониски од ЕУРО 5 стандардот; стимулирање користење на јавниот превоз; формирање пешачки зони во централното градско подрачје, прилагодување на инфраструктурата на градот заради безбедно и непречено користење на велосипедите како превозни средства и др. Таа потенцира дека е потребно да се вработи компетентен, едуциран, искусен, обучен и посветен кадар во надлежните институции, како и да се зголемат инспекциските контролии подобрување на судскиот систем, особено во делот на изрекување казни за сторителите на прекршоци од областа на животната средина.

Општините шкрти за загадувањето

Со цел да дознаеме каква е состојбата со борбата со загадувањето, освен Скопје, испративме барања по слободен пристап до информации од јавен карактер до 19 општини во државава,

вклучувајќи го и град Скопје. Одговори добивме само од 8 општини и тоа во најголем дел нецелосни и двосмислени. Ова покажува само дека и информациите кои треба да се транспарентни и достапни до целата јавност, се доставуваат селективно и нецелосно.

Планови има, воздух нема

Градот Скопје согласно своите законски обврски има донесено два плана за амбиентен воздух и тоа: План за подобрување на квалитетот на воздухот во агломерација Скопски регион, донесен од Советот на Град Скопје 2017 година. Во него, меѓу другото, е наведено дека за повеќе мерки е потребно детално планирање. Дополнително, трошоците и надлежните органи мора да се дефинираат подетално откако детално ќе се дефинираат мерките. „Спроведувањето на повеќето мерки за намалување на емисии и концентрации на критички загадувачки супстанции се со подолг рок. Со моментално достапните информации не беше возможно да се оцени деталното влијание на погоренаведените мерки врз квалитетот на воздухот, односно, врз намалувањето на концентрациите. За ова е потребно развивање на реални сценарија на емисии за секој сектор поединечно, вклучително и пресметки од моделот, кој се базира на таквите сценарија, се вели во Планот.

Донесен е и Краткорочен акционен план за заштита на амбиентниот воздух во Град Скопје и општините во град Скопје, донесен од Советот на Град Скопје 2017 година. Согласно овој план „со цел да се заштити населението од штетното изложување на зголемени концентрации на загадувачки супстанции поставени се прагови на алармирање“. Покрај информативните мерки, дадени во претходното поглавје, надминувањето на прагот на алармирање треба да повлече и други вонредни мерки за брзо да се намали изложеноста на многу високи концентрации на загадувачки супстанции. Како и во претходниот план, можните вонредни мерки кои може да се спроведат во Скопје не се идентификувани во детали, бидејќи за сите мерки потребно е детално планирање или се потребни промени во националното законодавство. Исто така, не е направена проценка на ефектите од овие мерки, поради потребата од дополнително планирање.

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)