Автор: Весна Ивановска-Илиевска
Годишно одржува околу 300 дополнителни часа бесплатно. Ентузијазмот сè уште не го напушта, иако вели дека станува уморен од нелогични ситуации, однапред изгубени борби. Д-р Миха Буклески, доцент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, е еден од неколкутемина вработени во високообразовни установи кои секоја година ги подготвуваат талентираните средношколци за натпревари на меѓународни олимпијади. Во неговиот случај за
Меѓународната олимпијада по хемија ( IСhO), еден од најпрестижните светски натпревари за средношколци од областа на оваа наука.
Веќе неколку години по ред тој е ментор на ученици што освојуваат медали, но поради низа системски пречки, не може да ја добие наградата што му следува. Неговата судбина ја делат и ментори вработени во високообразовни институции кои ги подготвуваат учениците за некоја од 13. меѓународни натпревари (олимпијади) акредитирани од Министерство за образование и наука на Република Северна
Македонија (МОН). Фрустрацијата кај менторите е уште поголема зашто паричната награда ја добиваат наставници што не им се ментори на учениците. Овие наставници, пак, сметаат дека се дел од секојдневното образование на младите надежи во науката, дополнително се вложуваат во надградбата на овие ученици и затоа им следува оваа парична награда.
ЗАКОНОТ ОВОЗМОЖУВА НАГРАДА, НО ЗА КОГО?
„Лани освоив медал на меѓународна олимпијада. Потоа конкурирав за парична награда во Министерството за образование и наука. Требаше да соберам повеќе документи и потврди, дека сум редовен ученик и слично. Конкуриравме заедно со професорката од средно“, вели нашиот соговорник (чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата). Тој е меѓу десетината средношколци што освоија медал на една од 13. акредитирани олимпијади. Интензивните подготовки за олимпијадата се одвивале на Институтот за хемија, со доктори на науки вработени на институтот. Бидејќи освоил бронзен медал, според пропозициите дефинирани во Законот за средно образование (Член 24-б, став 3), тој 12 месеци добивал парична награда од 8.000 денари. Истата награда можат да ја добијат наставници вработени во средни училишта, но не и менторите, доктори на науки кои се вработени на факултет.
МОН му ги доделува акредитациите на соодветно научно здружение, кое потоа ги организира и подготвува основците или средношколците за меѓународен натпревар од областа на природните науки, математика или информатика. Најчесто тоа се доктори на науки вработени на факултетите бидејќи проблемите што се решаваат на меѓународните натпревари се на повисоко ниво од материјалот што се учи во средно.
Според член 24-б, став 3 од Законот за средно образование, МОН на ученикот и на наставникот што го подготвувал за натпреварот поединечно им доделува парична награда од 50% од просечната нето- плата за освоено прво место, 40% за второ место и 30% за освоено трето место. Односно, МОН им доделува парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци.
Врз основа на овој член МОН објавува јавен повик за да се пријават медалистите и нивните ментори за да ја добијат заслужената парична награда. Тука почнуваат проблемите на менторите. Оние вистинските, што три месеци ги подготвуваат учениците да постигнат врвни резултати, се оневозможени да си ја подигнат наградата. Оваа предност ја користат наставниците вработени во средните училишта.
Буклески е член на Сојузот на хемичарите и технолозите (СХТМ), здружение акредитирано од МОН да ги подготвува средношколците за IChO. СХТМ во 2015 година ја презеде организацијата за избор на средношколци што ќе ја претставуваат нашата земја на престижниот натпревар.
- Сè почна скромно, но преку искуството се подобривме и во изборот на учениците и во начинот на нивна подготовка. Сè уште разработуваме систем за поефикасни подготовки и тестирања, специјализирани и насочени за да ги оспособат учениците да бидат конкурентни на меѓународните натпревари. По шести пат го започнуваме циклусот подготовки за учество на претстојните натпревари во 2020 година – вели Буклески.
За кусо време се виделе резултатите – првиот медал бил освоен во 2017 година, само две години по преземањето на организацијата од страна на СХТМ.
- Таа година беше тешка. Едвај заминавме, еден ден подоцна од предвиденото, но инаетливо им се спротивставивме на сите неправди и успеавме да го обезбедиме првиот медал за нашата држава на IChO – најреномираниот натпревар од областа на хемијата во светски рамки и еден од вкупно 12. светски признати натпревари на знаење (не проекти!). Во наредните две години беа освоени уште 4 бронзени медали или вкупно 5 медали – објаснува Буклески.
СИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА СО ИСТ ПРОБЛЕМ
Во 2017 година, иако освоиле медал, не знаеле дека има законска можност за менторите да добијат награда за освоен медал.
- Тоа го дознавме во 2018 година кога сфативме дека и во 2017, а потоа и во 2018 биле доделени предвидените награди за менторите. Но, тоа не бевме ние, членови на СХТМ. Во 2018 година ги исконтактиравме освојувачите на медали за можноста да конкурираме за награда, едниот од нив нè информира дека со неговата професорка од средно веќе конкурирале. Искрено, бевме изненадени и навредени од овој потег. Со другиот ученик конкуриравме заедно, но тогаш менторот беше одбиен поради неисполнување на условите од конкурсот – објаснува Буклески.
Од МОН ја побаравме листата со наставници што конкурирале и ја добиле наградата. Според нивната евиденција, во учебните години 2016/2017 и 2017/2018 наградата ја добиле четири наставници и седум ученици.
Биљана Петреска, наставник по хемија од скопското средно училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, е една од наставниците што двапати конкурирале и ја добиле паричната награда од МОН. Таа смета дека е заслужна за медалите што ги освоиле нејзините ученици бидејќи е дел од нивното секојдневно образование.
- Ние, наставниците, сме со учениците четири години. Ние сме основниот поттик за нивните успеси. Го ценам вложувањето и на професорите од факултетите. Тоа се подготовки на повисоко ниво кои ние немаме услови да им ги овозможиме на учениците. Но ние секојдневно работиме со овие деца, имаме дополнителна настава. МОН треба да овозможи и професорите од факултетите да ја добијат наградата. Ова е наш, заеднички успех – вели Петреска.
Менторитешто ги подготвуваат учениците за комплексните натпревари велат дека е нелогично што во
Јавниот повик за доделување парична награда за освоен медал се бараат изјави од директорот на училиштето, родителите на ученикот и од самиот наставник дека тој го подготвувал ученикот за олимпијада.
- Зошто едноставно не се бара потврдата од Олимпијадата каде што се наведени имињата на вистинските ментори, туку изјави што не се вистинити? Веројатно затоа што не ја поседуваат – вели Буклески.
Драган Арсовски, директор на „Раде Јовчевски-Корчагин“, вели дека кога назначува ментори на ученици, не може да именува некој што не е од училиштето.
– Тие наставници се ментори и ги подготвуваат учениците за општински, регионални, државни натпревари. За мене, тој наставник е ментор. Не можам да назначам некој што не е од ова училиште. Во тој случај би требало да биде ангажиран како надворешен соработник, да биде платен за својата работа итн. Ако ученикот го претставува
„Корчагин“, менторот мора да му биде од ова училиште – вели Арсовски.
МОН: МОРА ДА СЕ ЧЕКААТ ИЗМЕНИТЕ ВО НОВИОТ ЗАКОН
Слични проблеми имаат друштвата на физичарите, на биолозите, географите, математичарите на на информатичарите (ДФРМ, МБД, МГД, СММ и ЗИМ). Сите што ги подготвуваат учениците за олимпијади се најчесто вработени на високообразовните институции. Претседателите на СХТМ, ДФРМ, СММ и ЗИМ лани испратиле официјално писмо до МОН во кое бараат да се сменат условите во Јавниот повик. Одговор од МОН никогаш не добиле.
На прашањата упатени до Државниот просветен инспекторат дали гледаат спорна ситуација во начинот на објавувањето и реализацијата на Јавниот повик, тие кусо одговорија:
- Одговор, односно толкување побарајте од органот што го објавува Јавниот повик.
Од МОН објаснуваат дека Законот за средно образование ја регулира областа на средното образование и се однесува на правата, можностите и обврските на учениците и на вработените (наставници, стручни соработници, менаџмент) во средните училишта.
- На учениците во средните училишта им предаваат наставници од истите тие училишта кои секојдневно ја реализираат предвидената наставна програма по соодветниот предмет и ги подготвуваат преку стекнување соодветно знаење. Секој дополнителен ангажман на лица што не се вработени во средно училиште е индивидуална одлука и волја на ученикот и неговото семејство, но тоа не е предмет на актуелниот закон – велат од Службата за односи со јавноста при МОН.
На прашањето
како менторите што ги подготвуваат учениците (доктори на науки, вработени на
државни универзитети) да си ја реализираат добиената награда која им е
гарантирана со Законот, од МОН објаснуваат дека проблемите ќе се надминат
слично како со Законот за основно образование, каде што е ставена одредба која
го регулира ова прашање.
- Им се доделува награда и на ученикот, и на наставникот, и на менторот. Очекуваме истата одредба да биде пресликана и во Законот за средно образование, кој наскоро ќе се изработува. Министерството, за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот што му го предава предметот од овие области, како и на менторот што го подготвувал ученикот за натпреварот, поединечно им доделува парична награда во износ од 100% од просечната нето-плата за освоена прва награда/златен медал, 80% за освоена втора награда/сребрен медал и 60% за освоена трета награда/бронзен медал – објаснуваат од МОН.
ЗОШТО СЕ ПОТРЕБНИ КОМПЛЕКСНИ ПОДГОТОВКИ?
Во здруженијата акредитирани за подготовки на учениците на меѓународните олимпијади членуваат и различни профили и кадри. Овие здруженија најчесто се организатори на регионалните и државните натпревари по одреден предмет, а од победниците и најдобро пласираните ученици се избираат оние што понатаму се подготвуваат за олимпијада. За натпреварите на регионално и државно ниво наставниците од основните, односно средните училишта ги подготвуваат учениците. Според Законот за средно образование (член 24-а, став 12-16), за постигнување високи успеси на државни натпревари, предвидени се парични награди и за ученикот и за наставникот.
На прашањето зошто за Меѓународната олимпијада по хемија учениците се подготвуваат и работат со кадар од Институтот за хемија, Буклески објаснува дека тоа се правипоради проблемите поврзани со практичните подготовки.
- Повеќето средни училишта немаат услови за реализација на експерименталните подготовки.
Во некои училишта нема хемиски лаборатории, во други нема лабораториски прибор и/или хемикалии, а во стручните училишта (хемиско, медицинско) нема специфичен прибор и хемикалии што се потребни. Се случува и на Институтот за хемија да недостигаат некои од потребните материјали, но преку соработка со индустријата успеваме да ги набавиме. Во некои ситуации и СХТМ излегува во пресрет на овие потреби. Но, постои и друг проблем. Теоретскиот материјал за подготовка опфаќа теми што се на ниво предвидено за студентите во прва и втора година на студиите по хемија. Се случува некои години да бидат задавани проблеми од специјализирани области од хемијата и проблематики што кај нас се изучуваат во повисоките степени од студирањето. Станува збор за напредни теми, за кои дел од наставниците од средните училишта се изјасниле дека не се во можност да ги обработат со учениците. За да совладаат определени делови, на пример, потребно е знаење од виша математика, за што на Институтот за хемија организираме посебни подготовки – вели Буклески.
ПРАВНИЦИТЕ ДЕЦИДНИ: ЗАКОНОТ Е ЈАСЕН
Во консултација со стручни лица од адвокатската фела добивме толкување на Законот, Јавниот повик и барањето на научните друштва терминот „наставник“ да не се врзува исклучиво за институција од средно образование.
- Согласно Законот за средно образование (чл.24б став 3), награди добиваат наставниците и учениците. Тоа што во јавниот повик стои вработен не е никаков проблем од причина што тоа треба да се толкува дека наставникот треба да е вработен во средно училиште на територијата на РСМ – со ова се алудира дека наставници вработени надвор од државата немаат право на ваков надомест. Ако не е вработен, нема да биде ни наставник, затоа сметам дека нема простор за поинакво толкување во овој дел. Во реакцијата до Министерството од страна на професорите погрешно се толкува поимот наставник. Звањето наставник постои само во основните и во средните училишта, не постои нешто како наставник вработен во факултет. Во согласност со Законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, чл.6, ст.1: „Наставата во основно, односно средно училиште ја изведуваат наставници“– вели адвокатот.
Тој додава дека во согласност со Законот за високото образование, член161: „(1)Високообразовна дејност може да врши само лице избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничко звање за времето за кое е избрано. (5)На факултетот наставно-научни звања се доцент, вонреден професор и редовен професор. (6)На факултетите во областа на филолошките науки и на другите високообразовни установи на кои се изведува настава по јазик, наставно-стручни звања се лектор и виш лектор“.
- Оттука, погрешно се изедначува поимот наставник, како наставник во средно и наставник на факултет. Се работи за различни звања и за различен кадар кој е регулиран во различни закони.Законот е јасен, а тоа што во повикот стои вработен, според мене, се однесува на тоа наставникот да е од државата и дека тоа не важи за наставници од странство – вели адвокатот.
Во
меѓувреме на Институтот за хемија веќе се прават подготовки за ICho 2020.
Буклески и годинава ќе одржи дополнителни
часови без никаков надомест и без менторската
награда што му следува. Заедно со сите други ментори што се во слична позиција.
На прашањето како на него влијае сиот процес на
игноранција од највисоката
институција за образование и наука во државата, тој вели:
- Ентузијазмот, желбата за успех, потребата да се покаже дека и ние имаме квалитетни ученици, стручен кадар и дека сме способни да постигнеме резултати се само дел од нештата што нè прават истрајни и ни влеваат надеж дека
и кај нас образованието повторно ќе застане на цврста и здрава основа. Но, оној што треба да биде наш најсилен сојузник во оваа борба за освојување медали, знаење и нижење успеси се чини дека ни е најголем непријател. МОН со својата политика и игнорантски однос кон нас како да е олицетворение на неправдата и тивок убиец на нашиот ентузијазам. Наместо да ја насочиме нашата сила, умеење и желба за успех кон подготовка на учениците за меѓународни олимпијади, ние се
„трошиме“ на барање правда и финансии за да можеме да го реализираме секое следно учество на олимпијада. Успехот не е резултат на залагањата на една индивидуа (натпреварувачот). Зад него стои цел стручен тим (професори), поддршка (семејство и пријатели), организации (сојузи и друштва на наставници), институции (факултети, институти, училишта), а наспроти сите нив стои МОН.
Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.