За една деценија, бројот на вработени во општините зголемен двојно

Превработеност во општините. Ова е првичниот заклучок од истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија. Од репрезентативен примерок од 10% од вкупниот број на општини во земјава, бројот на вработени е зголемен најмалку двојно, за 10 години.

Број на вработени во репрезентативен примерок на општини во 2005 и 2014 година.

 

Општина Број на вработени во општината во 2005 година Број на вработени во општината во 2014 година Зголемување
Берово 23 34 11
Богданци 13 22 9
Чашка 12 19 7
Демир Хисар 28 33 5
Карпош 123 299 176
Брвеница 12 24 12
Кривогаштани 5 21 16
Бутел 35 60 25
Јегуновце 11 22 11
Гостивар 82 124 42
Шуто Оризари 21 23 2
Могила 8 14 6
Илинден 11 40 29
Дојран 8 16 8
Лозово 4 13 9
Вкупно 396 764 368

 

Извор: Самите општини

toni zatkovski

Тони Заткоски

Од табелата се гледа дека Општината Кривогаштани има најголем раст на бројот на вработени. Таа во 2005 година имала само 5 вработени, додека во 2014 има 21. Оваа е зголемување за 4 пати. Градоначалникот на оваа општина, , вели дека вработувањата се направени од неговите претходници.

„Јас сум градоначалник две години, имаме само две вработувања, една секретарка и еден обвластен сметководител. Од 70 места, колку што е предвидено во систематизацијата за општина Кривогаштани, ние имаме вработено само 30% “, вели Заткоски, градоначалник на оваа општина.

Општината Кривогаштани има 6.150 жители, и според тврдењата на Заткоски, немаат проблеми при финансирањето на обврските што ги има неговата локална самоуправа.

За експертите, вработувањето на луѓе во одделенијата за даноци и буџет е позитивна работа.

Според професорката на Правниот факултет од Скопје, Александра Максимовска, чија потесна специјалност е фискална децентрализација и локални финансии, нема превработеност во финансиските одделенија бидејќи таму луѓето, се најпотребни.

Aleksandra Maksimovska

Александра Максимовска

„Општината има најмногу работа и најмногу заработува, наплатувајќи даноци, но во останатите сектори може да има политички притисоци за вработување“, смета Максимовска.

Општина Карпош има два рекорди во делот на вработувањата во општинската администрација. Од оваа скопска локална самоуправа баравме податоци за бројот на вработени од 2005 година до 2014, но ни дадоа од 2009 до 2014. Според одговорите, во Карпош во 2009 година имало 123 вработени на неопределено време, кој број се одржува константен до 2011 година.

Во 2012 и 2013 година кога се подготовките и одржувањето на локалните избори, Стевчо Јакимовски го дуплира бројот на вработени на неопределено работно време. Решенија во тие две години дополнително се даваат за 104 нови работни места во општината Карпош. Тоа е првиот рекорд.

Вториот рекорд е во 2015 година кога општинската администрација во оваа скопска општина се намалува за 105 работни места. Оваа е можеби најмасовното намалување на број на вработени во некоја општина во македонската историја. Наводно се поставува прашањето, дали тоа можеби им престанал работниот однос на вработени блиски до СДСМ, неговата поранешна партија.

На неколку пати побаравме изјава од Јакимовски, но тој не одговараше на телефонските повици. Покрај вработените на неопределено време, општина Капрош има над 100 вработени на определено работно време, а рекордна е 2015 каде општината има ангажирано 167 луѓе.

Од Министерството за информатичко општество и администрација не добивме одговор во законските 30 дена колку што имаа време да одговорат, според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Одговорите ги добивме по 45 дена од испраќањето. Во нив ги немаше бараните податоци, туку само објаснување дека ги имале податоците од 2011 до 2013 година, а дека за 2014 година заради технички проблеми, Годишниот извештај за податоците од Регистарот на јавните службеници за 2014 година ќе биде објавен со одредено задоцнување. Според последните податоци за 2013 година во земјава има 11.524 јавни службеници, што е зголемување за 3.400 луѓе за само една година.

Во 2014 година бројот на државни службеници во Македонија е зголемен за 900 лица и изнесува 16.212, додека бројот на јавните службеници за 2014 година сеуште не е објавен.

Во извештаите кои ни ги посочи Министерството за информатичко општество и администрација не е извршена поделба на службениците во локална власт и на државно ниво.

 

Вработувања без стандарди

 

Македонските општини немаат стандарди за вработување. Не се знае колку вработени треба да има на одреден број на жители. Па така во експирименталниот број на општини кои ги зедовме, еден вработен во општина Карпош опслужува само 161 жител, во општина Брвеница еден вработен во општинската администрација опслужува 660 жители, додека во Арачиново 1.100 жители.

Максимовска потенцира дека секоја општина сама си води своја политика на вработување.

„Градот Скопје ги води сите локални даноци и потоа прави трансфер на сите 10 општини“, вели таа.

Од ова следува дека скопските општини меѓу кои е и Карпош, треба да има помал број на вработени во однос на другите општини, бидејќи дел од работата му ја врши град Скопје.

Но во праксата не е така.

Дека има превработеност се согласува и Стојче Самарџиски, поранешен претседател на извршен совет на општина Штип од 1986 до 1990 година (функција која е пандан на денешен градоначалник).

„Општината Штип, кога јас бев претседател на извршен совет имаше околу 100 вработени. Моја проценка беше дека општината може да функционира со 60 вработени. Тогашната општина Штип имаше многу повеќе ингеренции од сегашната. Сега Општина Штип има неколку пати повеќе вработени со намалени ингеренции“, вели Самарџиски.

Тој додава дека превработеноста ги прави општините неекономични и непродуктивни.

Доколку се пресметаат и трошоците за секој вработен, превработеноста ги чини обичните граѓани премногу. Така просечната бруто плата во Македонија исплатена во јануари изнесува 32.015 денари. Секој граѓанин во општина Карпош за услугите на општинската администрација треба да издвои по 200 денари или просечно семејство треба да издвои по 800 денари. Истите услуги на само 10-тина километри од Карпош, во општина Арачиново, ќе го чинат граѓанинот само 30 денари.

 

Превработеноста ги јаде народните пари

 

Наместо за инвестиции, парите на граѓаните се трошат на нерационални вработувања. Во некои општини овој процент зафаќа епидемиски размери во буџетите на локалните самоуправи. Над 80% од буџетот одат за плати, надоместоци на плати и материјални трошоци за функционирање на општините.

Според Беким Имери, одговорен за социјални (општествени) влијанија на проекти финансирани од Светска банка,  превработеностa во некоја општина доведува до намалување на фондови за подобрување на услугите кон граѓаните.

Академик Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово смета дека народните пари се трошат крајно нерационално.

Abdulmenaf Bedzeti

Абдулменаф Беџети

„Општините се претвораат за платформи за вработување на партиски милитанти. Самиот чин на превработување значи и пренамена во делот на потенцијалите со кои располагаат локалните самоуправи. Парите во општините се користат неефикасно, неефективно и неекономски. Превработеноста во Тетово е двојно поголема во однос на Битола иако двете општини имаат сличен број на жители. Друга причина е што албанските политичари не можат да се пробијат на централната власт во делот на вработување и затоа ја користат локалната самоуправа како издувен вентил да ја полнат со администрација“, вели Беџети.

Тој додава дека превработеноста ќе биде долгорочен проблем, бидејќи буџетите на општините се прилагодуваат на дневно политичките потреби на партиската војска, а не на потребите на граѓаните кои го финансираат работењето на општините.

За да се направи позитивна промена, мора да се постават лимити.

Треба да се определи колкав процент од буџетите може да оди за плати, а колкав за инвестиции и локален економски развој. Тенденцијата засега оди во корист на платите, што е многу лошо за развојот на општините. Треба да се постави некој републички секретар кој ќе ги надгледува соодносите за плати и инвестиции, вели Беџети.

Со ова се согласува и Самарџиски.

„Во поранешна Југославија имаше, конкретни лимити за одредени ставки и тие лимити како општина не смееш никако да ги надминеш. Ако се надминеа лимитите доаѓаа контроли од Скопје и од Белград и веднаш предложуваа казни за задолжените за извршување на буџетот кај судија за прекршоци“, вели Самарџиски.

Тој додава дека сега контролата на трошењето на народните пари е многу мала.

Изјава побаравме и од Горан Ангелов, поранешен градоначалник на Виница, кој подоцна работеше и како консултант за локална самоуправа. Тој прво ни вети изјава, но подоцна не се јавуваше на неговиот мобилен телефон. Инаку тој сега е директор на депонијата Дрисла.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)