Доколку не се преземат радикални реформски резови, доколку МЕРИТ системот не стане основен критериум за мерлив квалитет на секој поединец, на органот и вкуно на целата админнистрација, ваквиот неефикасен и непродуктивен балон може лесно да пукне.
Од избори во избори, од парламентарни до локални, администрацијата се дуе како балон.
Во соработка со невладиниот сектор Министерството за информатичко општество и администрација уште во 2018-та година изготви Предлог на законот за висока раководна служба. Целта на законот е професионализација на администрацијата со избор на директори преку јавни конкурси. Тоа значи наместо политичките партии, функционерите од третиот ешалон да бидат избирани од страна на непартиски комисии сочинети од соодветни струкови професионалци.
Но, законот остана во фиоките на министерството. Дамјан Манчевски, министерот кој учествуваше во подготовка на законот, не е дел од новиот состав на Владата. Во декември 2019-та година тој го промовираше законот како голем чекор кон департизација на администрацијата.
Дамјан Манчевски,ексминистер за администрација и информатичко општетсво:
„Доброто управување е пред се клучно за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Со Законот за високата раководна служба ќе се оствари посебна цел од Стратегијата за реформа на јавната администрација а тоа е деполитизација на администрацијата преку зајакната примена на начелото на заслуги, еднакви можности, соодветна правична етничка застапеност како и професионализација на високите раководни позиции“.
Во подготовката на Законот за висока раководна служба активно учествуваше и Центарот за управување со промени – ЦУП. Директорката на овој Центар вели дека Законот треба да биде усвоен што поскоро со цел да се почне сериозен процес на професионализација и департизација на администрацијата.
Неда Малеска, директорка на ЦУП:
„Практично се уште овој закон не е во собраниска процедура, беше во 2019 година, беше повлечен сега повторно треба да оди во собраниска процедура и од собраниска процедура до негово усвојување минува време. Управните и надзорните одбори и начинот на нивниот избор во 2017-та и денес 202-ва не е променет, ниту пак начинот на избор на високите раководни службеници, односно оние кои што ги предводат институциите“.
Администрацијата епреобемна, ареформите се минимални. Со години наназад сите влади упатуваат на тоа дека се потребни реформи во администрацијата но никој досега не се зафати сериозно да го преуреди огромниот државен административен апарат. Наместо тоа, се повеќе и политиката и партиите постојано ги полнеа институциите со свои партиски кадри поради што стана многу тешко нејзиното преуредување во професионална служба на граѓаните. Какви реформи се потребни и од каде да се почне.
Борче Давитковски, професор на Правниот факултет при УКИМ:
„Да не кажам од општините, 81, сите градобачалници потпишуваат одобрение за градење. Зошто? Знаеме зошто е тоа. На баци рака, јас како странка којшто сака да заврши работа ќе треба кај градоначалникот да идам, да му кажам Фала што ми дал одобрение за градба, а претходно сум извадил 30 документи, градежната дозвола што се вели на крај сум платил комуналии ова она. Друг референт се тоа го истрчал, тој не е потпишан, туку градоначалникот. Па ние имавме градоначалник со 4-то одделение. Според нашиот систем и магаре да предложиме на избори, народот ќе го гласа. Како тоа? Каде е стручноста, каде е компетентноста? Државните органи, и општинските, нивните администрации, колку и да сакаат, колку и да имаат желба нешто да помогнат, системот сам ги блокира. Еве јас гледам дека ДКСК има некој добри иницијативи и системот ги блокираше и едноставно не им дозволува да влезат. Како што имаше во истовреме и министер и професор сите тие предмети, бомбастично најавувани, останаа неизтражени едноставно ДКСК не реагира на нив“.
Владата уште во 2018 година го формираше Советот за реформа на јавната администрација со четиригодишна стратегија, односно до 2022. И по три години од нејзиното формирање, сепак, некакви големи и видливи резултати се уште нема. Актуелниот премиер неодамна најави намалување на администрацијата за 20 проценти и тоа преку реорганизација, пензионирање, како и понуда да заминат во приватниот сектор. Истакна дека со дигитализацијата ќе нема потреба од толкав број вработени. Реформата на администрацијата не заборави повторно да ја најави и на почетокот на мандатот на оваа влада.
Зоран Заев, изјава на прес конференција (29.08.2020):
„Во следниот мандат градиме уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните. Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер. Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници следејќи ги нивните напори и пожртвуваност, убеден сум дека по тој пример сите јавни служби целата државна администрација може да даде максимум услуги кон граѓаните“.
Но наспроти постојаните ветувања, бројките на вработени во министерствата укажуваат дека има пренатрупана администрација. Малеска оценува дека веќе 4 години оваа владејачка гарнитура постојано вели дека ќе ја намали администрацијата, па дури и дека ќе се рационализираат институциите. Но бројките го покажуваат сосема спротивносто.Според анализите на ЦУП, 3 до 5 проценти годишно има природен одлив на вработени по пат на пензионирање, што е доволно за постепено намалување на јавниот сектор, но новите вработувања се двојно поголеми.
Неда Малеска:
„Денеска 2021-ва година тоа се веќе четири години од мандатот на оваа Влада, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен од 128.722 во 2017-та година на сега 132.900 во 2019-та, се уште го немаме последниот извештај од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, допрва го очекуваме, тој број верувам ќе биде и поголем. Тука не е вклучен бројот на оние кои што заминуваат в пензија, значи дека оваа бројка во апсолутен износ расте и повеќе од ова што ги прикажуваат овие бројки. Значи јавната администрација продолжува да се зголемува, бројот на институции продолжува да расте, само во минатата година имаме пет нови институции“.
Според податоците на Министерството за информатичко општество и администрација во изминативе 5 години бројот на институциите и на вработените во јавниот сектор постојано растел единствено пад на бројот на административци имало во 2017-та година, но драстичен скок се забележува во наредната 2018-та година. По години:
Во 2015-та во јавниот сектор активни се 1.288 институции со вкупно вработени 128.347 лица.Во 2016-та 1.291 институции во кои работен однос имаат засновано 129.653 лица, во 2017-та 1.299 институции со 128.722 вработени, во 2018-та активни се 1.314 институции, со 132.068 вработени лица,во 2019-та во јавниот сектор активни се 1.324 институции, со 132.900 вработени.
По министерства:
Во Министерството за економија согласно моменталната состојба има околу134 вработени на неопределено време и 13 на определено време, во Министерството за образование и наука се вработени 221 лице, во Министерството за локална самоуправа според систематизацијата е предвидено да работат 81 лице, но во моментов има 54 вработени, во Министерството за внатрешни работи се вработени 11.788, Минисгерство за култура 141,во Одбрана 863, Земјоделство, шумарство и водостопанство 1007. Во Министерството за правда има 225 од кои 102 се во министерството, а останатите во подрачните единици, во Министерството за труд и социјална политика работат 247 лица, а од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците велат дека таму на работа се 1.209-мина.
Етон Шаќири од МИОА (9.12.2020)
„По подготвување на списокот, тие што нема да прифатат, според нацрт законот, ќе се префрлат во трансфер листата во Министерството за информатичко општество. Од таа трансфер листа ќе се понуди и втора опција, но ако не ја прифатат и таа, ќе се раскине работниот однос“.
Политиката и партијата длабоко навлегоа во државниот апарат па ќе биде многу тешко администрацијата да се врати на професионалните стандарди и институциите да се ослободат од духот на политиканството.
Неда Малеска:
„Ниту една партија на власт нема храброст да го направи резот во администрацијата, која практично е и најголемото гласачко тело.Веројатно од тие причини бројот на администрацијата постојано се зголемува бидејќи тука станува збор за апетити од страна на сите партнери во власта, на политичките партии и од контролата на администрацијата од која што очигледно не се откажуваат“.
Се на се`, државната и општинските администрации, државните органи од министерсвтата до разните комисии, агенции и одбори, преку државните и општинските претпријатија од комуналните до оние најновите за паркинзи, се мека за партиите за вдомување на свои кадри без оглед на нивниот квалитет и индивисуални способности.
Од избори во избори, од парламентарни до локални, администрацијата се дуе како балон. Станува се потрома и понеефикасна па, доколку не се преземат радикални реформски резови, доколку МЕРИТ системот не стане основен критериум за мерлив квалитет на секој поединец, на органот и вкуно на целата админнистрација, ваквиот неефикасен и непродуктивен балон може лесно да пукне, да ја блокира целата држава, да запре многу економски, социјални и егзистенцијални процеси во општетсвото.
Автор: Кристина Шеќероска – млад новинар, волонтер во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.