ЗА НЕКОИ КРИЗА, ЗА ДРУГИ МОЖНОСТ: ПАНДЕМИЈАТА ГО ЗАЖИВЕА ЦРНИОТ ПАЗАР НА ЛЕКОВИ

Република Северна Македонија е цел на трговијата со лекови и медицински средства, но и земја транзит. Се шверцува се – зависно од периодот. Има случаи на обиди за внес на стентови со изминат рок, во вредност од околу половина милион евра. За време на пандемијата се шверцува се – од анти-ковид терапија па се до антибиотици и витамини.

Автор: Дана Ламбевска

Ако порано лекови на црно се продаваа по тезги и дуќани, сега тоа се прави онлајн. Социјалните мрежи и затворените групи станаа берза за лековите кои не можат да се најдат по аптеки, или пак да се купуваат без рецепт.

Пандемијата наметна потреба за една друга група на лекови, која им обезбедува на организираните криминални групи голем профит. Станува збор за анти-виралните лекови и тие кои штитат од коагулација на крвта.

Фавиравир и ремдесивир може да се добијат со кревање на два телефони на црниот пазар. Тоа е лек кој се користи за лекување на Корона вирусот. Кај нас е одобрен пред неколку дена, но не е се уште достапен по аптеки.  Со паниката покрај зголемена употреба на антибиотици, започна и шверц на лекови за кои подоцна се потврди и дека и не е толку ефикасен. Според анонимни извори, зависно од тоа колкава количина се набавува цената за едно пакетче може да достигне и до 500 евра, а може да се најде „под тезга“ во некои од аптеките во Приштина. 

Анти-куагулантот клексан, кој се користи за лекување на згрчување на крвта предизвикана од новиот вирус корона, се шверцува од Бугарија. Се носи преку автобуси кои се движат на линијата Скопје-Софија-Скопје.

Заштитните маски и останатите средства кои се барани на пазарот, се на менито на шверцерите.

Се тргува и со останати лекови, надвор од овие поврзани со пандемијата. Лековите кои се произведуваат во непознатите светски фармацевтски компании, како Баер или Фајзер, на илегален начин или како паралелен увоз доаѓаат од Кина, Турција, Албанија, Србија, Бугарија и Косово. Има линија на лекови кои преку Србија и Бугарија доаѓаат и од Русија, а се продаваат по неовластени онлајн продавници. 

Истражувањето на СКУП покажа дека Република Северна Македонија е истовремено цел и земја транзит во трговијата со лекови и медицински средства. Земјата се наоѓа во еден специфичен дел од Европа, познат и како „Балканскиот пат на психотропните супстанци“, кои поминуваат низ државата. Овој пат се користи и за шверц на која било друга стока. Во земјата влегуваат нелегално или со заобиколување на царинските процедури, но и на легален начин преку Србија и Бугарија. Двете соседни земји на РС Македонија се големи производители на фармацевтски производи. Има случаи на трговија на лекови од РС Македонија кон земјите на ЕУ. Трендовите на криумчарење зависат од случувањата. Во моментов се актуелни заштитните маски поради пандемијата. Актуелни се и витамините и други фармацевтски производи кои им се битни на луѓето во период на пандемија.

„ТЕШКО СЕ ОТКРИВА ТРГОВИЈАТА СО ЛЕКОВИ“

Лековите кои се произведуваат во непознатите светски фармацевтски компании, како Баер или Фајзер, на илегален начин или како паралелен увоз доаѓаат од Кина, Турција, Албанија, Србија, Бугарија и Косово.

Институциите велат дека тешко може да се спречува овој вид трговија. Институциите не се координирани, а згора на се и немаат доволен капацитет да се справат со овие форми на организиран криминал.

Во писмен одговор до СКУП, Министерството за внатрешни работи (МВР) вели дека има поднесено само една кривична пријава кон крајот на 2016 година против еден царински службеник, за сторено кривично дело „криумчарење“ по чл.278  ст. 5 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија. Од таму појаснуваат дека царинскиот службеник на граничниот премин Аеродром Скопје пропуштил куфер со лекови кој го поддигнал српски државјанин, а информацијата претходно била споделена од надлежните органи од Република Турција.

„Во последните пет години не е споделена информација од друга институција за илегална трговија со лекови“, се вели во одговорот на МВР. Од оваа институција велат дека надлежна за овој проблем е Агенцијата за лекови „МАЛМЕД“, која прави редовни инспекции за да се оневозможи ваков вид трговија.

Но, МАЛМЕД се соочува со недостиг на човечки ресурси – со само 5 инспектори ја покрива целата држава со над 2 илјади аптеки.

Во официјалниот одговор испратен до СКУП од ова институција се воздржани:

„Агенцијата за лекови и медицински средства во рамките на своите законски надлежности врши редовен надзор на пазарот со лекови и медицински средства. Доколку се појави сомнеж или пријава за одредена илегална трговија со лекови се преземаат соодветни мерки и се известуваат надлежните органи за понатамошно постапување. Во таа насока Ве известуваме дека Агенцијата е во тесна соработка  со институциите како Министерство за внатрешни работи и Царинска управа за спречување на илегалната трговија на лекови, пред се со цел за заштита на јавното здравје на населението.“

Од МАЛМЕД велат дека не можат да издвојат некоја посебна група на лекови кои биле илегално внесени во нашата држава.

Директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани, вели дека нема ниту една пријава за трговија со лекови.

СКУП побара средба со директорот на Агенцијата, Лирим Шабани, кој на оваа функција е поставен пред еден месец. Тој вели дека институцијата која ја предводи е ангажирана со сите свои капацитети во однос на стеснување на просторот за организираните криминални групи, кои тргуваат со лекови. „Имаме од порано точно дефинирани правила по кои се движиме во однос на регистрација на лекови, регистрација на медицински средства, увоз на лекови кај нас, дистрибуција, инспекција низ веледрогериите кај нас. Тој ланец веќе функционира и мислам дека добро се снаоѓаме.“

Шабани вели дека има информации за шверцување на лекови за лекување на КОВИД-19, но потенцира дека досега нема ниту една поднесена пријава. „Пред околу еден месец имаше голема заинтересираност од сите страни, болници, доктори да овозможиме интервентен увоз за лекот Фавира, кој се користи за лекување корона. Имаше неофицијални информации дека наши граѓани одат на Косово и купуваат лекови ги шверцуваат кај нас во државата. Ние до денес немаме ниту една пријава за ова.“

Тој појаснува дека немаат откриено незаконска продажба на анти-кови лекови во аптеките, иако извршиле неколку инспекциски контроли. „До денес не сретнавме случај каде има шверцувани лекови во смисла на Фавира.“ Но, додава Шабани, врз основа на оправданоста на барањето за лекот МАЛМЕД во најбрз можен рок дозволила увоз на истиот. „Откако рековме дека се исполнети сите тие законски одредби го одобривме и лекот Фавира да биде легален и кај нас. Со ова падна и интересот да се набавува на црниот пазар“.

Екипата на СКУП се обиде преку двајца матични лекари да добие ваков лек, но тие потенцираа дека тие не можат да го препишуваат и дека досега не препишале на ниту еден пациент. Причина, според нив, е дека од инфектолозите слушнале дека не е ефикасен. Ниту обидите да се купи од аптека без рецепт не вродија со плод.

Санитарен и здравствен инспекторат (СЗИ), пак, е посебна институција одговорна за контрола на лековите во земјава. Од таму посочуваат дека тешко се фаќаат фалсификуваните лекови: „Лек околу кој во последно време се креваше многу и кој беше предмет на внесување илегално од соседните земји, па и Турција беше Veklury (remdesivir). Владата на 16-тата седница одржана на 27 Октомври 2020 година објави дека донела одлука за набавка на овој лек. Тој веќе легално може да се купи и е намален интересот за шверцување.“

СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ОБИДИ ЗА ШВЕРЦ НА ЛЕКОВИ И МЕДИЦИНСКИ МАТЕРИЈАЛИ

Дека овој период е интересен за шверцување на лекови во разговор со СКУП потврдува и Лилјана Живковиќ Давиткова, шеф на служба за борба против економски криминал, одделение за истраги во Сектор за контрола и истраги при Царинска Управа на Република Северна Македонија. „Не само шверцерите, сите профитери се обидуваат да го искористат ова време за да профитираат екстра за сметка на здравјето и безбедноста на граѓаните.“

Според неа, актуелни се заштитните маски за една употреба кои поради ситуацијата се увезуваат поинтензивно поради потребите на населението. Живковиќ Давиткова вели дека во една акција откриле 15.000 заштитни маски кои не биле декларирани, со што увозникот се обидел да ги избегне потребните царински давачки. Потеклото на маските е од Кина, а откриени се при контрола во магацински склад. Се работи за фирма од Скопје која се бави со увоз на медицински средства. Против правното лице се преземени постапки, маските привремено се задржуваат од страна на Царината а по завршување на целата постапка тие трајно се одземаат.

Но, Живковиќ Давиткова додава дека тоа не е најстрашно.

„Она што е уште пострашно е што се обидел да го избегне соодветното одобрение кое што Министерството за здравство го издава на оној што сака да увезе лекови или какви било медицински средства. Тоа одобрение се издава за да се гарантира дека стоката која што е увезена ги поседува сите квалитети на она што треба да го има како стока за да ја гарантираме безбедноста на граѓаните.“

Таа оценува дека ова е матно време, каде се појавуваат поединци без разлика дали индивидуалци или организирани групи.

Арафат Муареми, директор на Финансиска полиција, за СКУП вели дека шверц со лекови има, но тешко може целосно да се спречи. Тој раскажува дека пред 2 години работеле пријава за паралелен увоз на лекови. Почнале со истражување, каде биле опфатени 3-4 компании кои имаат право на увоз на лекови, но и за паралелен увоз на лекови од други земји. „Увоз се прави од ЕУ, а паралелен увоз од земји надвор од ЕУ. Утврдиме неколку такви увози и за тоа беше известено Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ја префрлија постапката во МВР. Поголемиот увоз беше од Турција. Истата содржина, но од трета земја. Во таа истрага нивното образложение беше дека ние како мало земја, ако вршиме увоз директно од производителот, не можеме да набавиме количински многу лекови. Со намалување на количината е намалена и цената на набавката. Турција врши огромни набавки и има разлика во цената на набавката кај нив. Тоа беше образложението на увозниците на локви. Обвинителството отвори постапка, но тешко е да се докаже дека се препакуваат лековите. Но, баравме од Интерпол да се утврди дали лиценците за увоз на такви лекови од страна на увозниците од Турција се веродостојни или не“.

СТЕНТОВИ, АНТИБИОТИЦИ НА ЦРНИОТ ПАЗАР… ДАЛИ ВАКЦИНИТЕ СЕ СЛЕДНИ?

Не само вакцините. Лилјана Живковиќ Давиткова од Царинската управа вели дека пред две години имаат откриено случај на обид за шверц на стентови, кои се користат при кардиоваскуларни интервенции. „Стентовите беа со поминат рок. Истите не беа пријавени на царинскиот орган и уште пострашно немаа никакво одобрение за увоз од страна на Министерството за здравство.“

Пандемијата со Ковид 19 предизвика и паника кај голем дел од населението, па граѓаните почнаа да земаат антибиотици на своја рака и во големи количини. Со паниката започна и шверц на лекови, кои се дефицитарни во земјата или пак се уште не се одобрени.

Доктор Никола Пановски, професор на Институтот за микробиологија, предупредува на опасноста од неконтролираното и непотребно земање антибиотици. „За жал луѓето почнаа да ги даваат и на здрави, да ги земаат сами па и докторите да препишуваат, специјалистите да ги предлагаат, така што испадна една навистина непријатна ситуација. Јас сум многу разочаран од огромниот број на лекови кои се потрошија, десет пати поголем од бројот на позитивните за Ковид. Значи еден парадокс кој е невиден и јас не можам да го објаснам. Да се препишуваат и тоа да се препишуваат двојни дози. Значи, се злоупотребуваат, фактички една општа хистерија и паника, не знам како да го објаснам тоа, кое се уште трае.“

Интерпол пред неколку дена предупреди дека трговците со лекови илегално може да профитираат и од вакцините, вклучувајќи ги и лажните.

Не само вакцините. Лилјана Живковиќ Давиткова од Царинската управа вели дека пред две години имаат откриено случај на обид за шверц на стентови, кои се користат при кардиоваскуларни интервенции. „Стентовите беа со поминат рок. Истите не беа пријавени на царинскиот орган и уште пострашно немаа никакво одобрение за увоз од страна на Министерството за здравство.“

Покрај стентовите, во запленетата стока имало и дополнителна опрема која се користи за таквите кардиохируршки интервенции. Против сторителите била покрената кривична постапка. Вредноста на стентовите се проценила 450.000 евра. „Замислете која ќе беше вредноста од профитот доколку царината не го откриеше случајот и не ги преземеше сите дејствија за да биде сопрен и разјаснет целиот случај. Стентовите беа пронајдени во автобус кој сообраќа од Швајцарија кон Македонија и беа со потекло од Швајцарија.“

Живковиќ Давиткова вели дека има и случаи на препакување на лекови, кои биле со изминат рок и илегално увезени. “При контрола во магацини наидовме на увезени кутии од некој лек, лекови во некоја рефус состојба, за кои имаме индиции дека можат да бидат препакувани.“

Сторијата е реализирана во рамките на проектот подржан од Resiliance Fund.

Оставете коментар

коментар(и)