Близу 1 милион евра вредат носителите во изборната единица 1 – Ковачевски најбогат, Меџити го седи, Апасиев трет, за останатите носители нема податоци. Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“ во рамки на проектот „ПЕП“ ги анализираше податоците од имотните листови на носителите на пратеничките листи од изборната единица 1.
Изработил: Тим на СКУП Македонија
Производство на електрична енергија. Ова е заедничката врска која ги поврзува Димитар Ковачевски и Христијан Мицковски, носители на листите на коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Скадалот што излезе во јавноста за Ковачевски во Април минатата година е дека за 1.150 евра по хектар, фирмата на неговата сопруга, Елена Ковачевска, „Сол Груп 5“ купила државно земјиште за изградба на пристапен пат до фотоволтаична централа.
Од друга страна носителот на изборната листа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, во Изборната единица 1, Христијан Мицковски, скандали со изградба на мали хидроелектрани го следат веќе неколку години. Така пред 5 години Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за сопствеништвото на мали хидроелектрани од страна на Мицкоски. Подоцна го затвори случајот со образложение дека нема конфликт на интереси. Неговата компанија Енерготек ДОО Скопје, доби концесија за државно земјиште од 33.000 метри квадратни и концесија за користење на води за изградба на хидроцентрали.
Оваа фирма на Мицкоски, како основач, и на Димитар Димоски, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за транспорт и врски ги изградила хидроцентралите.
Во интервју за Призма, од 2018 година, признава дека е сопственик на три мали хидроелектрани, за кои подоцна тврди дека го продал уделите и одлучил да се бави со политика.
Порталот Бизнис мрежа, објави дека Христијан Мицкоски во 2019 година остварил приходи од продажба на електрична енергија од 300.000 евра.
Во септември 2020 година, за емисијата Топ Тема изјавил дека иако нема обврска како опозиционер да ги пријави приходите, сепак тој ќе го направи тоа, но до ден денешен анкетен лист за неговите приходи во Државната комисија за спречување на корупцијата, нема.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го нема во регистарот на Државната комисија за спречување на корупција. Имотниот лист што Мицкоски го имаше поднесено во времето кога директоруваше со АД ЕЛЕМ веројатно е повлечен од онлајн регистарот.
Некакви податоци за имотната состојба на Мицкоски имаме благодарение на базата на Центарот за истражувачко новинарство „СКУП“ Македонија. Така за истражување во 2020 година Мицкоски во времето кога бил директор на АД ЕЛЕМ пријавил дека поседува станбена куќа со двор во Скопје вредна 350.000 евра, заем од 75 илјади евра, како и депозит со, исто така, 75 илјади евра, кредит од 9 илјади евра, парични средстваод 30.000 евра и автомобил „Цитроен ц5“ од 13 илјади евра.
Во изборната единица 1 за паралментарните избори во мај има пријавено пет пратенички листи. СДСМ чиј носител е Димитар Ковачевски, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, Димитар Апасиев од Левица, како и Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски пријавил неколку живеалишта
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и довчерашен премиер на државата е на врвот на листата „најбогати“ носители на пратенички листи во изборната единица 1. Имотот на Ковачевски според пријавениот анкетен лист во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вреди 645.945 илјади евра.
Тој на свое лично име има пријавено три стана во Скопје. Едниот од нив, стан со помошни простории од 73 м2 е стекнат со преддоговор за купопродажба во 2023 год. Другиот е стекнат во 2018 год., стан со паркинг простор од 70 м2, стекнат на друг начин и треттиот е со површина од 83 м2, стекнат со договор за купопродажба без да се наведе годината на стекнување. Пријавена е и куќа за одмор во Волково од 51 м2, стекната со договор за купопродажба во 2023 год. На свое име во анкетниот лист е пријавено возило, марка „Цитроен Ц3“ стекнат со догоговор за купопродажба. Ковачевски на свое име пријавил акции, неисплатена дивиденда, побарувања по основ на договор и по основ на дадени заеми, девизни депозити и девизни сметки, денарски депозити и денарска платежна картичка, орочен денарски депозит, трансакциски сметки и сеф. Ковачевски има и долг врз основ на кредит и кредитна картичка. На име на брачен другар, Ковачевски пријавил удели, побарувања по основ на дадени заеми, денарски депозити и трансакциски сметки. На имот на деца пријавил девизни депозити и трансакциска сметка.
Изет Меџити и Димитар Апасиев заедно имаат толку имот, колку што Мицковски заработува од струја годишно, односно околу 300.000 евра
Носителот на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити во изборната единица 1 пријавил имот во вредност од 194.293 илјади евра, што го прави втор најбогат носител во „единицата“.
Меџити, довчерашен член на ДУИ кој како дел од „огнената група“ формираше своја партија Демократско движење и како дел од здружената албанска опозиција во коалицијата „Вреди“ на свое име пријавил само две моторни возила, „Волво Х60“ стекнат со договор за купопродажба и „Голф 7“ стекнат на друг начин. На име на родители пријавил куќа од 516 м2 во Скопје, стекната со договор за градба.
Носителот на пратеничка листа од Левица, Димитар Апасиев пријвил имот од 146.133 илјади евра.
За скоро 50 илјади евра „посиромашен “ од Меџити е лидерот и носител во изброната единица 1 на партијата Левица, Димитар Апасиев кој пријавил имот во вредност од 146.133 илјади евра.
Тој на свое име пријавил стан во Скопје од 60 м2. стекнат во 2017 год. со договор за купопродажба. На свое име пријавил кредит, кредитна картичка, дозволено пречекорување на трансакциска сметка и стипендија. Од заеднички имот пријавил покуќнина со неопределена вредност, стекната со договор за купопродажба. На име на брачен другар, Апасиев пријавил, автомобил марка „Алфа Ромео“, стекнат со договор за купопродажба. Девизни и денарски депозити и два кредита.
Бобан Карапејовски ги нема во регистарот на ДКСК
Носителот на ЗНАМ во „единицата“, Бобан Карапејовски досега очигледно не е бил на именувана функција и затоа засега, нема обврска да го пријави својот имот.
Во нашето истражување ги аналзиравме анкетните листови на тројца од петмината носители на пратенички листи во изборната единица 1 чија вкупна вредност изнесува 986. 371 ијлади евра.