За генерациите новинари што ја започнале својата кариера пред појавата на интернетот, вештачката интелигенција претставува уште една голема технолошка пресвртница. Но, за Билјана Ставрова, новинарка и уредничка, таа отвора и едно подлабоко прашање: дали технологијата ќе остане алатка во рацете на човекот или човекот постепено ќе стане алатка на технологијата?
Билјана Ставрова припаѓа на генерацијата новинари што професионално се формирале во време кога информациите се собирале, проверувале и обработувале без денешните дигитални алатки. Технолошките промени, од појавата на интернетот до развојот на генеративната вештачка интелигенција, го трансформираа начинот на кој функционираат редакциите, но и односот меѓу медиумите и нивната публика.
За Ставрова, новите технологии можат значително да ја олеснат новинарската работа. Транскрипцијата на аудиоснимки, пребарувањето податоци и преведувањето се дел од задачите во кои вештачката интелигенција може да биде корисен сојузник.
Но, во време на масовно производство на информации и дезинформации, таа предупредува дека новинарите не само што се соочуваат со губење на довербата на публиката, туку и самите стануваат подложни на манипулации.
Посебен проблем, според неа, е состојбата на македонскиот медиумски пазар, каде што големиот број медиуми не е проследен со соодветен квалитет и економска одржливост. Во такви услови, трката по брзина дополнително ги загрозува професионалните стандарди.
Во интервју за ЦИН СКУП-Македонија, реализирано во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, Ставрова зборува за границите на технолошката помош, етичката одговорност и потребата од едукација не само на новинарите, туку и на публиката.
СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско, менаџерско и академско искуство во медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Билјана Ставрова: Со оглед на тоа што сум генерација пред интернетот, сметам дека употребата на ВИ во новинарството треба да биде на ниво на алатка што ја забрзува и олеснува работата.
Но, откако прочитав дека Кина одобри комерцијален мозочен имплант, се вплеткав во размислувањата за мерливоста на автентичноста и човековата креативност, која веќе не е поткрепена од „машините“, туку самиот човек станува нивна „алатка“.
А ние, новинарите, сме во постојана потрага по фактите и нивната потврда. Соочени со машинеријата на лажни вести, ја губиме довербата кај публиката, па и самите стануваме подложни на манипулации.
Несомнено, во работата мора да се придржуваме до основните новинарски постулати за точност и провереност на информациите и да ги зачуваме.
ВИ треба да ја користиме во одделни сегменти од работата, како помош при транскрибирање аудиозаписи, собирање податоци на одредена тема од интернет, чии извори треба да бидат наведени, како и при преведување.
СКУП: Постојано се зборува за етичката употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во однос на можностите што ги нуди вештачката интелигенција?
Билјана Ставрова: Кодексот на новинарите е основата за зачувување на етичкото и професионалното новинарство.
Употребата на ВИ, пак, треба да биде во согласност со прописите на европското законодавство.
СКУП: Колку може и треба да им веруваме на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?
Билјана Ставрова: На информациите генерирани од ВИ може да им се верува само доколку се наведени изворите – научни или новинарски написи, со директна врска до изворот.
Новинарот мора да ги провери тие извори пред да ги пласира информациите.
СКУП: Дали брзината на информирањето понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?
Билјана Ставрова: Во време на потрага по брзи информации, се занемарува постулатот дека информацијата треба да биде точна и проверена.
Но, традиционалните медиуми сè уште се придржуваат до овие постулати, што, за жал, не е случај со дел од порталите и социјалните медиуми.
Веќе ниту демантирањето по емитувањето неточна информација не се доживува како показател за неетичко постапување.
СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?
Билјана Ставрова: Македонскиот медиумски простор е задушен од бројни медиуми што не се одржливи во пазарни услови.
Намалувањето на бројот на медиуми се коси со слободата на говорот, а квантитетот во Македонија е обратнопропорционален на квалитетот.
Затоа е потребна едукација како на новинарите, така и на публиката, која треба да знае што е проверена информација, а што е лажна вест или текст генериран од ВИ.





