ИНТЕРВЈУ / Јасна Бачовска Недиќ: Вештачката интелигенција нема етичка свест, новинарот мора да остане гарант за вистината

Во свет во кој алгоритмите можат за неколку секунди да создадат текст, фотографија или видео што изгледаат автентично, новинарството се соочува со суштинско прашање: кој ја гарантира вистината? За професорката Јасна Бачовска Недиќ, одговорот е во професионалниот интегритет, критичкото размислување и човечката одговорност – вредности што ниту една технологија не може самостојно да ги обезбеди.

Јасна Бачовска Недиќ, универзитетска професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со години се занимава со прашањата на комуникациите, медиумите и новинарството, како и со нивната улога во современото општество.

Во ерата на вештачката интелигенција, овие прашања добиваат нова димензија. Технологијата веќе не е само средство за пренесување информации, туку и инструмент за нивно создавање. Таа може да ја зголеми ефикасноста на редакциите, но истовремено да ги засили дезинформациите, алгоритамската пристрасност и манипулациите со јавноста.

За Бачовска Недиќ, клучниот предизвик не е во самото постоење на вештачката интелигенција, туку во способноста на новинарството да ги зачува своите основни вредности во услови на забрзана технолошка трансформација.

Особено загрижувачка е убедливоста на генерираните содржини. Информациите можат да изгледаат прецизно, аргументирано и професионално, а сепак да бидат неточни или целосно измислени. Во такви услови, проверката на фактите станува поважна од кога било.

Во интервју за СКУП, Бачовска Недиќ зборува за етичките граници на употребата на вештачката интелигенција, опасностите од трката по брзина и иднината на македонското новинарство.

Таа смета дека иднината е во комбиниран модел што ќе ги спои традиционалните професионални стандарди со можностите на новите технологии, но во кој новинарот ќе остане носител на одговорноста пред јавноста.

СКУП: Кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?

Јасна Бачовска Недиќ: Најголемите предизвици лежат во зачувувањето на новинарскиот интегритет, транспарентноста и веродостојноста.

Вештачката интелигенција носи ризик од алгоритамска пристрасност, ширење дезинформации со невидена брзина и автоматско генерирање лажни вести и длабоки лажни содржини (deepfakes).

Клучниот предизвик е како технологијата да се користи како алатка што ја олеснува работата, а не како замена за човечкото критичко размислување, етичкото расудување и уредничката контрола.

СКУП: Каде се границите на етичкото и професионалното во однос на можностите што ги нуди вештачката интелигенција?

Јасна Бачовска Недиќ: Границата се наоѓа во одговорноста и авторството.

Вештачката интелигенција може да анализира податоци, да сугерира структури или да ја подобри ефикасноста, но таа нема етичка свест, емпатија, ниту способност за морално расудување.

Професионалното новинарство бара проверени извори, контекст и лична одговорност пред јавноста – работи што алгоритамот не може да ги преземе.

Етичката граница значи дека ВИ може да биде асистент, но уредникот и новинарот мора да останат крајни гаранти за вистината.

СКУП: Колку може и треба да им веруваме на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?

Јасна Бачовска Недиќ: Довербата во ваквите информации мора да биде условена со постојана проверка на фактите (fact-checking).

Информациите генерирани од ВИ често изгледаат совршено структурирани и убедливи, што ги прави особено опасни кога се неточни или манипулативни – таканаречените халуцинации на моделите.

Тие не смеат да се земаат „здраво за готово“ без детална верификација од повеќе традиционални и сигурни извори.

СКУП: Дали брзината на информирањето понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?

Јасна Бачовска Недиќ: Во денешното дигитално секојдневие, притисокот за ексклузивност и брзина е огромен, но жртвувањето на квалитетот и точноста води кон директно уништување на медиумскиот кредибилитет.

Во новинарството, точноста и длабочината секогаш мора да имаат предност пред брзината.

Подоцна објавена, но проверена информација е многу повредна од брзата дезинформација.

СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?

Јасна Бачовска Недиќ: Иднината лежи во хибриден, или, како да кажам, комбиниран модел што ги спојува традиционалните етички стандарди со паметното користење на новите технологии.

Македонското новинарство има потенцијал да опстане и да се развива само доколку инвестира во медиумска писменост, дигитална трансформација на редакциите и зајакнување на професионалните стандарди.

Младите генерации новинари, кои се дигитално писмени и свесни за опасностите од вештачката интелигенција, се клучниот фактор за враќање на довербата на публиката.

Оставете коментар

коментар(и)