Истражувачки филмски фестивал кој ,,свирна” во темнината

Фестивалот беше организиран од организацијата Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија.

,,Нашите очекувања се дека овој фестивал ќе придонесе да се подобри  состојбата во истражувачкото новинарство во Македонија. Да се подобри општо состојбата на новинарите и медиумите и ќе претставува еден вид мост помеѓу нашата медиумска сцена и медиумската сцена во Европа, регионот, САД итн.” – изјави Кристина Озимец, претседателка на ПИНА

Дебата: ,,Укажувчи” таjни играчи кои можат да ја променат историјата

Модератор – Сашка Цветковска

Ѓорѓи Лазаревски

Говорници: Павлина Зефиќ, Денис Ампев, Беноа Бринже, Алесија Черантола, Бети Медсгер од САД и Ѓорѓи Лазаревски.

Се дебатираше кои се мотивите и поттикот зад одлуката да се стане укажувач, дали да се премолчи или да се укаже.

На оваа тема, Ѓорѓи Лазаревски, го сподели своето искуство зборувајќи за се` она што се случувало во периодот кога тој решил да ги предаде прислушкуваните разговори и притисоците кои ги „преживеал“. На прашањето зошто разговорите не ги предал на новинарите, како што вообичаено прават свиркачите, туку на полтичка партија, тој одговори дека немал доверба во медиумите со оглед на тогашната ситуација кај истите.

 

Дебата: „Истражувачкото новинарство во регионот – предизвици и перспективи“ модератор: Снежана Лупевска (Македонија)

Блаж Згага

Панелисти Дарио Јуричан (Хрватска), Мери Јордановска (Македонија), Милица Војиновиќ (Србија), Милка Смилевска (Македонија), Парим Олури (Косово), Алиса Муслиу (Албанија), и Блаж Згага (Словенија).

На оваа дебата новинарите ги споделија предизвиците и проблемите со кои се соочуваат кога истражуваат.

Милица Војиновиќ од Србија вели дека ,,Новинарите во Србија најголемиот притисок го чувстуваат кога пишуваат за високите функционери, т.е за актуелниот претседател и поранешен министер. Главно институциите се затворени за новинарите, а последниот инцидент се случил неодамна кога на нивната колешка Драгана од „КРИК“ некој и провалил во домот.

„Ние веруваме дека тоа е нешто поврзано со нејзината работа. Постојано ја контактираме полицијата до каква е ситуацијата во врска со случајот, а оттаму само ни велат дека се работи на истиот и истрагата ќе биде средена“

Блаж Згага од Словенија истакна дека притисокот е најголем  кога имате полиција зад вашиот грб.

Дарио Јуручан од Хрватска зборуваше како успеал да ги спои филмот и новинарството, воедно сподели искуства и совети како на пазарот да продадете филм или книга.

„Најважно е да ја имате поддршката од публиката, а вашата сторија да биде од јавен интерес во спротивно се` ќе ви пропадне во вода. Што поголемо табу, што повисока цел – толку поголемо влијание ќе имаме врз публиката. Притоа важно е да се инвестира во база на податоци но се` е прашање на време, а ние го имаме времето.“

 

„Рано е да се зборува за притисоците и предизвиците во моментов на новата актуелна власт“ изјави Мери Јордановска од БИРН.

Се надоврза и за претходната власт велејќи дека сите ги имаат почувствувано нејзините притисоците, дискредитацијата, навредите и траумите.

„Сега институциите се отворени за соработка. Одговараат на вашите прашања и без проблем ги даваат документите за она што го правела претходната власт. Меѓутоа се плашам да не се повтори минатато и се најдеме во иста ситуација како пред неколку години, а шансите се големи да се случи тоа само ако дозволиме. Ако ја критикуваш власта не значи дека не си ја сакаш државата. Тоа пробуваме да го докажеме 10 години.“

Милка Смилевска

Милка Смилевска од Македонија која моментално работи за Ал Џезира се надоврза во разговорот на колешката Јордановска, вели дека изминатите години било тешко да се работи на истражувачки стории кога институциите се спротивставени.

„Не можевме целосно да работиме на сторија бидејќи главниот проблем беше што од власта никогаш не сакаа да одговараат на нашите прашања и секогаш ја имавме само едната страна, во случајот опозициската.“ изјави Смилевска.

За истражувачките новинари вели дека е најдобро да соработуваат преку мрежа на новинари со која може да се заштедат време и пари за патувањата.

Парим Олури од Косово за проблем во истражувачкото новинарство во Косово ја посочи „генерациската разлика“ во онлајн медиумите. Старите новинари се служат со „националистичка страна“ во пишувањето.

„Кога зборуваме или пишуваме за високите луѓе во општеството и нивните бизниси, тогаш не критикуваат. На пример, дека го валкаме името на нашиот херој, наместо да пишуваме за „србинот“.

За поголемите два медиуми во Косово кои воедно имаат најмногу реклами, Олури вели дека не ги споделуваат нивните истражувачки стории.

„Има случаи кога другите онлајн медиуми ги споделуваат нашите стории, но тоа е само во случај кога тие имаат корист од тоа или сакаат да „нападнат“ некого.“

Алиса Муслиу

Алиса Муслиу го долови моментот како се справува со институциите кога не може да добие одговор.

„Кога некој не сака да ми даде интервју или одговор на мое прашање, тогаш одам во 8 часот одам во институцијата каде што работи и чекам во ходникот се до крајот на работното време. Често пати се случува луѓето да ме прашуваат зошто го правам ова и дали воопшто ми се исплати. Тогаш им велам дека она што јас го правам е со цел да добијам одговор на проблемот што е од јавен интерес.“

За колегите од вели дека голем број од нив живеат надвор од Тирана и од Албанија, бараат азил во странство бидејќи не се чувствуваат безбедно во државата.

 

 

Дебата: Македонија  и феноменот на лажни вести – му помогнавме ли на Трамп да дојде на власт?

Модератор – Огнен Јанески

Говорници: Антонио Зографски (Македонија), Убавка Јаневска ( Македонија), Анастасија Валеева (Русија).

„Дали вие му помогнавте на Трамп да дојде на власт?“ е едно од прашањата со кое започна дебатата на последниот ден од фестивалот, за феноменот на лажни вести и дали истите му помогнаа на Трамп да дојде на власт.

„Најпрво сакам да кажам дека јас не сум човек што пишувал лажни вести. Сметам дека американците имаа избор што ќе читаат меѓу познатите CNN, BBS и така натаму. Меѓутоа тие ги одбраа моите вести.“ – изјави Антонио, 20-годишен студент кој стана познат по феноменот лажни вести за Трамп.

Тој вели дека иако потполно не се разбира во политиката или новинарството, сепак за да ги направи лажните вести морал да се информира, така што ја читал актуелната политика во периодот на претседателските избори во Америка.

„Мора да си во тек со новостите и она што го пишуваш да е актуелно за да бидеш читан“ – вели Антонио.

Напомена дека вестите кои тој ги пишувал, всушност веќе некој ги имал напишано во Америка. Процесот се одвивал на тој начин што истите биле копирани, но филувани и изменети со променет шокантен наслов кој би привлекол внимание кај публиката. Кога почнал да се занимава со лажните вести, не почнал веднаш со Трамп. Најпрво пишувал онлајн магазин со новости, потоа за мотори и коли, а подоцна дошол до идејата дека политиката е интересна како идеја која би можела да привлече публика.

Низ текот на дебатата го објаснуваше процесот на креирање и споделување на вестите, а во истата се надоврзаа Валеева и Јаневска.

Анастасија Валеева

Валеева за лажните вести изјави дека лажните вести се еден вид на пренасочување и одвлекување на читателот од вистината, т.е дел од спектарот на пропагандата.

„ Ова не е нова борба. Сме имале доста долги дебати околу овој феномен, бидејќи сепак живееме во време каде што се` е clickable & shareable. Битката која сите ние ја водиме со феноменот на лажни вести треба да ја водиме до крај. Јас кога предавам во Киргистан секогаш ги учам дека оваа битка треба да се води со отворени податоци во истражувачкото новинарство.“

Убавка Јаневска од Велес активно го следи феноменот на лажни вести. Заедно со нејзин колега, работела на истражување поврзано со лажните вести за Трамп.

Убавка Јаневска

„Истражувањето вели дека 70% од младите во Велес пробале, пробуваат или имаат веб страна од каде што произведуваат лажни вести. Истите се наменети само за американската публика и истовремено забранети за македонската јавност.“ вели Јаневска.

Во истражувањето пробала да стапи во контакт само со околу 20-тина од многуте сопственици на овие веб страни. Неколкумина од нив побарале заштита на идентитет, а повеќето од нив не сакале да зборуваат со новинар.

„Тешко е да се оствари комуникација со овие луѓе. Нашето комунцирање се одвиваше само преку месинџер или пораки.“

Нејзина проценка е дека станува збор за млади луѓе кои не се разбираат во домашната политика, уште помалку во внатрешната американска политика, а воедно и не го познаваат англискиот јазик.

„Моја претпоставка е дека овие дечки работат во добро организирани тимови и дека станува збор за еден цел систем во кој има задолжено повеќе лица за различна работа. Сопственикот ја зема целата заработувачка, а останатите се платени хонорарно во зависност од извршената работа.“ се надоврза Јаневска.

На прашањето дали овие луѓе го правеле сето ова заради пари или заради слава, Јаневска вели дека најголемиот мотив за да се почне со оваа работа биле парите.

„Ниеден од сопствениците на овие веб портали не сакаше да открие колку пари заработува. Добив одговори како „доволно добро“, но сите знаеме дека станува збор за голема сума на пари.“

Јаневска вели дека од анкетата што била направена во Велес, повозрасните лица не знаеле за што таа ги прашува, додека помладите имале поделени мислења. Едни ја оправдуваат ситуацијата како снаодливост во економично-нестабилниот Велес. Имено, некои ја потенцирале и поддршката од поранешниот градоначалник кој во една прилика изјавил: „Во политиката нема морал или неморал. Се` е дозволено кога се работи за пари“.

Милан Живковиќ

Истражувачкиот филмски фестивал Скопје беше поддржан од фондацијата Фридрих Еберт.

,,ПИНА апсолутно се совпадна  со целите кои ги има фоднацијата Фридрих Еберт, тука во Македонија и пошироко во регионот. Истражувачкото новинарство и анализите се потребни за секое општество кое што цели кон некое нормално владеење на правотои и сметаме дека го направивме вистнскиот чекор со поддршката на Пина и општо на фестивалот.”  Изјави Милан Живковиќ, претставник на германската фондација

Оставете коментар

коментар(и)