Автор: Линда Адеми
Иако прогласена за Национален парк, Шар Планина сè уште не е доволно заштитено подрачје. Причина – бројот на мали хидроелектрани, кои постепено ги уништуваат реките и ја загадуваат водата за пиење.
Овие мали хидроцентрали се субвенционирани од државата, иако нивниот придонес во националниот енергетски систем е незначаен. Според податоците кои ги доби СКУП, овие хидроелектрани произведуваат само 4,6 отсто од вкупното производство на електрична енергија, но, од друга страна, од државниот буџет секоја година во просек добиваат по 9 милиони евра. Овие средства се собираат од граѓаните преку сметките кои ги плаќаат за струја. Поточно, околу 6 проценти од сите тие сметки кои ги плаќаат граѓаните одат за субвенционирање на обновливи извори на енергија. Од 2010 година до ноември 2020 година, од буџетски пари, на сметките на компаниите кои поседуваат мали хидроелектрани се одлеале над 90 милиони евра во вид на субвенции за покривање на трошоците за произведена електрична енергија.
СУБВЕНЦИИ СПРОТИВНО СО ЕВРОПСКИТЕ ДИРЕКТИВИ
Уште повеќе, субвенциите кои се доделуваат за малите хидроелектрани, се во спротивност со директивите на Европската унија (ЕУ). Во еден регионален извештај на WWF и Bankwatch се вели дека владите треба да прекинат со ваквите практики и се нагласува дека несразмерната еколошка и социјална штета предизвикана од малите хидроцентрали во однос на количината на произведена електрична енергија веќе е препознаена од Енергетската заедница и Техничката експертска група на Европската унија.
Со оглед на тоа што земјите од Западен Балкан сега минуваат низ процес на поставување на нивните политики и цели во однос на производството на електрична енергија од обновливи извори до 2030 година, WWF и Bankwatch велат дека е време да се прекине субвенционирањето од државата.
„Наместо тоа, тие треба да се фокусираат на алтернативи кои имаат помало влијание врз природата и луѓето. Тие вклучуваат зголемување на енергетската ефикасност или инвестирање во енергетски извори, како што се сончевата енергија или ветерот, за што постои голем потенцијал во регионот доколку е соодветно планирано и со учество на јавноста“, се вели во извештајот.
Според податоците добиени од Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија, во земјата има вкупно 359 електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Најголем дел, или вкупно 251 централи се фотоволтаични, а на второ место се токму малите хидроелектрани – 103. Само по една централа се на ветерници и биомаса, додека на биогас се вкупно 3.
Според податоците добиени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во земјата има вкупно 120 мали хидроелектрани, од кои 93 се пуштени во употреба, а на 27 им се издадени привремени решенија.
WWF и Bankwatch велат дека слатководните екосистеми исчезнуваат со алармантна брзина секаде во светот каде не се заштитени доволно. Над 60 проценти од реките во Европа се во лоша состојба, главно поради деградација и уништување од брани, хидроцентрали, канали, неодржлив песок и вадење чакал, лошо планирана навигациска инфраструктура итн.
На Балканот ситуацијата е далеку поалармантна. Бизнисот со мали електрани ризикува да исуши 5 илјади километри реки, кои сериозно би го разнишале слатководниот екосистем. Според WWF и Bankwatch, главна причина за големиот број на хидроелектрани се субвенциите кои ги доделуваат државите, пари кои се собираат преку сметки за потрошена енергија кои месечно ги плаќаат граѓаните. Во земјите од Западен Балкан бројот на хидроцентрали со моќност до 10 MW е четирикратно зголемен во последните десет години. Податоците за 2018 година ни покажуваат дека 70% од сите стимулации за обновливи извори на енергија се потрошени за мали хидроцентрали на регионално ниво.
Според нив, владите мора итно да ги променат законите и прописите за да спречат натамошно непотребно уништување на реките.
КОЈ КОЛКУ ПРОФИТИРА ОД ХИДРОЕЛЕКТРАНИТЕ?
Енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина уште повеќе ја влоши економската криза која настана заради пандемијата на КОВИД-19. Но, кризата за сопствениците на хидроелектраните беше можност повеќе за профит.
Според податоците што СКУП ги има добиено од Централниот регистар на фирми, најпрофитабилна мала хидроцентрала е „Хидро енерџи груп“. Оваа енергетска компанија во текот на 2019 година има пријавено нето добивка од околу 423 илјади евра и приход од околу 900 илјади евра. Профитната маржа на оваа компанија изнесува 47 отсто, што значи дека речиси половина од вкупните приходи се профит за компанијата. „Хидро енерџи груп“ е компанијата која во 2015 година со Владата потпиша договор за концесија за изградба на две мали хидроцентрали на Жировничка река во Националниот парк Маврово. Станува збор за компанија формирана од конзорциум од две компании: „Хидропауер груп“ и „Фероинвест“, во која еден од сопствениците е бившиот вице-премиер, Кочо Анѓушев.
„Монтинг Енергетика Тиквеш“ е втора најпрофитабилна хидроцентрала која во 2019 година со остварен приход од 672 илјади евра, што е за 18 отсто повеќе од 2018 година. Само нето добивката изнесува 396 илјади евра, што е за 37 отсто поголема од претходната година.
„ЕМК ДООЕЛ“ е фирма чии сопственици се јавуваат како странци, а која во 2019 година остварила приход од 1 милион евра. „Вардар Хидро“, „СОЛ Хидропауер“ и неколку други хидроелектрани се исто така, со големи добивки.
ОДЗЕМЕНИ КОНЦЕСИИТЕ ЗА 7 ХИДРОЕЛЕКТРАНИ НА ШАР ПЛАНИНА
По прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, се зачестија реакциите за одземање на концесиите на сите фирми кои оперираат со хидроелектрани на реките на овој планински масив.
Затоа, во октомври 2022 година, Владата ги раскина договорите за концесија на седум мали хидроцентрали. Шест од нив биле во строго заштитеното подрачје на Националниот парк, а една е во зоната на одржливо користење.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСП) велат дека сите овие шест мали хидро-електрични нема да се реализираат. Одлуката за спогодбено раскинување на договорите која ја усвои Владата, се однесува на шест мали хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во националниот парк, и тоа: Љуботенска бр.66, Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, Лешочка 100 и Лешочка 101 и една во зоната на одржливо користење.
Со спогодбено раскинување на договорите за концесија, е предвидено да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите, и трошоците на име на концесијата. Државата ќе им плати отштета од 1 милион и 51 илјада евра на четири од овие фирми-инвеститори, кои ги склучиле договорите за концесија меѓу 2011 и 2018 година.
Според официјалните информации, најголем надомест од 600 илјади евра ќе ѝ се исплатат на фирмата „Гравис Хидро“ од Гостивар. Ова фирма имаше концесија да изгради хидроцентрала на реката Пена, со договор од 2018 година. Околу 270 илјади евра ќе добие „Трибека Хидро“ од Тетово за раскинатата концесија што ја добила во 2011 година за Љуботенска Река. На истата река требало да гради и „ЕМК Мали хидроелектрани„ од Скопје, а како отштета ќе добие над 117 илјади евра. „Супер Ноува Енерги“ од Тетово, која требала да гради на Беловишка Река, ќе добие околу 65 илјади евра.
ДАЛИ ИМА НАДЕЖ?
Иако 7 концесии се одземени, во пределот на Шар Планина се уште функционираат 16 хидроелектрани. Жителите на селата Теарце, Доброште, Одри, Јегуновце ги знаат многу добро последиците од изградбата на овие централи. Исушени реки, загадена вода и уништен биодиверзитет – се само дел од краткорочните последици кои ги чувствуваат жителите на овие села. Бизнисот со мали хидроцентрали им го загорчи животот.
Надежта се гледа во процесот на преговори за пристапување во Европската унија (ЕУ), во кој земјата ќе треба да ги прилагодува нејзините закони со европските. Кластерот 6 ги содржи и поглавјата кои се однесуваат на животната средина.
Од друга страна, гласот на невладините организации ги дава првите резултати со тоа што 7 концесии се веќе одземени. Тие велат дека борбата ќе продолжи до искоренување на сите овие уништувачи на природата.