Поранешниот премиер Ковачевски е побогат од сегашниот Џафери за околу 400 илјади евра
Претседателот на Собранието во техничката влада Јован Митрески пријавил имот кој е во вкупна вредност од 132.682 евра
Разрешениот министер Меџити е вториот најбогат министер од веќе поранешната Влада
Другиот разрешен министер, Азир Алиу со скромно богатство од речиси 360 илјади евра
На 100 дена пред двојните избори, Северна Македонија ја доби третата преодна (техничка) влада по 2016 година, чиј претседател е Талат Џафери од ДУИ кој воедно е и првиот премиер – Албанец.
Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, во рамките на проектот ПЕП направи анализа на податоците од имотните листи на одредени функционери, поточно оние кои се дел од оваа техничка влада, новиот собраниски спикер, новиот премиер, но и поранешниот, како и веќе поранешни министри.
Премиерот во техничката влада Талат Џафери како министер за одбрана од 2013 до 2014 година, Џафери пријавил имот во вкупна вредност од 213.795 евра каде тој поседува куќа во село Форино во Гостивар, стан во Чаир, моторно возило Ауди А4 за кое не е наведена вредноста, како и пријавена плата на брачниот другар.
Во периодот 2014 до 2016 година како пратеник во Собранието, пријавил имот кој „тежи“ 233.795 евра, односно 20 илјади евра повеќе. Повторно се пријавени куќата и станот, моторно возило Ауди А6 за разлика од претходното А4, имот на деца моторно возило БМВ и плата на брачниот другар.
И за неговиот последен анкетен лист како Претседател на Собранието, пријавен е имот во вкупна вредност од 238.666 евра. Пријавено е земјиште на негово име во Гостивар за кое не е наведена вредноста, истата куќа во Гостивар и станот во Чаир, истите две моторни возила, пријавена плата на брачниот другар, како и пријавени средства како имот на брачниот другар, имот на деца како и на негово име.
Споредбено со него, поранешниот премиер Димитар Ковачевски поседува имот во вкупна вредност од 645.945 евра па така тој е побогат од Џафери за 407.279 евра.
Имотот на Ковачевски е многуброен. Тој има куќа за одмор од 51м2 во Волково, Стан со паркинг место од 83м2 во Скопје, стан со паркинг простор од 70м2 исто во Скопје, стан со помошни простории и гаража од 73м2 во истиот град. Тој исто така има и моторно возило Цитроен Ц3, како и хартија од вредност, односно акции. Тој има и побарувања по основ на договор, како и средства на различни сметки во одредени банки, како и кредит. За неговиот брачен другар тој има пријавено удели, денарски депозити, но на трансакциона сметка во една од банките на неговиот брачен другар, поточно НЛБ Банка, не е наведено за колкава сума на пари станува збор. Пријавени се и одредени девизни депозити, како и средства на трансакциона сметка како имот на неговите деца.
Исто така, од страна на одредени медиуми беше пренесено дека фирмата на сопругата на премиерот е на чекор до изградба на фотоволтаична централа. Поточно, Владата ја задолжила општината Радовиш да и продаде на фирмата во која една од сопственичките е сопругата на премиерот, државна парцела за изградба на фотоволтаична централа.
Што се однесува пак до претседателот на Собранието во техничката влада, Јован Митрески, тој пријавил како пратеник пријавил имот кој е во вкупна вредност од 132.682 евра. Лично на негово име тој поседува само моторно возило Сузуки Гранд Витара. Неговиот брачен другар поседува исто така поседува моторни возила и тоа Лада Нива и Форд Мондео, како и денарски депозит. Неговите родители пак имаат земјишта во Струга, две куќи во истиот град како и лозје.
Споредбено со неговиот претходен анкетен лист во 2020 година, тој моментално е посиромашен за околу 15 илјади евра.
Не многу познати лица во техничката влада, се разрешија и министри
Во техничката влада влегоа двајца министри од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, едниот е Ѓоко Велковски како министер за труд и социјална политика, а другиот е Панче Тошковски како министер за внатрешни работи. Велковски беше секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година, а Тошковски е адвокат.
Велковски бил советник во општина Чаир и пријавил дека поседува имот во вкупна вредност од 233.152 евра. Како негов личен имот пријавени се две моторни возила, Ауди А3 и Цитроен Ксара, паушал за присуство во совет како советник во општина Чаир и земен кредит. Неговиот брачен другар поседува Голф 5, а неговите родители поседуваат куќа од 354м2 во Чаир.
Што се однесува до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој е адвокат, тој нема извршувано јавна функција па поради тоа нема пријавувано имот во Државната комисија за спречување корупција. Тој беше бранител на неколку обвинети функционери и членови од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во случаите кои беа отворени од страна на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Откако се формираше техничката влада, двајца министри од редовите на владеачкото мнозинство беа разрешени, поточно министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Кога станува збор за состојбата на имотот, Меџити како министер пријавил имот вкупно вреден 1.850.115 евра што го прави втор најбогат министер веќе поранешната Влада. Најпрво, како личен имот, тој поседува двор од 147м2 во Скопје, куќа од 360м2 во Скопје, моторно возило Мерцедес бенз како и кредит на негово име во вредност од 150 илјади евра. Неговиот брачен другар поседува моторно возило Пежо, кредит во вредност од 20 илјади евра како и златен накит од 1000 гр. во вредност од 5.700 евра. Неговите родители пак поседуваат две деловни простории од 70 и 72м2 во Гостивар, земјоделско земјиште од 1600м2 во Гостивар, уште едно земјоделско земјиште од 4065м2 во Неготино, две куќи од 226 и 232м2 во Гостивар, но и моторно возило Голф 5.
Алиу пак вреди 358.472 евра. Тој поседува гаража од 40м2 во Скопје, двор од 592м2 во Гостивар, куќа од 304м2 во Гостивар, Стан од 66м2 во Скопје, друг стан од 68м2 во Скопје со тоа што првиот е проценет на 66 илјади евра, а другиот на 98 илјади евра. Исто така, на денарската платежна картичка има 138 денари, на трансакциона сметка има 15.365 евра, на друга 209.873 денари како и на трета каде има 98 долари.
Текстот е работен во рамки на проектот „ПЕП – колку се богати функсионерите“