„КОЗО, ОВЦО, МАЈМУН, ЃУБРЕ“ – ЗБОРОВИ ТЕШКИ И ПО 10.000 ЕВРА

Автори: Даниела Трпчевска, новинар уредник     

                Бјанка Станковиќ, новинар репортер

Седумдесет илјади денари отштета добила навредена граѓанка од Куманово која пред неколку години одлучила да поднела тужба против маркетот во кој пазарува, како и против лице од обезбедувањето. Настанот се случил на 3 мај 2012 година, во попладневните часови, кога таа пазарела во маркетот и купената роба ја платила на каса. Но, кога се доближила до излезната врата на маркетот, се огласил алармот. Лицето од обезбедувањето се доближило до неа и на „нељубезен и неучтив тон“ и се обратило со зборовите „го фативме крадецот“. На касата била извршена проверка и утврдено дека жената има фискална сметка за сите производи кои што ги зела. Но, и при вториот обид да замине од маркетот, алармниот систем повторно се огласил. Следела нова проверка, по што и било дозволено да си замине со објаснување дека алармниот систем затаил. Навредената жена се одлучила да поднесе тужбаво која до судот обраложила дека претрпела „душевни болки поради повреда на чест и углед и и е намалена животната активност“. Судот на 5.3.2015 година ја донел и пресудата со која од побаруваните 120.000 денари, досудена е отштета од 70.000 денари за „нарушување на угледот и честа на тужителката“.
Ова е само еден од многубројните судски случаи, објавени на веб страниците на судовите во земјава, кои завршиле со високи оштетни побарувања. Колку болат зборовите, доказ се судските процеси кои се водат или се веќе окончани во 26 судови во земјава. Граѓаните побаруваат и по 600 илјади денари за надомест на штета за клевета или за загрозување на честа и угледот. Судиите често ги казнуваат навредувачите, па глобите се 100, 200, 500, па и до 10.000 евра.
„Козо, овцо, мајмун, лудача, ѓубре едно, ќорле …“ – ова се честите атрибути што при расправии, караници си ги разменуваат поранешни сопружници, соседи, продавачи на тезги или блиски роднини, а кои не завршиле само на збор. Навредените решиле вербалните расправии со примеси на оловни зборови што им нанеле душевни болки, да ги преселат и во судниците.

 

НАВРЕДИТЕ СПОРТ БРОЈ 1 ВО МАКЕДОНИЈА 

 

Судската евиденција бележи дека не само граѓани, туку и јавните личности, особено политичарите, не ретко и се навредуваат и се тужат. Иако перцепцијата во јавноста е дека најчести гости на судовите се политичарите, бизнисмените, новинарите, сепак судските примери го покажуваат спротивното. Се поголем е бројот на спорови меѓу граѓаните кои не се јавни личности, а почувствуваледушевна болка“ или им бил „нарушен сонот“, или пак поради навредата која им ја нанеле соседите, или поранешниот партнер, некој роднина, или пак колега од работа, им сепокачил притисокот“. Мотивите се различни: реваншизам, семејни недоразбирања, ривалство, политички пресметки. На суд завршуваат и меѓусебна сосетска расправија или нетрпеливост на работното место. Поттик плус за покренување судски постапки се и значителните парични отштети на кои се надеваат тужителите.

Граѓаните на главниот град се рекордери по тужбите за навреда и клевета. Скопските судови се преплавени со „навредени“ и „наклеветени“. Но, ниту од кривичниот, ниту од граѓанскиот суд не изнесуваат конкретни податоци за тоа меѓу кои странки се воделе постапките, колкумина од нив се политичари, новинари или пак граѓани кои не се носители на јавни функции.

 

ФЕЈСБУКОТ ПРИКЛАДНО ПОЛЕ ЗА ВЕРБАЛНИ ПРЕСМЕТКИ

 

И социјалните мрежи, посебно популарниот Фејсбук се користи како алатка за упатување навреди и меѓу нејавните, но и помеѓу јавните личности. Се поактуелни стануваат случаите со навреди изречени на социјалните мрежи. Се клеветел кој како стигнал, па правдата за навредите преку Фејсбук повеќе од 30-тина граѓани во земјава ја побарале на суд. Тројца роднини преку битолскиот суд покренуваат тужба против сограѓанка која во февруари 2013 преку нејзиниот профил на Фејсбук објавила, како што е наведено во тужбата, „бројни навреди, невистини и клевети“ за тужителите. Побарувањето е 200 илјади денари и процесот се уште не е завршен.
Статистиката покажува дека од 20 судови во земјава, во периодот од 2011 до денес, биле покренати над 30 судски процеси, токму за навреди изнесени на најпознатата социјална мрежа Фејсбук. Само во Основниот суд Скопје 2 во периодот од 2013 до 2016 година се евидентирани вкупно 13 предмети за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета упатени преку социјалните мрежи. Од нив, во 8 предмети, странки во постапката се граѓани и тоа: во еден предмет донесено е решение со кое тужбеното барање се смета за повлечено, во еден предмет донесена е пресуда со која тужбеното барање на тужителот се одбива како неосновано, 5 предмети уште се во постапка, а еден предмет по основ на жалба е пред Апелациониот суд во Скопје.

 

КАВГИ И ВО СУДСКИТЕ КУЛОАРИ И ВО СУДНИЦИТЕ

 

Судии тужат бизнисмени, адвокати, пензионери… Некогаш навредата била изречена во четири очи, некогаш причината за тужба биле СМС порака, телефонски повик или пак изјава на телевизија. Политичари и бизнисмени поднесуваат тужби за клевети изнесени во весници или на телевизии. Тужби за клевети и навреди фрчат и на веб порталите.

Граѓаните кои не се носители на јавни функции доминираат и во судските процеси за навреда и клевета кои се водат во судовите во земјава. Тоа го потврдуваат податоците добиени од 24 судови кои по Законот за слободен пристап до информации ги побара СКУП Македонија. Во периодот од 2011 до 2016 година поднесени се над 1.800 тужби. Од пресудите објавени на веб-страниците на судовите, а по основ утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета, се гледа дека десетици тужби се поднесени токму поради расправии кои настанале во судските ходници или за време на рочишта.
 
ВЕБ ПОРТАЛИТЕ СИВА ЗОНА ЗА КЛЕВЕТИ И НАВРЕДИ
 
Има изненадувачки голем број тужби против портали и уредници на порталите, иако според законите за медиуми и за граѓанска одговорност за клевета и навреда, порталите не се третирани како медиуми.

„Во тие постапки тужените можеби не го користат тоа, но ние како нивни застапници ја користиме постоечката регулатива во нивна одбрана. Имаме добиено неколку пресуди каде што тужбата е одбиена токму поради причина што порталот нема својство на медиум и во ваков случај не може да биде утврдена одговорност. Но доколку авторот на клеветата биде утврден, тогаш тој може да одговара за навреда и клевета“, изјавува за СКУП адвокатот Филип Медарски.
Советот за етика во медиумите се занимава со моралниот аспект на медиумските продукти. Но, и оттаму се жалат на отсуство од правна регулатива.
Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски вели дека можеби 80, ако не и повеќе од претставките до Советот за етика во медиумите се поднесени против онлајн медиуми. „Се измислуваат теми, вести, настани, па дури имаме и колективно објавување на еден ист текст. Без менување на точка и запирка. Има теми полни со лаги, без поткрепа на факти. Има текстови во кои се вели ‘дознаваме’, а не ‘знаеме’. Имаме претставки од медиуми на кои не можеме ни да им најдеме ни адреси, ниту имаат импресуми, ниту редакции“, додава тој.
Токму поради тоа, професорката Снежана Трпевска, смета дека треба да се развиваат практики на етика во општеството и да се работи на саморегулација во јавната сфера – во медиумите, на интернетот, во јавните настапи.

Тужбите за клевета против новинари, според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани треба да бидат исклучок, а не правило. Во слободни држави, додава тој, тужби против новинари се поднесуваат во исклучителни ситуации кога некој новинар злонамерно, неосновано и постојано шири неточни информации во јавноста за некоја личност со јасна намера да им наштети на неговите чест и углед.

Не е својствено за еден професионален новинар да користи вулгарен јазик во комуникација со јавноста. Тој има обврска да ја негува културата на говорот и етиката затоа што мора да води сметка за угледот и достоинството на новинарството како професија. Во слободни и демократски земји политичарите во принцип не тужат новинари и медиуми. Оваа лекција мора да ја научат и македонските политичари. Обвинувањата и критиките во медиумите треба да се решат преку јавна дебата каде сите засегнати страни ќе имаат можност да ги претставуваат нивните ставови, а не пред судовите“, вели Селмани.          
 
Поопширната верзија на извештај од истражувањето на СКУП ПРОЧИТАЈТЕ ОВДЕ.          

 Oваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Заштита на правата преку истражувачко новинарство”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

       

 

 

 

 

            

Оставете коментар

коментар(и)