Колку се богати македонските пратеници?

Просечното „богатство“ на еден пратеник во македонскиот парламент вреди 261 илјади евра, најбогат е бизнисменот Исмаил Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол, а „најсиромашни“ се четворица пратеници коишто немаат воопшто доставено анкетен лист или пак не навеле вредност на тоа што го пријавиле. 

Екипа на СКУП

Пратениците во македонскиот парламент којшто е во заминување, до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пријавиле имот што вкупно вреди 31 милион и 300 илјади евра или во просек, секој од 120-те пратеници „тежи“ по околу 261 илјада евра. Тоа е отприлика колку една куќа од околу 150-200 м2 во централното подрачје на Скопје или два стана со по 70-тина квадрати во новоградбите на поексклузивна локација во метрополата, според актуелните цени на недвижностите. 

Во анкетните листови обично се пријавува имот, недвижен (куќи, станови, деловен простор, земјишта, овоштарници, итн.) и движен (автомобили, мотоцикли, накит, уметнички дела и сл.) коишто пратениците го водат на свое име или на име на своите најблиски членови на семејството, односно брачни другари, деца, родители, браќа и сестри. 

Најбогат од сите е пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, којшто пријавил имот што го проценил на 2,28 милиони евра. Јахоски, инаку сопственик на Пуцко Петрол, компанија што се занимава со трговија на нафтени деривати, но во последно време се амбицира и како инвеститор во згради, пријавил голем список на ставки од имот во анкетниот лист: од земјиште и станови, па до побарувања по основ на дадени заеми. Сите ставки од пријавениот имот се на негово име, но не пријавил вредност на неколку парцели земјиште во Скопје и Кичево, куќа во Македонски Брод и стан во Скопје, како и за еден договор за закуп на деловен простор. 

Втор најбогат пратеник во Собранието е Хусни Исмаили, којшто стана пратеник кандидиран од партијата Алтернатива, беше избран и за потпретседател на парламентот, но во ноември 2023 година ја напушти партијата и настапува како независен пратеник. Исмаили пријавил имот во вкупна вредност од 1,42 милиони евра, при што највредни се земјиштата и куќите што ги поседува тој лично или неговите родители во Тетово. Пратеникот поседува вкупно четири парцели земјиште, две куќи и три стана, како и деловен простор, возила, накит и друг имот.   Инаку, против Исмаили, Државната комисија за спречување на корупција поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење, за периодот кога тој  беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година. Се сомневаа дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес. 

На третото место според вредноста на пријавениот имот е Мендух Тачи, пратеник на ДПА, чијшто имот го проценил на 1,23 милиони евра. Тачи е меѓу пратениците што пријавиле најголем имот во пари, односно на неколку банкарски сметки тој и сопругата поседуваат 824 илјади евра, а тој има пријавено и побарување по основ на даден заем, од околу 23,000 евра.
Од друг повреден имот на Тачи, може да ја спомнеме куќата во Тетово, градежно земјиште во Тетово, стан во Тетово, итн. 

Потоа, на списокот на најбогати пратеници во првите десет се редат Муса Ибраими (ДУИ) со 905 илјади евра; Ѓорѓија Сајкоски (ВМРО-ДПМНЕ) со 802,602 евра; Бастри Бајрами (Европска демократска партија) со 741 илјада евра; Снежана Калеска Ванчева (СДСМ) со 617 илјади евра; Горан Мисовски (НСДП) со 597 илјади евра; Моника Зајкова (ЛДП) со 581 илјада евра и Жаклина Лазаревска (СДСМ) со 564 илјади евра вреден имот. Меѓу десетте најбогати пратеници во македонскиот парламент има седум мажи и три жени; пет се од македонска етничка припадност, четворица Албанци и еден Турчин. 

Од нив, еден има имот што вреди над два милиони евра, двајца „тежат“ над еден милион евра, и останатите се од 500 илјади до 900 илјади евра. 

Кај „вмровците“ најбогат Сајкоски, а Поцкова не пријавила никаков имот

Пратениците на трите најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ заедно „тежат“ вкупно 20 милиони и 172 илјади евра, односно толку вреди имотот што 83-те пратеника на овие партии го пријавиле во своите анкетни листови приложени до ДКСК.  

Според анализата што ја направивме врз основа на анкетните листови достапни на вебсајтот на ДКСК, гледано како вкупна апсолутна вредност на сиот пријавен имот, најбогата е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но тие имаат и најголем број на пратеници во парламентот, 39. Имотот на сите нив заедно вреди 7 милиони и 742 илјади евра. Но, треба да истакнеме и дека еден од пратениците на партијата, поточно пратеничката Јадранка Поцкова,  нема пријавено никаков имот до ДКСК. 

Ако пресметаме колку се богати во просек пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја поделиме вкупната вредност на сиот пријавен имот со бројот на пратеници, ќе добиеме дека секој пратеник „тежи“ по 198,524 евра. Најбогат според пријавениот имот е пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, чијшто движен и недвижен имот тој го проценил на 802,602 евра. Пратеникот којшто доаѓа од Кичево, од изборна единица бр.5, пријавил завиден имот, поточно неколку парцели градежно земјиште во Кичево, куќа, куќа со деловен простор, стекнати со наследство или преку договор за градба, потоа стан во Скопје од 61м2, штедна книшка, возило, итн., додека на име на сопругата пријавил само штедна книшка со релативно ситна сума на пари. За сите ставки од имотот педантно навел вредност и кога сѐ ќе се собере, се доаѓа до прилично висока вредност на неговиот имот. 

„Најсиромашна“ пак, ако не ја сметаме Поцкова, за којашто не знаеме дали не ја исполнила обврската кон ДКСК или навистина нема никаков имот на свое или пак на име на најблиските, е пратеничката Ангелинка Петкова, којашто пријавила повеќе ставки на недвижен имот (земјоделско земјиште, три куќи во Гевгелија, итн.) на лично име и на име  на својот брачен другар, но не навела вредност за нив. Вредност навела само за моторно возило Шевролет Круз кое го проценила на 4,900 евра и еден кредит од 2,000 евра. Па, така излегува, дека имотот чијашто вредност е наведена, вреди вкупно 6,900 евра, што ни оддалеку не дава реална и објективна слика за „богатството“ на Петкова. 

По Сајкоски, според вредноста на имотот следат Ели Панова, со 468,568 евра; Олга Лозановска со 387,782 евра; Игор Јанушев со 387,182 евра; Петар Ристески со 376,406 евра, итн. 

Пратениците Антонијо Милошоски, Владо Мисајловски, Грација Бакраческа, Дајанчо Ефтимов, Жаклина Пешевска, Марија Петрушевска, Мирче Аџиоски и Рашела Мизрахи немаат дадено потполни податоци за имотните ставки што ги пријавиле. 

Па така на пример, Антонијо Милошоски, којшто беше и поранешен министер за надворешни работи во владата на Никола Груевски,  има пријавено на име на децата стан во Германија за којшто нема наведено вредност. Вредност нема наведено и за парите што ги поседуваат тој или сопругата на три трансакциски сметки во банка, како и за хартиите од вредност што ги поседуваат како заеднички имот. 

Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски, нема наведено вредност на компанијата Кендо Три Дооел што е пријавена како имот на неговите родители, како и на компанијата Креатива5, имот на неговиот брат. Грација Бакраческа, нема наведено вредност на куќа во Охрид, имот на родители, како и на две парцели земја во Струга и Охрид. 

Пратеничката Жаклина Пешевска, пак, како имот на брачен другар има пријавено 15-тина парцели земјиште со различна површина, од 370м2 па сѐ до 10,700 м2, за коишто нема наведено вредност, како ни за куќата во Скопје која е на име на родителите. И останатите пратеници од погоре наведените исто така немаат наведено вредност за по некоја од ставките што ги пријавиле како личен имот, или на име на своите блиски. 

Пратениците на СДСМ во просек побогати од оние на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група, пак,  на СДСМ, која брои 31 пратеник вкупно „тежи“ 7,16 милиони евра, што значи околу 231 илјади евра просечно по пратеник, што значи за околу 30-тина илјади евра по човек се побогати од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.  

Најбогата е пратеничката Снежана Калеска Ванчева, која е инаку адвокат по професија и пријавила имот со вкупна вредност од 617,378 евра, со една забелешка дека не навела вредност на неколку ставки што ги пријавила: земјиште на име на брачен другар во кавадаречко; удели во компании за на име на брачен другар за коишто не е наведено кои компании и која вредност се уделите; приходи по основ на основач на адвокатско друштво; и две трансакциони сметки, како имот на брачен другар. 

Најмалку имот, односно, воопшто не поднел анкетен лист е пратеникот Драгољуб Филипоски, додека најскромен имот за којшто е наведена некаква вредност е оној на Миле Талески, само 2,764 евра. Тој пријавил само едно моторно возило на свое име, Голф 5. 

Интересен момент е што првите пет на листата најбогати пратеници на СДСМ се жени, односно, по Калеска – Ванчева, следат Жаклина Лазаревска со имот од 563,859 евра; Љубица Спасова со 552,06 евра; Даниела Колева со 531,849 евра; и Марија Костадинова со 514,951 евро. 

Освен Калеска – Ванчева, непотполни податоци за својата имотна состојба имаат и Жаклина Лазаревска, Ненад Коциќ, Дарко Каевски и Соња Михаиловска. Соња Михаиловска за повеќето од имотот нема наведено вредност; Ненад Коциќ нема наведено вредност за неговата ординација и ординацијата на неговите родители; Жаклина Лазаревска нема наведено вредност за повеќе ставки, а Дарко Каевски нема вредност за неговиот стан. 

„Интегративците“ се најбогати во просек меѓу трите најголеми парламентарни групи 

Пратениците на ДУИ сите заедно пријавиле имот што вреди вкупно 5,26 милиони евра, и со оглед дека се 13 пратеници во парламентот, просечно нивниот имот вреди 376,184 евра по човек. Со тоа тие се најбогати во просек меѓу пратениците од трите најголеми парламентарни групи. 

Најбогат меѓу нив, е како што споменавме погоре во текстов, Исмаил Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол и поранешен градоначалник на општина Пласница. Човекот официјално има имот од преку 2,28 милиони евра, иако за повеќе ставки нема наведено вредност, што значи дека тој е всушност уште побогат. Со оглед дека неговата компанија долги години добива милионски тендери за набавка на нафтени деривати  и од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и од актуелнава на СДСМ, сумата од нешто над два милиони евра е прилично „скромна“ за профилот на овој бизнисмен. 

Со најскромен имот од „интегративците“ располага Бајрам Кадрија, којшто пријавил моторно возило на име на децата; својата плата и онаа на сопругата, како и кредит од 5,000 евра, сето ова вкупно во вредност од 12,235 евра. Меѓутоа, не навел вредност на куќата во с. Врапчиште и земјоделското земјиште, пријавени како имот на родителите. 

Непотполни податоци за својот имот од пратениците на ДУИ имаат и Рина Ајдари, Талат Џафери, Арбана Пашоли, Фиснике Бектеши Шаќири и Берат Ајдари. 

Рина Ајдари има имот со наведена вредност од 353,089 евра, но нема наведено колку вреди земјиштето што го пријавила; Довчерашниот претседател на Собранието, сега технички премиер, Талат Џафери, има наведено имот со вредност од 238,666 евра, но нема вредност за земјиште што го пријавил. Арбана Пашоли (226,829 евра) нема наведено вредност за повеќе земјишта; Берат Ајдари (104,390) исто така нема наведено вредност за земјиште од 15,000 м2; итн. 

Рамка: 

Десет најбогати пратеници во македонскиот парламент

пратеникпартијавредност на имот
(евра)
1Исмаил ЈахоскиДУИ2,284,090
2Хусни ИсмаилиНезависен1,424,411
3Мендух ТачиДПА1,231,947
4Муса ИбраимиДУИ905,365
5Ѓорѓија СајкоскиВМРО-ДПМНЕ802,602
6Бастри БајрамиЕвропска демократска партија741,160
7Снежана Калеска ВанчеваСДСМ617,378
8Горан МисовскиНСДП596,940
9Моника ЗајковаЛДП581,545
10Жаклина ЛазаревскаСДСМ563,859

Бројки:

31,307,646
вкупна вредност на пријавениот имот на сите 120 пратеници во Собранието

260,897 евра

просечна вредност на имотот на пратеник 

198,524 евра
просечна вредност на имотот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

231,078 евра

Текстот е работен во рамки на проектот „ПЕП – колку се богати функсионерите“

Оставете коментар

коментар(и)