(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупцијата преку истражувачко известување”.)
ЦИН СКУП-Македонија навреме упати барања за изјави до сите засегнати во изјавите на нашите соговорници, но до завршувањето на овој документарен филм никој не одговори на овие барања
ДОКУМЕНТАЦИЈА
Барање за изјава од Фудбалска федерација на Македонија (Илчо Георгиевски)
Барање за изјава од Владата на РМ
Барање за изјава од ВМРО – ДПМНЕ
Барање за изјава од Андреј Прасинов
Тековна состојба (стара состојба) ЗРД МК Инженеринг
Тековна состојба ЗРД МК Инженеринг
Тековна состојба од ФК Њу старс
Тековна состојба од Голден њу старс
Тековна состојба од ИДЕА тек Дизајн
Изјава на Драган Митковски, претседател на Општински сојуз Скопје
Нотаризирани изјави на делегати на ФФМ преведени на англиски и доставени до ФИФА
На 29 јули 2012 година Фудбалската федерација доби нов претседател во името на Илчо Ѓорѓиоски. Поранешен фудбалер и селектор. И до овде, е добра биографија и добар почеток.
Но, за жал, со неговото доаѓање почнува и периодот на најголемиот пад на фудбалот во земјава.
Македонија паднала за 36 места за 4 години. Во јули 2012 година, кога Георгиевски доаѓа како претседател на ФФМ, земјава била на 103 место. Само четири години подоцна паѓа на 139 место.
Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор, вели дека некој мора да сноси одговорност за овие резултати.
„Тежината нивна е функцијата што ја имаат претседател или селектор на репрезентацијата, меѓутоа резултатите се очајни. Што би било ако јас како тренер губам 10 натпревари по ред и сега уште да седам на позиција?“
ЛОШИ РЕЗУЛТАТИ СО СТРАТЕШКИ ПЛАНОВИ
Но, Илчо Ѓорѓиоски ни оддалеку не помислува да даде оставка. И покрај падот за скоро 40 места, тој предлага стратешки планови за наредните 5 и 10 години за македонскиот фудбал.
„Тоа е апсурд. Шансата да добие 10 години ја бара човек или екипа која во претходните 4 години направиле такви катастрофални состојби. Тоа е толку нелогично. Всушност нелогично е благ збор, малку погрубо, тоа е надвор од памет“, вели Драган Томовски, поранешен директор на ФК Цементарница.
Но со падот на ранг листите не е единствениот проблем со кој се соочува Фудбалската федерација. Забелешки има и за самиот избор на Ѓорѓиоски.
Љубомир Ѓурчевски, поранешен делегат на Собранието на ФФМ, се сомнева дека е направен фалсификат при изборот.
„Постојат сомненија дека е сторен фалсификат, а фалсификатот е кривично дело, фалсификување на исправа. Не може некој да оствари некое право со фалсификување на списи. Тука беше криминалот и ние на тоа укажувавме. Најголемата основа дека тоа е криминал беше што изјавата потпишана од господинот Драги Митковски на која стои печат од нотар, на кој не се чита печатот од кој нотар е. “
Од неодамна, 26 од присутните 86 делегати на Собранието за избор на Ѓорѓиоски за претседател, пред фудбалските тела на ФИФА и УЕФА поднеле нотарски изјави дека врз нив е вршен политички притисок. Велат ова е најстрого забрането од правилата на овие меѓународни организации.
„Одредени членови беа и повикувани и во кабинетот на министерот Миле Јанакиески, кој наводно бил задолжен да го следи изборот на претседателот на Фудбалската федерација. Познато им е на 6 до 7 членови, кои таму беа присутни кога таму настана вербална расправија помеѓу мене и министерот Миле Јанакиески кај него во кабинет. Стојат сомненија, односно стојат податоци и јас располагам со нив дека врз претседателот Хари, врз одредени делегати на собранието директно се вршат притисоци од страна на Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер, Љупчо Тодоровски, од Горан Трајковски кој беше директор на Управата за јавни приходи“, вели Ѓурчевски.
ФУДБАЛОТ – ЖРТВА НА ПОЛИТИКАТА
Упатените велат дека постојат индиции за блискост на екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и Илчо Ѓорѓиоски. Тие двајцата се родени во 1971 година и заедно пораснале на улицата „Социјалистичка зора“, сега преименувана во „Христо Батанџиев„ во населбата Ѓорче Петров.
Поврзаноста на Груевски со ова улица се гледа од пишувањето на весникот „Вечер“ од јануари годинава. Таму се наведува дека на третиот ден од новата година Груевски ја одржал последната од традиционалните средби со другарите од неговото маало. Години наназад, бившиот премиер бил дел од собирите за прослава на почетокот на Новата Година.
За политичките притисоци врз челниците на Македонскиот фудбал се дозна и од „бомбите“ кои ги објави опозицијата.
Звучните македонски фудбалски имиња велат дека проблематично е и лиценцирањето на тренерите кои се поставени од Федерацијата.
Никола Илиевски-Џиџи, поранешен селектор, вели дека звучните тренерски имиња се маргинализирани, а се фаворизираат непознати фудбалски работници.
„Ве молам од петта лига доаѓа до про – лиценца. Нема теорија да ги исполнува критериумите. Ќе седат тренери од типот на Хаџиевски, од типот на Бабунски, од типот на Канатларовски или помладите, Захариевски, Серафимовски, Тони Мицевски, Митко Стојковски и да не ги редам некои други кои можат да допринесат за развој на фудбалот, кај нас работи некој од Шишево, да ми извинат што го спомнувам Шишево или Илинден“
Политиката и нелегалните активности, според познавачите на фудбалските прилики, се длабоко навлезени во ФФМ. Велат дека освен дискутабилниот избор, со името на Ѓорѓиоски се поврзуваат и други сомнежи за неправилности.
Поранешниот делегат Ѓурчевски вели дека неправилности имало и при изградба на Центарот „Петар Милошевски“.
„За соблекувалните во центарот Петар Милошевски, веднаш до седиштето на фудбалската федерација, значи само за соблекувалните, надвор од трибини, надвор од тревната подлога потрошени се 1,8 милиони евра. За објект помал од 500 метри квадратни. Ако земете дека тој објект со градежна цена од 500 евра по метар квадратен не би надминал 250.000 евра. Еве нека е и 500.000 евра. Но да потрошите 1,8 милиони евра? Па од злато да беше тој објект немаше да чини толку“.
Ѓурчевски тврди дека надзорните работи околу овој центар се вршени од блиски роднини на претседателот Ѓорѓиоски.
„Надзор на овие градежни работи кои се изведуваат од Фудбалската федерација, според наши информации ја врши фирма на шурата на Илчо Ѓорѓиоски, Андреј Прасинов“, вели тој.
КОЈ ГИ ИЗГРАДИ ФУДБАЛСКИТЕ СТАДИОНИ?
Дополнителни сомнежи за неправилности има и во извршувањето на градежните работи на фудбалските стадиони. Тој работата за изградба на дел од стадионите во земјава наводно ја доделува на фирмата ЗРД МК ИНЖИНЕРИНГ од Скопје. Во оваа фирма Ѓорѓиоски се јавува како ко – основач заедно со уште 3 лица од Турција.
„Излегува дека претседателот Илчо Горѓиевски самиот на себе си доделува градежни работи каде што инвеститор е Фудбалската федерација на која тој е претседател. Згора на тоа за надзор е именувана фирмата во која основач е неговиот шура Андреј Прасинов. Тоа е конфликт на интереси од невидени размери“, вели Ѓурчевски.
Спорна за познавачите на состојбите е и платата на претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски.
„Господинот Илчо Ѓорѓиевски во 2015 година сам на себе си потпишува договор и се вработува во Фудбалската федерација со плата од 250.000 денари. Значи тоа се околу 4.000 евра месечна плата“, тврди Ѓурчевски.
Дали тука лежи одговорот за големиот пад на Македонскиот фудбал?
Репутацијата на македонскиот фудбал беше предмет на потсмев во европските и светските фудбалски кругови и при изборот на последниот претседател на ФИФА Џани Инфантионо. Тој целосно ги игнорираше обидите на Илчо Ѓорѓиевски да му честита за изборот за претседател на ФИФА.