Покрај марихуаната, најкористена дрога е и хероинот. Се проценува дека реалната бројка на корисници на дроги е околу 30 илјади.
Ако на еден зависник дневно му е потребно отприлика дневно еден грам, тоа се некои 30 килограми дрога користена на дневна основа. Еден грам во РС Македонија на црно чини околу 20 евра, што значи црниот пазар на дрога дневно има обрт од околу 600 илјади евра.
Во моментот кога ќе успеат да создадат рути за криумчарење, тие создаваат мрежи со што се претвораат во меѓународни групи. Така, додека го носат херојот од Турција во Европа, тие превезуваат канабис од Албанија во Турција. Повеќето од овие групи се поли-криминални, што значи дека тие истовремено се справуваат со повеќе од еден вид организиран криминал.
Додека во РС Македонија на „срамежлив“ начин се отвораше дебата дали да се легализира марихуаната за рекреативни цели, една организирана криминална група од Скопскиот кроеше други планови. Во ноќта помеѓу 3 и 4 декември на спектакуларен начин изврши кражба две тони марихуана, складирана во село Јосифово во близина на Валандово. Во селото се наоѓа складиште на легално произведена марихуана, од каде со камион биле украдени 200 кутии полни со канабис. Вредноста на дрогата се проценува на околу 6 милиони евра. Три дена po кражбата полицијата успеала да го лоцирала камионот со канабис, кој бил оставен на паркинг на патот кон граничниот премин Блаце. Но, ја немало приколката. Трагите воделе кон скопските села Арачиново и Горно Мојанце. Полицијата веднаш интервенирала со масовни претреси, но не успала да ја најде целата дрога.
„Извршени се претреси во Арачиново, Горно Мојанци и други локации, при што е пронајдена дел од дрогата. Дел од осоничените се приведени, полицијата досега има обезбедено докази за шестмина осомничени лица, но истрагата се проширува“, изјави на 7-ми декември портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Складиштето од која била украдена марихуаната е во сопственост на компанијата „Херб Индустри“. Таа има лиценца за производство на марихуана од 2018 година. Марихуаната била подготвена за производство на масло од канабис за медицинска употреба. Според Законот, складиштето требало да биде строго обезбедувано. Како крадците успеале да влегуваат и да натоварат две тони марихуана, останува неодговорено прашање. Без одговор е и прашањето како поголемиот дел од дрогата завршило во Косово, а полицијата успеала да открие само 300 килограми.
Освен „Херб Индустри“, во РС Македонија оперираат неколку лиценцирани производители на марихуана. Само во 2016 година, кога законски се дозволи производство на овој вид дрога за медицински цели, беа доделени 26 лиценци. Но, не помина како што беше планирано. Владата очекуваше производите од марихуана, како што е маслото од канабис, да имаат промет од 100 милиони евра годишно. Сепак, последните извештаи покажуваат дека лиценцираните компании инвестираат многу повеќе отколку што заработувале досега. Во 2019 година тие објавија дека за инвестиции потрошиле 3,3 милиони евра, а заработиле само 300 000 евра. Проблемот е што домашниот пазар нема капацитет да го апсорбира производството. ЕУ е позаинтересирана за исушени цветови од марихуана, но тоа засега не е дозволено со закон. Законот дозволува само масла, екстракти и тинктури, кои сочинуваат само 30 проценти од пазарот. Останатите 70 проценти се пупки од растенија, кои можат да се користат и за рекреативни цели.
ПАТОТ НА ДРОГАТА – ОД АВГАНИСТАН ДО ЕУ
Досегашните бројки покажуваат дека поголемиот дел од марихуаната за домашниот пазар, но и како транзит кон Европската унија (ЕУ), влегува од Албанија. За излез се користи Бугарија, која е членка на ЕУ. Оттаму полесно се дистрибуира до посакуваните дестинации на организираните криминални групи.
„Кога марихуаната е предмет на криумчарење, Албанија е позната по производство на растението канабис. Во тој случај дрогата ни влегува од западната граница. Може да биде намената за пазарот на Македонија, но може да биде и транзитна земја и да отиде и во другите држави, вклучувајќи ја и ЕУ. Ризикот да се помине помал број граници за криминалците е одлична позиција. Ако треба да поминете неколку граници, ризикот да бидат фатени е поголем. Затоа тие се трудат да најдат пат каде ќе има помала контрола“, вели за СКУП Лилјана Живковиќ Давиткова, шеф на служба за борба против економски криминал, одделение за истраги во Сектор за контрола и истраги при Царинска Управа на РС Македонија.
Кога станува збор за синтетички психотропни супстанци, тие доаѓаат од Србија и Бугарија. Во овие земји има податоци за постоење на т.н. нелегални фабрики за синтетички дроги. Една од нив неодамна беше откриена и во Тетово, а беше управувана од српски државјанин.
Хероинот и опиумот од Авганистан доаѓаат преку Турција. Се користи „Патот на дрогата“, кој се протега од Авганистан, Иран, Турција, Бугарија или Грција, РС Македонија за да продолжи понатаму кон Србија.
„За жал, на глобално ниво имаме многу мал процент на откривање и заплена на дрога. Зборувам во однос на она колку се злоупотребува и колку се користи од страна на корисниците на коа било психотропна сусптанца“, вели Живковиќ Давиткова.
Последните години е забележлив трендот на нови психотропни супстанци. Живковиќ Давиткова вели дека тоа е најголемата закана на тоа подрачје на глобално ниво. „Тоа се нови хемиски психотропни супстанци кои се произведуваат со најразлични хемиски имиња и се пласираат за многу евтини пари на црниот пазар. Нивната улога е да заменат некоја од актуелните дроги. На пример, сте чуле за дрогата „крокодил“. Таа е замена на хероинот или на некои од групата на опијати. Додека хероинот на црниот пазар една доза е отприлика околу 10 евра, крокодилот лесно се произведува во домашни услови а неговата цена на црниот пазар е само 2 евра. Тоа е тренд кој започна пред неколку години во Русија. Русија е огромен пазар за хероинот.“
Според официјалните податоци, досега во РС Македонија нема откриен случај на лице кое користи крокодил дрога. „Тоа не значи дека го нема“, вели Живковиќ Давиткова. „Кризата во Грција изминативе години ги натера грчките организации да направат замена за кокаинот со дрога позната кај уживателите како „сиси“. Солун е преплавен од оваа дрога. А Солун знаете на која оддалеченост е од кај нас. Така што секогаш постои опасност некоја од тие дроги многу лесно да влезе. Тоа не значи дека не се прави контрола на границите. Напротив во тој дел сме неприкосновени, но секоја граница има свои слабости.“
Цената на „Сиси“ дрогата, во зависност од чистотата, се движи од 1-3 евра за една доза. Таа ги има истите ефекти како кокаинот. Делува стимулативно. Но, она што е страшно е нејзиниот состав. Таа во себе освен што содржи разни хемикалии содржи и иситнети срчи.
46 КРИМИНАЛНИ ГРУПИ ВРТАТ ОКОЛУ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ДНЕВНО
Експерти од областа кои ги консултираше екипата на СКУП велат дека нивните статистики покажуваат дека бројот на корисници на дроги постојано расте. Само во Полошкиот регион се официјално се регистрирани околу 500 зависници, но тврдат дека реалната бројка е над 3 илјади. Со ова, освен земја транзит, РС Македонија полека станува и атрактивен пазар и целна дестинација на дрогата. Минатата година имавме 400, а сега 500 зависници од дрога. За една година бројот пораснал за 20 проценти. Вкупно во земјата официјално има околу 9000 корисници на разни видови дроги. Неофицијално, оваа бројка е 10 пати поголема. Покрај марихуаната, најкористена дрога е и хероинот. Експертите велат дека реалната бројка на корисници на дроги е околу 30 илјади. Ако на еден зависник дневно му е потребно отприлика дневно еден грам, тоа се некои 30 килограми дрога користена на дневна основа. Еден грам во РС Македонија на црно чини околу 20 евра, што значи црниот пазар на дрога дневно има обрт од околу 600 илјади евра.
Организираните криминални групи во РС Македонија обично се состојат од 10-20 члена, кои најчесто имаат семејни врски. Нивната организација и функционирање во голема мера е овозможена преку врските со политиката. Во моментот кога ќе успеат да создадат рути за криумчарење, тие создаваат мрежи со што се претвораат во меѓународни групи. Така, додека го носат херојот од Турција во Европа, тие превезуваат канабис од Албанија во Турција. Повеќето од овие групи се поли-криминални, што значи дека тие истовремено се справуваат со повеќе од еден вид организиран криминал.
Парите заработени од криминални активности се перат преку инвестиции на финансиски пазари, правни бизниси, подвижни или недвижни добра. Според официјалните податоци до кои дојде СКУП, во РС Македонија се идентификувани 46 групи на организиран криминал, од кои 31 се со средно ниво на организација (обем, хиерархија, пристап, контакти …), а 15 со ниско ниво на организација. Во 52 отсто од организираните криминални групи доминираат етнички Македонци, додека во 43 отсто – етнички Албанци.
Податоците на МВР укажуваат дека има тренд на зголемување на случаите на криумчарење на дрога или на сторители на оваа кривично дело. Во 2010 година се евидентирани вкупно 578 кривични дела за криумчарење на дрога и 713 сторители, додека во 2019 овој број порасна на 896 случаи и 1004 сторители.
Во однос на заплената, расте бројот на запленети килограми марихуана и екстази, додека паѓа тој на хероинот.
ПОЛИЦИЈАТА АПСИ, СУДОВИТЕ ОСЛОБОДУВААТ, БОГАТСТВОТО НЕ СЕ КОНФИСКУВА
Полицијата и експертите се едногласни – недостасува координација во целиот синџир на институции вклучени во борбата против организиран криминал. Според нив, често се случува полицијата да апси, а судовите да ослободуваат.
Дане Илиев, поранешен претседател на Врховен суд и долгогодишен судија, во разговор за СКУП вели дека проблемот е што не функционира ниту конфискацијата на нелегално стекнатиот имот од сторителите.
„Конфискацијата како посебна кривично правна мерка во борбата против организираниот криминал е една од најважните алатки за сузбивање на тој криминал. Таа е предвидена во Кривичниот законик како посебна мерка и со неа се конфискува имотот на сторителите на кривични дела и придонесот од, односно имотната корист што ќе ја обезбедат од неа како посредна така и непосредна. Таа е добро разработена во Кривичниот законик во членовите од 97 до 100. Но не може да се покрие со Законот за кривична постапка како тоа би се извршило“, вели Илиев.
Во Законот за кривична постапка постои одредба, која го задолжува Јавниот обвинител да при предлогот на мерката конфискација да предложи и кој имот се конфискува. Но Илиев вели дека тоа е недоволно. „И затоа имам претстава дека судовите не ја применуваат или избегнуваат да ја применуваат. Таа што во делот на законодавството треба да дојде до дополнување на Законот за кривична постапка и оваа мерка да се разработи како судовите би можеле да ја применуваат. Се додека тоа не се среди ќе немаме изрекување на таква мерка, а и тоа е една од пречките за успешна борба против организираниот криминал.“
Од друга страна, Сашо Рајчев од Основно јавно обвинителство Скопје, за СКУП вели дека се соочуваат со недостиг на човечки и технички капацитети за да ги испорачаат очекуваните резултати.
„Ресурсите на обвинителството се на многу ниско ниво, како во поглед на материјалната опременост, така и во поглед на човечките ресурси. За жал, се уште не сме електронски поврзани со ниту една институција, ниту со институциите овластени по закон да го следат движењето на парите и другата имотна состојба на граѓаните. Како на пример, Агенцијата за Катастар на недвижности, каде се запишува сопственоста на секој недвижен имот. Понатаму со МВР каде што се евидентира сопственоста на возилата. Понатаму, со Управата за финансиско разузнавање каде што го следи движењето на парите во целата држава, како приливите на физички и правни лица со средства од Македонија, така и со средства од странство. Потоа не сме поврзани ниту со Управата за финансиска полиција. Недостасува системско зајакнување на капацитетите на обвинителството и поврзаност со другите институции. Сега одиме со писмена комуникација. Одиме со писмени барања, писмени наредби до овие институции, и ги чекаме нивните анализи, извештаи, докази, да ни бидат доставени и врз основа на тие докази, ние да постапуваме пред судовите.“
Автор: Линда Адеми
Во иработка на оваа истражување е вклучен и тимот на СКУП.
Сторијата е реализирана во рамките на проектот подржан од Resiliance Fund.