ПОПРЕЧЕНОСТА НЕ ПОЗНАВА ЗА ГРАНИЦИ КОГА ИМА МОЖНОСТИ

Автор: Бјанка Станковиќ

„Ако порано дури живееле во изолација верувале дека се неспособни зашто некој ги убедил во тоа, денеска тие се подготвени за најразлични предизвици зашто веруваат во себе.“

Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, е еден од позитивните примери кај нас, кои што веќе седум години активно работат на вклучување на тешко вработливите лица на пазарот на труд и нивна интеграција во општеството. Тие го издаваат уличното списание „Лице в лице“ каде во моментов се ангажирани 30 продавачи преку седум партнерски организации во пет градови во Македонија. Сите тие припаѓаат на различни ранливи групи како младинци од улица над 16 години (поранешни деца од улица), лица со пречки во развојот, бездомници и лица со ниски примања.

„Особено не радува успехот и напредокот на нашите продавачи кои се лица со ментални пречки во развојот. Наши партнери во нивното ангажирање се „Порака Неготино“,  „Порака Неготино- Волково“, „Порака Нова“ од Струга и „Порака Наша“ од Куманово. Дел од нив се лица кои што порано живееле во институции.“ – вели главната уредничка на списанието, а воедно и извршен директор на Асоцијацијата, Климентина Илијевски.

Таа појаснува дека организациите заедно придонесуваат во осамостојувањето на овие лица.

 „Дел од  нив преку нивните организации се вклучени во производство на домашна храна, дел во селекција на отпад, а дел се продавачи на списанието. Фасцинира нивниот напредок – ако на почетокот списанието го продаваа во придружба на нивниот координатор, подоцна почнаа сами да излегуваат на продажба, а за распределбата на заработените средства се грижеше лицето одговорно за нив. Денеска поголемиот дел од нив сами водат сметка и го распределуваат заработеното, а сами планираат и како да заштедат.  Значи, она што им требало е шанса за да покажат дека можат и дека умеат и дека можат да придонесуваат за ова општество.“ – додава Илијевски.

На ова се надоврзува и Марјан Петров, сопственик на ресторанот „Амбрела“ во Скопје, каде што во моментов работат 12 млади лица до 30 годишна возраст со различна попреченост.

„Нашата идеја не беше ова да биде дневен центар или згрижувалиште, туку од овие лица да го извадиме максимумот, а воедно и тие да се почувствуваат вредни и корисни, бидејќи голем од лицата со попреченост се работоспособни“ – објаснува Петров.

Ресторанот е отворен во ноември 2018-та година со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, додека Филозофскиот факултет се јавува како партнер од аспект на кадар и поддршка со студенти. За реализација на планот работеле околу половина година, а првичната идеја и основна цел им била овие луѓе да бидат видени, со цел да се постигне инклузија во општеството.

Петров вели дека многу родители ги кријат своите деца со попречености или пак, истите тие се вработени на места каде што не може да бидат во контакт со луѓето. Но, тоа не дава ефект во општеството бидејќи на тој начин сограѓаните немаат шанса да ги запознаат и прифатат, па затоа и најчесто имаат предрасуди, додава тој.

Тешките предизвици на модерното време

Петров се присетува на почетоците кога ова уникатно катче во градот привлече многу луѓе. Но, тој сега вели дека „Амбрела“ не функционира како на почетокот.

„Ние постојано добиваме некоја виртуелна фејсбук поддршка, но во реалноста е поинаку. Отворете ги социјалните мрежи и ќе видите колку лајкови и споделувања има на нашите објави. Бројот е неспоредлив со луѓето кои навистина доаѓаат тука, па макар и на едно кафе. Луѓето најчесто ги избираат другите места за излегување, кои народот ги смета за „ин“.“ – раскажува тој.

Ситуацијата каква што е, Петров појаснува дека се основа на неинформираноста, неедуцираноста и менталната свест кај луѓето, која во поглед на ова прашање е на многу ниско ниво.

„Луѓето се уште имаат предрасуди. Се уште постои стигма и бариери, за кои за да се срушат, треба напорно да се работи. Особено родителите мора уште од мали да ги учат своите деца, дека овие луѓе се дел од општеството и имаат право на достоинствен живот“ – појаснува тој.

Но, тимот не се откажува. До сега, биле домаќини на голем број настани од културен, едукативен и забавен карактер. Исто така, заедно со Агенцијата за вработување, спроведоа и обука за угостителски вештини, која успешно ја завршија 20 лица и се здобија со сертификати. Пораката беше поттик за цела Бизнис заедница, за вработување на овие лица.

Податоците од веб-сајтот на Агенцијата за вработување, покажуваат дека во 2018-та година, во Р.С. Македонија евидентирани се вкупно 1.768 невработени инвалидни лица. Од нив, според видот на инвалидноста, најголемиот дел од нив, односно 524 се лица со пречки во развојот.

Според видот на образование, 723 лица се без образование или со основно образование. Со непотполно средно се 281, а со завршено средно образование 279. Десет завршиле вишо, а 31 високо образование. Во Македонија, лани евидентирани се 4 магистри на науки.

Климентина Илијевски вели дека најдобриот продавач на „Лице в лице“ во последниве две години е лице со Даунов синдром кое живее во струшкото село Радожда.

„Стружани одржаа одлична лекција за инклузија, а организацијата од каде што тој доаѓа, „Порака Нова“ од Струга интензивно работи на ширење на својата мисија и заложување лицата со пречки во развојот да добијат вработување не за да им излезат во пресрет на овие лица, туку зашто тоа е добро за бизнисот, а бројките го покажуваат тоа. Ако тие добијат соодветно работно место, на кое што имаат можност да растат, бенефитот е повеќестран. Дури има и дејности во кои што е забележано дека лица со одредени пречки во развојот имаат поголема ефикасност и резултати во споредба со лица со типичен развој.“

„Клучот е социјалното менторство“

Експертите и организациите кои што се занимаваат со оваа тема постојано потенцираат дека лицата од ранливите групи не се неспособни и дека сите тие имаат свои потенцијали.

„За тие да придонесуваат за општеството, а не да бидат негов товар, потребно е да добијат шанса. Не значи дека тие не сакаат или дека не можат, туку за да можат да придонесат на соодветен начин им треба соодветен приод, водење – подолго или пократко, кое што ќе ги препознае нивните потенцијали, ќе ги канализира и ќе им овозможи да се чувствуваат како рамноправни граѓани на ова општество.“ – вели Илијевски.

Таа додава дека влијаат и внатрешни и надворешни фактори. И едните и другите треба да се земат предвид бидејќи компаниите немаат соодветна подготвеност за интегрирање на потешко вработливи лица, односно нема доволно социјални претпријатија за подготовска за влез на пазарот на труд, а ни програми  кои што ги поддржуваат лицата во процесот на интеграција.

На ова се надоврзува и Марјан Петров. Тој вели дека коренот на проблемот е уште во едукативниот процесот, односно кадарот што излегува од академските клупи. Истиот подоцна не е доволно стручен да се справи со предизвиците, а единствениот услов за вработување се партиските книшки.

Пораката на засегнатите страни е јасна. Од системот се бара заемна поддршка и соработка за да се постигнат значајни резултати. За вработувањето на овие лица и нивно задржување на пазарот, важно е да се вклучат сите засегнати чинители, како институциите, граѓанскиот и приватниот сектор.

„Одредени иницијативи кои што воглавно потекнуваат од граѓанскиот сектор можат да посеат семе и да донесат одредени разлики, но доколку не зборуваме за системска промена, тоа ќе останат изолирани случаи некогаш успешни, некогаш помалку успешни.“ – заклучува Климентина Илијевски.

Текстот е напишан во рамките на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“ што го спроведуваат Институтот за различности и медиуми, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, со поддршка од Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)