Фондот за здравствено осигурување и годинава намали дел од дијагнозите на кои им следува бањско лекување, покриено со пари од оваа институција. Ова значи дека многу пациенти, бањските лекувања и рехабилитации, ќе мора да си ги покриваат од сопствен џеб.
Во табела 1 се претставени парите издвоени за бањско лекување на осигурениците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во изминативе неколку години и бројот на пациенти кои ги користеле овие услуги на товар на ФЗО.
Од таму се забележува дека во 2014 година за истите пари се лекувале за 50% повеќе пациенти во однос на 2013 година. Ова, навидум е добро. Зголемен е бројот на повредени или болни кои се лекувале на државен трошок. Но од друга страна, со истите пари 70 милиони денари (1,2 милиони евра) во 2013 година се лекувани 3.300 пациенти, а во 2014, 4.800 осигуреници на ФЗО. За секој пациент во 2014 година од ФЗО се издвоени по 14.577 денари што е намалување за околу 30% на издвоените пари во однос на 2013 година кога за секој пациент ФЗО издвојувал по 20.870 денари.
Голите анализи и бројки, на своја кожа најмногу ги чувствуваат пациентите.
Лошо искуство, со Фондот годинава има 30 годишниот Игор од Скопје.
„Во 2012 година бев на операција на менискус на коленото и бев на бањска рехабилитација 21 ден. За оваа рехабилитација платив 8.400 денари. Во 2013 година бев на операција на лигаментот на другото колено со титаниумски шрафови. Тогаш лежев 21 ден во бања и платив исто 8.400 денари, ама не бев доволно рехабилитиран и морав да доплатам уште 9.000 денари на приватно за да лежам 7 дена. За истата операција тетин ми пред неколку години имаше 31 ден задолжително бањско лекување и не беше залечен, па од докторот доби уште 7 дена, значи 38 дена на товар на Фондот за здравствено осигурување. Тој доби 38 ден на државна сметка, а јас само 21 ден. Од година во година се повеќе ги намалуваат бенефициите на осигурениците“, вели Игор.
Тој додава дека годинава повторно бил на операција на коленото и платил 21.000 денари за 21 ден во бања. Само 10% од бањската рехабилитација му била покриена од Фондот за здравствено осигурување, а од сопствен џеб платил 90% од сумата.
Должината на бањското лекување е различна од човек до човек вели ортопедот Лазо Киров, од Штип.
„Неблагодарно е јас да кажам колку денови се потребни за рехабилитација од некоја повреда, за тоа се задолжени физијатрите. За нас ортопедите бањското лекување треба да трае се додека не видиме дека подвижноста на тој зглоб е веќе средена. Таа рехабилитација може да трае 10,20 па и 30 дена, зависно од потребата и организмот“, вели д-р Киров.
Слично искуство како Игор има и 40-годишниот Далибор од Карпош.
„Имав операција на коленото и не ми следува бањска рехабилитација. Со последните измени на правилникот за бањско лекување мојата дијагноза е исфрлена од листата на операции за кои следува бањско лекување и кои се покриени од Фондот за здравствено осигурување. Требаше овде да си платам на приватно. Без бањска рехабилитација не можеам да проодам како што треба многу долг период. Сопругата ми е од Белград, фативме врски таму, па лежев за истата дијагноза во тамошна бања и како странец платив нешто минимално. Цимерите кои беа со мене во соба, со истата дијагноза како мојата лежеа бесплатно“, вели Далибор.
За да биде сагата уште поголема, татко ми е пензионер и се здоби со право да оди на бањска рекреација. Тој е здрав и бараше да остане дома, а јас да заминам на негово место на бања, но не му дозволија, се жали тој.
Лоши денови идат и за 33 годишен жител на Тиквешијата.
„Имам ретка болест на коските. Бев превен операција на колк и имав бањска рехабилитација. Сега повторно треба да одам на операција на колкот, но од годинава бањска рехабилитација не ми следува бидејќи сум бил веќе еднаш. Треба да чекам наредна година за да имам право на бања“, се вели Зоран од Кавадарци.
Можеби ќе умрам до тогаш, жално проговори тој.
Бањите, наместо болните, ги користат пензионерите
За разлика од вработените каде има драстични рестрикции на пациентите кои можат да ги користат бањите, пензионерите немаат таков проблем и се повеќе ги „освојуваат“ бањите на државна сметка. Оваа е шеста година како се спроведува овој проект. Досега на бања заминале 27.450 пензионери или нешто помалку од 10% од вкупната пензионерска популација. Годишно одат по 5.500 пензионери. За оваа година се пријавиле околу 12.000 пензионери.
Во изминативе неколку години многу повеќе пензионери ги запоседнале македонските бањи, одколку осигуреници на ФЗО кои имаат многу поголема потреба за бањска рехабилитација.
Претседателот на Сојузот на пензионери Драги Аргировски вели дека пензионерите се задоволни од овој проект на Владата на премиерот Никола Груевски.
„Оваа е проект на Владата и ние го прифативме, бидејќи тоа е многу добро за пензионерите. Тие не само што се разонодуваат туку таму се дружат и тоа им ја намалува депресијата. Македонија е единствена земја во регионот каде се спроведува ваков проект. Јас сум ептен задоволен и ниту еден пензионер од овие 27.500 не се пожалил досега“, вели Аргировски.
Тој додава дека, има многу заслуги за пензионерите.
„Откако сум јас претседател на Сојузот на пензионерите, пензиите се зголемија. Ние сме први во регионот и по стартувањето со проектот за туристички викенди за пензионери. Никаде на друго место во регионот не се спроведува таква мерка. Единствено што не сме први е по можноста за користење на бесплатен јавен превоз“, вели Аргировски.
Според Аргировски просечната пензија кај нас е 202 евра и е највисока во регионот. Просечната пензија во Србија е околу 180 евра и се намалува. Бугарија и Албанија имаат по 150 евра, а Косово има 120 евра.
Дека е така проверивме и ние. Во табела 2 е претставен соодносот на просечните плати и просечните пензии во соседните земји.
Македонија Србија Бугарија Албанија Косово Просечна плата 351 380 390 380 290 Просечна пензија 202 180 150 150 120 Сооднос 58% 46% 37% 39% 40%
Од табелата може да се забележи дека иако Македонија има најниски плати (со исклучок на Косово) од земјите во регионот, а има највисоки пензии. За да се одржи овој стандард на пензионерите секоја година од буџетот се префрлаат над 300 милиони евра или половина од вкупните пари со кои располага овој Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Неправилно распоредени државни пари
Ваквиот начин на распределба на државните пари и на државните ресурси за економистите е неправилен. Стојче Самарџиски, пензионер и економски аналитичар вели дека парите се трошат ненаменски.
„Прво треба да се помага на луѓето на кои навистина им треба помош, а тоа се болните. Бањите како ресурс треба да се користат пред се од болните, а подоцна да се користат за туризам. Не смеат да се запостават помладите што може да им помогне бањата. Бањските ресурси не смеат да се дадат на тие што ќе глесаат за некоја од политичките опции на некои наредни избори. Во тие бањи треба да преовладува хуманоста, а не политиката. Во бањите треба најзначајно да биде здравјето, а не политиката“, вели Самарџиски.
Тој бара да се изработи студија за да се види што ќе се добие ако се рехабилитираат болните, што ќе се добие ако се рекреираат работници, а што ако се рекреираат пензионери.
Академик Абдулменаф Беџети смета дека дури и нема потреба да се прави студија за да се видат штетните влијанија што ги има начинот на водење на јавните финансии од страна на Владата. Според него бањите се само мал дел од примерите на лошото трошење на државните пари и на државните ресурси.
„Државните пари се трошат по некоја дневно политичка потреба и таргет. Таргетот е политичка придобивка и само политичка придобивка, развој во ова владино трошење на пари нема. Целта е само да се добие дополнителен гласач со ваквиот распоред на трошење на парите, ова нема ама никаква врска со економска компонента или развој“, додава академик Беџети, кој е и професор по економија на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово.
Тој додава дека состојбите и сферите кои теоретски треба да покажуваат позитивни соодноси при вложувањето на државните пари, покажуваат негативни корелации.
За Владимир Лазаревиќ, поранешен заменик министер за здравство, искористувањето на ресурсите во државните фондови е дискутабилно.
„Трошењето на здравствениот денар секогаш наидува на полемика, дали се користи најрационално. Овде е и прашањето дали се добиваат максимим услуги од потрошените пари. Идеална распределба нема“, вели Лазаревиќ.
Тој додава дека лошото во Македонија е што нема дебата за пакетот на здравствени услуги што ги добиваме за парите што се издвоени од граѓаните.
Користењето на Бањите од страна на пензионерите, наместо болните, Лазаревиќ и Д-р Киров не сакаа да го коментираат.
На гласините дека пензионерите, политички се манипулираат од владејачките партии за да се користат во избори, Драги Аргировски не верува и смета дека пензионерите имаат свој став и дека самите се свесни да проценат.
„Релативно е тоа за кого гласат пензионерите, но ако му расте пензијата и ако има и други бенефиции, логично е пензионерот да гласа за таа партија што му ги дава овие бенефиции“, вели Аргировски.
Инаку дневно престој во бања чини околу 1.200 денари, а годишно за проектот бањска рекреација на пензионери се трошат од половина до 1 милион евра.
Од Министерството за здравство и од Министерството за труд и социјална политика не добивме одговори на нашите прашања.
Во бањите има трипати повеќе пензионери отколку пациенти
Најголеми бањски капацитети кои имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување се Дебарски бањи, Катлановска бања, Бања Банско и Негорските бањи. Вкупниот капацитет на овие бањи е околу 1.300 легла. (Табела 3).
Капацитет на бањи | Легла |
Бања Банско | 266 |
Катлановска бања | 350 |
Дебарски бањи | 350 |
Негорци | 280 |
Вкупно | 1246 |
Гореспоменатите бањи имаат договори и со ФЗО за лекување на пациенти и со Министерството за труд и социјална политика за бањска рекреација на пензионери.
„Државата ни испаќа гости во две форми, од пензионери и осигуреници на Фондот за здравствено осигурување. Во 2014 година угостуваме околу 1.050 пензионери, (по 6 ноќевања). Годишно преку Министерството за труд и социјална политика имаме околу 6 до 7.000 ноќевања за бањска рекреација на пензионери. Околу 6.000 ноќевања се остваруваат и преку Фондот за здравствено осигурување. Од ФЗО имаме од 300 до 400 осигуреници кои доаѓаат на рехабилитација во нашите бањи“, вели Меџит Цапа, сопственик Дебарски бањи.
Две третини од осигурениците на ФЗО само амбулантски престојуваат во бањата, односно ги прават потребните вежби и заминуваат дома, додека една третина остануваат во хотелот.
Цапа вели дека 90% од гостите во Дебарски бањи престојуваат на сопствен трошок, а околу 60% се странци, а 40% се домашни гости.
Дебарски бањи минатата година имале 85.000 ноќевања, а се подготвуваат да го зголемат капацитетот и да влезат во изградба на најголемиот спа центар во регионот, после Банско во соседна Бугарија.
Во струмичката Бања Банско потенцираа дека трансферите за годинава од ФЗО се зголемени за скоро 10%, но не можеа во моментов да кажат колку осигуреници на ФЗО во 2014 година престојувале кај нив.
Прашања испративме и до Негорски бањи, но одговор не добивме.