Мали хидроелектрани за големи проблеми на Шара: Компании помоќни од законот

Автор: Горан Лефков

Многу предизвици, многу желба, малку пари и опструкции од политичари. Ова е впечатокот од истражувањето за националниот парк Шар Планина. Идејата за прогласување на Шара за национален парк кај нас датира од 70-тите години. Но имаше сериозни опструкции.

Тимот на СКУП Македонија се вклучи во оваа истрага, откако ни дојавија дека заради партиски и лични интереси не се носи Програмата за управување со Националниот парк Шар Планина за следните 10 години.

Само што започна нашето истражување, од Владата стигна вест дека е усвоена е 10-годишната програма на крајот на март 2023 година. Неофицијално дознавме дека причина за одолговлекувањето на усвојувањето на програмата било лобито на сопственици на мали хидроелектрани. Целиот проблем настанал кога установата Национален парк Шар Планина дала негативно мислење за изградба на 4 хидроцентрали заради тоа што не се дозволени оти се планирани на строго заштитено подрачје. Според Конвенцијата од Берн вакви хидроцентрали се забранети, а истото е забрането и со законот за прогласување на Шара за национален парк. Надвор од законски рамки се туркале 3 нови хидроцентрали и една стара, кои биле планирани да се градат на следните реки: Јеловска, Боговинска, Боговинска и Мазрача.

Проблемите со малите хидроелектрани се големи. Употребата на водата во националниот парк Шар Планина ни оддалеку не е според желбите на граѓаните кои живеат во Националниот парк, ниту на Управата.

Ибрахим Дехари, директор на Националниот парк „Шар Планина“ вели дека малите хидроелектрани и употребата на водата им се ноќна мора.

„Од нова година наваму ни стигнаа уште три нови барања за хидроелектрани. Ние ги анализиравме и овие барање и дадовме негативно мислење. Имаме многу дозволи за мали хидроелектрани на територијата на Националниот парк. Некои се изградени, некои се на половина пат. Започнати, па прекинати. Овие хидроелектрани за нас се голем проблем. Ги донеле цевките и ги оставиле така. Стотина цевки, долги по 12 метри и со пречник од 1 метар и седат така. Тоа е во Лешница. Најубавата природа на Шара. Таму имаме најмногу туристи“, вели Дехари.

Тој додава дека немаат точна бројка, колку мали хидроелектрани се изградени и колку се во фаза на изградба, и колку имаат дозвола, а сеуште не започнала со работа.

Обезбедувањето на еколошкиот минимум за реките во Шар Планина е пред сериозен предизвик. Во минатото не се внимавало на биолошкиот минимум во Шар Планина, смета Анела Ставревска Панајотова, раководител на одделение за заштита на природата при Национален парк Шар Планина.

„Каналот Шарски води ни прави голем проблем. Тој е канал што ги зафаќа сите води од Шар Планина и ги носи во Мавровското езеро. Системот е изграден 60-тите години и бил многу важен за електроенергетскиот систем, бидејќи ја обезбедувал стабилноста на системот. Доколку дојде до пад на електроенергетскиот систем од овој канал требало да се рестартира. Каналот обезбедувал 12% од струјата во Македонија“, вели Ставревска- Панајотова.

Обезбедувањето на водата за биолошки минимум на реките на Шара веќе од поодамна е проблем. Досега никој не се ни грижел за ова прашање.

Штетите од малите хидроелектрани на Шара се долгорочни

Стратешки погледнато малите хидроелектрани позади себе оставаат пустош. Деградирана животна средина, нарушен синџир на исхрана, уништени мрестилишта, уништени шуми, луѓе оставени без вода за пиење, се само мал дел од девастацијата на природата од малите хидроелектрани.

Според Здравко Крстановски, поранешен директор на Хидробиолошкиот завод во Охрид, малите хидроелектрани прават непоправлива штета.

„Има многу организми што положуваат ларви или заминуваат на парење во горните делови на реките, поточињата. Со прекинувањето на речното корито, и бетонирањето на рекичките останува пустош, нема жив свет нагоре. Тоа е еден екоцид над природата“, вели Крстаноски.

Тој додава дека се нарушува целосно природата во пределите каде има мали хидроелектрани.

Деструктивноста на малите хидроелектрани на Шар Планина е очигледна.

„За да се направи една мала хидроелектрана, се отвара пат. Тој пат низ шумата подоцна се користи за илегални активности. Хидроелектраните се во усеци на реки каде има голем наклон на земјиштето. Со исекувањето на шумата за да се изгради пристапен пат, прашање на време е кога ќе започнат ерозивните процеси. Самата хидроелектрана и земањето на водата не е единствениот проблем. Со себе влече многу други проблеми“, вели Ставревска Панајотова.

Тие засега бараат решение за девастацијата што ја имаат оставено со овие мали хидроелектрани.

Извештајот на Банквоч  и Ворлд Вајлдлајф Фонд (WWF) потенцира дека над 2.000 мали хидроелектрани треба да никнат јужно од Австрија. Понатаму се наведува дека поранешниот потпретседател на Владата на Република Северна Македонија Кочо Анѓушев има концесии за најмалку 27 мали хидроелектрани, додека лидерот на опозицијата Христијан Мицковски има концесија за најмалку 5 хидроелектрани. Мицкоски во едно интервју изјави дека ги продал сопственичките удели во малите хидроцентрали. Неофицијално сопственичкиот удел во компанијата Енерготек тој го продал за сума од 700 евра.

Во 2018 година само 3,6% од електричната енергија на Балканот е произведена во малите хидроелектрани. Од 2010 година до 2018 се Владата исплатила 153 милиони евра субвенции за електрична енергија.

Предизвици за Шара

Предизвици за поставување на новиот национален парк има повеќе. Скоро во сите области каде треба да се регулира, се појавуваат некои сиви зони. Специфика на овој национален парк е што за разлика од останатите големи национални паркови како Националниот парк Грендланд или парковите во Аљаска, или Јелоустоун во западните сојузни држави во САД, каде се ретко насе3лени со луѓе, НП Шар Планина има многу повеќе население.

„Во Националниот парк Шар Планина има 27 села од кои 24 се живи села. За нив мора да обезбедиме дрвна маса. За секое домаќинство поставивме како норматив да им дозволиме сеча на 15 метри просторни огревно дрво. Имаме такса од 280 денари за тие што имаат приватни шуми, додека тие што ќе сечат од државната шума, а живеат на територијата на Националниот парк да плаќаат по 800 денари за метар кубен. Населението во овие општини, во изминативе 20 години се навикнале да сечат дрвна маса без дозвола. Имавме големи проблеми да ставиме ред“, вели директорот Дехари.

Тој додава дека според податоците од Македонски шуми, само 4-6% од резидентите сечеле дрва со дозвола. Можеби цената им била висока, па затоа не се обратиле да земат дозвола.

Територијата на националниот парк се наоѓа во административните граници на 7 општини.

Истотака големи проблеми прават и моторните возила што се движат низ паркот. Кој како ќе му текне, зема мопеди или четирицикли и ќе оди до некој врв со моторното возило. Националниот парк си има зони. Зоната на целосна заштита, нема дозвола за никакво моторно возило за да се обезбеди мир за дивите животни.

Прво се фокусираме да го намалиме тој притисок, како што е движење, галама, за да им обезбедиме, мир и храна за да се вратат. Циклусот на разможување да се врати и тие слободно да се движат. Има многу четири цикли, ратраци, дури и во зимскиот перод кога треба да спијат, знаеме дека ратракот на некои места оди многу блиску до 3 дувла на мечки“, вели Анела Ставровска Панајотова.

Покрај ова, за Ски центарот Попова Шапка, мора да се изгради Гондола, инау вака е неодржливо качувањето со возила. Се создава гужва и се прави и загадување, бучава и се создава многу повеќе ѓубре.

Идни планови за развој на Националниот парк Шар Планина

Националниот парк Шар Планина, граничи со исто таков национален парк во Косово, и пред 20 години и во Албанија од Западната страна на Шар Планина е заштитено подрачје од 3 или 4 категорија и се вика Кораб Кориби.

Нашиот дел од Шар Планина, Косовскиот дел, Национален парк Маврово и Кораб Корити заедно се едно заштитено подрачје од 250.000 хектари. Нашиот национален парк Шар Планина има 62.705 хектари, Косовскиот дел на Шара има 68.000 хектари, Маврово е околу 70.000 хектари, и Кораб Корибник е помало.

Важен документ е 10-годишниот план за управување со Националниот парк Шар Планина. Тој ги регулира сите значајни правци и насоки каде треба да се движи Националниот парк Шар Планина.

„Во нашиот план има преку 160 програми. За да се спроведат овие програми се потребни околу 1 милион евра на годишно ниво. Ние се обидуваме да ја затвориме оваа финансиска конструкција, дел од пари од Владата, дел од донатори. За дел од активностите има и невладини организации кои сами обезбедуваат финансиски сретства, а ние сме коприсници на нивните услуги“, вели Ставровска Панајотова.

Таа додава дека од Владата во изминативе 3 години и исплатиле само по 10% од приходите и тој период помина.

Факти за националните паркови
1. Најстар национален парк во Европа е Серек во Шведска. Тој е основан во 1909 година;
2. Најголем национален парк е Гренланд со површина од 97 милиони хектари;
3. На територијата на Европа има повеќе од 400 национални паркови;
4. Северна Македонија има 4 национални паркови: Галичица, Пелистер, Маврово и Шар Планина.
5. Најстари национални паркови во Македонија се Пелистер и Маврово, прогласени во 1948 година, додека Галичица е прогласена во 1958 година.

Во последните години имаше најмалку два обиди за прогласување на Шара за национален парк, првата датираше од времето на Ерван Фуере, како евроамбасадор во Македонија. За прв пат се подготвува идејата за Национален парк Шар Планина во 70-тите години, кога Шара била во конкуренција за организирање на зимските олимписки игри. Тогаш Сараево ја добива таа номинација.

„Имаме способен кадар кои знаат да ги спроведат програмите, а не партиски војници, само да имаме доволно средства. Наш таргет е Шара да прерасне во еден од најголемите туристички дестинации во Европа. Но на Шара има многу ѓубре и ни е предизвик да го исчистиме“, вели Дехари. 

Тој додава дека според планот, предвидени се 50 вработени. Според стандардите, на 1.500 хектари треба да имаме по 1 ренџер. За покривање на целата површина треба повеќе од 30 ренџери.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)