Во време кога машините можат да пишуваат текстови, да создаваат фотографии и да генерираат гласови што тешко се разликуваат од вистинските, новинарството се соочува со едно од најголемите искушенија во својата современа историја. За Марина Тунева, експерт за новинарство и медиуми, клучното прашање не е што може да направи вештачката интелигенција, туку што новинарите смеат да ѝ дозволат да направи.
Марина Тунева со години се занимава со прашањата на медиумската етика, професионалните стандарди, саморегулацијата и развојот на новинарството. Нејзиното професионално и академско искуство ја вбројува меѓу познавачите на процесите што го обликуваат медиумскиот простор во Северна Македонија.
Денес, во средиштето на тие процеси е вештачката интелигенција – технологија што ветува побрзо и поефикасно новинарство, но истовремено отвора прашања за веродостојноста на информациите, заштитата на изворите и довербата на јавноста.
Во истражувањето што го реализирала заедно со д-р Снежана Трпевска, посветено на влијанието на вештачката интелигенција и новите технологии врз медиумите во Северна Македонија, Тунева идентификува сериозен јаз меѓу брзината со која технологијата влегува во редакциите и нивната подготвеност да управуваат со неа.
Алатките веќе се користат. Правилата, обуките и механизмите за контрола, меѓутоа, не секогаш го следат нивниот развој.
Во интервју за СКУП, Тунева зборува за границите на етичката употреба на вештачката интелигенција, опасноста од измислени извори и убедливи дезинформации, притисокот за поголема продуктивност и иднината на македонското новинарство.
Нејзината порака е дека во ерата на автоматизираното производство на информации, вредноста на новинарството ќе се мери не според количеството произведени содржини, туку според способноста да понуди нешто што технологијата сама по себе не може да го гарантира – проверена информација, релевантен контекст и одговорност пред јавноста.
СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско, менаџерско и академско искуство во медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Марина Тунева: Најголемиот предизвик не е самата технологија, туку начинот на кој таа се воведува во новинарството и дали редакциите имаат доволно знаење, правила и капацитет да управуваат со нејзината употреба.
Во истражувањето што го работевме со д-р Снежана Трпевска, посветено на влијанието на вештачката интелигенција и новите технологии врз медиумите во Северна Македонија, идентификувавме сериозни предизвици поврзани со недоволната стратешка подготвеност на редакциите, потребата од унапредување на професионалните компетенции и воспоставувањето јасни стандарди за одговорна употреба на ВИ.
Технологијата веќе станува дел од новинарската практика, но нејзината примена не е секогаш проследена со соодветни уредувачки политики и механизми за контрола.
Проблемот има неколку димензии.
Првата е веродостојноста на информациите, бидејќи генеративните системи можат да произведат убедливи, но неточни содрж





