Пишува: Александар Божиновски
Во Македонија ретки се медиумите кои егзистираат само од довербата и популарноста на својата публика, а тие што работат така се во секојдневен грч за преживување. Карактеристично во последните 15 години е продорот на српски, албански, турски и унгарски медиуми. Во последно време има тенденција за влез и на медиуми од Бугарија.
Истражувањето на СКУП покажа дека поголемиот дел од медиумите се во сопственост на државјани на Македонија. Според документите добиени од Централниот регистар на Македонија (ЦРМ), ниту еден медиум не фигурира во сопственост поединец или на компанија со капитал од недемократски земји, како Русија и Кина, кои се смета дека може да имаат и штетно влијание во земјата.
Според анализата на Македонскиот институт на медиуми (МИМ) Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија, сопственоста на медиумите во Македонија е формално чиста, но врските на сопствениците со политичките и со бизнис-центрите на моќ, не се и фактички раскинати. Засега, како што се поставени надлежностите на институциите, никој не може, а како што се покажува во практиката – не постои ниту волја, да им се влезе во трага на скриените врски што медиумите во заднина ги одржуваат со политичките и со бизнис-центрите на моќ. Како резултат на тоа, политичките влијанија во некои мошне влијателни национални ТВ-канали, во истражуваниот период беа експлицитно присутни, до степен на нивна злоупотреба за ширење пропаганда.
Телевизијата – најефикасно средство за влијание
Највлијателни медиуми во земјата остануваат телевизиите. Според последната анкета на ИРИ, спроведена во Септември и Октомври 2022 година, скоро 81 отсто од испитаниците изјавиле дека за политичките настани се информираат преку телевизијата како медиум. Иако бележат раст, интернет медиумите се далеку од телевизијата како извор на информации со 39 отсто, додека печатените медиуми се средство за информирање на само 7 отсто од публиката.
Според официјалните податоци на Агенцијата за аудиовизуелни услуги, од вкупно 111 радиодифузери со лиценца да емитуваат програм, 45 се телевизии и 66 радија. Како сопственици на телевизии се јавуваат 12 правни и 39 физички лица. Поточно, во сопственост на правни лица се телевизиите Алфа, Алсат-M, Сител, Телма, Компани 21-М, Шења, Клан, 24 Вести, Сити, Ирис, К&М, М НЕТ-ХД и Ера.
Телевизијата како екстензија за бизнисот за ширење влијание и реализирање на бизнис интереси веќе подолго време е норма во Македонскиот етер. Не ретко, е вмешана високата политика. Актуелното прогласување за непријатели на телевизиите Алфа и Телма, како и ликвидацијата на А1 ТВ во 2009 година, е испреплетено со бизнис и политички интереси.
Алфа ТВ, која во последните години важи за критички настроена телевизија кон сегашната власт, неодамна беше казнета за затајување данок. Скопскиот кривичен суд пресуди дека телевизијата не платила данок од 84 илјади евра во 2013 и 2014 година, со што ја задолжи да ги плати и судските трошоци од околу 1.200 евра и дополнително ја казни со 5 илјади евра. Пресудата е првостепена и подлежи на жалба до Апелацискиот суд. Управата за јавни приходи во 2021 година ја тужеше телевизијата дека затаила односно не платила данок за позајмици во 2014 година.
Оваа телевизија беше прво основана од грчки газда, па преземена од Фершпед и Штерјо Наков, потоа продадена на Комтрејд на српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ, кој пак, потоа ја продаде на компанијата Алфа СКОП, каде како сопственици, според Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се појавуваат АД Европа со 11%, Макошпед со 17%, ЦХС Инвест груп со 57% и Технометал Вардар во стечај со 15%. Алфа ТВ спаѓа во т.н група на унгарски медиуми бидејќи зад мнозинскиот акционер ЦХС ГРУП стои фирмата Таргет медиа од Скопје, која е во 100% сопственост на Унгарецот Петер Шац.
Телевизија Телма е во стопроцентна сопственост на компанијата за дистрибуција на нафта и нафтени деривати Макпетрол. Сопственоста е долго време непроменета и кај телевизијата Сител, каде што со години се појавува правното лице компанијата Монтеко. Оваа телевизија е од основањето по контрола на бизнис семејството Иванови од Кратово, исто како и Канал 5 на фамилијата Стојменови.
Наша ТВ, ја поседува актерот Ристо Гоговски („Големата вода“, „Балкан кан кан“), кој воедно е сопственик на маркетиншка агенција и неколку радио станици. Телевизијата 24 Вести ја поседува Кејбл 24 од Линц, а на оваа фирма сопственик е Австриецот Јирген Мајкснер женет со штипјанка.
Следува групата телевизии на албански јазик кај кои повеќето од сопствениците се од Албанија и Косово. Во сопственост на правни субјекти од Македонија се две телевизии: Алсат М од почетокот е во сопственост на ВЕ-ВЕ груп во сопственост на семејството Велија и ТВ Шења – во сопственост на Фондација за култура и образование, каде како стопроцентен сопственик се јавува Таџудин Шабани, кој е воедно и еден од основачите на Организацијата за исламска цивилизација. Во Приштина, Косово, е регистрирана Компани 21, која стои зад ТВ 21 од Скопје, додека ТВ Клан Македонија е во сопственост на АДВ Клан со седиште во Тирана, Албанија.
Сопственичка поврзаност кај радиодифузери
Како сопственици на 66 лиценцирани радиостаници се јавуваат 11 правни и 65 физички лица. Во сопственост на правни лица се Канал 77, Урбан ФМ, Лидер, ПРО-ФМ, Свети Николе, Енџелс, студентските радија СТУДЕНТ ФМ 92.9, УКЛО ФМ и УГД ФМ и верското радио Марија Благовест.
Сопственичка поврзаност кај радиодифузерите постои во четири случаи, и тоа помеѓу: ТВ Шења и ТВ Ера, Наша ТВ и РА РФМ, ТВ Полог и ТВ Ускана медиа и помеѓу Радио Метрополис и Радио Сити.
Странски лица (правни и физички), се јавуваат како сопственици на четири радиодифузери – ТВ Компани 21-М, ТВ Клан, ТВ 24 Вести и Радио 7. Во 2020 година, Агенцијата одобри промена во сопственичката структура на три радиостаници (Радио Фама, Радио Кисс и Радио Јон) и на една телевизија (ТВ Канал Визија).
Печатените медиуми без промени
Во регистарот на издавачи на печатени медиуми се излистани 22 субјекти, кои издаваат 27 печатени медиуми.
Кај весниците нема големи промени. Слободен Печат и натаму го држи српската компанија Адриа Медиа Балкан, преку нејзината фирма во Македонија, Печат мк. Поранешни сопственици беа Владимир Кошевалиски и Градимир Јовановиќ.
Нова Македонија и натаму е во сопственост на Репро уан Лимитед од Британските Девствени Острови. Зад оваа компанија одамна се зборува дека стои бизнисменот Минчо Јорданов. Вториот најстар дневен весник, Вечер го поседува фирмата Вечер пресс во сопственост на семејството Андрески, кој е и портал како vecer.pres. Постои и домеинот vecer.mk каде сопственик е агенцијата за маркетинг на Драган Павловиќ Латас, Максмедиа, каде спаѓаат и агрегаторот Вести.мк и Весник.ком. Фокус, најстариот неделник се уште преживува и е во сопственост на сопругата на починатиот основач Никола Младенов, Билјана.
Веб-поратлите се приказна за себе
На Интернет просторот веќе и не можат да се добројат порталите со домеинот „мк“. Некои се собрани во групи, како што е случајот со Клип Медиа на Игор Лештар, поранешниот сопственик на Сивус. Овде спаѓа А1Он, порталот формиран од поранешни новинари на згасната А1 телевизија и е во сопственост на Предраг Петровиќ. Од пред пет години е дел на Клип Медиа. Во оваа групација спаѓаат и првата приватна новинска агенција Макфакс, Репортер, Македоника, Додај Гас, агрегатот Грид и други.
Друга група портали со ист сопственик се Република (Адинамик медиа) и Курир (каде како сопственик е и ЕМИ медиа). Овие два портала се дел од т.н. унгарски медиуми. Тука порано влегуваше и Лидер.мк, кој сега е во сопственост на Џенерал Хералдинг на Љупчо Златев, кој во меѓувреме го основа и радиото Лидер ФМ 107,4.
Фирмата „Фактор Портал ДОО“, е основач на економскиот портал Фактор, а ги и издава и онлајн-порталите „Женски магазин“, „Машки магазин“ и „Хаштаг“. Фактор е формиран од Крсте Шајноски и Александар Манев, а подоцна првиот излезе од сопствеништво, бидејќи беше поставен за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Групацијата има седиште на иста адреса со фирмата „Фактор Медиа Груп ДОО“, која, пак, е основана во 2019 година, а е во сопственост на сопругите на Манев и Шајноски, Катерина и Светлана.
Фактор е член на ИАБ Македонија, организација за унапредување на дигиталниот маркетинг.
Од понов датум е порталот Антропол за кој се смета дека е медиум на политичката партија Левица. Како основачи на здружението Медиумска асоцијација за информирање на граѓаните Антропол, се скоро сите членови на Президиумот на Левица освен лидерот Димитар Апасиев. На веб страната на партијата како основач на Антропол е наведен Јован Крајевски, иако во тековната состојба на здружението стојат и имињата на Реџеп Исмаил Хактан советник во Град Скопје, Бранко Ристов, претседател на советот на општина Карпош, Гораст Муратовски, како и генералниот секретар на Левица, Јована Мојсовска.
Странски влијанија преку домашни медиуми
Експертите велат дека, иако во земјата нема медиум кој е во сопственост на руски или кинески државјанин, тоа не значи дека не е присутно влијание од овие држави. Русија Денес (Russia Today) и Спутник се сметаат за водечки инфилтратори на манипулативни информации во регионов и во земјава.
Професорката по комуникологија и експерт за односи со јавноста, Марина Тунева вели дека политичките случувања како што се изборите, референдумот, промената на името на државата, како и спорот со соседна Бугарија беа и се плодна почва за многу кампањи за ширење влијанија, а и дезинформации. Во политички и етнички поларизирана држава како Северна Македонија, ваквите влијанија неретко ескалираат во говор на омраза, закани и вербално насилство меѓу спротивставените групи. Сето тоа ја поткопува демократијата и социјалната кохезија.
„Самата геополитичка положба на земјата ја прави подложна на влијанија од странски фактори и центри, кои најмногу се насочени против нејзините цели за интеграција во ЕУ. Високи политичари јавно ја посочуваат Русија како еден од изворите на такви влијанија на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. На пример, во интервју од минатата година претседателот на државата Стево Пендаровски спомена дека Русија продуцира исклучително сериозни хибридни закани кон целиот Балкански регион, а особено политичка пропаганда и кампања на дезинформации. Тој истакна дека нивната комплексност и интензитет се исти како оние во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа. Ваквите кампањи се засилени од домашни актери и медиуми кои ги следат сопствените политички агенди и интереси. Голема улога во ова особено имаат некои интернет портали и социјалните мрежи, било поради нивниот потенцијал да стигнат до голема публика или поради клиентелистичкиот однос со политичките центри на моќ. А и врз основа на истражувањето на Глобсек од 2021 година во врска со подложноста на земјите од Централна Европа и Западен Балкан на руско и кинеско влијание, Северна Македонија е рангирана како најотпорна од земјите од Западен Балкан, но сè уште е ранливо и поларизирано општество со антагонистички политички блокови. Додека мнозинството од населението сè уште го поддржува зацртаниот процес на пристапување кон ЕУ, сепак значајна улога имаат и ставовите на симпатизери на авторитарното владеење на Кремљ и Пекинг. Ваквите ставови се зајакнати преку информативниот простор и подложноста на медиумите на влијанија“, оценува Тунева.
Новинарот и универзитетски професор, Сефер Тахири, смета дека странските влијанија секогаш се софистицирани, а во многу ретки случаи се директни и недвосмислени.
„Од анализата на содржината на одредени медиуми, која ја правам за одредени проекти произлегува дека во дел од медиумите се забележува дека се наклонети кон руската политика на Путин, што може да е резултат на влијание од одредени центри. Секако има и медиуми, во кои владее анти рускиот наратив, што е резултат на определеноста на тие медиуми против руската инвазија“, смета Тахири.
И експертот за медиумски политики, Снежана Трпевска од РЕСИС институт, посочува дека во последниве неколку години и во нашата земја, како и во целиот регион, имаше во неколку наврати обиди за надворешни влијанија. Најзасилени беа веројатно во 2018 година, во периодот пред и за време на одржувањето на Референдумот за промена на името на државата, а како предуслов за влез во НАТО и ЕУ, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор (јуни 2018 г.).
„Според некои анализи направени во тој период, во целиот регион водечки извор на дезинформации беше Русија, преку различни канали, но најмногу преку нејзините државни информативни медиуми Русија Денес (Russia Today) и Спутник. Во нашата земја, повеќето дезинформации поврзани со политичките настани поврзани со Референдумот и Преспанскиот договор се пренесуваа од некои домашни онлајн медиуми (Инфомакс, Курир, Експрес…) и некои национални ТВ станици (ТВ Алфа) чија уредувачка политика беше видливо наклонета кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а и кон руската надворешна политика. На тоа се надоврзуваше широката контра-кампања на социјалните мрежи (силно поддржана од опозициските групи) организирана од движењето „Бојкотирам“, вели Трпевска.
Меѓу понови истражувања на темава е и она на Метаморфозис спроведено во периодот од ноември 2021 до април 2022 година. Заклучокот е дека дезинформациите засилено почнале да се шират веднаш штом избила војната во Украина, на 24 февруари 2022. Но, исто така и дека „најголем број дезинформациски написи потекнуваат од социјалните мрежи – дури 152 од анализираните написи биле лични постови на „Фејсбук“, а само осум биле медиумски написи.“ Исто така, дезинформациите во најголема мера се базирале на медиумски написи во домашните или странските медиуми (дури 76 од сите дезинформациски написи), а потоа и на објави на социјалните мрежи (38 објави, од кои 19 на „Фејсбук“, а 14 на „Твитер“). Во помала мера дезинформациите се засновале и на објави на „Јутјуб“ (16), веб-страници (13), како и на други извори.
„Концентрацијата на сопственоста во медиуми и директната поврзаност на сопствениците на медиумите со бизнисот и политиката, но и реформирањето на јавниот сервис и АВМУ и хаосот во онлајн сферата, се клучните проблеми во медиумскиот систем. Секако, дека поврзаноста на бизнисот и медиумите влијаат врз слободата на новинарите, кои заради овој факт често се самоцензурираат“, вели д-р Сефер Тахири за оваа новинарска сторија.
Се на се`, галиматијас од сопственици, од бизнис и партиски центри, плодна почва за влијанија од интерес врз медиумите и за нагласен степен на влијанија врз слободата на новинарството и новинарските професионални стандарди.