МЕДИУМСКИОТ ПРОСТОР НЕРЕФОРМИРАН, СМЕНЕТИ НАЧИНИТЕ НА КОНТРОЛА И ВЛИЈАНИЕ

Автор: Мирјана Василева

Дванаесет печатени изданија годинава се посреќија со државни пари со кои ќе си ги надоместат трошоците за печатење направени во текот на минатата година. Лани, бројката на печатени медиуми кои добија владини субвенции беше за еден помала, односно вкупно 11 печатени изданија добија државна помош. Па, сепак, сумата беше отприлика таа – околу 700 илјади евра. Иако Владата, заедно со претставниците на дел од медиумската заедница ги правдаше распределбите дека се максимално транспарентни и со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека критериумите врз основа на кои се одобрува таквата помош се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на доделените средства. ДКСК, но и новинарската фела, укажуваат и на тоа дека буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос.

Според добиените информации преку алатката „Отворени финансии“ Владата на ВМРО- ДПМНЕ за периодот од 2008-2015 година за рекламирање на владините политики потрошила дури  38 милиони евра, од кои 24 милиони евра директно во медиумите. Од 2017 година, кога коалицијата предводена од СДСМ дојде на власт, престана практиката за владино рекламирање, но се воведе правилото да се субвенционираат печатените медиуми со цел да им се помогне со трошоците за  печатење и дистрибуција. Претходниве две години за субвенции на печатените медиуми Владата издвоила околу 1,5 милион евра, додека преку Државната изборна комисија (ДИК) се потрошени околу 4 милиони евра само за претседателските избори во 2019 година. Додека, преку Собранието, околу 1 милион евра за референдумот за името во 2018 година.

Дека овие рекламирања и субвенции можат да ја загрозат слободата на медиумите се согласуваат и повеќето од експертите. И додека државава е на прагот на нови избори, ваквото расположение владее и кај новинарите, кои констатираат дека коруптивните практики биле присутни и за време на претходната, но и за време на оваа власт, без разлика на тоа што е укината праксата за владино рекламирање во медиумите.

НЕЗАВИСНОСТА НА ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ – СО ВЛАДИНИ СУБВЕНЦИИ?

Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, вели дека уште пред две години како организација понудиле свои предлози до Владата со цел да го дадат својот придонес за да се променат нештата. Тој вели дека ЗНМ со колегите од печатените медиуми ги разгледале констатациите на извештајот на Прибе  дека генерално печатените медиуми се наоѓале тогаш во економски пад и под економски притисок. Како пример за ова, според Секуловски, е и затворањето на компанијата МПМ, момент кој во извештајот на Прибе се третира како знак дека овој тип на медиуми не се одржливи без значајна владина поддршка. Секуловски вели дека ова бил и поводот за истражување на тема субвенции, со цел да подготват препораки кои се преточени во Документот за јавни политики за подршка на печатените медиуми на медиумски простор.

ЗНМ ја подржува помошта од државата на пишаните медиуми, но со моделот кој ќе ги надомести трошоците за печатарските услуги и за дистрибуција на сите печатени медиуми, кои учествуваат најмногу во нивните вкупни трошоци.

„Процентот на надоместување на трошоците е различен во разни земји, но со оглед на спецификите и реалните состојби на теренот, ЗНМ смета дека тој процент во Македонија треба да биде околу 50 проценти. Системот на субвенционирање на трошоците на печатење и дистрибуција треба да ги опфати сите печатени медиуми кои имаат содржина од јавен интерес, неселективно, и под јасни критериуми“, вели Секуловски.

На владиниот список за субвенции годинава се најдоа 12 печатени медиуми, кои ја добија подршката на државни пари за печатење и дистрибуција за 2019 та година. На повикот од Владата се пријавиле 16 барања за помош, од кои се одобрени 12, со што ќе се распределат 712 илјади евра.

Највисока сума за 2019 година добил весникот „Слободен печат“  во износ од 236.015 евра, втор е

„Вечер“ со 137.176 евра, додека на „Нова Македонија“ и се доделени 110.401 евра. На листата на печатени медиуми кои добија субвенции се и весниците на албански јазик „Коха“ со 80,864 евра и

„Лајм“ со 15,641 евра, неделниците „Фокус“ со 75,037 евра и „Капитал“ со 34,081 евра, потоа месечните магазини „Економија и бизнис“ со 10,755 евра, „Лице в лице“ со 3,752 евра и „Шења“ со

3.446 евра. Исто така, субвенции се доделени и на локалните неделници „Битолски весник“ со 7980 евра и „Зенит“ со 4,825 евра.

ИЗБОРИТЕ – ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МЕДИУМСКАТА СФЕРА

Претстојните избори во земјата ќе бидат уште еден голем предизвик за медиумската сфера, особено кога станува збор дали медумите ќе ја одиграат својата основна улога за објективно, транспарентно и одговорно информирање на јавноста. И покрај тоа што пред две години беше донесен многу значајниот закон за уредување на медиумската сфера – на 28 декември 2018 година Собранието со  79 гласа го изгласа Законот  за аудио и аудиовизуелни  медиумски  услуги, кој го  подржаа и власта    и опоцизијата – со измените на законот, се понудија решенија како да се обезбеди транспарентено, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Законот и деновиве доживеа измени, но генерално со промените од пред две години на медиумските работници законот им овозможи да ја преземаат работата во медиумите во свои раце, а политиката да ги тргне рацете оттаму.

Снежана Трпевска

Сепак, работите не одат како што треба. Професорката по медиумско право, Снежана Трпевска, изрази незадоволство за она што се случуваше во изминатиот период во Собранието, пред се, околу неизборот на кандидатите за новиот состав на Советите за Македонската Радио Телевизија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Јавниот сервис не им служи на граѓаните бидејќи не е трансформиран и мислам дека е поклопен од некакви си политички игри и интереси, што се рефлектира врз интересите на граѓаните“, вели Трпевска.

Таа се потсети на не така далечниот период, кога заедно  со  своите  колеги  од  медиумската заедница и странските експерти во таканаречениот „Пржински период“ го дале својот придонес за реформите во медиумите, кои потоа во  2017-та  година беа преточени во законски решенија, со  цел да се воспостави позитивна клима во медиумскиот простор. Но, и овој десетти циклус на избори изгледа ќе мора да се одржат без она што требаше да се реализира, а тоа беа најавите за именување на новиот состав на Советите за МРТ и АВМУ.

Продолжува…

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)