Автор: Горан Лефков
Немаат опрема, одат во стара униформа, храна која ни од далеку не ги задоволува нивните потреби.
Но, затоа нивните претпоставени имаат одврзани раце да се гоштеваат во скапи ресторани со богата трпеза и да трошат вртоглави суми за угостителски услуги и репрезентација.
Така за 6 години овие две министерства само за репрезентација потрошиле 2,8 милиони евра, од кои Министерството за внатрешни работи потрошило 1,5 милиони евра, додека Одбрана, без Армијата на РМ, потрошиле 1,3 милиони евра.
Само во 10 ресторани, луѓе на раководни позиции во МВР потрошиле половина милион евра. Сумите исплатени кон овие угостителски објекти изнесуваат 30% од вкупната сума потрошена за репрезентација во последните 5 години. Според документите до кои дојде СКУП, најпосакувани за ручеци и вечери биле специјалитетите на Воденица, каде МВР има потрошено вкупно 220.000 евра, во Ања 65.000 евра, Зевс Илјада 54.000 евра, Интермецо 48.000 евра, Тренд 38.000 евра и Театро 30.000 евра.
СКУП истражуваше кои се сопствениците на овие ресторани. Сопственик на Воденица е Стојан Филиповски, кој се споменува како сопственик на една од Галиите на Вардар.
На фактурите од овој ресторан јасно се гледа логото на Агенцијата за обезбедување СГС, која во јавноста се поврзува со Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и прв братучед на екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во полициските синдикати велат дека бројките се доказ дека никој не водел сметка за работните услови на полицајците.
За повеќе гледајте го видеото.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)